Press "Enter" to skip to content

Чаеви за слабеење забранети во ЕУ, во слободна продажба во Македонија со знаење на институциите

Најмалку пет институции, меѓу кои и Агенцијата за храна, МВР, Државниот пазарен инспекторат, Царината и Министерството за економија, би требало да се надлежни да спречат нелегална онлајн продажба на турските чаеви „трекс“ со супстанција која е недекларирана, забранета и опасна по животот. Институциите кои имале одговорност навремено и јавно да ги предупредат граѓаните си премолчиле, иако знаеле за присуството на оваа супстанција. Сите овие институции тврдат дека не е нивна работа да постапуваат по вакви пријави. Продавачите се силат дека АХВ не им може ништо.

Известува: Лила Караташева;  Уреди: Бојан Стојановски; Илустрација: Лука Блажев;

Известувањето за оваа приказна започна откако граѓанин во ИРЛ пријави дека на македонскиот пазар може да се најдат производи за слабеење кои ја содржат истата забранета супстанција како и кај озогласените таблети на „Слимлајн“, односно сибутрамин, која се користи како лек за дебелина и е забранета за употреба во САД, ЕУ и Македонија. Производите што граѓаните ги пронашле на интернет се чаеви за слабеење со сибутрамин кои се продаваат под името „трекс“.

Сибутраминот e супстанција со хемиска структура сродна на амфетаминот и поради тоа спаѓа во групата контролирани супстанции. Има докажани негативни ефекти по срцето, предизвикува сушење на устата, константен замор, стрес, тахикардии и несоници. На црниот пазар сибутраминот е атрактивен за производителите затоа што супстанцијата има антидепресивен ефект, го подобрува расположението супресирајќи го апетитот, но создава зависност и носи висок ризик од физички и ментални болести. Производителите ја додаваат во разни производи за слабеење без да ја декларираат затоа што во мноштво земји сибутраминот е забранет, меѓу нив и Македонија. Државите што ги испитале овие чаеви, како Швајцарија и Данска, а во април годинава и Европската Унија, веднаш ги забраниле за употреба и јавно ги предупредиле граѓаните. Во септември годинава, веднаш откако српските институции ги алармираа граѓаните дека опасните чаеви се продаваат без дозвола на пазарот, полицијата и обвинителството ги пронашле и ги притвориле трговците за кои се води судски процес.

ИРЛ утврди дека македонските државни институции, иако знаат за овие производи, не преземаат никакви мерки за да ги спречат овие појави, а пропуштиле и навремено да ги информираат и да ги предупредат граѓаните дека на интернет се продаваат популарни производи опасни по нивното здравје. За конкретниот чај „трекс “, иако постои предупредување дистрибуирано на платформата на Европскиот систем за брзо предупредување за храна и добиточна храна уште од 14 април, од македонската Агенција за храна и ветерина испратија јавно соопштение една недела откако ИРЛ им испрати прашања во врска со предупредувањата на другите држави и на европските институции и праша зошто тие не ги информираат македонските граѓани. 

24 часа отворен пазар на „Инстаграм“ и „Фејсбук“ 

Летната сезона е најпрофитабилна во индустријата за слабеење и убавина. Во Македонија во овој период од годината еден од најпопуларните производи за брзо слабеење е прашестиот чај „трекс“. Продавачите таргетираат што е можно повеќе граѓани на кои чајот им го претставуваат како целосно природно решение, со ветување дека со две кесички на ден ќе постигнат неверојатни резултати, без диета и без тренинг. Консументите не знаат дека во чајот го има и сибутраминот, кој е забранет и во Македонија, па останува недеклариран. 

Чајот „трекс“ нелегално се увезува од Турција откако успешно ги заобиколил царинските контроли. Агенцијата за храна и ветеринарство во Македонија не е обврзана да ги тестира производите кои не се регистрирани и нелегално се увезуваат во државата, а поради несоодветни закони Државниот пазарен инспекторат не може да ја спречи нивната продажба на социјалните мрежи затоа што нема надлежност да идентификува физички лица кои вршат трговија на социјалните мрежи, туку само такви кои отвориле интернет-продавница.

