Press "Enter" to skip to content

Како медиумите ги кренаа тензиите со лажно писмо за бунт во војската

Во серија од лажни и координирани писма се повикува на државен пуч и одметнување на институтициите. Писмата без автор пратени од лажни е-маил адреси завршија на серија медиуми, меѓу кои и интернет изданијата на националните телевизии. Благодарение на објавите, истите масовно се споделуваа во групи со десетици илјади членови. За помалку од 15 минути, оваа манипулација стигна до повеќе од 100.000 граѓани на социјалните мрежи.

АРМ бедемот на Македонија (armbedemotnamakedonija@gmail.com) ова е електронската адреса од која до дел од медиумите беше пратено писмо во име на Армијата. Во писмото државното раководство се обвинува за велепредавство, за кое како што пишува, војската нема да молчи. Писмото без автор и потпис доби простор само во медиумите финансирани со пари од Унгарија и медиуми кои многу често објавуваат лажни вести и шират говор на омраза.

Ние, војниците…

Попладнето на 2 декември неколку медиуми објавија отворено писмо од припадници на АРМ адресирано до највисокото државно раководство. Им се обраќаат на претседателот Стево Пендаровски, на премиерот Зоран Заев и на министерката за одбрана Радмила, а предметот на ова писмо, наводно се националните интереси.

„Не ви го прифаќаме понижувањето со тоа дека бугарската фашистичка окупација била администрација, а нашата министерка Шекеринска дури и кажува дека треба да ја заборавиме историјата. НЕ!“.

Навидум, во армијата се случува раздор и суптилен повик за пуч. Шега или зла намера – писмото стана вирално бидејќи голем број на медиуми го презедоа и објавија. Но, кој навистина го прати писмото?

Писмото е пренесено без да се промени. Потпишано е од “Ние, припадниците на АРМ”, а содржи серија сериозни обвинувања за велепредавство на актуелната владејачка гарнитура. Во еден дел од писмото анонимниот испраќач изразува сомнеж за намерите на државното раководство и со заповеден тон наредува да запре „распродажбата“ на државата и државните интереси.

„Едноставно е, разберете нé! Ние не можеме да да молчиме додека Вие ја предавате и продавате Македонија! Стоп за распродажбата ВЕДНАШ!“, пишува во писмото.

Истиот ден со реакција излезе Генералштабот на АРМ во која апелира војската да не се инволвира во дневно – политички прашања.

„Не навлегувајќи во затскриените намери на поединец или поединци,  кои од за нив познати мотиви, прават обиди за девалвирање на трудот и пожртвуваноста на армиските припадници во време на справувањето со пандемијата, Генералштабот и сите припадници на Армијата ќе продолжат со уште поголема посветеност да ги извршуваат со Уставот дадените задачи во зачувување на безбедноста на граѓаните, суверенитетот и државниот интегритет на Република Северна Македонија, кое за нас секогаш ќе остане врвен приоритет“, пишува во соопштението на Генералштабот на АРМ.

Писмото е испратено од е-маил адреса креирана на серверот на Gmail. Називот е АРМ Бедемот на Македонија или во оригинал: armbedemotnamakedonija.

„Неслучајно ова писмо не е потпишано. Обидот да се злоупотреби Армијата и да се пишува во нејзино име за политички поени е огромна манипулација против интересите на државата“, велат за ИРЛ од Министерството за одбрана.

Ние, пожарникарите…

Веќе следниот ден, утрото на 3 декември, во истите медиуми се објави второ писмо упатено „до целата македонска јавност и сите дипломатски и други претставништва на странски држави и меѓународни институции во Република Македонија“.

Второт писмо е од пожарникарите, кои им се приклучуваат и ги поддржуваат ставовите на АРМ. Нагласуваат дека прифаќањето на било каков компромис за националните и државни интесеи ќе го сметаат како непријателски акт кон македонската држава.

Ни ова писмо не е автентично пренесено, а ставовите се дури порадикални од првото обраќање потпишано од припадници на Армијата.

„Доколку посегнете кон некаков компромис во споменатата насока, Ве известуваме дека ќе се соочите со нашиот жесток одговор, кој ќе го искажеме заедно со припадниците на Армијата на Република Македонија и други институции, но и заедно со сите граѓани на нашата држава“, пишува во анонимното писмо

Владимир Симоновски е претседател на Територијалната протипожарна единица на територијата на целата држава. Тој вели дека бил затечен дека во име на пожарникарите било испратено писмо во кое биле злоупотребени неговите колеги.

„Мислам дека ова е чиста манипулација со името пожарна и пожарникарите“, вели Симоновски за ИРЛ.

