Неколку часа откако багерите на јавното претпријатие „Македонија пат“ почнаа да ја уриваат дивоградбата пред трговскиот центар „Мавровка“, Основното јавно обвинителство отвори истражна постапка против сопственикот Мевлудин Алити и побара судија на претходна постапка од Кривичниот суд да му определи мерки за претпазливост поради опасност од бегство. Обвинителството бара да му се одреди мерки за претпазливост.
„Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице поради постоење основано сомнение дека сторило кривично дело – Бесправно градење од член 244-а став 1 од Кривичниот законик. Осомничениот, во текот на месеците јуни и јули, во својство на инвеститор, градел објект со површина од 330м2 пред трговскиот центар „Мавровка“ во Скопје, без притоа да добие одобрение за градба од надлежен орган“о цел обезбедување на присуството на осомничениот во текот на постапката, надлежниот јавен обвинител денеска до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерки на претпазливост – забрана за напуштање на живеалиштето/
Дивоградбата ја урива државата
Откако два месеца, општина Чаир не можеше да го најде инвеститорот на објектот кај „Мавровка“ за да му достави решение за рушење на објектот, па потоа не можеше да најде фирма која ќе го сруши објектот, Владата на вчерашната седница донесе одлука, објектот да го урне „Македонија пат“. Уривањето започна утрово, а го пренесуваа во живо сите медиуми, па дури и Државната информативна агенција МИА. Градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу, кој денеска требаше да има прес-конференција, не се појави на настанот, а телефонски не можевме да го добиеме ниту портпаролот на општината.
Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, во изјава за медиумите кажа дека Градот изминатите месеци не реагирал бидејќи немал надлежност да интервенира. Тој вели дека поради вакви случаи имало разговори со Владата овие ингеренции од општините да се префрлат на Град Скопје.
„Да имавме законска основа до сега ќе преземевме мерки. При дуализам на ингеренциите, државата ги презема ингеренциите. Токму тоа се случува со објектот кај „Мавровка“. Мене ми е жал што воопшто дојде до изградба на ваков објект. Меѓутоа нека биде пример за сите потенцијални инвеститори кои што мислат дека по незаконски пат можат да стекнат некаков ќар“, вели Шилегов.
Алити се појави на рушењето
Откако два месеци ги избегнуваше новинарските повици, сопственикот на објектот кај „Мавровка“ денеска со својот адвокат се појави пред новинарите. Тој вели дека не се криел од институциите и оти неколку пати бил на разговор во полиција. Медиумите ги избегнувал се досега, бидејќи според него, неговиот случај не бил во доменот на јавен интерес.
„Градам со елаборат и проект. Се повикувам на член 76 од Законот за градење, со кој како сопственик на објект кој изгорел имам право да си го обновам објектот, но очигледно процедурите и законите не се доволни ниту за мене, ниту за институциите. Само комуналии и такси на градот имам платено над 4,7 милиони денари за легализација. Според проектот по кој што работиме, требаше да направиме објект само со приземје, немаше да кревам втор спрат, тоа ќе беше покривот“, вели Алити.
Тој и неговиот адвокат најавуваат дека правдата ќе ја бараат во судот во Стразбур.
Институционална одговорност за објектот кај Мавровка
Политикологот Миша Поповиќ од Институт за демократија во изјава за ИРЛ пред формирањето на новата влада рече дека ако оваа влада сака да покаже дека ќе се бори со корупцијата, прво нешто откако ќе се формира владата треба да биде рушењето на дивоградбата кај Мавровка. Денеска Поповиќ вели дека ова е добар почеток, но не е доволно.
„Не е доволно само да се сруши објектот и толку. Не смее да застане на ова. Тоа што објектот дојде до оваа фаза е пример за узурпирање на институциите. Треба да се направат проверки и истрага и сите што имале некаков удел и некаква надлежност да подлежат на одговорност. Мора да се утврди како дошло до оваа ситуација“, вели Поповиќ.
ИРЛ изминатата недела пишуваше за објектот кај Мавровка, сториите може да ги прочитате на следните линкови.
Овој текст претходно беше објавен со наслов „ОЈО бара домашен притвор за сопственикот на Фонтана“, но откако увидовме дека сме направиле грешка го сменивме насловот на текстот. Им се извинуваме на читателите за ненамерната грешка.