За да потврдиме дека чајот нелегално се внесува во државата, без упатство и без сертификат од Агенцијата за храна и ветеринарство, се ставивме во улога на купувачи и разговаравме со неколку продавачи на чајот „трекс“. При консултација која е препорачливата доза, добивме совети да пиеме многу вода бидејќи од чајот се суши устата, а тоа е само една од нуспојавите на супстанцијата сибутрамин, но се јавуваат и тахикардии, замор, стрес и несоници. 

Центарот на бизнисот е во Батинци

Профилот „Trexteamk_official“ на „Инстаграм“ се претставува како прв официјален претставник на чајот во Македонија. Како основач на профилот се имаше означено Ема Хајровиќ, која по разговорот со ИРЛ го избриша своето име од профилот. Ни одговори дека сама го увезува турскиот чај, без сертификат од Агенција за храна и ветеринарство. 

Дел од преписките на „Инстаграм“ помеѓу новинарот од ИРЛ и Ема Хајровиќ која се претставува официјален претставник за чајот „Трекс“ во Македонија.

За да го нарачаме чајот „Трекс“, разменивме пораки и со лицето од профилот „Trex_tea.fit.mk“. Продавачот што го води овој профил живее во селото Батинци. Откако со него ги споделивме нашите сознанија за штетноста на чајот и му испративме известување од европскиот систем за предупредување на штетна храна, тој рече дека нашето мислење нема ништо да смени и дека нашите информации за штетноста на производот што го продава не го интересираат. 

 

Дел од преписка помеѓу лице задолжено за продажба на „Трекс“ чајот на интернет. Изјавата доаѓа по дополнително прашање на новинарот којшто им го испрати соопштението на АХВ дека нивниот чај содржи недозволена супстанција.

АХВ нема обврска да тестира 

Во Одделението за заштита на потрошувачи при Агенцијата за храна и ветеринарство еден граѓанин пријавил несакани ефекти по консумацијата на чајот „трекс“. Чајот го купил на интернет и барал тој да се испита. Но, според надлежностите, АХВ не може да тестира примероци, но е должна да ја информира јавноста дека чајот е небезбеден за употреба.

„Агенцијата за храна и ветеринарство во конкретните случаи, каде што продавачот на производот е непознат, не може да спроведува инспекциски контроли над непознати лица, туку за тоа го известува МВР за преземање соодветни мерки за откривање на лицето или блокирање на профилот од кој се врши продажбата“, ни одговорија од АХВ. 

Ги прашавме зошто случајот не го пријавиле во МВР и зошто не подготвиле соопштение дека на пазарот има чај за слабеење што се продава на црно кога тој бил пријавен кај нив. Известувањето за граѓаните за опасниот чај оттаму го споделија по нашето прашање зошто не ги предупредиле граѓаните, а дописот до полиција сè уште го подготвуваат.

Цената на едно пакување од чајот „трекс“ со 60 кесички е 1 500 денари, на акција може да се купат и две кутии за 2 500 денари. Нерегулираното тргување на социјалните мрежи не може да го спречи ни Државниот пазарен инспекторат. Оттаму велат дека не се надлежни за надзорот на прехранбените продукти, но и дека не можат да постапат по пријави од граѓани кои се однесуваат за трговци што не се регистрирани. Исто како и АХВ, и тие пријавите ги препраќаат во Министерството за внатрешни работи. 

„Доколку трговецот не е регистриран, а продава производи на социјалните мрежи, Пазарниот инспекторат не може да постапи. Кон пријавата треба задолжително да биде прикачена фискална сметка од трговецот за да се видат неговите податоци“, велат од Државниот пазарен инспекторат. 

МВР е последната инстанца каде што се обраќаат државните институции, но и оттаму велат дека нерегуларностите од ваков вид продажба треба да се пријавуваат во истите институции кои велат дека не се одговорни за продажбата на чаевите. 

„Ве известуваме дека по однос на пријавување нелегална трговија со прехранбени продукти или нерегуларности од ваков тип продажба, се пријавуваат и во низа други надлежни институции како Агенција за храна и ветерина, Малмед, Државен пазарен инспекторат или УЈП“, ни одговорија од МВР 

Откако пријавите од институциите ќе се адресираат до МВР, потоа се чека да постапи Одделението за компјутерски и економски криминал. Ова одделение веќе три години не може да постапи по пријава од Агенцијата за храна и ветеринарство која бараше да бидат блокирани профилите на социјалните мрежи и веб-страницата на брендот „Слимлајн“ кој продаваше суплементи за кои исто така се утврди присуство на сибутрамин. За штетите од суплементите на „Слимлајн“ во Кривичниот суд имаше две различни кривични постапки, а МВР сè уште не успева да ги пронајде сопствениците на профилите на социјалните мрежи и на веб-страницата.

