Press "Enter" to skip to content

Фирмата „Ексико“ бара Самсоненко да ѝ исплати 1,7 милиони евра

Фирмата „Ексико“ која е под истрага на СЈО во случајот „Империја“ е еден од доверителите во стечајот на фирмата „Сис инвест груп“ на рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко. Мистериозната фирма чиј имот и банкарски сметки се замрзнати бара наплата на долг од 1,7 милиони евра. Во изминатите години „Ексико“ стана сопственик или косопственик на повеќе фирми во Македонија, кои добиваа тендери од државни институции и субвенции. Вистинскиот сопственик и натаму останува таен, бидејќи тоа и го овозможуваат законите во Швајцарија, каде што е регистрирана компанијата Т&МЈ Инвестмент којашто ја поседува „Ексико“. 

Заврши рокот за доставување на побарувањата за стечајот на „Сис инвест груп“, фирмата на рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко која е сопственик на земјиште на плоштадот во Скопје, како и хотелот во градба „Мериот Кортјард“ и Офицерскиот дом. Доставени се 14 барања за наплата на побарувања во вкупна вредност од 9 и пол милиони евра.

Стечајот беше отворен на барање на фирмата „Кратер“ сопственост на Миле Младеновски за долг од 2 милиони евра. „Кратер“ била ангажирана за да изведе инсталации за греење, вентилација и климатизација. Сергеј Самсоненко во разговор со новинарите на ИРЛ тврдеше дека сите долгови кон доверителите се исплатени, а со Младеновски се во судска постапка за докажување на долгот.

ИРЛ го побара списокот од стечајниот управник кој го води предметот. Освен „Кратер“, пари од Самсоненко бара и фирмата „Ексико“. Оваа фирма која е под истрага на Специјалното јавно обвинителство во случајот „Империја“ побарува 1,7 милиони евра. Мистериозната и добростоечка фирма, со скриен капитал со седиште во Лугано, во време на владеењето на Никола Груевски профитираше од бизнис зделки овозможени преку државни привилегии. Обвинителката Лиле Стефанова која го води случајот „Империја“ тврдеше дека во истрагата открила дека скриениот сопственик на „Ексико“ е, всушност, Јордан Камчев, како и дека преку оваа фирма биле испрани 1,6 милиони евра. Освен „Ексико“ уште една фирма во сопственост на Орце Камчев се јавила како доверител во „Сис инвест груп“. Тоа е компанијата „Кара“ која пријавила побарување од 390.000 евра.

Ексико е најуспешната оф-шор фирма во Македонија. Во периодот од 2007 до 2013 година компанијата работела со профит од 76%. Во тој временски период, за кој е под истрага на СЈО, “Ексико“ има вкупни приходи од 16,3 милиони евра, а добивката е 12,5 милиони евра.

Доверители на „Сис инвест груп“

Пари од стечајната маса побарува и фирмата „Балкан констракшн груп“, која исто така е во сопственост на Самсоненко, а сумата која ја бара е 634.000 евра. Како физичко лице се пријавил и самиот Сергеј Самсоненко, кој дал позајмица на неговата фирма во висина од 26.000 евра.

Како доверители се јавиле и Стопанска банка Битола, НЛБ Банка, општина Центар, Град Скопје, како и градските претпријатија „Водовод“ и „Комунална хигиена“. Или вкупните долгови на „Сис инвест груп“ се 9 и пол милиони евра.

Самсоненко за ИРЛ изјави дека досега во објектите на плоштад вложил 14 милиони евра, а франшизата за хотелот „Мериот Кортјард“ ја платил 199.000 евра. Договорот со општина Центар беше инвеститорот да го изгради Офицерскиот дом, во кој ќе има матична служба и кабинет на скопскиот градоначалник, а во хотелот „Мериот Кортијард“ да има бизнис центар и деловни простории за издавање под закуп.

За да го заврши целиот градежен потфат Самсоненко рече дека му се потребни уште 20 милиони евра. Но, стечајот му ги замрси плановите и доколку не ги исплати доверителите, парцелата и објектите ќе се продаваат на лицитација. Самсоненко „златната“ парцела на плоштад од 6.300 метри квадратни ја купи за 660.000 евра од грчкиот бизнисмен Димитрис Кондоминас.

Рочиштето за стечајот во суд е закажано за 18 ноември.

Според скромните објаснувања на стечајниот управник, Ексико и Кара инвестирале пари во објектот во делот со деловни простории во Офицерскиот дом. ИРЛ вчера го објави првиот дел “Последната битка за парцела на плоштадот”. Приказната ве води низ интересите на разни бизнис и политички центри кои сакаат да се дограбат до имотот на плоштадот.

На плоштадот во Скопје веќе нема државна земја за продавање за џабе. Нема ни место за градење. Но, можностите не се ограничени. Во моментов се војува за парцелата со недовршениот хотел “Мериот Кортјард” и Офицерскиот дом. Кој е Миле Кратер и што сака од Сергеј Самсоненко?

Тајната вечера: Како МПЦ со партиска поддршка собра 2 милиона евра за црквата на улица „Македонија“

 

 

Повеќе од Насловна десноПовеќе теми во Насловна десно »