Press "Enter" to skip to content

(Не)надлежни општини, рај за градежните моќници

На десетици локации низ Скопје се изградени нови објекти со подземни гаражи до кои со возило не може да се пристапи. Општините одобренија за градба издаваат само со приложен сообраќаен проект и во „доверба“ дека пристапна улица некогаш ќе се изгради.  Наместо прво да се направи инфраструктура, па дури потоа да се издаваат одобренија за градба, во Македонија е обратно – прво се градат објекти, па потоа се гради инфраструктура. Таков е и случајот со парцелата на Водно каде започна да гради фирмата „Маркеза“. Објектот никнува на локација каде што нема Детален урбанистички план (ДУП) и каде воопшто нема опција да се направи пристапен пат. 

Известува: Александра Денковска Гоцевска; Илустрација: Лука Блажев

Корупцијата во планерските куќи и непланското градење оставија трајни последици врз изгледот на главниот град и квалитетот на животот на жителите од центарот во Скопје. Неповратно се уништија цели маала. Се нагрди автентичноста на старите градби. Улиците и тротоарите станаа паркиралишта за возила, а половина од планината Водно наместо шумска вегетација ја краси бетон. Меѓу последните битки за парцела на падините на Водно е онаа на фирмата Маркеза која сака да изгради објект за семејно домување. Земјиштето се наоаѓа на улицата Питу Гули, а пристап до парцелата од 1.226 метри квадратни нема оти се наоѓа во шума без улица. Но и без опција да се стигне до плацот општината минатата недела му даде зелено светло на инвеститорот да продолжи со градба без оглед на тоа што до локацијата нема како да се стигне. 

„Овластен градежен инспектор на Општина Центар на 8 јуни изврши увид на предметната локација и констатираше дека инвеститорот направил ископ за градба на објект од втора категорија по одобрение за градење и го исполнил условот пропишан во член 66 став 1 од Законот за  градење, со кој се пролонгира важноста на правосилното одобрение за градба“, велат од Општината Центар. 

За да се стигне до локацијата на која „Маркеза“ планира да гради, треба да се урнат скали кои се единствениот пристап до домот на еден од жителите на улицата Питу Гули каде фирмата „Маркеза“ треба да гради, и да се направи тунел кој го нема во архитектонското решение, ниту пак во останатата документација. 

Никаков пристапен пат до оваа локација не е планиран затоа што Уставниот суд пред неколку месеци го укина деталниот урбанистички план Градска четврт Ј 07, а општинскиот совет во Центар, донесе решение дека улицата што била предвидена во ДУП – от не била според стандардите и нормативите на урбанистичкото планирање. Откако Советот ја донесе одлуката дека улица не може да има од општината објаснија дека направиле нов премер на теренските коти на улицата Питу Гули и податоците покажале дека наклонот за пристапната улица изнесува 30 проценти што не е во согласност со Правилникот за урбанистичко планирање или дека воопшто не може да се направи некаков пристапен пат.

Од општината ни одговорија дека го „одбиле барањето на инвеститорот за изградба на пристапен пат до наведената локација, со образложение дека нагибот на просторот каде треба да биде изведен пристапниот пат е далеку поголем од законски пропишаниот, што значи дека нема услов за градење на пристапен пат согласно актуелниот закон“. 

Дивна Пенчиќ, професорка на Архитектонскиот факултет и советник во Општина Центар од советничката група „Шанса за Центар“ вели дека не смее да се дозволи прво да се гради објект, а дури потоа да се прави инфраструктурата за него.

„Секаде во светот прво се прави инфраструктура, па потоа се гради објект. Само кај нас е обратно. Во планот има предвидено и улица и објект, но градежната дозвола се издава без да е изградена улицата само врз основа на одобрен проект. Тоа е она што доведува до вакви ситуации со кои голем број граѓани се соочуваат. Пред општината да издаде градежна дозвола мора да се направи инфраструктура – не е во ред прво да се изгради обејкт, а потоа да се гради пристап, а како што можеме да видиме има и случаи кога улицата воопшто не е изградена“, вели Пенчиќ.

Пенчиќ објаснува дека многу често се случува планерите кои работат некој Детален урбанистички план воопшто да не излезат на терен за да проверат дали нешто е возможно да се изгради и која ќе биде цената која граѓаните ќе треба да ја платат за таа градба.

„Одговорност имаат сите. Општината што издала одобрение за градба за објект за кој не е направена соодветна инфраструктура, но и инвеститорите што се нафаќаат на вакви зделки каде што не се решени сите проблеми“, вели Пенчиќ.

