Денеска по предоговрите на работните групи за Законот за јавно обвинителство кој утре треба да влезе во собраниска процедура, одговорајаќи на новинарско прашање дали обвинителите од СЈО имаат кредибилитет да продолжат со работа, министерката за правда, Рената Дескоска рече дека секој лично ја сноси својата одговорност и не треба таа да се пренесува на цела институција. Според неа, ако беше така, ќе требаше да не остане институција во нашата држава имајќи во предвид што се се случувало во изминатите единаесет години.
„Личната одговорност на поединци не треба да се врзува со колетивната одговорност. Па така и со Специјалното јавно обвинителство. Уништувањето или опстанокот на една институција не треба да зависи од тоа кој е на чело на таа институција. Видовме во изминатиот период дека има покренато постапки со сериозни обвинувања за високи функционери во претходната Влада, коишто беа на премиерски места, на министерски места и тоа не водеше до разградување на институциите – Владата се уште постои, МВР се уште постои, лицата коишто беа вработени во тоа време се останати таму“, рече Дескоска.
Законот утре треба да влезе во собраниска процедура, а членовите на работните групи информираа дека некаков позначаен напредок во преговорите не е постигнат.
„Јас се надевам дека утре, сите политички партии и пратенички групи коишто се во Собранието, ќе смогнат сили да водат сметка за иднината на нашата држава на патот на европските интеграции и ќе ја поддржат потребата за донесување на овој закон. Утре во Собрание се одлучува за потреба од носење на Законот – очекувам со консензус таа потреба да биде поддржана“, рече Дескоска.