Press "Enter" to skip to content

Не почна судењето против Жан Митрев, кардиохирургот има нов адвокатски тим

Кардиохирургот Жан Митрев во Кривичниот суд дојде со двајца нови адвокати, што беше причина одбраната да бара одложување на рочиштето. Во адвокатскиот тим на Митрев се приклучија адвокатите Никола Додевски и Никола Лазаров, а следното судење судијката Лидија Петровска го закажа за 5 април. На барање на Јавното обвинителство, Кривичниот суд донесе одлука за забрана  отуѓување и замрзнување на сметките на приватната клиника „Жан Митрев“, како гаранција за евентуална отштета на жртвите. 

Пред да продолжиш, проследи го нашето последно истражување: Премиерот што сака да биде инфлуенсер

Се одложи првото рочиште за судскиот процес против кардиохирургот Жан Митрев и неговата болница, бидејќи адвокатите бараа време за да се запознаат со доказите во проедметот. 

„Бидејќи полномошното е издадено еден ден пред судењето, а се работи за предмет во кој има илјадници докази, не е физички возможно да се подготви одбрана и да се дојде до еднаквост на оружјата на почетокот на постапката. Одбраната бара да се овозможи соодветен период за да може да се подготви”, рече адвокатот Додевски.

Судијката Лидија Петровска нов датум за судење го одреди 5 април, кога обвинителката Искра Хаџи Василева ќе треба да го образложи обвинението, а обвинетиот да се изјасни дали е виновен. 

Половина час пред да почне судењето, клиниката „Жан Митрев“ објави соопштение дека  Кривичниот суд донел решение за определување на предлог мерки кои предвидуваат целосно блокирање на сметките на болницата. А, со тоа велат оттаму болницата од денеска не е во можност да ги отплаќа обврските кон банките.

„Сакаме да ја информираме јавноста дека ќе направиме се што е во нашите можности и лекувањето на ниту еден пациент нема да биде доведено во прашање иако, постапките на Кривичниот суд, а на барање на обвинителството одат во поинаква насока односно бараат наше затворање. Се што баравме е фер судење во однос на лагите и невистините пласирани против нашата Клиника, а добивме „пресуда“ пред отпочнување на судскиот процес“, пишува во соопштението доставено до медиумите.

Од Кривичниот суд објаснуваат дека со решението се определени привремени мерки за обезбедување на имотно правно барање, односно забрана за отуѓување на недвижен имот и забрана за исплата на определени парични износи. На оваа одлука на судот одбраната има право на жалба до Апелациониот суд . 

Обвинителката Искра Хаџи Василева изјави дека обвинителството нема намера да го блокира работењето на болницата „Жан Митрев”. Барањето за блокирање сметки е од пред неколку месеци, а судот донел одлука непосредно пред почнувањето на судскиот процес. Таа додаде дека мора да води грижа за побарувањата на оштетените пациенти и семејства, а обвинетиот Жан Митрев може да понуди и друга гаранција, па да се одмрзнат сметките.

Обвинителството повторува дека не е негова претензија да се блокира работата на болницата, напротив се водевме од начелата на пропорционалност. Сега имате од страна интерес на оштетени и нивното правото на побарување кое е пријавено. Јас чувствувам обврска да го заштитам истото, но повторено е многупати како и денес, дека одбраната може и апсолутно е прифатливо да понуди износ како гаранција за таквото побарување. Тоа е нешто што обвинителството и тоа како ќе го цени дури и го охрабрува, изјави Обвинителката.

Истрагата за начинот на лекување на ковид пациенти во приватната клиника „Жан Митрев“ беше отворена по објавата на документарниот филм на Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) емитуван лани на 17 јули на МРТВ. По шест месеци скопското Јавно обвинителство поднесе обвинение против доктор Жан Митрев и неговата болница за кривичното дело „Измама“. 

Обвинението против Жан Митрев и болницата го поднесе Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје на 10 јануари. Докторот се гони за кривичното дело измама (член 247, став 4 од Кривичниот законик), а е поврзано со лекувањето ковид-пациенти со методот хемофилтрација.

Според обвинението, најголем дел од пациентите однапред уплаќале по 12.000 евра за пакет од две хемофилтрации, без да им биде објаснет овoj метод и потенцијалните ризици од него и без да се прибави соодветна согласност за примената на таква процедура, што е спротивно на здравствените прописи и стандарди.

Тој е обвинет дека со умисла довел во заблуда 283 пациенти болни од КОВИД 19 дека хемофилтрацијата го лекува вирусот, а целта била да заработи пари. Митрев ја искористил здравствената криза за време на пандемијата, хаосот во јавното здравство и агонијата на граѓаните кои се бореа со смртоносниот вирус и во јавноста методот хемофилтрација го промовирал како одобрен и ефикасен за лекување од КОВИД 19. 

„Јавниот обвинител обезбеди докази за поткрепа на основаните сомненија дека обвинетиот, во периодот од јуни 2020 година до јуни 2022 година, со намера за правното лице – приватна здравствена установа да прибави значителна противправна имотна корист, со прикривање факти ги довел во заблуда оштетените пациенти лекувани во болницата од Covid – 19 кај кои е извршена хемофилтрација и членови на нивните семејства, со што ги навел секој од нив да стори штета на својот имот во различни износи, а во вкупен износ од 97.461.600 денари“, соопштија од Јавното обвинителство – Скопје кога го поднесоа обвинението.

Освен Јавното обвинителство во јули минатата година истрага отвори и министерството за здравство. Министерот Беким Сали формираше пет стручни комисии кои треба да ги испитаат сите аспекти во работењето на приватната болница „Жан Митрев“. Извештајот се уште не е објавен.

Повеќе од Насловна десноПовеќе теми во Насловна десно »