Но засега никој не може да ја спречи „Маркеза“ да гради, затоа што Саша Богдановиќ, претходниот градоначалник на Општина Центар од редовите на СДСМ, еден месец пред да си замине од функцијата во 2021 година, на фирмата „Маркеза“ и издаде градежна дозвола. 

За да се обезбеди пристап до парцелата, треба да се срушат скалите и на нивно место да се направи пристапна улица.

Оваа фотографија е од улицата „Питу Гули“ на Водно. Тука се последните куќи и крајот на слепата улица. Плацот на кој „Маркеза“ го гради објектот се наоѓа во парк шумата. За да влезе во својата парцела, „Маркеза“ поминала преку двор на еден од соседите. Потоа со багер возеле низ децениската шума на Водно. За ова добија само прекршочна пријава и парична казна од општината.

Работниците на „Маркеза“ ја чуваат оградата за соседите да не ја отстранат. Оградата беше поставена на државно земјиште.

Иако во планот нема предвидено изградба на никаков пристапен пат, ниту пак инвеститорот има обезбедно времен сообраќаен режим, Фирмата „Маркеза“ минатиот месец постави лимени тараби за да си направи пристапен пат за да може да гради. Откако соседите виделе што се случува и дека „Маркеза“ поставува ограда на државно земјиште, жителите кои веќе неколку години водат битки за да спречат нова бетонизација на планината, повикале градежен инспектор од Општина Центар и полиција. Но додека надлежните стигнат, оградата веќе била поставена. По налог на градежната инспекција и во договор со соседите лимовите беа отстранети, но на плацот се уште се гради. 

„Се чувствуваме немоќно, како да сме оставени сами да се бориме против ова незаконие. Тука нема пристапен пат, нема ни да има затоа што нема детален урбанистички план и според последното решение на Општината, нема ни услови на оваа локација да се изгради улица. Во која институција и да се обратиме, сите велат дека се ненадлежни, нема кој да го запре ова“, се жалат соседите.

Граѓаните испратиле и претставка до Државниот градежен инспекторат и се надеваат дека од таму ќе им помогнат да го решат проблемот што го имаат. Минатата недела испратиле и Барање за огласување на ништовност на одобрението за градење, но досега не добиле одговор од Општина Центар. 

Градежниот зафат на „Маркеза“ започна кон крајот на месец април иако до плацот нема пристапен пат за да стигнат машините кои треба да го расчистат земјиштето од децениската шума. Компанијата дозвола за градење добила во април 2021 година која важи две години и истекува со сите жалбени постапки во јуни годинава. „Маркеза“ мораше да започне со активности, оти по поминати две години без да гради дозволата за градба веќе не важи. Со сечењето дрвја и носењето машини на плацот, формално правно компанијата го запазила рокот и во тие 24 месеци започнала градба.

Жителите од улицата Питу Гули велат дека се под секојдневен притисок од инвеститорот. Им велел дека доколку општината не ги урне скалите за да направи пристапен пат, тој самиот ќе ги урне и ќе си направи подземен тунел за да може да си влегува во неговата парцела.

За да се подготви теренот, инвеститорот без дозвола исекол борови стари 60 години и за тоа добил парична казна од Град Скопје.

Откако Богдановиќ ја издал градежната дозвола, жителите на улицата Питу Гули ангажирале шумски вештак да направи проценка на земјиштето каде треба да се гради ново бетонско здание.

„Планината Водно е првото законски прогласено ерозивно подрачје во државата. Тоа значи дека опасноста од ерозија на земјиштето е реална, а сите градби на вакви земјишта носат одредени ризици и претставуваат потенцијална опасност. Сите градежни активности со кои се врши перманентно поткопување на земјиштето и расчистување на шумската вегетација на планината Водно се потенцијална опасност од појава од ерозија“, пишува во извештајот на шумскиот вештак.

Плацот на кој е издадена дозволата за градба претходно била сопственост на фамилијата Стевкови. Една година по донесување на ДУП-от, во 2015 година, сопствениците го огласуваат на продажба и го купува фирмата „Маркеза“ на лицето Филип Костиќ. Фирмата е регистрирана на домашната адреса на Костиќ на улицата „Петар Драпшин“ во населбата Кисела Вода. Претходно фирмата се викала „Аквамарина Парк“ и била регистрирана како угостителски објект. Во изминатите пет месеци Костиќ формирал уште две фирми – „КМ Трејд ДООЕЛ“ лани во декември и „Прајм Сервис ДООЕЛ“ во февруари годинава, од кои што едната е градежна.

Костиќ преку неговата фирма „Маркеза“ во изминативе неколку години влегол во деловен однос со градежната фирма „БИСИ ДООЕЛ“, сопственост на поранешниот функционер на ВМРО-ДПМНЕ Ивица Георгиевски. 

