Press "Enter" to skip to content

ИРЛ не се осудени за клевета, осудени се затоа што постојат

Во образложението на пресудата судијката посочува дека истражувањата на ИРЛ не смеат да се публикуваат пред граѓаните, туку треба исклучиво да се користат за внатрешна едукација на вработените. Таа го отфрли исказот на уредничката на ИРЛ Сашка Цветковска, а го прифати само оној на Анѓушев, со образложение дека Цветковска и ИРЛ не се новинари и медиум. Судијката Јованка Спировска Панева цени и дека морала да го зашити приватниот интерес, а не колективниот и го повика Министерството за правда да забрани ИРЛ да врши дејност, односно да ја укине. 

Граѓанскиот суд цени дека исказот на одговорната уредничка Сашка Цветковска  и доказите на ИРЛ не би можеле да бидат земени како доказ затоа што судијката Јованка Спировска-Панева цени дека Цветковска и нејзините колеги не се новинари, ИРЛ не е медиум и дека тие како граѓанско здружние не смеат да емитуваат и продуцираат содржините за граѓаните, односно јавноста, туку само самите за себе

Судот препорачува Министерството за правда како надлежен орган да оди во инспекција во ИРЛ

Основниот граѓански суд, преку судијката Јованка Спировска Панева протолкува дека непрофитните организации кои во земјава се занимаваат со истражувачко новинарство – не претставуваат медиумски организации, па поради тоа таа ги отфрлила доказите на ИРЛ во спорот со Анѓушев, затоа што тие, според Судот, не смееле воопшто да прават новинарски продукти за јавноста, туку само за нивните вработени. Судијката наместо да образложува каде е клеветата, цени дека Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) не е медиум, а новинарите кои работат во оваа непрофитна организација не се новинари, туку членови во група. 

                                                          Целата пресуда на судијката Јованка Спировска Панева

ИРЛ се осудени за клевета, по тужба на „Брако“., Во пресудата на четиринаесет страни судијката толкува кој исполнува услови да биде новинар, уредник и медиум и заклучува дека ИРЛ го наклеветила господинот Кочо Анѓушев во истражувањето „Заговор против воздухот“. За потсетување, истата судијка во мај 2022 година го одби тужбеното барање за клевета на Анѓушев, односно „Брако“ како неосновано. Судијката Јованка Спировска Панева се впушти и во оцена на улогата на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) како и еснафските организации за саморегулација, кои во жалбите поднесени од „Брако“ и Анѓушев не утврдија новинарски професионални отстапувања во истражувањето „Заговор против воздухот“,туку донесоа одлука дека новинарските стандарди се целосно испочитувани, а жалбите на компанијата „Брако“ и господиниот Анѓушев се неосновани. 

„Судот ги изведе како доказ и ги ценеше поплаките што тужителите ги доставиле до Здружението на новинари и Здружението одлучувало по истите, но најде дека овие докази се ирелевантни и без значење во конкретниот случај, во услови кога судот утврди дека Здружението на новинари како здружение не може да врши надзор над друго здружение, туку за тоа надлежен е друг орган во државата“, напиша судијката Јованка Спировска Панева, во обид да ја минимализира улогата на еснафот и заложбите за саморегулација во медиумската сфера за кои се залага и Европската Унија. 

Во документот, Спировска Панева, сугерира да се цензурираат независните и непрофитни медиуми преку сугестии за инспекциии и одлуки за забрана за вршење на дејноста бидејќи, според неа, ИРЛ не смее да емитува истражувања за јавноста, туку само за вработените. Таа го кани министерството за права да ја чешла работата на Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) и да цени дали ИРЛ повредило нечија приватна слобода, бидејќи, според неа, ИРЛ нема право да ги информира граѓаните оти не била убедена дека ова им е работа. Судијката тврди дека не добила Статут на здружението, иако самата како правник треба да знае дека овие документи доколку и се потребни, можела да ги обезбеди од Централниот регистар на Република Северна Македонија бидејќи без статут е невозможно да се регистрира Здружение на граѓани. 

