Press "Enter" to skip to content

Манипулација со бројки: Градска куќа има место за 450 вработени

ВМРО-ДПМНЕ најавија објект за 650 вработени, СДСМ тврдат дека има место само за 350 градски административци. Двете страни ги користеа бројките за да ги поткрепат своите спинови, едните да ја оправдаат зделката, другите да го одбранат објектот којшто го изградија. А вистината, како и по обичај, некаде на средина. Според „Проектната документација“ која ИРЛ ја доби од Град Скопје, во Градската куќа има место за 450 вработени, односно 200 помалку од планираното, но 100 повеќе од што тврди градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов.

Кога во 2011 година се поставуваа темелите на Градската Куќа, тогашниот татко на Град Скопје, Коце Трајановски најави дека во зградата ќе има работен простор за 650 вработени. Канцелариите ќе бидат од океански тип, па ќе постои можност тие да се приспособат според потребите на вработените.

Минатиот месец сегашниот градоначалник Петре Шилегов најави продажба на Градската Куќа. Локацијата била недолична за градската администрација, а просторот бил наменет за само 350 вработени. На прес-конференција градоначалникот го оцени објектот како целосно нефункционален и додаде дека сите анализи покажуваат оти постојната администрација нема да може да биде сместена во таа зграда.

Од тврдењата на едните до тврдењата на другите, има разлика од 300 места за вработени на градска администрација. Оваа драстична разлика беше симптоматична и наведуваше на тоа дека мала е веројатноста  да станува збор за погрешна пресметка, туку дека се работи за извитоперување на бројките во корист на двете партии. Секој си дал бројка каква што во моментот им одговарала. ВМРО-ДПМНЕ сакале да се пофалат дека изградиле објект за 650 вработени, кој за да има толкав простор треба да има уште минимум два ката, а СДСМ сакаа да најдат изговор за продажба на зградата.

Според документите што ги добивме од Секторот за планирање и уредување на просторот при Град Скопје, зградата е предвидена за 450 вработени и 300 посетители. Односно тоа се членовите на Советот, странки, делегации и граѓани.

 

Шилегов за ИРЛ вели дека во зградата собира 350 вработени, но со ненормални стандарди за работење.

„Според проектот за нарачка на канцелариски мебел, 450 вработени собира ако ги набиеш еден врз друг“, вели Шилегов и додава дека во бараките во Градски парк моментално се сместени 520 вработени.

Градската куќа е затворена за медиумите и не можевме сами да се увериме во нејзината наводна нефункционалност, но според техничкиот опис и проектната програма, дознавме малку повеќе за нејзината внатрешност.

Имено, зградата има 5 ката и 3 подземни нивоа во кои има 172 паркинг места. На приземјето се наоѓаат шалтерите, салата за прес, дел за прием на документација и архива за привремено чување на документација.  Од првиот до третиот кат се сместени деловните простории за градската администрација. На четвртиот кат, се наоѓаат и салите за советниците и комисиите кои собираат 50 лица. Петиот кат е резервиран за градоначалникот и претседателот на Совет, салата за советот која брои 150 места и бифето. Зградата има вкупно 5 лифтови од кои еден е наменет само за градоначалникот и неговите гости.

Кога Шилегов би одлучил да постапи како што беше планирано пред само неколку месеци и да го пресели Градот Скопје во Градската Куќа, тој би уживал многу привилегии. Голема канцеларија, приватен тоалет со туш кабина, приватен лифт наменет исклучиво за него и неговите гости. Бифе на истиот кат каде е сместена неговата канцеларија и сала за состаноци која има капацитет за 150 лица.

Поврзани стории:

Пратеник на ДУИ и заменик градоначалник на град Скопје со тужби бараат 2 милиони евра од државата

 

Повеќе од СторииПовеќе теми во Стории »