Кариерата ја започна како директор на Агенцијата за млади и спорт во владата на Никола Груевски, а потоа стана пратеник во Собранието од редовите на ВМРО- ДПМНЕ.

Од документите достапни во регистерот, се гледа дека фирмите на Георгиевски и Костиќ имаат склучени неколку нотарски договори за закуп. Иако официјален инвеститор на објектот е фирмата „Маркеза“, за сите поврзани работи со објектот жителите на улицата Питу Гули на Водно, комуницираат со Ивица Георгиевски.

Телефонски ја побаравме фирмата „Маркеза“ и Ивица Георгиевски. На контакт телефонот кој фирмата инвеститор го оставила за контакт ни се јави извесен Дејан кој кажа дека ѕвониме на погрешен број. 

Ниту Георгиевски не одговори на телефонските повици. Му испратувме и порака со прашање како планира да изгради објект на локација на која воопшто нема опција да се направи пристапен пат, но одговор не добивме. 

Од општина Центар велат дека во моментов започнува процедурата за изработка на нов Детален урбанистички план Градска четврт Ј 07 и за Дебар маало 2 каде што општината се соочува со речиси слични случаи на веќе изградени објекти до кои нема пристапен пат. 

Пред очи на општинарите, изградени објекти без пристапен пат

На само неколку стотина метри од бараките на Општината Центар се наоѓаат уште два објекта до кои станарите не можат да пристапат со своите возила, а паркирањето за двете згради е предвидено да се одвива под земја. Ако случајот со „Маркеза“ е на падините на Водно, овие две згради се во самото Дебар Мало каде е смесетена општинската администрација на Центар  Првиот се наоѓа до објектот на владата, каде што порано беше кафеаната Кригла и е изградена во 2020 година, а втората зграда се наоѓа на улицата Орце Николов зад бараките на Акционерското друштво за стопанисување со станбен и деловен простор и е изградена кон крајот на 2016 година.

Според деталните урбанистички планови, пристапот до гаражата на зградата која се наоаѓа до објектот на Владата е нацртан на приватно земјиште каде што треба да се влезе во приватни дворови, додека за зградата кај ПУИК предвидено е да се урнат бараките и на нивно место да се изгради улица која ќе биде пристапен пат до подземната гаража на објектот. Денес, неколку години откако двата објекти се изградени до гаражата на објектот кој се наоаѓа до владата воопшто нема пристап, додека пак за другиот објект кој се наоѓа на улицата Орце Николов има пристап преку плочникот и зеленилото на соседната зграда.

Пристапните улици кои треба да водат до гаражите се предвидени во деталните урбанистички планови во исто време кога се нацртани и новите објекти, но иако зградите се веќе вселени, улиците се останати само на хартија.

Зградите во Дебар Маало се изградени и вселени уште пред неколку години, но пристап до подземните гаражи нема.

Жителите на улицата Благој Страчков близу Владата веќе 15 години водат битка со општината за да ја зачуваат слепата улица која е пристап до нивните домови изградени уште во 1930 тите години. Ако мештаните ја „загубат“ улицата ќе мора да се откажат од мирот и спокојството во нивните домови. Но, ако пак општината не ја пробие улицата, може да се соочи со тужба од инвеститорот. Последици од непланското градење трпат и инвеститорите кои добиле дозвола да изградат зграда без улица.

Шесткатниот станбено – деловен центар веќе три години е вселен, а станарите и вработените можат да пристапат до него само пеш. Инвеститорот изградил и надземна платформа која треба да ги спушта возилата до подземниот паркинг, но пристапна улица до платформата се уште не е изградена. Влезот на модерна стклена зграда се наоѓа на булеварот „Свети Климент Охридски“, но бидејќи според Законот за градење паркирањето не смее да се одвива од булевар, пристапот за подземниот паркинг е направен од задната страна, низ дворови на куќи кои се изградени минатиот век.

„Замислете по неколку десетици автомобили дневно да влегуваат и излегуваат во гаражата и поминуваат под вашиот прозор“, се жалат соседите.

Инвеститор на шесткатницата е фирмата „КМ Инвест“ од Скопје. Сопственици се двајца браќа Крста и Миле Марковиќ. Дозволата за градба ја добиле во 2017 година кога општината е управувана од СДСМ. Земјиштето на кое ја изградиле зградата го купиле пак во 2007 година кога на власт локално ВМРО – ДПМНЕ од лица за кои велат дека им биле долгогодишни пријатели.

Градителите до општината доставиле сообраќајно решение во кое извршиле мерење на ширината на улицата „Благој Страчков“ и утврдено е дека таа ги исполнува законските услови за да биде пристапен пат до подземната гаража. Околните жители не верувале дека нивната мала уличка е со тие димензии, па за да бидат сигурни и тие најмуваат геодетска фирма. Според нивното мерење улицата не го исполнува законскиот минимум за широчина.

