Ќе се потрошат десетици илјади евра на маркетинг услуги. Дел од парите ќе одат за реклама во медиумите, друг дел за пиар агенција којашто ќе организира прес конференции. Ќе има и за флаери и брошури. Сето ова за борба против загадувањето, или барем така тврдат во ПОЦ бидеќи во самата тендерска документација нема вакви објаснувања.
На страната на Јавни набавки осамна еден невообичаен оглас од Паркинзи на Општина Центар. „Реклама и пропаганда“, стои во предмет на договорот. Во самата тендерска спецификација нема многу детали за каков вид на кампања станува збор и која е целта на истата, но надлежните во ПОЦ велат дека ова ќе биде нивен придонес за борба против загадувањето. Од фирмите кои ќе се пријават на тендерот, ПОЦ бара во рок од една година изработка на 24 видеа, креативни решенија за билборди, флаери и брошури, но и организирање на 12 прес-конференции само за најава на кампањата. Во самата тендерска документација има 18 ставки за рекламирање.
Колку средства ќе потроши јавното претпријатие за оваа кампања и која е целта на кампањата? Дали ваква кампања им е потребна на граѓаните? Што сака да постигне ПОЦ и колку ќе чини оваа маркетинг авантура? Со овие прашања се обративме до службите во ПОЦ.
“Средствата од тендерот нема да се користат за рекламирање на претпријатието, туку напротив, тие ќе бидат насочени кон информирање и едукација на жителите и граѓаните. Всушност, целта на кампањата е претпријатието да ги подобри своите услуги во насока на подобрување на животната средина и намалување на нивото на загадување на воздухот”, одговорија службите на претпријатието.
Од ПОЦ не сакаа да ни откријат колкава сума на пари ќе потрошат за кампањата, бидејќи се уште трае прибирањето на понуди, па сакаат од понудувачите да добијат реална пазарна цена. Во разговор со директорот на претпријатието Васко Кичевски тој спомена суми од 30,000 до 50,000 евра, но ништо од тоа не било сигурно.
“Намерно нема цена на набавката бидејќи сакаме да добиеме реални понуди од агенциите”, велат од ПОЦ.
Во склоп на грандиозната кампања ќе бидат поставени 25 билборди и ќе бидат реализирани 24 промотивни настани со хостеси. Само за најава на кампањата, ПОЦ бараат носителот на набавката да организира 12 прес-конференции.
Од Паркинзи додаваат дека во изминатите неколку години континуирано спроведуваат едукативни проекти и кампањи за подигање на сообраќајната свест и култура на повисоко ниво.
Дел од граѓаните сметаат дека ако веќе се правеле кампањи тие можеле да се насочат кон информирање за реалните потреби. Како таков пример ја посочуваат неодамнешната промена на зоните за која ниту еден граѓанин не бил информиран, а многумина заработиле казни.
„Успеаја во еден ден да напишат огромен број казни на граѓани кои прописно паркирале во зона Дебар Маало, под изговорот дека недели однапред биле објавени нови табли на кои пишува Зона 01 наместо Зона 1. Ниеден граѓанин, во секојдневието соочен со своите проблеми, не е должен да очекува дека услугите кои ги користел со години наназад одеднаш без никаква оправдана причина ќе ги променат имињата и условите на користење, и без никаква најава за истото преку соодветни органи за односи со јавност,“ вели Борјан Менкиновски, жител на Скопје.
Додека сте тука, прочитајте го нашето последно истражување:
Енвер Малиќи преку извршител наплати 2,2 милиони евра на име камати од државниот буџет