Царинската заплена не ги обесхрабрува продавачите 

Царинската управа еднаш запленила 98 кутии од турскиот чај „трекс“ во септември лани. Но, трговците повторно успеале да го протнат чајот преку граница и тој сè уште е достапен за нарачување на социјалните мрежи. Откако се утврдиле вредноста на стоката и избегнатите давачки, царинската Комисија за прекршоци констатирала дека шверцерите на чајот треба да поминат само со парична казна.

Доколку некој шверцува забранети производи и ги продава на социјалните мрежи, судејќи по одговорите на клучните институции за сузбивање на ваквиот тип на криминал, државата не му може ништо зашто никој не се нафатил да ги уреди недостатоците во законите. Од друга страна, оние трговци кои ќе регистрираат официјална продавница на профилите на „Инстаграм“ и „Фејсбук“ со цел да работат легално и да плаќаат давачки, компаниите веднаш ќе го избришат корисничкиот профил и „Фејсбук“ и „Инстаграм“ ќе ви пратат нотификација: Оваа држава не може да ја користите во вашата држава поради неусогласеност на македонското законодавство.

Како други држави го штитат здравјето на своите граѓани наспроти македонската колективна негрижа

Македонија не е толку далеку од Србија, но за разлика од овде, таму  небезбедниот чај „трекс“ бил веднаш откриен, а одговорните биле притворени и истражувани. Во февруари годинава српската полиција уапси пет мажи и две жени од Нови Пазар кај кои заплени 76 кутии од чајот „трекс“ затоа што се продавал без дозвола од Министерството за здравство, а со тестирање се открило и дека ја содржи забранетата супстанција која производителот не ја напишал во составот. 

Во Швајцарија се предвидени строги анализи и за прехранбените продукти што нелегално се внесуваат во државата. Чаевите „трекс“ биле запленети на граничен премин и веднаш биле тестирани од агенцијата за лекови „Свис медик“. Анализите покажале дека во чајот има присуство на сибутрамин. Властите ги забраниле чаевите, а информацијата ја објавиле на веб-страница на која има посебна секција од сите производи што содржат сибутрамин со цел граѓаните во секое време да може да го проверат производот. 

„Во тесна соработка со швајцарската царина, сомнителните производи се запленуваат и се тестираат на непријавени фармацевтски состојки. Дополнително, соработуваме со национални и регионални швајцарски власти за да се иницираат соодветни мерки за забрана на производите од пазарот. За штетноста на чајот ги информиравме и турските власти“, велат од агенцијата за лекови „Свис медик“ за ИРЛ. 

На 4 април годинава, на Системот за брзо предупредување за храна и добиточна храна, француските власти информираа дека ги заплениле штетните турските чаеви „трекс“, за кои исто така утврдиле дека содржат сибутрамин. 

Во Македонија анализи за непријавени фармацевтски состојки не се прават ни кога производите се регистрирани и контролирани од Агенцијата за храна и ветеринарство. АХВ прави само рутински анализи со кои проверува дали производот ги има сите природни продукти што се наведени во составот. Производителите никогаш не го наведуваат сибутраминот во составот затоа што е забранет, па така АХВ никогаш не ги ни тестира производите за неговото евентуално присуство. 

Со оваа пракса во Македонија повеќе од една деценија се дозволува да се продаваат суплементи со сибутрамин од брендот „Слимлајн“. Се увезуваа од Кина како природни додатоци во исхраната, а Агенцијата положи верба само на кинескиот производител и суплементите ги прогласуваше како безбедни за користење. 

Европска усогласеност на македонски начин 

Во европските земји продажбите на социјалните мрежи се регулирани со закон. Но, во Законот за електронска трговија во Македонија изостанува делот за регулирање на ваквиот вид продажби. Доколку профилите што се отворени во Македонија се карактеризираат како продавници, „Инстаграм“ и „Фејсбук“ автоматски ќе ги деактивираат поради неусогласеноста со Законот. 