„Ние ангажиравме фирма да направи мерење и во елаборатот кој ни го достави пишува дека улицата е со ширина од 4.5 метри, што не е доволно за да биде пристапна улица. Чиј интерес брани општината? На граѓаните или на приватен инвеститор на кој треба да му изгради пристапен пат, а да ни одземе дел од нашите дворови.“, велат староседелците.

Резултатите од геодетското мерење направено од фирмата која ја ангажирале граѓаните не ги прифаќа како релевантни и се прифаќаат димензиите на улицата измерени од инвеститорите.

Професорката Пенчиќ, која беше и дел од комисијата која правеше ревизија на деталните урбанистички планови во Центар вели дека притисокот на инвеститорите за да им се дозволи да градат каде што не смее е многу голем.

„Конкретно за овој план што зборуваме сега, ние го прегледувавме цел и морам да кажам дека имаше навистина многу грешки во планот. Цела табела со податоци беше грешна, јас не знам како е возможно тоа и притоа да им се дозволи на истите луѓе повторно да изработуваат детални планови. Мислам дека никогаш не е одземена лиценца на урбанист. Значи законот за урбанистичко планирање предвидува издавање и одземање на лиценца, но нема процедура по која тоа се прави. Што значи ќе биде мојот збор против твојот“, вели Пенчиќ.

Сопствениците на фирмата „КМ Инвест“, велат дека се чувствуваат измамени од локалната власт. Месечно изнајмувале по 20 паркинг места во општина Центар, а гаражата е изградена, но стои празна. Не ја исклучуваат можноста за тужба до општината.

„Секогаш кога одиме во општина да прашаме што се случува и кога планираат да ги урнат гаражите кои се наоѓаат на државно земјиште, од таму добиваме одговор „за кусо време“. Но тоа никако не се случува“, вели во телефонски разговор Миле Марковиќ.

Планерските куќи клучни во ланецот на урбано дивеење

Приватните планерски куќи кои ги изработуваат деталните урбанистички планови почнуваат да се појавуваат воcдеведесетите години, паралелно со приватизацијата на  државниот завод за урбанизам. Меѓу првите е фирмата „Ин пума“ основана во 1991-ва  година. Оваа планерска куќа во времето на градоначалникот Владимир Тодоровиќ“ ги изработува најголем дел од урбанистичките планови во општина Центар. „Ин пума“ ги исцрта сите барокни градби, згради и деловни центри од проектоt Скопје 2014-та. Таа е планерската куќа која општината во 2009 година ја ангажирала и да го изработи Дебар маало 2,каде што е предвидена зградата на „КМ Инвест“. 

Во 2020 година колегите од „360 степени“ открија злоупотеби од страна на општините и планерските куќи во процедурата за изработка на детални урбанистички планови. Станува збор за деталниот урбанистички план кој ја опфаќа огромната површина кај старата фабрика „Треска“. Новинарите открија дека еден од сопствениците на планерската компанија „Ин-пума“ – градежната фирма „Ремис“ од Охрид, преку компанија ќерка има сопственост на градежните парцели кај фабриката „Треска“.

За изработка на еден план потребни се околу шест месеци. Процесот не е едноставен, ниту евтин бидејќи се ангажираат планери и неопходно е да се добијат многу одобренија и да се мине низ бирократски процедури. Но, сепак некои фирми се пријавуваат за изработка на детални урбанистички планови по цена од само еден денар. Таков пример е „БИЛД“ од Скопје – избрана од општина Центар како најповолен понудувач за ДУП-от штого опфаќа паркингот наспроти „Холидеј Ин“.

Антикорупциската комисија предупреди дека општините кои склучуваат договори со планерски куќи за еден денар, оставаат можност за коруптивно однесување и влијание од страна на инвеститорите.  

 

Сашка Цветковска

Сашка Цветковска

Главен и одговорен уредник

Сашка Цветковска е меѓународно наградуван истражувачки новинар и главен уредник на Истражувачка репортерска лабораторија. Цветковска работела на голем број национални и прекугранични истраги кои открија домашен и меѓународен криминал, корупција, недозволена трговија со оружје и војни со дезинформации. Истражувањата на кои што работела биле објавувани во Гардијан, Базфид, Зидојче Цајтунг и други. Нејзините сегашни одговорности се фокусирани на зголемување на влијанието на истражувачко известување преку создавање нови наративи на приказните преку филм и кампањи. Во таа насока во моментов ја извршува позицијата продуцент на документарен истражувачки серијал Редакција. Цветковска десет години е дел од истражувачкиот тим на Меѓународниот проект за известување за организиран криминал и корупција, меѓународна медиумска организација поврзана со ИРЛ. Била член на Бордот на директорит на OCCRP и на Здружението на новинари на Македонија.

