Press "Enter" to skip to content

Миле Јанакиески: Магарето замина, удривте по мене

Поранешниот министер Миле Јанакиески, кој е еден од обвинетите за уривањето на комплексот Космос, во својот исказ пред Судот, денеска рече дека објектот е дивоградба и повторно побара да биде испрашан и бизнисменот Фијат Цаноски.

Јанакиески, одговарајќи на прашања на неговиот адвокат, рече дека има детален листинг од комуникацијата на Фијат Цаноски во периодот од април 2010 до август 2011.

„Многу е чудно, во тој период господинот Фијат Цаноски има интензивна комуникација со Никола Груевски. Во еден ден од листинзите има осум СМС пораки, а СЈО има презентирано две“ – рече Јанакиески.

Тој додаде дека е добро Фијат Цаноски да ја каже вистината кој бил мотивот и кој му дал налог да продолжи да гради нелегално и од кого добил ветување дека објектот ќе биде легализиран.

Јанакиески денеска одговараше осум часа во судот. Во еден момент без име и презиме, но алудирајќи на поранешниот премиер Никола Груевски, Јанакиески рече.

„По четири години, Миле е омилен лик на СЈО, ОЈО, Финансиската полицијa. Магарето замина, сега се удира на самарот”, рече Јанакиески.

Судењето ќе продолжи в понеделник.