Press "Enter" to skip to content

Дозиран оптимизам во штабовите на ВМРО ДПМНЕ и СДСМ, ДУИ слави

Првите партиски пресови по завршувањето на изборниот молк покажуваат дозиран оптимизам, но атмосферата во штабовите на СДСМ и ВМРО ДПМНЕ покажува и несигурност во однос на изборните резултати.

Првите партиски пресови се одржаа речиси истовремено, по половина час по завршување на молкот. Игор Јанушев од ВМРО ДПМНЕ пресот го одржа на плоштадот пред партиското седиште. Пред белата палата, како што популарно се нарекува седиштето на десничарите околу девет часот почнаа да пристигаат и дел од некои од познатите партиски членови како Валентина Божиновска. Прес центарот е надвор, а репотерите беа опкружени со партиско членство кое имаше задача да аплаудира на пресот на Јанушев. Тој прогласи победа во неколку изборни единици, а посочи и на изборни нерегуларности и прекршувања, но одби директно да одговори дали тоа значи дека изборите се нерегуларни.

Во СДСМ прв прозборе Љупчо Николовски. Нивниот изборен штаб и прес центар е во хотелот Белви на периферијата на Скопје. Тој посочи дека изборите поминало мирно, фер и демократски, но беше повоздржан за прогнози од Јанушев.

За разлика од нив, ДУИ веќе слави победа на улиците  во Чаир, Тетово и други општини. Следењето на резултатите оди потешко од вообичаеното поради пад на веб страницата на Државната Изборна Комисија.

И во двата штаба, и оној на ВМРО ДПМНЕ и оној на СДСМ наскоро се очекува да пристигне високото партиско раководство.

 

Повеќе од АктуелноПовеќе теми во Актуелно »