„Во секој случај туженото здружение веројатно во својот статут има предвидено кои дејствија може да ги преземе за да ги остварува своите цели, бидејќи при евентуален надзор од овластен орган а согласно член 65 од горенаведениот Закон, може да се забрани работа на граѓанската организација, ако меѓу другото со нивното дејствување се повредуваат слободите и правата на други лица“, стои во образложението на судијката Јованка Спировска Панева.

Во образложението на пресудата судијката посочува дека истражувањата кои се подготвуваат исклучиво треба да се користат за внатрешна едукација, без да бидат публикувани пред граѓаните. 

Судот со различни аршини, што е медиум и кој е новинар

Скандалозната пресуда, а уште поскандалозната реторика во образложението полна со дисквалификации, за колегите новинари е крајно опасна. Главниот и одговорен уредник на веб изданието 360 степени, Васко Попетревски оцени дека публикацијата на истражувањето „Заговор против воздухот“ на МРТВ е доволен показател дека станува збор за медиумски продукт а ИРЛ новинарска организација. 

„Производот е емитуван на медиум и тоа не на кој било медиум, туку на јавниот радиодифузен сервис. Тој медиум има одговорен уредник, кој проценил дека содржината ги исполнува потребните професионални стандарди и ги почитува одредбите од Кодексот на новинари, и решил да го објави. Уште еднаш ќе повторам – на медиум. Така што, обидите емитуваната содржина да се сведе на неновинарска и немедиумска, од една страна, е смешна, но од друга – опасна, иако најверојатно целта на тој пристап е да се избегне примена на праксата на Европскиот суд за човекови права, која би одела во полза на ИРЛ. Новинарската работа на ИРЛ досега е признаена не само во домашната, туку и во меѓународната новинарска заедница, за што производите на оваа редакција имаат добиено бројни престижни домашни и меѓународни новинарски награди. Пресудата е опасна и не смее да се премолчи затоа што, на мала врата, се обидува да промовира „лиценцирање“ за тоа кој е новинар, и тоа од државна институција, што го нема во ниедна демократска земја. Ако има релевантна инстанца во земјава која одредува кој е новинар, тогаш тоа, дефинитивно, е Здружението на новинарите“, вели Попетревски.

Васко Попетревски посочи и ситуација во која 360 степени и тој лично е тужен за навреда и клевета.

„За апсурдот да биде поголем, пред само неколку дена, лично јас, добив пресуда од истиот суд – Основниот граѓански суд Скопје, во постапка во која бев тужен за навреда и клевета како главен и одговорен уредник на интернет-порталот 360stepeni.mk чиј издавач е Друштвото за аудио и видео продукција 360 степени ДОО – Скопје. Тужбата против, внимавајте – Друштвото за аудио и видео продукција 360 степени ДОО и против мене, се отфрла, а никаде во образложението не се тврди дека порталот не е медиум, дека Друштвото 360 степени ДОО не може да произведува новинарска содржина, ниту, пак, дека јас не можам да се занимавам со новинарска работа. Искрено, се надевам дека целата новинарска заедница ќе биде (едно)гласна во овој случај, зашто ова не смее да помине“ порача Васко Попетревски.  

За уредничката во Бирн Македонија, Тамара Чаусидис, обидот на судот да го делегитимира новинарството преку тврдеење дека невладина организација „нема право да го практикува“ е скандалозен.

„Тој дефект не лежи толку во интелектот на поединечните судии (иако и тоа не е за занемарување кога се чита пресудата) туку во нивното чувство дека се може да помине ако наредите доволно долга низа на апсурди и се повикате (во случајов неточно) на закон. Не е точно дека Законот за медиуми ‘изричито наведува дека  медиуми меѓу друго не претставуваат здруженијата’. Тоа напросто не пишува во Законот. Оттаму главната теза на пресудата не е ништо друго  туку обид да се воведе некакво ново ‘лиценцирање’ на медиумите, овој пат од страна на судот. Фактот дека таквиот обид не е особено интелигентен, не го прави безопасен. Токму спротивното“, вели Тамара Чаусидис уредник во Бирн Македонија. 

