Државниот обвинител Љубомир Јовески шестгодишниот мандат успешно го менаџираше како човек кој се бори за правда. Неговиот личен интегритет никогаш не беше доведен во прашање. Месец и половина пред заминувањето на функцијата Јовески пред пратениците во Собранието ќе треба да ја брани неговата улога во една од најголемите национални трагедии. Пратениците од албанската опозиција му поднесоа интерпелација во која бараат одговорност за неговата улога во истрагата за пожарот во модуларната болница во Тетово.
Известува: Маја Јовановска/ Илустрација: Лука Блажев
Љубомир Јовески ги одбројува последните два месеца од шестгодишниот мандат како државен јавен обвинител. Мандатот го мина комотно, иако често беше во фокусот на медиумските написи или политички пресметки кога опозицијата го обвинуваше дека ги премолчува криминалите на власта. Неговиот личен интегритет никогаш не беше преиспитуван се’ до пред два месеца, кога ИРЛ го објави документарниот филм „Убиство во Тетово“ за пожарот во модуларната болница во кој изгореа 14 лица. Во истражувањето беше докажано дека Јовески ја контролирал и насочувал истрагата за утврдување на одговорност за причините на пожарот. Седуммина пратеници од Алтернатива, Беса и Демократско движење му поднесоа интерпелација, со образложение дека улогата на Јавниот обвинител во овој случај е подложна на сомнежи и потребна е јавна одговорност и објаснување.
„Оваа интерпелација се засновува на сериозните тврдења дека од страна на Обвинителството се сокриле факти и информации во текот на целата постапка, се покренува обвинение за трети лица наместо да се утврдат главните виновници, се со цел да бидат заштитени одредени политичари и припадници на бизнис елитите кои што биле вклучени во изградбата на модуларните болници за време на пандемијата“, пишува во интерпелацијата на која подоцна се приклучија и двајцата пратеници од Левица.
Во одговорот на интерпелацијата доставен до Собранието Јовески тврди дека со поднесената интерпелација уште еднаш неосновано се напаѓа и дискредитира институцијата со која раководи.
„Повод за оваа интерпелација се непроверени и неиздржани наводи во новинарски текст, кој неодговорно манипулира со чувствата на засегнатите од оваа трагедоја и кај пошироката јавност, но очигледно и кај дел од пратениците, креира погрешни перцепции за текот на овој предмет“, пишува Јовески во одговорот до Парламентот.
Два месеца по објавувањето на истражувањето на ИРЛ, Јовески ниту еднаш досега се нема појавено на јавен настан или ,пак, во медиумско гостување. Комуницира само со соопштенија во кои ја напаѓа работата на ИРЛ и се затскрива зад институцијата. На 2-ри ноември за прв пат јавно ќе се анализира неговата улога во истрагата за пожарот во модуларната болница во Тетово кога пратениците ќе гласаат за неговата доверба.
Без разлика дали Јовески ќе остане јавен обвинител, неговиот мандат завршува на 25 декември. Процедурата за избор на нов државен јавен обвинител е почната и течат роковите за распишување на оглас. Најдоцна до 25-ти октомври Собранието треба да го објави огласот, на кој право на конкурирање има и Јовески, бидејќи законот дозволува реизбор. ИРЛ испрати прашање до Јовески дали повторно ќе се кандидира на позицијата, но одговор од Обвинителството не добивме.
Вечен кандидат за судија во Уставен суд
Љубомир Јовески уште пред две години кажа дека нема амбиции да остане на чело на обвинителството, кога по предлог на СДСМ беше кандидиран за судија во Уставен суд. Неговата номинација остана заглавена во собраниската Комисијата за прашања на изборите и именувањата и беше блокирана од страна на ВМРО-ДПМНЕ. Претседателката на Комисијата, Марија Георгиевска од СДСМ, за ИРЛ изјави дека Јовески се уште е кандидат за уставен судија се додека предлагачот или лично тој не ја повлече кандидатурата.
„Услови за продолжување на расправа по таа точка нема. Имаме процедурални проблеми, за кои треба да разговараме со координаторите на сите политички партии за да го одблокираме процесот и да продолжиме со работа“, изјави Георгиевска.
ВМРО ДПМНЕ е против кандидатурата на Јовески за уставен судија, нарекувајќи го заштитник на криминалот и корупцијата во државата.Според пратениците од опозицијата тој треба да замине и од обвинителството и воопшто од судството и да ги живее мирно своите пензионерски денови, а не да биде слеп послушник на власта.
Министерот за правда Кренар Лога во илегала
Најгласен во своите ставови по објавувањето на истражувањето „Убиство во Тетово“ беше министерот за правда Кренар Лога. Тазе избран на функцијата Лога ветуваше дека „одговорност мора да има и ќе има“. Тој уште во првите денови по објавувањето на документарниот филм во својот кабинет ги повика Државниот обвинител Јовески и шефот на обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција Ислам Абази.

Оттогаш поминаа два месеца, а Кренар Лога никогаш повеќе не проговори за случајот. Во кратка СМС порака до новинарите на ИРЛ тој рече дека ќе има уште една средба месецов за да се информира до каде е процесот.
„Прашањето беше отворено и со државниот јавен обвинител и со шефот на ЈОГОКК и бев информиран дека е во процес на предистрага. Јас, како и Вие чекам овој процес да рече побрзо и соодветно. Ангажирав лице за анализа на целокупната документација поврзана со процесот на дозвола и градба на сите модуларни болници, за да имам повеќе информации, факти, детали и аргументи. Материјалот е волуменозен. Во втората или третата недела од овој месец дополнително ќе се сретнам со надлежните за да се информирам уште еднаш со преземените активности”, одговори Лога.
Прашања доставивме и до Јавното обвинителство и обвинителството за гонење на организиран криминал, но одговори не добивме. Образложението е дека правосудната администрација е во генерален штрајк и одговори ќе добиеме кога ќе прекине штрајкот.

Случајот во обвинителството за гонење на организиран криминал се уште го води обвинителката Елизабета Јосифовска, иако таа пред два месеца беше избрана за обвинителка во Гостивар. Случајот и две години по пожарот, се уште е во фаза на предистрага.