Истражувачката Репортерска Лабораторија Македонија – ИРЛ денеска стана членка во Глобалната мрежа за истражувачко новинарство (Global Investigative Journalism Network – GIJN).
Членството на ИРЛ беше одобрено со едногласно гласање на Управниот одбор на GIJN на 15-ти декември. Освен ИРЛ, во престижната организација членство добија уште 15 новинарски организации од светот, кои беа избрани во конкуренција од 82 кандидати. Сега Глобалната мрежа за истражувачко новинарство брои вкупно 227 членки.
Членството во мрежата е отворено за сите непрофитни, невладини и образовни организации кои активно работат на истражувачко новинарство или дата истражување и се борат за квалитетни и независни новинарски продукти.
“ИРЛ е непрофитна организација што се фокусира на корупција, криминал и владеењето во Северна Македонија и Балканот. Основана во 2017 година, тимот на ИРЛ е познат по своето женско раководство, младиот кадар како и по посветеноста за иновативното известување и обработка на теми од областа на високата корупција и криминал. Нивните неодамнешни стории се објавени во партнерство со ОЦЦРП и се фокусирни на дезинформациите, опасните извори на енергија и кризата во пандемијата КОВИД-19,” пишува во денешната објава на Глобалната мрежа за истражувачко новинарство.
Глобалната мрежа за истражувачко новинарство е основана во 2013-та година и нејзината цел е да го зајакне и поддржи истражувачкото новинарство насекаде низ светот. Мрежата на своите членки им овозможува работа со помош на алатки, технологии и обуки кои ќе допринесат за повисок квалитет во истражувањето на корупцијата, организираниот криминал и проблемите во сферата на владеењето на правото.
“Постоиме малку време на исклучително непријателски настроен пазар на медиуми, особено кон жените и младите. ИРЛ се создаде за да го пополни тој простор затоа што во изминатите години жените истражувачки ги работеа најтешките теми за кои најголемиот дел од новинарите молчеа. Тие немаа право на одлуки во уредувачката политика, па со поддршка на наши драги колеги и колешки, се создаде ИРЛ. Почнавме без пари, повеќето од колегите работа втора работа за да можеме да платиме кирија и да купиме основни намирници. Влогот беше голем, но никој не се кае,” изјави Сашка Цветковска, основач и уредник во ИРЛ.
Истражувачката репортерска лабораторија е основана во 2017-та година. Нашата мисија е да работиме на зголемување на влијанието и на враќање на довербата во слободното новинарство и да им помогнеме на граѓаните да дојдат до точни и релевантни информации за состојбите во сферата на корупцијата, криминалот и владеењето на правото.
ИРЛ Македонија е основана со иницијална поддршка на Меѓународниот проект за известување за организиран криминал и корупција. (Organized Crime and Corruption Reporting Project). OCCRP е истражувачка репортерска платформа формирана од повеќе од 40 непрофитни истражувачки центри и неколку регионални и глобални новински организации низ светот. Нашата мрежа е низ цела Европа, Африка, Азија и Латинска Америка. Оттогаш наваму, нашата мрежа расте, а OCCRP е добитник на стотина национални и меѓународни признанија и престижни светски награди, како Пулицеровата награда за проектот „Панама Пејпрс“ во којшто учествуваа и новинарите на ИРЛ.