Бојан Шашевски, дел од алтернативниот онлајн медиум Радио Моф смета дека улогата на судот е да го охрабри истражувачкото новинарство а не да го казни. Постои саморегулација преку Кодекс на новинарите а вакви пресуди влијааат сите останати медииму да се самоцензурираат и самонегираат што претставувало опасна игра.

„Ова не е притисок и обезвреднување на работата на ИРЛ, туку и на пошироката новинарска заедница, која треба да има поголемо ниво на толеранција и заштита од правосудството, особено од функционери и економски моќници. Улогата на новинарите е да бидат заштници на јавниот интерес, а судовите да помагаат, а не да одмагаат во тој процес. Судот треба да го охрабрува критикувачот, а не критикуваниот. Нивото на критика кон моќниците мора да биде одржано, за да може да се одржува јавното добро и демократските процеси. Инаку отидовме јабана.  Ако тој синџир се раскине, тоа да може да влијае и врз другите колеги, без разлика дали работат во онлајн или офлајн медиуми“, вели Бојан Шашевски од радио МОФ. 

Став за одлуката на судијката да оценува што е медиум а кој е новинар побаравме и од новинарот Бранко Геровски. ИРЛ често е мета на негова критика околу содржинскиот дел на истражувањата. Геровски гледа проблем во тоа што интернет порталите не се дел од Законот за медиуми како телевизииите, радијата и весниците. Токму поради ова според него судот цени дека ИРЛ не е медиум а новинарите во ИРЛ не се новинари. Според него излез од вакавата ситуација е регулирање на интернет просторот преку законска рамка.

„Нас не’ тужеле за навреда и клевета, не осудиле судови, па сме ги добиле, но не’  признавале како медиум. Во исто време се случувале ситуации со други портали, не ги суделе како медиум, судиите им дале ист третман како во вашиот случај. Реално ние сме медиум и вие сте медиум. Тоа што ви кажува дека не сте медиум, за жал се повикува на закон за медиуми, тоа е целината на лудилото како се поставени интернет медиумите. И сега кажете ми вие дали е судијката во право или во криво? Реално е она во криво бидејќи мора да ве третира како медиум, како сакате земете мора да ве третира како медиум. Меѓутоа, така е редот, иначе по закон пак ги нема интернет порталите. Едноставно порталите не се медиуми, новинарите кои работат таму, ако нема медиуми нема новинари“, вели Бранко Героски уредник на веб порталот Плусинфо.

Нелогичност во одлуката на судијата Јованка Спировска Панева, гледа и новинарот Александар Дамовски – уредник на веб порталот мкд.мк. 

„И последните информации што ги добиваме во однос на измените во Законот за медиуми само ја потврдуваат тенденцијата на власта да не менува ништо, барем не до избори. Порталите, дигиталните медиуми, според нашиот закон, не се медиуми. Дали тоа значи дека и новинарите кои работат таму не се новинари? А според други закони (кога треба некој новинар од дигиталните медиуми да се гони за клевета нема проблем, или за објава на партиски кампањи – нема проблем). Оваа нелогичност е присутна и по судовите, и секој си ја толкува како сака, во зависност од предметот, тенденцијата, политиката. Обидите на порталите сето ова конечно да се регулира засега остануваат без никаква конкретна поддршка од политичарите. Освен вербална.“, вели Александар Дамовски.

Долгогодишната новинарка и уредничка во „Независен весник“ Слободанка Јовановска во пресудата гледа уште една негативна забелешка во бележниците на меѓународниот фактор кој будно ја следи слободата на говор и важната улога на судството кое е мета на критики посотојано.

„Судијката Јованка Спировска Панева со оваа пресуда сака да укине медиум. Такво нешто не се случило на нашиве простори од 1945 година ниту било која демократска држава. Ова многу потсетува на руската и унгарската практика воведена со регулативата за соработка со странски агенти, кога сите што работат со грантови и проекти се санкционирани. Уште ова им требаше за извештајот од Европската комисија“, вели Слободанка Јовановска.