Од Министерството за економија велат дека не планираат измени во Законот за трговија во кои ќе се вклучи и продажбата на социјалните мрежи, за која во тој случај ќе мора да постои посебна регулација. Законот веќе ни бил усогласен со европските регулативи. 

„Законот за електронска трговија е целосно усогласен со ЕУ-директивата за е-трговија. Од тој аспект не се предвидува измена или дополнување на Законот за електронска трговија“, велат од Министерство за економија. 

По Законот за електронска трговија, од Економија велат дека постапува Државниот пазарен инспекторат кој во реалност нема ингеренции кога се во прашање физички лица кои препродаваат штетни продукти на интернет. Државата не се обидува да најде решение со кое би ги заштитила граѓаните од измами што може да резултираат со нарушено здравје. 

 

 

 

Сашка Цветковска

Сашка Цветковска

Главен и одговорен уредник

Сашка Цветковска е меѓународно наградуван истражувачки новинар и главен уредник на Истражувачка репортерска лабораторија. Цветковска работела на голем број национални и прекугранични истраги кои открија домашен и меѓународен криминал, корупција, недозволена трговија со оружје и војни со дезинформации. Истражувањата на кои што работела биле објавувани во Гардијан, Базфид, Зидојче Цајтунг и други. Нејзините сегашни одговорности се фокусирани на зголемување на влијанието на истражувачко известување преку создавање нови наративи на приказните преку филм и кампањи. Во таа насока во моментов ја извршува позицијата продуцент на документарен истражувачки серијал Редакција. Цветковска десет години е дел од истражувачкиот тим на Меѓународниот проект за известување за организиран криминал и корупција, меѓународна медиумска организација поврзана со ИРЛ. Била член на Бордот на директорит на OCCRP и на Здружението на новинари на Македонија.

Елена Митревска Цуцковска

Елена Митревска Цуцковска

Уредник за развој и операции

Елена Митревска Цуцковска е коосновач на ИРЛ и заедно со уредникот е одговорна за следење и дизајн на процесот на импленетанција на активностите на ИРЛ. Таа е проектен директор на документарниот серијал Редакција. Со новинарите соработува повеќе од 10 години и работела и на други технолошки решенија за подобро пребарување на јавните дати бази на податоци кои ги употребуват нашите репортери со цел нивната работа да биде побрза и поефикасна. По професија е софтвер инженер и графички дијзанер и таа е воедно и првиот технолошки експерт кој е обучен и работи во сферата на медиумите. Дел е од прекугранчата група на технолошки експерти на OCCRP и со своите поинакви вештини допринесува во прибирање и анализа на информации и како истражувач во ИРЛ.

Бојан Стојановски

Бојан Стојановски

Заменик главен и одговорен уредник

Бојан Стојановски е дипломинаран новинар со над десет годишно искуство во медиуми. Работел во телевизиите Алфа, 24 Вести и Алсат од каде доаѓа и станува дел од тимот на ИРЛ. Стојановски низ кариерата следел теми од областа на судството, криминал, корупција. Во 2013 - та година ја добива наградата „Никола Младенов“ за истражувачко новинарство, на тема „Вработување во јавната администрација преку партиски список“.

Деница Чадиковска

Деница Чадиковска

Уредник за развој и операции

Деница Чадиковска е дипломиран психолог, која својата новинарска кариера ја започнува во 2017 година како коавтор и копродуцент на младинската емисија Крик. Чадиковска стана дел од тимот на ИРЛ во 2018 година како истражувачки новинар – практикант во рамки на проектот за обучување на идни медиумски лидери. Во јуни 2023 година таа доаѓа на позицијата уредник за комуникации задолжен за спроведување на комуникациската стратегија на ИРЛ како дел од тимот за комуникации и продукти.

Mаја Јовановска

Mаја Јовановска

Истражувач и новинар

Mаја Јовановска е дипломоран новинари и следи теми од областа на корупција, криминал и правосудство. Во долгогодишната кариера работела во бројни медиуми како А1 телевизија, Канал 5 телевизија, Алсат и порталот НОВАтв пред да се придружи на основачкиот борд на ИРЛ во 2018. Добитник е на домашни признанија и награди и има учествувано на голем број обуки и конференции од областа на истражувачкото новинарство. Била член на раководството на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници на Македонија и Советот на Етика во медиумите во Македонија, а моментално е дел од раководството на ЗНМ.

