Press "Enter" to skip to content

„Нечиста крв“, осум месеци обвинителството ја проверува кривичната пријава на семејството Брезеви

Пред обвинителството вчера да оформи предмет за наодите во документарното истражување „Нечиста крв“, до нив стигнале две кривични пријави за начинот на третман од КОВИД 19 во клиничката болница „Жан Митрев“. Мелита Брезева, сопруга на починатиот Никола Брезев, сомнежите за смртта на нејзинот сопруг ги објаснила во кривична пријава доставена до обвинителството на 27 – ми октомври лани, а по осум месеци, обвинителството се уште ги проверува наодите во документот. Втората кривична пријава е од пациенти од Косово, адресирана до обвинителството на 12 – ти април.  

Осум месеци, семејството Брезеви чека повратна информација од скопското Јавно обвинителсто, по поднесената кривична пријава за клиничката болница Жан Митрев. На 27 – ми октомври 2021 година, ја доставуваат пријавата преку нивната адвокатка, сомневајќи се во причините за смртта на Никола Брезев кој се лекувал од КОВИД 19 во приватната болница Жан Митрев. 

 

Кривична пријава на Мелита Брезева поднесена до обвинителство на 27.10.2021

 

„Во периодот од 24.03.2021 година до 05.04.2021 година клиничката состојба на на сопругот на подносителката на пријавата, Никола Брезев била стабилна. На ден 06.04.2021 од страна на одредено медицинско лице вработено во клиниката, подносителката на пријавата добила известување дека нејзиниот сопруг Никола Брезев ќе биде приклучен на втора хемофилтрација иако тој немал примено ниту прва. По остварен разговор со д – р Петар Угоров утврдено е дека се работи за грешка, за што подносителката на пријавата има основано сомнение од причината што бил хоспитализиран пациент со слично име и презиме“, стои во кривичната пријава на Мелита Брезева поднесена до обвинителството.“

Обвинителството по речиси осум месеци од пријавата на Брезеви, се уште ги утврдува фактите, а побарале информации и од клиничката болница, „Жан Митрев“.

„По приемот и проучувањето на наводите во пријавата, надлежен јавен обвинител започна да постапува, упатувајќи барања за податоци до болницата и до институциите надлежни за контрола на третманот во здравствените установи. Во меѓувреме се преземаат и други дејствија за проверка на наводите во пријавата“, одговорија за ИРЛ од обвинителството. 

На 12 – ти април годинава, до обвинителството адресирана е нова кривична пријава за клиничката болница „Жан Митрев“. Сега пациенти од Косово бараат обвинителството да утврди пропусти во лекувањето оти болницата хоспитализира пациенти и од регионот.

 


Кривична пријава поднесена до обвинителството на 12.04.2022 година

 

„Втората кривична пријава за која покажувате интерес е доставена до Основното јавно обвинителство Скопје во април и веднаш е распоредена кај надлежен јавен обвинител. Јавниот обвинител постапува и презема дејствија за проверка на наводите во пријавата“, посочија за ИРЛ од Обвинителството.

Обвинителството вчера извести дека по допрен глас ќе оформи предмет откако јавно се емитуваше документарното истражување на ИРЛ, „Нечиста крв“. Сепак, од Обвинителството не можат да одговорат дали претходните две кривични пријави доставени до нив за третманот на пациенти во болницата „Жан Митрев“ ќе станат дел од ново оформениот предмет. Проверките кои се правеле во моментов требало да дадат одговор, дали тие ќе се инкорпорираат во еден случај. Никола Брезев се лекувал речиси два месеца во клиничкиот центар „Жан Митрев“ и на 20 – ти мај лани починува. Кај него се пронајдени неколку интрахоспитални инфекции, а семејството не знаело дека методот со хемофилтрација (филтрација на крвта), не е одобрен, ниту пак дека пациентите во „Жан Митрев“ се дел од клиничка студија која болницата не ја пријавила до Агенцијата за лекови МАЛМЕД. Министерството за здравство најави вонредни инспекции во „Жан Митрев“, а сублимираните податоци кои треба да ги дадат инспекциите, на јавноста треба да и бидат соопштени утре. Информација како се третирале пациенти од КОВИД со хемофилтрација, треба да добие и Владата. По документарното истражување „Нечиста крв“ до редакцијата на ИРЛ пристигнаа стотина пријави на граѓани со идентични или слични искуства како семејството Брезеви за лекување од КОВИД со хемофилтрација, но и за искуства со смртен исход во други приватни и државни болници. Клиничката болница „Жан Митрев“ вчера регаираше со соопштение дека се згрозени од тенденциозниот говор на омраза против нив.