Press "Enter" to skip to content

Опоен бизнис: Тепачка за лиценци за одгледување канабис откако власта реши да им угоди на инвеститорите

07.10.2019

Законот за одгледување на канабис за медицински цели беше донесен во 2016 година, што ја направи Македонија четиринаесеттата земја во Европа која ја легализираше марихуаната за медицински цели. До мај 2018 беа доделени скромни 7 лиценци за одгледување на канабис. Една година подоцна, во Македонија 31 фирмa садат канабис. Но, бизнисот кој ветуваше 100 милиони евра девизен прилив, сеуште тапка во место. Производителите се жалат дека поради лошите закони тие работат со загуба, а само 3 или 4 фирми од регистрираните вршат екстракција на масло од канабис.

Законот кој овозможува одгледување на канабис за медицински цели за прв пат беше донесен за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, а Владата на Заев сега реши да го менува.

Во соопштението испратено по владината седница е наведено дека со новиот предлог се предвидува формирање на Агенција за контрола на одгледувањето и екстракцијата на канабис и производи од канабис за медицински и научни цели. Сo предложените измени, фирмите ќе мора уплаќаат средства во висина од 10% од вкупниот износ од продажба на производи во Буџетот на Република Северна Македонија. Дел од овие пари ќе бидат наменети и за финансирање на Агенцијата, а остатокот ќе биде искористен за програма во која приоритет ќе имаат лековите за ретки болести. Ова беше кажано во владиното соопштение од седницата.

Но премиерот Заев вчера откри дека измените ќе одат подалеку, па сега освен масло, ќе може да се извезува и суров цвет од канабис.

„По една година работа со коморите и инвеститорите се создаде законско решение кое дополнително ја јакне контролата на производство и дефинира начин како тоа може да се извезе. Сега дадена е можноста и покрај екстрахиран продукт, да се извезува и во сушена форма, поради тоа што има светски компании кои го бараат како таков“, истакна Заев на вчерашната собраниска седница.

Со сегашното законско решение, фирмите кои имаат лиценца имаат дозвола да тргуваат исклучиво со екстракт од цветот на канабисот. Со новиот предлог, би се овозможило фирмите да продаваат и сув цвет од канабис исклучиво за медицински цели.

Милионскиот бизнис сеуште без профит

Дел од фирмите кои неколку години садат канабис, сеуште немаат можност за екстракција на масло. Според информациите од Министерство за здравсто, 5 компании вршат екстракција, а со тоа имаат и можност да го продаваат нивниот продукт. Останатите од почетокот на работењето до сега, работат со загуба бидејќи не можат да го продаваат цветот од марихуана.

„Фирмите кои не екстрахираат масло од канабис, соодветно го складираат цветот и чекаат законска измена со која ќе може да го продадат“, вели министерот Филипче, објаснувајќи ни што прават фирмите кои во моментов произведуваат канабис, а не екстрахираат масло.

Сопствениците на фирмите кои во моментов имаат плантажи со марихуана, минатиот месец јавно се пожалија дека поради сегашниот закон работат со загуби. Здружението на одгледувачи на медицински канабис „Макканабис” побара Владата да им овозможи извоз на цвет од канабис. Но, никој од нив не кажа зошто ако знаеле дека не може да извезат ништо освен масло, решиле да бараат лиценци, но да не инвестираат во технички капацитети за екстрахирање масло. Со други зборови, иако владата делеше лиценци, не бараше од инвеститорите да докажат дека имаат капацитет за екстрахирање.

Залихите на марихуана во фирмите кои не екстрахираат масло од ден за ден растат, но нејасно зошто, расте и заинтерисираноста на инвеститори.

Првото одобрение за одгледување на канабис за медицински цели во Македонија е издадено во декември 2016 година и е потпишано од тогашниот министер, Никола Тодоров. Заинтересираноста на инвеститорите за овој бизнис беше видлива од самиот почеток, а бројот на лиценци за кратко време порасна драстично.

По доаѓањето на новата власт, премиерот Зоран Заев ги повика сите инвеститори што имаат ресурси да вложат во производство на канабис, уверувајќи ги дека е профитабилен бизнис. Тој истакна дека државата очекува отворање на нови работни места и 100 милиони евра девизен прилив.

Меѓу првите фирми кои добиваат лиценца и посадија канабис  се  „Мам“ и „Фарма Медика“ во кои сопствеништво имаат братучедите на Зоран Заев.

Според информацијата која ИРЛ ја доби преку пристап до информации од јавен карактер, до почетокот на месец септември, Министерството за здравство има издадено 26 одобренија за одгледување канабис за медицински цели.

Премиерот Зоран Заев на вчерашната собраниска седница истакна дека бројот на инвестиции расте, а во моментов има 31 фирма кои имаат лиценца за производство на канабис.

„Заклучно со вчера, во земјава има 31 лиценца за производство на канабис, а уште две лиценци очекуваме да бидат доделени следната недела. Денес светскиот пазарот на медицински канабис е повеќе од 500 милиони евра, а се очекува да стигне до трилиони. Исклучиво за медицинска употреба“, истакна Заев на вчерашната собраниска седница.

Министерот за здравство, Венко Филипче, во разговор со ИРЛ обелодени дека во моментов има уште 20 фирми кои чекаат одобрување за лиценца. Според Филипче зголемениот интерес за овој бизнис е поради можностите кои ги нуди Македонија, но дел и поради промените на законското решение. Тој додава дека голем дел од овие фирми се и странски инвестиции.

Можноста за екстракција на масло од канабис не единствениот пречка со која се соочуваат фирмите во овој бизнис. Славе Иванов, сопственик на фирмата „Оаза Алкалоид“ која е едена од ретките кои има своја лабораторија за екстракција на масло од канабис, на прес-конференцијата минатиот месец, истакна дека немањето на европски сертификат за квалитет GPM му оневозможува да го извезува маслото.

„За да го добиеме euGMP сертификатот потребна ни е регистрација на производот во МАЛМЕД. Значи не станува збор за краен производ – шишенце од 10мл, туку големи извозни пакувања од 1 литар кој аптеките во ЕУ понатаму ќе го продаваат како генерички лек. Без Владата да даде прецизни насоки на МАЛМЕД и на Царинската управа во Македонија, пак ќе остане само напишано на хартија дека може извоз, а дефакто не може“, вели Иванов.

Според одгледувачите на канабис, апсурдот е во тоа што, не само што не смеат да извезуваат, туку не смеат цветот и маслото од канабис да им го продаваат ниту на домашните фармацевтски компании, повторно како последица од немањето на GMP сертификатот.

Поврзани стории:

Зоран Заев и Биг Мајк: Грандиозни и мистериозни планови