Press "Enter" to skip to content

МОБИЛНА РЕДАКЦИЈА: Кичево

Зошто е важно да известуваме за локалната корупција

Информациите се клучни кога граѓаните треба да донесат одлуки кои ќе влијаат на животот, здравјето и живеачката на ним и нивните најблиски. Ова е причината зошто недостатокот на квалитетни информации треба да се третира како безбедносно прашање. Само добро информиран електорат може да одлучува и бира трезвено и да бара одговорност од избраните функционери кои се тука за да ги застапуваат интересите на граѓаните. 

Прашањето кое си го поставивме пред четири години, пред почетокот на проектот Мобилни редакции, е дали сите граѓани во оваа држава имаат еднаков пристап до квалитетни, јасни и разбирливи информации кои ќе им помогнаат да се мобилизираат и да бараат промени за подобар и подостоинствен живот во сите градови на државата. 

Новинарството на иднината треба да одговори на ова прашање така што во центарот на своето известување ќе ги стави секојдневните проблеми на обичните граѓани од најсиромашните региони во државата. Проблемите на овие граѓани речиси никогаш не се во фокусот на медиумското известување, па оттаму и не го добиваат потребното внимание од избраните функционери, што помогна на овие места да се создаде поволна клима за појава на локални шерифи, моќни поединци кои ги приоретизираат нивните приватни бизнис интереси, на сметка на животот и здравјето на сите. 



Што е „Мобилна редакција“

Поради тоа тимот на ИРЛ одлучи да интервенира во областите каде што нема медиуми или се под притисок и каде што граѓаните не можат да добијат гласност за своите проблеми во сферата на доброто владеење. За да успееме целосно да се интегрираме и да стекнеме длабинско разбирање за жителите, нивните предизвици, грижи и борби, нашиот тим пред четири години за прв пат ја пресели редакцијата во Охрид, па потоа во Крива Паланка и во 2023 година поминавме повеќе од еден месец живеејќи во Кичево каде со помош на кичевчани истражувавме локални злоупотреби кои имаат национални последици.

Проектот „Мобилна Редакција“ на ИРЛ неодамна се здоби со признание и послужи како инспирација за други истражувачки организации од светот. Неодамна, тој беше пресликан од „Re:Baltica“, балтички истражувачки центар со седиште во Латвија, а во моментов се подготвуваат мобилни редакции и во Хрватска и Грција. 

Стории

Тајното живеалиште на кичевскиот градоначалник во зградата на сватот на Ахмети

ИРЛ откривa дека Фатмир Дехари живее во стан од 172 квадрати во нов станбен комплекс во Кичево, а не во семејната куќа во кичевска Србица. Станот се води на фирмата „АС Сењак“ во сопственост на бизнисменот Селаудин Арифи. Фирмата „АС Сењак“ е во топ петте фирми со најмногу тендери од општината, а сопственикот Арифи е во сватовска врска со лидерот на ДУИ Али Ахмети.

Луѓето во Зајас копнеат по канализација, но ќе добијат грандиозен парк

Ќе се гради со општински и државни пари, а изведувач е фирма на пријател на лидерот на ДУИ Али Ахмети. Документите кои што ги прибра ИРЛ покажуваат дека власта со леснотија доделила половина милион евра на проект испишан на половина страница, со апсурдни образложенија и многу промашени букви. Градоначалникот Фатмир Дехари тврди дека предлогот бил на жителите ...

Кичевска болница: Маратон на лажговци и корумпирани тендери

Кичевската болница е најдолгото политичко ветување на сите министри за здравство од доцните 80ти години. Објектот кој требаше да ги згрижи пациентите од Кичево остана само празно бетонско здание. Последниот договор го склучила фирма од Зајас „Инсталација“ која наплатила 3 милиони евра, но не ги довршиле работите во предвидените рокови ...

Кој го нагрди Кичево

Во Кичево често се гради спротивно на одобренијата или без одобрение. Општината, обвинителството и полицијата знаат што се случува, но никој не презема ништо. Тоа е така затоа што преовладал економскиот интерес на локалните моќници од Кичево, поддржан од општината преку партиски и семејни врски. Преку семејни врски во општината ИРЛ ги открива виновниците за бетонската трагедија која го снајде градот.

Видео стории

Проектен тим

Уредник и координатор: Сашка Цветковска

Уредник и новинар: Бојан Стојановски

Репортери: Маја Јовановска, Бојан Стојановски, Александра Денковска Гоцевска, Дајана Лазаревска, Лила Караташева

Графички дизаjн: Лука Блажев

Веб дизајн: Елена Митревска Цуцковска
 
Комуникации: Деница Чадиковска

Видео-тим: Горјан Атанасов, Борјан Стојков, Владимир Владимиров, Трајче Антоновски, Борис Ралев

Повеќе од Насловна централнаПовеќе теми во Насловна централна »