Елена Митревска Цуцковска

Елена Митревска Цуцковска

Уредник за развој и операции

Елена Митревска Цуцковска е коосновач на ИРЛ и заедно со уредникот е одговорна за следење и дизајн на процесот на импленетанција на активностите на ИРЛ. Таа е проектен директор на документарниот серијал Редакција. Со новинарите соработува повеќе од 10 години и работела и на други технолошки решенија за подобро пребарување на јавните дати бази на податоци кои ги употребуват нашите репортери со цел нивната работа да биде побрза и поефикасна. По професија е софтвер инженер и графички дијзанер и таа е воедно и првиот технолошки експерт кој е обучен и работи во сферата на медиумите. Дел е од прекугранчата група на технолошки експерти на OCCRP и со своите поинакви вештини допринесува во прибирање и анализа на информации и како истражувач во ИРЛ.

Бојан Стојановски

Бојан Стојановски

Заменик главен и одговорен уредник

Бојан Стојановски е дипломинаран новинар со над десет годишно искуство во медиуми. Работел во телевизиите Алфа, 24 Вести и Алсат од каде доаѓа и станува дел од тимот на ИРЛ. Стојановски низ кариерата следел теми од областа на судството, криминал, корупција. Во 2013 - та година ја добива наградата „Никола Младенов“ за истражувачко новинарство, на тема „Вработување во јавната администрација преку партиски список“.

Деница Чадиковска

Деница Чадиковска

Уредник за развој и операции

Деница Чадиковска е дипломиран психолог, која својата новинарска кариера ја започнува во 2017 година како коавтор и копродуцент на младинската емисија Крик. Чадиковска стана дел од тимот на ИРЛ во 2018 година како истражувачки новинар – практикант во рамки на проектот за обучување на идни медиумски лидери. Во јуни 2023 година таа доаѓа на позицијата уредник за комуникации задолжен за спроведување на комуникациската стратегија на ИРЛ како дел од тимот за комуникации и продукти.

Mаја Јовановска

Mаја Јовановска

Истражувач и новинар

Mаја Јовановска е дипломоран новинари и следи теми од областа на корупција, криминал и правосудство. Во долгогодишната кариера работела во бројни медиуми како А1 телевизија, Канал 5 телевизија, Алсат и порталот НОВАтв пред да се придружи на основачкиот борд на ИРЛ во 2018. Добитник е на домашни признанија и награди и има учествувано на голем број обуки и конференции од областа на истражувачкото новинарство. Била член на раководството на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници на Македонија и Советот на Етика во медиумите во Македонија, а моментално е дел од раководството на ЗНМ.

Александра Денковска Гоцевска

Александра Денковска Гоцевска

Истражувач и новинар

Александра Денковска Гоцевска е дипломиран новинар со десетгодишно искуство. Работела во дневниот весник Нова Македонија, новинската агенција Мета.мк и порталот НОВАТВ. Во текот на кариерата работела на теми од областа на политика, урбанизам, судство и корупцијата. Со истражувачко новинарство започнува да се занимава во 2015 година кога доаѓа да работи како репортер во истражувачката редакција на НОВАТВ. Учесник е на десетици конференции и работилници за истражувачко новинарство. Автор е на првата андеркавер истражувачка сторија во Македoнија за животот на децата од домот 25 Мај.

Александар Јанев

Александар Јанев

Истражувач и новинар

Александар Јанев е дипломиран економист кој својата кариера како економски новинар ја започнува во 2008 во телевизијата Алфа. Вештините за професионално известување ги учи од врвни економски новинари преку обуки во земјава, но и во странство во новинската агенција „Ројтерс“, Велика Британија. Во 2010 година преминува во печатениот медиум Капитал, каде што работи до 2022 година. Во меѓувреме работи како постојан соработник на Балканска истражувачка репортерска мрежа (БИРН), а од 2018 година е и автор и уредник на ТВ проектот „Агенда 35“ што се емитува на Македонската радио телевизија. Од 2023 е дел од тимот на ИРЛ и следи корупција и економски криминал.

