Press "Enter" to skip to content

Дончев: Има пари за укинување на квотите за лекови

Директорот на Фондот за здравство, Ден Дончев во изјава на емисијата „Топ тема“ на телевизија „Телма“ истакна дека има пари за укинување на квотите за лекови.

„Пари за укинување на квотите за лекови има и оваа мерка е добра е добра, среќна вест, од корист за сите граѓани. Бенефит ќе имаат сите осигуреници. Секој во секое време од која било аптека ќе може да си го подигне потребниот лек. Се елиминира системот на квоти со што се решава деценискиот проблем со недостиг на лекови кој беше особено евиндентен во зимските месеци“, рече Дончев.

Тој вели дека досега оваа мерка не била спроведена, затоа што се водело сметка да има период од една година за прилагодување на малите аптеки.

„Ако пред година – две ја донесевме мерката, ќе ризикуваме помалите синџири аптеки да ги ставиме во нерамноправна положба“, вели Дончев.

Игор Николов од ВМРО-ДПМНЕ кој со Дончев беше гостин во емисијата рече дека товарот за оваа мерка ќе падне на лекарите, а ќе се манифестира со насилството врз нив. Со оваа мерка, оцени тој, малите аптеки ќе пропаднат зашто се фаворизираат само два големи синџири.

„Ветувањето на СДСМ беше дека ќе го поедностави издавањето рецепти, но всушност го искомплицира. Сега матичниот лекар може да напише рецепт само ако го прати пациентот прво на специјалистот од каде треба да добие соодветна дијагноза“, рече Николов.