Press "Enter" to skip to content

„Наш најголем проблем ни беше канализацијата. И сега ако се направи, навистина е добра работа“, жител на село Соколарци

Изборот на ИРЛ за изјава на денот денеска е на еден жител од селото Соколарци, кој по којзнае кој пат доби ветување дека конечно во неговото родно место ќе се изгради фекална канализација.

Висока делегација денеска пристигна во селото Соколарци, кое се наоѓа во општината Чешиново – Облешево. Градоначалникот Горанчо Крстев и заменик – министерот за локална самоуправа Дејан Павлевски им ветија на жителите дека за една недела почнува изградбата, а до крајот на годинава ќе биде завршен канализационен систем.

Селаните од Соколарци веќе се уморни од ветувања на политичарите, па и оваа најава ја земаат со резерва.

„Најголем проблем ни беше канализацијата. И сега ако се направи, навистина е добра работа“, изјави еден жител на Соколарци.

Градоначалникот Крстев рече дека со изградба на фекална канализација и улици за кои се обезбедени 15,5 милиони денари од Министерството за локална самоуправа и 3,5 милиони денари од општината, на луѓето од Соколарци ќе им овозможеле подобри услови за живот.