Иван Блажевски

Иван Блажевски

Истражувач и новинар

Иван Блажевски е новинар кој се занимава со теми од областа на меѓународни односи, криминал и корупција. Од 1998 година работи како новинар, а од 2001 година е уредник и дописник на шпанската државна новинска агенција EFE за Македонија, Албанија и Косово. Во својата долгогодишна кариера, Блажевски работел во бројни медиуми како Макпрес, Франс Прес (AFP), Вечер, Дневник, Време и Радио Слободна Европа, а 18 години бил уредник на вестите и документарната програма во ТВ АЛСАТ. Блажевски се придружува на тимот на ИРЛ во 2024 година. Добитник е на награда за истражувачко новинарство од Македонскиот институт за медиуми (МИМ). Има произведувано телевизиски програми во повеќе држави и региони, вклучувајќи Јапонија, Гренланд, Боливија, Кина, Непал, Бангладеш, источна Африка, Куба, Перу, Данска, Италија, Германија и други.

Пелагија Младеновска Стојанчова

Пелагија Младеновска Стојанчова

Истражувач и новинар

Пелагија Младеновска Стојанчова е новинар со над 16 години искуство во медиумската сцена. Својата кариера ја започнува во дневниот весник „Шпиц“ во 2008 година и во неделникот „Сега“. Од 2009 година се придружила на тимот на Радио Слободна Европа на македонски јазик, каде известува за политика, криминал, корупција и економија преку различни медиумски платформи. Од 2024 се вработува во ИРЛ како истражувачки новинар. Дипломирала на Филозофскиот факултет и продолжила образованието на Школата за новинарство на Македонскиот институт за медиуми (МИМ). Во текот на нејзината кариера работела на проекти за едукација и менторство на млади новинари.

Лука Блажев

Лука Блажев

Графички дизајнер

Лука Блажев е графички дизајнер во ИРЛ кој станува дел од тимот во 2019 година. Неговата кариера во полето на графички дизајн и уметност започнува во 2017та година преку работа на повеќе проекти за различни домашни и странски компании. Во ИРЛ, Блажев е задолжен за изнаоѓање графички решенија за истражувањата и дизајн на промотивните содржини кои произлегуваат од истражувањата, а ја следат комуникациската стратегија на ИРЛ. 

Трифун Ситниковски

Трифун Ситниковски

Режисер на "Редакција"

Трифун Ситниковски работи во филмската индустрија повеќе од една деценија. Има снимено повеќе од десетина кратки акциони филмови, кратки документарни филмови и три ТВ серии на кои работел како сценарист, режисер и извршен продуцент. Покрај режија на филмови, има работено и на бројни проекти како продуцент, монтажер, кинематографер, асистент на режисер и претпоставен за сценарио на кратки филмови, ТВ емисии, документарни филмови, реклами и музички спотови. Неговиот последен проект како режисер и сценарист е на документарниот серијал „Редакција“.

"Трајче

Трајче Антоновски

Kинематографер

Трајче Антоновски е снимател и дел од кинематографите на документарниот серијал „Редакција“. Антоновски повеќе од 10 години работи на визуелна реализација на спортски натпревари под покровителство на УЕФА и ЕХФ. Работел во информативната редакција на А1 и порталот НОВА ТВ, а бил дел од тимот за реализација на политичките емисии “Еврозум”, “Проверено”, но и на бројни забавни проекти како популарниот квиз „Кој сака да биде милионер“,„50-50“ и други проекти. Во ИРЛ Македонија е  дел од тимот задолжен за екранизација на сториите.

Горјан Атанасов

Горјан Атанасов

Монтажер и видео уредник

Горјан Атанасов е филмски и ТВ монтажер со повеќе од 8 години искуство во филмската и телевизиска индустрија. Атанасов има работено на повеќе играни и документарни проекти. Досега, како монтажер, се има потпишано на 6 кратки играни, 2 долгометражни документарни филмови, а моментално во ИРЛ работи како монтажер на документарниот серијал „Редакција“ и на кратките видео стории и мултимедијални проекти на организацијата.

„Поштенска банка“ е случај стар повеќе од две децении. Како се приватизирала првата државна банка се истражуваше исто толку долго. Случајот го реотвори во 2018 година тогашното Специјално јавно обвинителство. Но, по распадот на СЈО, случајот го презеде Обвинителството за гонење организираниот криминал и корупцијата. 

На 13 јуни 2024 година Кривичниот суд во Скопје, поради политичката интервенција на владата на СДСМ и ДУИ во спорните измени на Кривичниот законик, ја запре постапката. Таа се водеше против бизнисменот Томе Главчев, актуелен претседател на Кошаркарската федерација на Македонија, потоа Ратко Димитровски, поранешен градоначалник на Кочани од ВМРО-ДПМНЕ и адвокатот Зоран Шуклев.

Тие беа гонети за делата злоупотреба на службената положба и за перење пари. Преку надзорот било утврдено дека во решението на Кривичниот суд не е наведено по кој член од Законот за кривична постапка (ЗКП) се запира постапката.

