Press "Enter" to skip to content

Макрадули: Во градинката на Водно повеќе не мириса на нафта

Заменик министерот за животна средина и просторно планирање, Јани Макрадули, во придружба со градоначалникот на општина Центар и директорот на АД МЕПСО, денеска ја посети детската градинка „Кочо Рацин” на Водно. Причината беше промоција на нов, еколошки систем на греење и ладење, преку користење на триесет и три инвертер клима уреди кои се донација на МЕПСО.
Макрадули рече дека од овој момент не постои јавен објект-градинка што веќе загадува во Општина Центар односно дека со реализирањето на оваа активност ќе се заокружат сите јавни објекти, кои користат нееколошки извор на затоплување во општината и со тоа нема да постои детска градинка и основно училиште која ќе го загадува воздухот.
„Јас сум имал прилика овде да доаѓам и сега не само што не мириса на нафта, туку е и потопло и почисто. И она што е најзначајно заштедата ќе биде околу 40-45 проценти. Десет тони потрошувачка, зависно од зимата, би чинело осум илјади евра. Но, сега за 40 до 45 проценти ќе биде помал трошокот и околу 700 килограми помалку ПМ2,5 и ПМ10 честички во воздухот“, рече Макрадули.
Тој вети дека до 2024 нема да има јавна институција која ќе загадува.