Тој се обидел да стапи во контакт со испраќачот на писмото за да испрати демант, но безуспешно. Бил револтиран од начинот на пренесување на соопштението од порталот Пресинг, бидејќи како илустрација на веста била објавена фотографија од него и неговите колеги кога добиле одликување од Претседателот Пендаровски.

„Не би сакал да прејудицирам, но читајки го писмото, реториката која е употребена е од политичка конотација и мислам дека позади ова стои политичка партија“, вели тој.

Според Благоја Марковски, военополитички аналитичар, на прв поглед, со писмата се изразува загриженост за единството и иднината на нашата земја и, во тој контекст, наводна подготвеност на овие стрктури да бранат нешто, што според нив, е под закана и тоа од државното раководство.

Сепак, вели тој, во овие отворени писма до државното раководство, со полувистини и дезинформации, од една страна низ авторитетот на “припадници“ се сака да се внесе страв и разединетост во јавното мнение на населението, а од друга страна, на перфиден начин да се упати закана кон актуелното државно раководство, истовремено квалификуваќи го за неспособно да ја води земјата.

„Во современата воена теорија ова се дефинира како сајбер закани. Од тие причини овие закани не се безопасни и од безбедносните органи бара соодветен одговор, како во смисла на откривање на сторителите (маскирани зад “припадници“) така и во разобличувањето на целите и евентуалните преземени подготвителни или други дејства против безбедноста и стабилноста на земјата. Свесно или несвесно, за жал, во овие сајбер закани се вклучени и медиумите кои ги објавија овие отворени писма и без утврдување на нивното авторство, се ставија во функција на целите на “припадниците“, изјави за ИРЛ Благоја Марковски, човек кој целиот професионален век го помина во армијата.

Ние, новинарите…

Писмото го пренесоа порталите Република, Курир, Нетпрес, Пресинг, Магазин, Експрес, Денешен, а од националните медиуми веб изданието на Сител телевизија. Во минатото, овие медиуми беа дел од големата анти-сорос десничарска кампања со обвинувања кои сугерираа вмешаност на Москва и Белград во овие медиумски хајки кое водеа со години, а резултираа со насилниот упад во Собранието на 27 април 2017 година.

Објавите на нивните интернет портали масовно се споделуваа во групи со десетици илјади членови. За помалку од 15 минути, оваа манипулација стигна до повеќе од 100.000 граѓани на социјалните мрежи.

Писмото е споделено во групи на Фејсбук „Поддршка на македонските безбедносни сили“ и „Поддршка на македонската полиција“.  Најголем дел од споделените текстови во овие групи се од порталот Маркукуле.мк, кој важи за десно ориентиран медиум, близок до ВМРО-ДПМНЕ

ИРЛ се обиде да стапи во контакт со испраќачот на писмото во име на АРМ. Електронската адреса ја добивме од новинар вработен во еден од порталите до кои е испратен дописот. Прашањето го пративме пред два дена на истата адреса armbedemotnamakedonija@gmail.com, но оттаму досега не добивме одговор.

Писмото го пренесе и интернет изданието на весникот „Слободен печат“, но оттаму многу брзо беше избришано и таа вест повеќе не постои.

Претседателката на Управниот одбор на Советот за етика во медиумите, Катерина Синадиновска, вели дека злоупотребата на анонимни извори кога всушност преку повикувањето на истите новинарот сака да “протне” сопствен став и манипулација не е ретка појава и затоа треба секогаш да се има предвид и контекстот на информацијата и евентуалната цел односно центарот на моќ што би имал корист.

„Злоупотребата на информациите и манипулацијата со неточни вести удира директно врз јавниот интерес и правото на граѓаните да бидат вистински информирани, а свесното креирање на невиситни е апсолутен удар и врз демократијата и сите демократски процеси во едно општество“, вели Синадиновска. 

Ана Петрушева од Балканската истражувачка мрежа БИРН Македонија, овој случај го сместува во уште една  од стотиците илустрации за тоа каков хаос владее на медиумската сцена каде може да се презентира буквално секаква лага како проверена информација.

„Ваквото дивеење во медиумскиот простор е совршено за да се креира постојана тензија, паника, дополнително да се поларизира општеството и пред се да се урива и онака слабата доверба во институциите”, вели Петрушева. 

Синадиновска вели дека злоупотребените граѓани, како пожарникарите, треба да го пријават овој случај во Советот на етика.

„Кога даден човек се посочува како извор на информација за која тој тврди дека никогаш не ја споделил. Тоа (доколку е вистина) е скандалозно и е крајно непрофесионално однесување на медиумот. Во вакви случаи, апелираме да има и јавна реакција на било кој чие име е злоупотребено, а исто така и обраќање до нашата Канцеларија преку претставка за дадениот текст и медиум“, изјави Синадиновска.

Повеќе од Насловна централнаПовеќе теми во Насловна централна »