Обвинителството за гонење на организираниот криминал и корупцијата, незадоволно од одлуката на Кривичен, поднело жалба со образложение дека Главчев, Димитровски и Шуклев треба да одговараат барем за делото перење пари.

Сепак, вишиот јавен обвинител Јован Цветановски се откажал од правото на жалба пред Апелација, а таквата одлука ја објаснил преку службена белешка во која причините за повлекување од жалбата биле, како што се наведува во надзорот, целосно контрадикторни и нејасни.

„Јавните обвинители Лиле Стефанова и Елвин Вели сметаат дека со откажувањето од жалбата на Основното јавно обвинителство за гонење на организираниот криминал и корупцијата, јавниот обвинител од Вишото јавно обвинителство Скопје не постапил професионално, стручно и законито“, стои во извештајот. 

Но, обвинителот Џелал Бајрами сметал дека Цветановски постапил согласно неговите надлежности. Со откажувањето од жалба Апелацискиот суд повеќе немал можност да расправа по жалбата на Обвинителството за гонење на организираниот криминал и корупцијата и случајот бил затворен.

Вториот случај е за бесправно градење во Зелениково на Драган Павловиќ-Латас и неговите двајца браќа Звездан и Срѓан Павловиќ. Кривичниот суд ги ослободил од вина на 4 јули 2019 година, а на 18 јули 2022 година на повторното судење била донесена истата одлука. 

Јавното обвинителство Скопје поднело жалба која на 10 октомври 2023 година била уважена и била закажана седница пред Апелацискиот суд во Скопје. На 6 ноември 2023 предметот бил рефериран во Јавното обвинителство каде што биле присутни тогашниот државен обвинител Љубомир Јовески, јавните обвинители Ферат Елези и Соња Симовска и вишите јавни обвинители Мустафа Хајрулахи и Јован Цветановски.

„Заклучокот по однос на реферирањето на јавниот обвинител кој го застапува предметот пред Апелацискиот суд да предложи да изготви вештачење дали преземените дејствија во предметот во градежните работи претставуваат подготвителни дејствија и да се утврди датумот на отпочнување на градежните работи. Да се повика вешто лице на главната расправа и да се расчистат дилемите“, пишува во извештајот од надзорот во ВЈО Скопје. 

Веќе следниот ден одбраната на браќата Павловиќ пред Апелацискиот суд доставила нов доказ - наод и мислење изготвено од вешто лице. Цветановски побарал рочиштето да се одложи за вкрстено да може да го испраша вештакот. Но, тогаш според надзорот се случило следното:

„Јавниот обвинител на расправата не ги поставил прашањата што ги најавил на записник од 7.11.2024 година, а на поставените прашања не добил одговор од вештото лице на спорните прашања од реферирањето пред Јавното обвинителство на Република Северна Македонија“, пишува во извештајот. 

Цветановски не постапил по насоките добиени на колегиумот во обвинителството да се изготви вештачење и наместо тоа го прифатил вештачењето на адвокатите на одбраната.

„Јавниот обвинител постапил спротивно на член 37 од Правилникот за внатрешно работење на јавните обвинителства според кој заземениот став и мислење по реферирањето е задолжителен за пониското јавно обвинителство“, напишале обвинителите Лиле Стефанова и Елвин Вели во документот од надзорот. 

Но, третиот член на комисијата за надзор, Џелал Бајрами, бил со став дека Цветановски постапил согласно заклучоците од реферирањето пред колегиумот во обвинителството.

Третиот предмет кој бил анализиран е случајот „Серта“ за тендери за чистење владини институции. Предметот стигнал во Вишото обвинителство откако Основното обвинителство поднело жалба на одлуката на Кривичниот суд.

Овој суд при оцена на обвинителниот акт ги прифатил приговорите на обвинетиот Спасо Ѓеорѓиев и фирмата „Серта“ кои биле гонети за злоупотреба на постапката за јавен повик. ОЈО на 29 јануари 2024 година ја обжалило ваквата одлука на судот.

Токму за овој случај има известување за вршење притисок врз службеничка во Вишото јавно обвинителство Скопје која ги архивирала и распределувала предметите. Добила наредба од тогашниот шеф на Вишото обвинителство Мустафа Хајрулахи со насоки кај кој обвинител да го додели случајот.

„За предметот ‘Серта’ ми беше кажано да му го заведам и дадам на јавниот обвинител Јован Цветановски“, изјавила службеничката Даниела Лапе, вработена во ВЈО Скопје, чие сведочење е дел од извештајот од надзорот.

На рочиштето на 9 април 2024 година во Апелацискиот суд, вишиот обвинител Цветановски се откажал од жалба.