Против судијката Јованка Спировска Панева, Здружението на новинари поднесе претставка до Судскиот совет на 19 октомври. Бара да се утврди дисциплинска одговорност против неа, кога без објаснување и решение, одлучи да ги исклучи новинарите од судница за да ги соочи главната уредничка на ИРЛ Сашка Цветковска и господинот Кочо Анѓушев. Медиумите беа спречени да известуваат од рочиштето а јавноста немаше шанса да биде информирана за оваа судска постапка. 

Истата судијка во мај 2022 година донесе пресуда да го одбие тужбеното барање на Анѓушев и доказите на ИРЛ ги ценеше во одлуката дека во овој случај не постои клевета. Подоцна, откако Анѓушев се жалеше на Апелацискиот суд, тие го вратија предметот на повторно судење, по што следеше драматичен пресврт во ставовите на судот во однос на првичните.

Во линкот подолу е документарниот филм „Заговор против воздухот“

Сашка Цветковска

Сашка Цветковска

Главен и одговорен уредник

Сашка Цветковска е меѓународно наградуван истражувачки новинар и главен уредник на Истражувачка репортерска лабораторија. Цветковска работела на голем број национални и прекугранични истраги кои открија домашен и меѓународен криминал, корупција, недозволена трговија со оружје и војни со дезинформации. Истражувањата на кои што работела биле објавувани во Гардијан, Базфид, Зидојче Цајтунг и други. Нејзините сегашни одговорности се фокусирани на зголемување на влијанието на истражувачко известување преку создавање нови наративи на приказните преку филм и кампањи. Во таа насока во моментов ја извршува позицијата продуцент на документарен истражувачки серијал Редакција. Цветковска десет години е дел од истражувачкиот тим на Меѓународниот проект за известување за организиран криминал и корупција, меѓународна медиумска организација поврзана со ИРЛ. Била член на Бордот на директорит на OCCRP и на Здружението на новинари на Македонија.

Елена Митревска Цуцковска

Елена Митревска Цуцковска

Уредник за развој и операции

Елена Митревска Цуцковска е коосновач на ИРЛ и заедно со уредникот е одговорна за следење и дизајн на процесот на импленетанција на активностите на ИРЛ. Таа е проектен директор на документарниот серијал Редакција. Со новинарите соработува повеќе од 10 години и работела и на други технолошки решенија за подобро пребарување на јавните дати бази на податоци кои ги употребуват нашите репортери со цел нивната работа да биде побрза и поефикасна. По професија е софтвер инженер и графички дијзанер и таа е воедно и првиот технолошки експерт кој е обучен и работи во сферата на медиумите. Дел е од прекугранчата група на технолошки експерти на OCCRP и со своите поинакви вештини допринесува во прибирање и анализа на информации и како истражувач во ИРЛ.

Бојан Стојановски

Бојан Стојановски

Заменик главен и одговорен уредник

Бојан Стојановски е дипломинаран новинар со над десет годишно искуство во медиуми. Работел во телевизиите Алфа, 24 Вести и Алсат од каде доаѓа и станува дел од тимот на ИРЛ. Стојановски низ кариерата следел теми од областа на судството, криминал, корупција. Во 2013 - та година ја добива наградата „Никола Младенов“ за истражувачко новинарство, на тема „Вработување во јавната администрација преку партиски список“.

Деница Чадиковска

Деница Чадиковска

Уредник за развој и операции

Деница Чадиковска е дипломиран психолог, која својата новинарска кариера ја започнува во 2017 година како коавтор и копродуцент на младинската емисија Крик. Чадиковска стана дел од тимот на ИРЛ во 2018 година како истражувачки новинар – практикант во рамки на проектот за обучување на идни медиумски лидери. Во јуни 2023 година таа доаѓа на позицијата уредник за комуникации задолжен за спроведување на комуникациската стратегија на ИРЛ како дел од тимот за комуникации и продукти.

