Press "Enter" to skip to content

Државно спонзорирани медиуми: „Македонија вечна” во продукција на СДСМ

28.04.2021

Во пресрет на локалните избори, Владата ја подотвора вратата повторно да дозволи државно спонзорирање во медиумите. Пред една недела Министерството за економија распиша два тендера во вредност од 220.000 евра за промоција на туризмот преку реклами во интернет портали. Еснафските новинарски здруженија стравуваат од можен поткуп и таргетирање на „свои“ медиуми каде ќе се слеваат парите. Од Владата тврдат дека кампањите биле дел од напорите да се помогне на овој сектор кој беше најпогоден од пандемијата. Туристичките работници велат дека за да дојдат странски туристи приоритет е масовна вакцинација, а не спотови за убавините на земјата.

Во време кога само 56.040 граѓани или околу 3 проценти од населението е вакцинирано и неизвесно е пристигнувањето  на голема количина на вакцини за масовна имунизација, Министерството за економија реши да распише тендери за промоција и развој на туризмот. Преку два огласа се бараат фирми кои ќе направат комуникациска и медиумска стратегија, а за тоа ќе се исплатат над 200.000 евра. Видео содржините и промотивните материјали ќе бидат објавени на нова официјална платформа за туризам, а ќе се рекламираат и во интернет портали. Идејата ќе ги „оживее“ старите патриотски спотови на Никола Груевски од серијалот „Македонија вечна“ и ќе се адаптираат на нов наратив кој допрва ќе се осмислува. 

Парите нема да одат директно од буџетската сметка во онлајн медиумите, туку ќе бидат префрлени на фирма која ќе ги селектира порталите каде што ќе се рекламира кампањата. Според техничката спецификација на Министерството за економија, медиумите кои ќе бидат избрани во огласот се напишани како “локални” интернет портали.

„Локални веб портали се сите официјални портали регистрирани во земјава, а нивниот избор е задача на економскиот оператор кој истиот треба да го направи следејќи ги целите на кампањата за максимален досег“, велат за ИРЛ од Министерството за економија. 

Во земјава не постои официјален регистар или некакво лиценцирање на интернет портали. „Локални веб-портали“ e терминологија за која прв пат слушаат и еснафските здруженија преку овој повик на Министерството за економија. 

„Единствен регистар кој е признаен и познат кај нас од самата фела е регистарот на професионални онлајн медиуми, Промедиа.мк каде што членуваат речиси 150 членки. Сите тие се таму на волонтерска основа. Не сум слушнал за локални портали досега“,вели Драган Секуловски, извршен директор на ЗНМ. 

Лошата пракса од минатото и корумпирањето на медиумите со владини реклами кои потоа навивачки и неизбалансирано известуваа за време на изборите беа причина оваа влада да го прекине државното рекламирање. Во првиот мандат на Зоран Заев, Владата донесе одлука со која се стопираат владините реклами во електронски и печатени медиуми, како и во интернет порталите. 

„Дефинитивно овој повик е спротивен со владината одлука, која не е променета. Ова особено треба да не загрижи и да бидеме повнимателни имајќи во предвид дека може да се сфати како можно поткупување на онлајн медиумите и влијание на начинот на кој известуваат во полза на владејачката партија сега за локалните избори“, вели Секуловски. 

Овие јавни набавки кои ги распиша Министерството за економија имаат поддршка од Владата како дел од „Програмата за развој на туризам на Северна Македонија за 2021 година“. 

ИРЛ побара став од Националниот координатор за стратегиски комуникации во Владата, Марјан Забрчанец, дали овие тендери се во согласност со владината одлука од 2017 година кога се стави крај на државното рекламирање во медиумите. Наместо одговор, од Владата стигна објаснување за годишната програма за туризам и ниту збор за финансирањето на онлајн медиумите. 

„Оваа мерка во исто време претставува и заменска промотивна алатка за туристичките саеми низ светот на кои Северна Македонија вообичаено успешно и ефективно се претставуваше како дестинација за странските туристи. За време на пандемијата ваквите саеми се одложени, па дигиталниот маркетинг ќе се употреби како алатка за туристичките капацитети да ги покажеме пред глобалната туристичка побарувачка“, одговорија од Владата. 

Туристички работници: Дајте ни пари, сами ќе правиме кампањи 

Во време на пандемијата една од најпогодените гранки е туризмот. Десетици туристички агенции ставија клуч на врата, останатите бараат помош за опстанок преку протести пред Владата. 

„Се’ што може да го стимулира туризмот е важно за нас. Но, најважна е сега директната финансиска помош затоа што профитот ни е нула“, вели за ИРЛ Ана Марија Алексова, претставничка на туристичко-угостителската комора. 

Туристичките работници сметаат дека други фактори влијаат на туризмот, како на пример немањето доволно количини на вакцини, невакцинирани хотелиери, водичи, вработени во туристичките агенции. Велат дека наместо на една фирма, поголем ефект ќе има доколку Владата ги распореди парите на сите туристички агенции со обврска тие самите да изработат рекламни спотови и да прават кампања за промоција на туризмот. 

Премиерот Зоран Заев пред неколку месеци најави укинување на членот 102 од Законот за аудио и аудио визуелни медиумски услуги со што државните и локалните институции ќе можат да се рекламираат на националните медиуми, во весници и интернет портали. Срамежливо, темата се актуелизира со цел власта повторно да го озакони владиното рекламирање, иако тоа во завиена форма веќе се случува во локалните медиуми со пари од општините.

Пред два месеца во Владата се одржа средба на која присуствуваа Забрчанец и претставници на медиумските организации, но заврши без договор. Позицијата на владата е дека не станува збор за поткуп на медиумите, туку емитување на едукативни содржини од јавен интерес, за разлика од еснафските здруженија кои во владините реклами гледаат опасност да се влијае врз уредувачката политика. Доколку се работи за теми и владини реклами од јавен интерес тие треба да бидат бесплатно емитувани во медиумите, е ставот на ЗНМ, ССНМ и СЕММ.