Роднини на починати ковид-пациенти во болницата „Жан Митрев“ кои треба да сведочат против докторот кој е обвинет за измама, добиваат телефонски повици од поддржувачите на доктор Жан Митрев. Во улога на посредници се вклучиле дури и лекари вработени во неговата болница. ИРЛ разговараше со десетина семејства кои рекоа дека од нив се бара во судот да го поддржат кардиохирургот, бидејќи бил добар човек и лекар, а дел од нив добиле понуда да се сретнат со неговиот адвокатски тим. Јавувањата се пријавени во Јавното обвинителство од каде велат дека влијанието врз сведоци е кривично дело, бидејќи ја загрозува непристрасноста на постапката.
Известува: Маја Јовановска/Илустрација: Лука Блажев
Судскиот процес против кардиохирургот Жан Митрев и неговата болница кои се обвинети за Измама на пациенти е во фаза на доказна постапка, а истовремено се повикуваат сведоци кои се изјаснуваат дали ќе бараат отштета доколку докторот биде прогласен за виновен. Пристапот до досието и сите документи е лимитиран. Пристап во целата документација имаат јавната обвинителка Искра Хаџи Василева, судијката Лидија Петровска, адвокатскиот тим на обвинетиот и овластени судски вештаци во случај ако е побарано вештачење на дел од доказите.
Личните податоци на сведоците и оштетените во предметот против Жан Митрев се контаминирани од надворешни лица, кои не се дел од судската постапка. Јавното обвинителство веќе почна постапка за да утврди кои се лицата кои се јавуваат кај сведоците и дали влијаат на судската постапка која е во тек.
Башким Асани од Гостивар е еден од граѓаните кои бараат правда за смртта на нивните најблиски во болницата „Жан Митрев“ за време на ковид пандемијата. Неговата мајка Реџије починала четири дена откако била хоспитализирана во болницата во 2021 година. На 23 септември годинава Башким Асани добил покана да се изјасни пред судот дали се приклучува кон обвинението и дали ќе бара отштета. Ден пред рочиштето, во недела на 22 септември, добил необичен телефонски повик.
„Се претставија дека се здружение за поддршка на доктор Жан Митрев. И од мене бараа поддршка за докторот, зошто имало пациенти и со позитивен исход. Јас им кажав дека мојот случај не заврши добро. Мојата мајка почина во болницата и барам правда. Следниот ден во судот изјавив дека нема да се повлечам од обвинението, ниту пак ќе се откажам од отштетното побарување за парите кои ги имам дадено во болницата.“, раскажа Башким Асани од Гостивар во телефонски разговор со новинар од ИРЛ.
Повик од истиот мобилен број на 22 септември добиле повеќе лица кои наредниот ден беа повикани како сведоци во Кривичниот суд во Скопје.
„Ми рекоа дека Жан Митрев е добар човек и дека сакаат да му наштетат. Побараа да се видат со мене. Јас им кажав дека нема да ме предомислат. Така и се изјаснив следниот ден во судницата“, рече Ацо Божиновски кој самиот бил пациент во болницата.
Телефонскиот број од кој доаѓаат повиците се води на име Методи Миладинов од Штип. Себе си се претставува како задоволен долгогодишен пациент во болницата „Жан Митрев“. Вели дека само му дава поддршка на докторот против кого се водела организирана хајка.
„Ние само бараме поддршка за болницата. Не се јавувам само јас на роднините, туку се јавуваат луѓе од цела држава. Јас не знам кога се закажани судењата. И зошто вас ве интересира тоа? Вие учествувате во хајката против Жан Митрев и ги организирате пациентите.“, нервозно одговори Методи Миладинов во телефонскиот разговор со новинар на ИРЛ.
Тој им се закани на новинарите на ИРЛ дека ќе добијат кривични пријави зошто наводно ги организирале пациентите да сведочат против доктор Митрев.
Од почетокот на судскиот процес против Жан Митрев, Методи Миладинов на својот Фејсбук профил постојано давал поддршка за докторот, споделувајќи соопштенија од болницата или текстови од интернет портали кои се дел од платената пропаганда на обвинетиот. Минатата година кога пред судот се организираа протести за поддршка на Митрев, Миладинов во судот дојде заедно со неговиот адвокатски тим.
Извор: ВИДЕО Макфакс/Организиран протест за поддршка на Жан Митрев пред Кривипчниот суд во Скопје. Методи Миладинов доаѓа заедно со докторот и неговиот адвокатски тим
Роднините на пациентите телефонски повици имале и од друг мобилен број, кој е во сопственост на Митко Костадиновски од Виница. Костадиновски вели дека му се јавил пријател и го замолил да се јави кај неколку пациенти, негови сограѓани од Виница, за да договори средба со нив.
„Јас не сум направил ништо лошо. Јас сум полицаец, не сум бил пациент во болницата Жан Митрев. Ме замолија само да се јавам кај неколку луѓе. На никој ништо не му е нудено, ниту е каран или тепан. Ако ме пријават за нешто, јас ќе поднесам контра пријава“, вели Костадиновски.