Mаја Јовановска

Mаја Јовановска

Истражувач и новинар

Mаја Јовановска е дипломоран новинари и следи теми од областа на корупција, криминал и правосудство. Во долгогодишната кариера работела во бројни медиуми како А1 телевизија, Канал 5 телевизија, Алсат и порталот НОВАтв пред да се придружи на основачкиот борд на ИРЛ во 2018. Добитник е на домашни признанија и награди и има учествувано на голем број обуки и конференции од областа на истражувачкото новинарство. Била член на раководството на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници на Македонија и Советот на Етика во медиумите во Македонија, а моментално е дел од раководството на ЗНМ.

Александра Денковска Гоцевска

Александра Денковска Гоцевска

Истражувач и новинар

Александра Денковска Гоцевска е дипломиран новинар со десетгодишно искуство. Работела во дневниот весник Нова Македонија, новинската агенција Мета.мк и порталот НОВАТВ. Во текот на кариерата работела на теми од областа на политика, урбанизам, судство и корупцијата. Со истражувачко новинарство започнува да се занимава во 2015 година кога доаѓа да работи како репортер во истражувачката редакција на НОВАТВ. Учесник е на десетици конференции и работилници за истражувачко новинарство. Автор е на првата андеркавер истражувачка сторија во Македoнија за животот на децата од домот 25 Мај.

Александар Јанев

Александар Јанев

Истражувач и новинар

Александар Јанев е дипломиран економист кој својата кариера како економски новинар ја започнува во 2008 во телевизијата Алфа. Вештините за професионално известување ги учи од врвни економски новинари преку обуки во земјава, но и во странство во новинската агенција „Ројтерс“, Велика Британија. Во 2010 година преминува во печатениот медиум Капитал, каде што работи до 2022 година. Во меѓувреме работи како постојан соработник на Балканска истражувачка репортерска мрежа (БИРН), а од 2018 година е и автор и уредник на ТВ проектот „Агенда 35“ што се емитува на Македонската радио телевизија. Од 2023 е дел од тимот на ИРЛ и следи корупција и економски криминал.

Иван Блажевски

Иван Блажевски

Истражувач и новинар

Иван Блажевски е новинар кој се занимава со теми од областа на меѓународни односи, криминал и корупција. Од 1998 година работи како новинар, а од 2001 година е уредник и дописник на шпанската државна новинска агенција EFE за Македонија, Албанија и Косово. Во својата долгогодишна кариера, Блажевски работел во бројни медиуми како Макпрес, Франс Прес (AFP), Вечер, Дневник, Време и Радио Слободна Европа, а 18 години бил уредник на вестите и документарната програма во ТВ АЛСАТ. Блажевски се придружува на тимот на ИРЛ во 2024 година. Добитник е на награда за истражувачко новинарство од Македонскиот институт за медиуми (МИМ). Има произведувано телевизиски програми во повеќе држави и региони, вклучувајќи Јапонија, Гренланд, Боливија, Кина, Непал, Бангладеш, источна Африка, Куба, Перу, Данска, Италија, Германија и други.

Пелагија Младеновска Стојанчова

Пелагија Младеновска Стојанчова

Истражувач и новинар

Пелагија Младеновска Стојанчова е новинар со над 16 години искуство во медиумската сцена. Својата кариера ја започнува во дневниот весник „Шпиц“ во 2008 година и во неделникот „Сега“. Од 2009 година се придружила на тимот на Радио Слободна Европа на македонски јазик, каде известува за политика, криминал, корупција и економија преку различни медиумски платформи. Од 2024 се вработува во ИРЛ како истражувачки новинар. Дипломирала на Филозофскиот факултет и продолжила образованието на Школата за новинарство на Македонскиот институт за медиуми (МИМ). Во текот на нејзината кариера работела на проекти за едукација и менторство на млади новинари.

Лука Блажев

Лука Блажев

Графички дизајнер

Лука Блажев е графички дизајнер во ИРЛ кој станува дел од тимот во 2019 година. Неговата кариера во полето на графички дизајн и уметност започнува во 2017та година преку работа на повеќе проекти за различни домашни и странски компании. Во ИРЛ, Блажев е задолжен за изнаоѓање графички решенија за истражувањата и дизајн на промотивните содржини кои произлегуваат од истражувањата, а ја следат комуникациската стратегија на ИРЛ. 

