Press "Enter" to skip to content

Филип Достовски осуден на условна казна, бизнисот со марихуана само за привилегирани

Пишуваат: Лила Караташева и Дајана Лазаревска

Кривичниот суд денеска му даде условна пресуда на Филип Достовски, активист за легализација на канабисот и основач на здружението „Зелена алтернатива“. Тој беше уапсен пред две години откако во неговиот дом беше пронајдено поголемо количество канабис.

Сашо Дуковски, адвокатот на Достовски, рече дека тој не го сторил делото и затоа одлуката на судот ќе ја обжалат до повисоките судови, но и пред судот за човекови права во Стразбур.

„Апсолутно бев сигурен дека судот, согласно судската пракса која ја има, нема да собере храброст за обвинетиот да го ослободи од обвинение иако нема ни ‘д’ од доказ дека наводното неовластено производство било за некој друг. Никому во оваа држава не му е забрането да произведува  што било за свои лични потреби. На крајот од денот, ако тој се самоубие, дали ќе одговара за кривично дело убиство? Нема. Филип е болен е од Хочкинова болест, која е вид на карциногена болест. Тој има полно право да произведува. Единствена пресуда која можеше да се донесе е да се ослободи од обвинение. Доби условна осуда, од која не сме ниту еден милиметар задоволни. Обвинителството не докажа дека тој произведувал за друг“, вели Дуковски.

Тој го искритикува односот на судството кое суди само по количината на пронајдена марихуана. Посочи и на лошата функционалнот на институциите споменувајќи дека МВР при увидот не направила хемиска анализа на целиот материјал и дека во првичните 250 грама се ипоставило дека ни третина не содржат ТХЦ , односно нелегалната супстанција во канабисот која го дава психотропниот ефект . Ова го докажале со лабараториските испитувања направени при Фармацевскиот Факулет.

Достовски рече дека условната казна значи дека тој утре треба да оди во затвор, бидејќи тој ќе продолжи да биде корисник на марихуана.

„Осуден сум условно иако објаснив дека јас сум корисник на марихуана. Во аптеките нема ништо што мене ми одговара, така што морам сам да си го направам. Условна осуда значи дека јас нема да лежам во затвор, а од друга страна, пак, ме осудуваат како криминалец. Ова можеби е невкусно, ама јас ќе им го повторам делото. Оваа пресуда значи дека јас утре ќе треба да одам во затвор. Тие денес ме пуштаат, но знаат дека делото утре ќе го повторам, задутре и ден по тоа. Не само јас, туку и илјадници луѓе во државава. Така што, еве го повторив делото, ги чекам дома да ме земат“, рече Достовски.

Активистите ветуваат закон со кој ќе се регулира црниот пазар на марихуана

Од 2016 година одгледувањето на канабис во Македонија според законот е дозволено само за правни лица, кои тоа ќе го прават во медицински и научни цели. Тие прво треба да добијат лиценца од Министерството за здравство, по претходна согласност од Владата. Досега во земјава над 50-тина фирми добиле дозвола да одгледуваат канабис.

Според законот компанија може да добие лиценца доколку има обезбедено соодветен простор, површини или земјиште за одгледување, сушење и складирање. За тоа се потребни многу пари, а од друга страна уживателите се уште ќе бидат на удар на законот со оглед дека владата засега не разгледува декриминализација на употреба во рекреативни цели. Според Достовски, државата го измени овој закон со цел да профитира само одредена група на луѓе.

„Потребно е преку мојот случај да се крене свеста на граѓаните за овој проблем затоа што неправедно е канабисот да се произведува за извоз и додека тоа се прави, да се кажуваат празни зборови дека го произведуваат за лек. Забораваат дека и во оваа држава има луѓе на кои им е потребен“, вели за ИРЛ Филип Достовски.

Тој смета дека фармацевтските компании се исплашени бидејќи истиот лек кој тие го продават за поскапа цена, може да се направи и во домашни услови, со ист квалитет, а за помалку пари.

„Уште пред да бидам уапсен имав закана од фармацевтска компанија, ми кажаа дека најмалку што ќе направат ќе биде да ме стават во затвор, после една недела бев уапсен, а во животот научив дека ништо не е коинциденција“- рече Достовски, кој не сакаше да ја именува фармацевтската компанија поради своја лична безбедност.

Претседателот на здружението „Зелена национална агенда за Македонија – ЗНАМ“ Огнен Узуновски, рече дека судењето на Достовски, кој е првиот активист за легализација на марихуана, трае неколку години и го гледаат како причина за надополнување на предложените законски измени и декриминализација на канабисот.

„Со надополнување на законот ние сакаме да го прекинеме црниот пазар, да ја сопреме достапноста на канабис за малолетни лица и државата да има финансиски бенефит од самата билка. Сите корисници да бидат регулирани и пријавени во Агенција за канабис. Да може секој пријавен возрасен над 21 година да одгледува канабис дома, доколку е болен од посериозна болест да може повеќе. Да може секој пријавен и полнолетен член да поседува одредена количина во џеб на улица, да може да се отворат социјални клубови, преку кои билката ќе биде целосно регулирана и оданочена со 40 до 50 проценти – изјави Узуновски.

Достовски важи за еден од најгласните критичари против регорозните политики за канабисот и не криеше дека помага на пациентите да научат како се естрахира маслото за да си помогнат за своите болести или состојби. И самиот Достовски рече дека боледува и се лекува од Хочкинов синдром.

Тој со „Зелена алтенатива“ досега организираа неколку конференции и дискусии, каде доктори, активисти и научници зборуваа за разни студии и искуства како со канабис се третира канцер, епилепсија, аутизам, ХИВ, Паркинсова болест, Алцхајмер, фибромијалгија, мултиплекс склероза, болки, несоници, депресија, најразлични болести и состојби.

Поврзани стории

Опоен бизнис

Опоен бизнис

Повеќе од Насловна десноПовеќе теми во Насловна десно »