„Од увидот во службена белешка од 9.4.2024 година видно е дека јавниот обвинител ги анализира доказите приложени кон обвинителниот акт, што е спротивно на одредбите од Законот за кривична постапка, член 336 и член 337, имајќи ја предвид фазата во која се наоѓал предметот“, пишува во извештајот од надзорот.

Во оваа насока е и правното мислење на Врховниот суд од 7.12.2021 година дека Советот за оцена на обвинителен акт не ги анализира доказите ниту, пак, го оценува квалитетот на доказите. Тој само треба да внимава дали некој доказ е прибавен на незаконит начин, нешто што требало да биде фокус за произнесување и на Јован Цветановски.

„За предметот е донесена пресуда на Врховниот суд на Република Северна Македонија 11.9.2024 година. Во оваа пресуда е констатирана повреда на законот во корист на обвинетите, а во самата пресуда е наведено дека ваквата повреда, сторена од страна на Советот за оцена на обвинителен акт, можела да биде санирана доколку Вишиот јавен обвинител не се откажал од изјавената жалба“, стои во документот од надзорот. 

Јавните обвинители Лиле Стефанова и Елвин Вели во заклучоците за овој предмет напишале дека со откажувањето од жалбата обвинителот Цветановски не постапил професионално, стручно и законито и се впуштил во анализа на докази и постоење на умисла за сторување кривично дело. Но, тоа требало да го утврдува надлежен суд. Сепак, и за ова јавниот обвинител Џелал Бајрами сметал дека Јован Цветановски постапил согласно неговите надлежности. 

Последниот, четврти, случај кој бил контролиран повторно е на обвинителот кој е под бројот римско два - Јован Цветановски. Станува збор за точење алкохолни пијалаци на дете.

Судот во Неготино ги прогласил за виновни Ѓорѓи Лазов и Илија Вангелов и правното лице ДПТУ „С.О.С. обезбедување“ ДОО Неготино. Обвинетите биле незадоволни од пресудата, па поднеле жалба по што бил оформен предмет во ВЈО Скопје.

На 3 февруари 2023 година Апелацискиот суд во Скопје ја укинал пресудата и предметот го вратил на повторно судење. Јован Цветановски не се појавил на јавната расправа во Апелација, а претходно ВЈО Скопје оценило дека жалбите на обвинетите се неосновани.

На 8 мај 2023 година судот во Неготино донел нова пресуда во која обвинетите биле прогласени за виновни, по што тие повторно поднеле жалба.

„На 23.8.2023 година од страна на јавниот обвинител во Вишото јавно обвинителство Скопје, Јован Цветановски, до Апелацискиот суд Скопје е доставен писмен предлог КОЖ.бр. 1187/23 со кој се предлага жалбите на обвинетите да се одбијат како неосновани“, се наведува во извештајот од надзорот. 

Цветановски дополнително објаснил дека во повторното судење судот во Неготино постапил по насоките дадени од Апелација и биле отстранети сите констатирани повреди во првостепената постапка. Но, само неколку месеци подоцна Јован Цветановски се премислил.

„На расправа на 26.12.2023 година јавниот обвинител се откажува од обвинението. Од увидот во пресудата на Апелацискиот суд Скопје на расправата пред судот не бил изведен ниту еден нов доказ и со ништо не била променета фактичката состојба од моментот на давањето на предлогот“, стои во извештајот од надзорот.

На истиот ден, 26 декември 2023 година, Цветановски изготвил службена белешка дека се откажал од обвинение затоа што немало докази за делото.

За ваквиот начин на постапување, единствено мислење имаат сите тројца обвинители кои го вршеле надзорот, Лиле Стефанова, Елвин Вели и Џелал Бајрами, кој за претходните три случаи беше со став дека Цветановски постапувал законито. Сега и Бајрами сметал дека Цветановски постапил спротивно на правилата.

„Јавните обвинители Лиле Стефанова, Елвин Вели и Џелал Бајрами сметаат дека, имајќи ги предвид писмените предлози во двете постапки и ставовите искажани во нив, а во ситуација кога на главната расправа не се изведени нови докази, со откажувањето од обвинението јавниот обвинител не постапил професионално, стручно и законито“, нотирале тројцата обвинители во извештајот од надзорот.

Но, извештајот кој содржи 20 страници е потпишан само од обвинителите Лиле Стефанова и Елвин Вели. Џелал Бајрами не се потпишал на документот кој откако бил изработен му бил доставен на тогашниот државен обвинител Љупчо Коцевски.

Во прилог на извештајот има службена белешка од Бајрами, како и известување од петте службенички за начинот на кој Мустафа Хајрулахи им вршел притисок да заведуваат и распределуваат предмети во Вишото обвинителство додека бил шеф.