Трифун Ситниковски

Трифун Ситниковски

Режисер на "Редакција"

Трифун Ситниковски работи во филмската индустрија повеќе од една деценија. Има снимено повеќе од десетина кратки акциони филмови, кратки документарни филмови и три ТВ серии на кои работел како сценарист, режисер и извршен продуцент. Покрај режија на филмови, има работено и на бројни проекти како продуцент, монтажер, кинематографер, асистент на режисер и претпоставен за сценарио на кратки филмови, ТВ емисии, документарни филмови, реклами и музички спотови. Неговиот последен проект како режисер и сценарист е на документарниот серијал „Редакција“.

"Трајче

Трајче Антоновски

Kинематографер

Трајче Антоновски е снимател и дел од кинематографите на документарниот серијал „Редакција“. Антоновски повеќе од 10 години работи на визуелна реализација на спортски натпревари под покровителство на УЕФА и ЕХФ. Работел во информативната редакција на А1 и порталот НОВА ТВ, а бил дел од тимот за реализација на политичките емисии “Еврозум”, “Проверено”, но и на бројни забавни проекти како популарниот квиз „Кој сака да биде милионер“,„50-50“ и други проекти. Во ИРЛ Македонија е  дел од тимот задолжен за екранизација на сториите.

Горјан Атанасов

Горјан Атанасов

Монтажер и видео уредник

Горјан Атанасов е филмски и ТВ монтажер со повеќе од 8 години искуство во филмската и телевизиска индустрија. Атанасов има работено на повеќе играни и документарни проекти. Досега, како монтажер, се има потпишано на 6 кратки играни, 2 долгометражни документарни филмови, а моментално во ИРЛ работи како монтажер на документарниот серијал „Редакција“ и на кратките видео стории и мултимедијални проекти на организацијата.

„Поштенска банка“ е случај стар повеќе од две децении. Како се приватизирала првата државна банка се истражуваше исто толку долго. Случајот го реотвори во 2018 година тогашното Специјално јавно обвинителство. Но, по распадот на СЈО, случајот го презеде Обвинителството за гонење организираниот криминал и корупцијата. 

На 13 јуни 2024 година Кривичниот суд во Скопје, поради политичката интервенција на владата на СДСМ и ДУИ во спорните измени на Кривичниот законик, ја запре постапката. Таа се водеше против бизнисменот Томе Главчев, актуелен претседател на Кошаркарската федерација на Македонија, потоа Ратко Димитровски, поранешен градоначалник на Кочани од ВМРО-ДПМНЕ и адвокатот Зоран Шуклев.

Тие беа гонети за делата злоупотреба на службената положба и за перење пари. Преку надзорот било утврдено дека во решението на Кривичниот суд не е наведено по кој член од Законот за кривична постапка (ЗКП) се запира постапката.

Обвинителството за гонење на организираниот криминал и корупцијата, незадоволно од одлуката на Кривичен, поднело жалба со образложение дека Главчев, Димитровски и Шуклев треба да одговараат барем за делото перење пари.

Сепак, вишиот јавен обвинител Јован Цветановски се откажал од правото на жалба пред Апелација, а таквата одлука ја објаснил преку службена белешка во која причините за повлекување од жалбата биле, како што се наведува во надзорот, целосно контрадикторни и нејасни.

„Јавните обвинители Лиле Стефанова и Елвин Вели сметаат дека со откажувањето од жалбата на Основното јавно обвинителство за гонење на организираниот криминал и корупцијата, јавниот обвинител од Вишото јавно обвинителство Скопје не постапил професионално, стручно и законито“, стои во извештајот. 

Но, обвинителот Џелал Бајрами сметал дека Цветановски постапил согласно неговите надлежности. Со откажувањето од жалба Апелацискиот суд повеќе немал можност да расправа по жалбата на Обвинителството за гонење на организираниот криминал и корупцијата и случајот бил затворен.

Вториот случај е за бесправно градење во Зелениково на Драган Павловиќ-Латас и неговите двајца браќа Звездан и Срѓан Павловиќ. Кривичниот суд ги ослободил од вина на 4 јули 2019 година, а на 18 јули 2022 година на повторното судење била донесена истата одлука. 