Улога на посредник прифатил и искусен лекар од болницата Жан Митрев во Битола. Доктор Милан Марковски бил гласникот кому му се обратил штипјанецот Методи Миладинов да ги контактира битолските пациенти. Докторот имал улога да ги прашува пациентите дали би сакале да поразговараат со Миладинов во врска со судскиот процес.
„Јас немам никакво активно учество. Бев замолен само да ги прашам дали сакаат да се сретнат со него. Јас бев само посредник.“, изјави доктор Марковски.
ИРЛ разговараше со десетина роднини на пациенти во „Жан Митрев“ и сите раскажаа дека телефонските повици доаѓале непосредно пред судењата. На некои од нив им се нудело да се сретнат со адвокатски тим од Скопје, со ветување дека ќе бидат задоволни од исходот по средбата.
„Ми рече дека кога ќе заврши разговорот ќе бидам среќен и ќе имам бенефит. Јас му реков дека нема да дадам никаква поддршка, затоа што го тужам докторот и сум сведок во судскиот процес против него“, вели Томислав Георгиевски кој бил ковид пациент во болницата.
Обвинителство: Влијание врз сведоци е кривично дело
Доктор Жан Митрев и неговата болница се обвинети за „Измама“ на пациенти. Јавното обвинителство го гони кардиохиургот дека со умисла ги доведувал во заблуда пациентите кои се лекувале од КОВИД 19 дека методот хемофилтрација е безбеден и ефикасен лек против вирусот. Обвинението се темели на 283 сведоци, на кои лекарот треба да им врати 1,6 милиони евра.
Во текот на судската постапка постојано се повикуваат сведоци кои се приклучиле кон обвинението и од нив бараат да се изјаснат дали ќе бараат и отштета доколку докторот биде осуден. Досега ниту еден од контактираните сведоци од страна на поддржувачите на докторот со кои разговараа новинарите на ИРЛ не прифатил да се повлече од кривичното гонење за измама. Дел од нив и нивните адвокати пријавиле во Јавното обвинителство дека од нив се бара поддршка за Митрев.
Пријавите на сведоците веќе се проверуваат.
„Јавното обвинителство нема да дозволи никаква форма на притисок врз сведоци во постапката и ќе ги преземе сите законски средства за да го спречи. Влијанието врз сведоци во кривична постапка е апсолутно недозволиво и го загрозува текот и непристрасноста на постапката. Доколку таквото влијание има за цел да ја попречи правдата, тоа апсолутно повлекува и кривична одговорност за сторителите.“, одговорија во писмениот допис од Јавното обвинителство на прашањата на ИРЛ.
Јавното обвинителство одговара за интегритетот на доказите и списите до поднесување на обвинението. Потоа целиот предмет и доказниот материјал се предава во надлежност на судот, кој има обврска да го уредува и да го контролира пристапот до досието и податоците.
Увид во предметот според Законот за кривична постапка имаат судечкиот судија или совет, странките во постапката и овластено вешто лице доколку предметот со судска наредба е доставен на вештачење.
Од Кривичниот суд велат дека до овој момент до судијката Лидија Петровска која постапува по конкретниот предмет, не е доставено формално известување за било какви проблеми, а ниту оштетените кои досега биле сослушани во постапката се пожалиле за било какви притисоци.
„Факт е дека до овој момент судењето се одвива тековно со испитување на оштетените или читање на нивните изјави во врска имотно правното барање, со тоа што на минатото рочиште повиканите оштетени лица не присуствуваа на расправата па заради тоа, по одлука на судот, се читаат нивните искази дадени во истрага, по однос на имотно правното барање.“, одговорија од Кривичниот суд Скопје.
ИРЛ се обиде да испрати прашања до адвокатскиот тим на Жан Митрев предводен од адвокатот Никола Додевски. Но, тој не возврати на јавувањата и пораките на новинар од ИРЛ, ниту пак, од неговата канцеларија ја доставија електронската адреса на која може да испратиме прашања.
Во Кривичниот законик утврдено е што значи делото незаконито влијание врз сведоци.
„Тој што со закана дека ќе нападне врз животот или телото или имот од поголем обем, со нудење поткуп, со попречување или на друг начин влијае некое лице да се појави или да не се појави како сведок во постапка пред суд или во управна постапка, или ако е повикано како сведок да даде или да не даде исказ во определена смисла, ќе се казни со затвор од една до три години.“, пишува во членот 368-а.
Јавното обвинителство уште во април алармираше за начинот на известување на медиумите за текот на судењето за случајот Жан Митрев. Обвинителството укажа дека преку платена медиумска пропаганда се шират лажни вести и се заплашуваат сведоци. Поддршка на докторот му даваат и истакнати правници, како професорот по Кривично права Гордан Калајџиев, кои го анализираат обвинението и постапките на обвинителката, а не биле ниту на едно судско рочиште.
Судењето продолжува утре кога треба да се сослушаат нови сведоци кои треба да пријават отштетни побарувања.
Погледнете го документарниот филм на ИРЛ „Нечиста крв“ по чие објавување беше поднесено обвинение за Измама на пациенти