Јавното обвинителство Скопје поднело жалба која на 10 октомври 2023 година била уважена и била закажана седница пред Апелацискиот суд во Скопје. На 6 ноември 2023 предметот бил рефериран во Јавното обвинителство каде што биле присутни тогашниот државен обвинител Љубомир Јовески, јавните обвинители Ферат Елези и Соња Симовска и вишите јавни обвинители Мустафа Хајрулахи и Јован Цветановски.

„Заклучокот по однос на реферирањето на јавниот обвинител кој го застапува предметот пред Апелацискиот суд да предложи да изготви вештачење дали преземените дејствија во предметот во градежните работи претставуваат подготвителни дејствија и да се утврди датумот на отпочнување на градежните работи. Да се повика вешто лице на главната расправа и да се расчистат дилемите“, пишува во извештајот од надзорот во ВЈО Скопје. 

Веќе следниот ден одбраната на браќата Павловиќ пред Апелацискиот суд доставила нов доказ - наод и мислење изготвено од вешто лице. Цветановски побарал рочиштето да се одложи за вкрстено да може да го испраша вештакот. Но, тогаш според надзорот се случило следното:

„Јавниот обвинител на расправата не ги поставил прашањата што ги најавил на записник од 7.11.2024 година, а на поставените прашања не добил одговор од вештото лице на спорните прашања од реферирањето пред Јавното обвинителство на Република Северна Македонија“, пишува во извештајот. 

Цветановски не постапил по насоките добиени на колегиумот во обвинителството да се изготви вештачење и наместо тоа го прифатил вештачењето на адвокатите на одбраната.

„Јавниот обвинител постапил спротивно на член 37 од Правилникот за внатрешно работење на јавните обвинителства според кој заземениот став и мислење по реферирањето е задолжителен за пониското јавно обвинителство“, напишале обвинителите Лиле Стефанова и Елвин Вели во документот од надзорот. 

Но, третиот член на комисијата за надзор, Џелал Бајрами, бил со став дека Цветановски постапил согласно заклучоците од реферирањето пред колегиумот во обвинителството.

Третиот предмет кој бил анализиран е случајот „Серта“ за тендери за чистење владини институции. Предметот стигнал во Вишото обвинителство откако Основното обвинителство поднело жалба на одлуката на Кривичниот суд.

Овој суд при оцена на обвинителниот акт ги прифатил приговорите на обвинетиот Спасо Ѓеорѓиев и фирмата „Серта“ кои биле гонети за злоупотреба на постапката за јавен повик. ОЈО на 29 јануари 2024 година ја обжалило ваквата одлука на судот.

Токму за овој случај има известување за вршење притисок врз службеничка во Вишото јавно обвинителство Скопје која ги архивирала и распределувала предметите. Добила наредба од тогашниот шеф на Вишото обвинителство Мустафа Хајрулахи со насоки кај кој обвинител да го додели случајот.

„За предметот ‘Серта’ ми беше кажано да му го заведам и дадам на јавниот обвинител Јован Цветановски“, изјавила службеничката Даниела Лапе, вработена во ВЈО Скопје, чие сведочење е дел од извештајот од надзорот.

На рочиштето на 9 април 2024 година во Апелацискиот суд, вишиот обвинител Цветановски се откажал од жалба.

„Од увидот во службена белешка од 9.4.2024 година видно е дека јавниот обвинител ги анализира доказите приложени кон обвинителниот акт, што е спротивно на одредбите од Законот за кривична постапка, член 336 и член 337, имајќи ја предвид фазата во која се наоѓал предметот“, пишува во извештајот од надзорот.

Во оваа насока е и правното мислење на Врховниот суд од 7.12.2021 година дека Советот за оцена на обвинителен акт не ги анализира доказите ниту, пак, го оценува квалитетот на доказите. Тој само треба да внимава дали некој доказ е прибавен на незаконит начин, нешто што требало да биде фокус за произнесување и на Јован Цветановски.

„За предметот е донесена пресуда на Врховниот суд на Република Северна Македонија 11.9.2024 година. Во оваа пресуда е констатирана повреда на законот во корист на обвинетите, а во самата пресуда е наведено дека ваквата повреда, сторена од страна на Советот за оцена на обвинителен акт, можела да биде санирана доколку Вишиот јавен обвинител не се откажал од изјавената жалба“, стои во документот од надзорот. 

Јавните обвинители Лиле Стефанова и Елвин Вели во заклучоците за овој предмет напишале дека со откажувањето од жалбата обвинителот Цветановски не постапил професионално, стручно и законито и се впуштил во анализа на докази и постоење на умисла за сторување кривично дело. Но, тоа требало да го утврдува надлежен суд. Сепак, и за ова јавниот обвинител Џелал Бајрами сметал дека Јован Цветановски постапил согласно неговите надлежности. 

Последниот, четврти, случај кој бил контролиран повторно е на обвинителот кој е под бројот римско два - Јован Цветановски. Станува збор за точење алкохолни пијалаци на дете.

Судот во Неготино ги прогласил за виновни Ѓорѓи Лазов и Илија Вангелов и правното лице ДПТУ „С.О.С. обезбедување“ ДОО Неготино. Обвинетите биле незадоволни од пресудата, па поднеле жалба по што бил оформен предмет во ВЈО Скопје.

На 3 февруари 2023 година Апелацискиот суд во Скопје ја укинал пресудата и предметот го вратил на повторно судење. Јован Цветановски не се појавил на јавната расправа во Апелација, а претходно ВЈО Скопје оценило дека жалбите на обвинетите се неосновани.

На 8 мај 2023 година судот во Неготино донел нова пресуда во која обвинетите биле прогласени за виновни, по што тие повторно поднеле жалба.

„На 23.8.2023 година од страна на јавниот обвинител во Вишото јавно обвинителство Скопје, Јован Цветановски, до Апелацискиот суд Скопје е доставен писмен предлог КОЖ.бр. 1187/23 со кој се предлага жалбите на обвинетите да се одбијат како неосновани“, се наведува во извештајот од надзорот. 

Цветановски дополнително објаснил дека во повторното судење судот во Неготино постапил по насоките дадени од Апелација и биле отстранети сите констатирани повреди во првостепената постапка. Но, само неколку месеци подоцна Јован Цветановски се премислил.

„На расправа на 26.12.2023 година јавниот обвинител се откажува од обвинението. Од увидот во пресудата на Апелацискиот суд Скопје на расправата пред судот не бил изведен ниту еден нов доказ и со ништо не била променета фактичката состојба од моментот на давањето на предлогот“, стои во извештајот од надзорот.

На истиот ден, 26 декември 2023 година, Цветановски изготвил службена белешка дека се откажал од обвинение затоа што немало докази за делото.

За ваквиот начин на постапување, единствено мислење имаат сите тројца обвинители кои го вршеле надзорот, Лиле Стефанова, Елвин Вели и Џелал Бајрами, кој за претходните три случаи беше со став дека Цветановски постапувал законито. Сега и Бајрами сметал дека Цветановски постапил спротивно на правилата.

„Јавните обвинители Лиле Стефанова, Елвин Вели и Џелал Бајрами сметаат дека, имајќи ги предвид писмените предлози во двете постапки и ставовите искажани во нив, а во ситуација кога на главната расправа не се изведени нови докази, со откажувањето од обвинението јавниот обвинител не постапил професионално, стручно и законито“, нотирале тројцата обвинители во извештајот од надзорот.

Но, извештајот кој содржи 20 страници е потпишан само од обвинителите Лиле Стефанова и Елвин Вели. Џелал Бајрами не се потпишал на документот кој откако бил изработен му бил доставен на тогашниот државен обвинител Љупчо Коцевски.

Во прилог на извештајот има службена белешка од Бајрами, како и известување од петте службенички за начинот на кој Мустафа Хајрулахи им вршел притисок да заведуваат и распределуваат предмети во Вишото обвинителство додека бил шеф.