Александра Денковска Гоцевска

Александра Денковска Гоцевска

Истражувач и новинар

Александра Денковска Гоцевска е дипломиран новинар со десетгодишно искуство. Работела во дневниот весник Нова Македонија, новинската агенција Мета.мк и порталот НОВАТВ. Во текот на кариерата работела на теми од областа на политика, урбанизам, судство и корупцијата. Со истражувачко новинарство започнува да се занимава во 2015 година кога доаѓа да работи како репортер во истражувачката редакција на НОВАТВ. Учесник е на десетици конференции и работилници за истражувачко новинарство. Автор е на првата андеркавер истражувачка сторија во Македoнија за животот на децата од домот 25 Мај.

Александар Јанев

Александар Јанев

Истражувач и новинар

Александар Јанев е дипломиран економист кој својата кариера како економски новинар ја започнува во 2008 во телевизијата Алфа. Вештините за професионално известување ги учи од врвни економски новинари преку обуки во земјава, но и во странство во новинската агенција „Ројтерс“, Велика Британија. Во 2010 година преминува во печатениот медиум Капитал, каде што работи до 2022 година. Во меѓувреме работи како постојан соработник на Балканска истражувачка репортерска мрежа (БИРН), а од 2018 година е и автор и уредник на ТВ проектот „Агенда 35“ што се емитува на Македонската радио телевизија. Од 2023 е дел од тимот на ИРЛ и следи корупција и економски криминал.

Иван Блажевски

Иван Блажевски

Истражувач и новинар

Иван Блажевски е новинар кој се занимава со теми од областа на меѓународни односи, криминал и корупција. Од 1998 година работи како новинар, а од 2001 година е уредник и дописник на шпанската државна новинска агенција EFE за Македонија, Албанија и Косово. Во својата долгогодишна кариера, Блажевски работел во бројни медиуми како Макпрес, Франс Прес (AFP), Вечер, Дневник, Време и Радио Слободна Европа, а 18 години бил уредник на вестите и документарната програма во ТВ АЛСАТ. Блажевски се придружува на тимот на ИРЛ во 2024 година. Добитник е на награда за истражувачко новинарство од Македонскиот институт за медиуми (МИМ). Има произведувано телевизиски програми во повеќе држави и региони, вклучувајќи Јапонија, Гренланд, Боливија, Кина, Непал, Бангладеш, источна Африка, Куба, Перу, Данска, Италија, Германија и други.

Пелагија Младеновска Стојанчова

Пелагија Младеновска Стојанчова

Истражувач и новинар

Пелагија Младеновска Стојанчова е новинар со над 16 години искуство во медиумската сцена. Својата кариера ја започнува во дневниот весник „Шпиц“ во 2008 година и во неделникот „Сега“. Од 2009 година се придружила на тимот на Радио Слободна Европа на македонски јазик, каде известува за политика, криминал, корупција и економија преку различни медиумски платформи. Од 2024 се вработува во ИРЛ како истражувачки новинар. Дипломирала на Филозофскиот факултет и продолжила образованието на Школата за новинарство на Македонскиот институт за медиуми (МИМ). Во текот на нејзината кариера работела на проекти за едукација и менторство на млади новинари.

Лука Блажев

Лука Блажев

Графички дизајнер

Лука Блажев е графички дизајнер во ИРЛ кој станува дел од тимот во 2019 година. Неговата кариера во полето на графички дизајн и уметност започнува во 2017та година преку работа на повеќе проекти за различни домашни и странски компании. Во ИРЛ, Блажев е задолжен за изнаоѓање графички решенија за истражувањата и дизајн на промотивните содржини кои произлегуваат од истражувањата, а ја следат комуникациската стратегија на ИРЛ. 

Трифун Ситниковски

Трифун Ситниковски

Режисер на "Редакција"

Трифун Ситниковски работи во филмската индустрија повеќе од една деценија. Има снимено повеќе од десетина кратки акциони филмови, кратки документарни филмови и три ТВ серии на кои работел како сценарист, режисер и извршен продуцент. Покрај режија на филмови, има работено и на бројни проекти како продуцент, монтажер, кинематографер, асистент на режисер и претпоставен за сценарио на кратки филмови, ТВ емисии, документарни филмови, реклами и музички спотови. Неговиот последен проект како режисер и сценарист е на документарниот серијал „Редакција“.

"Трајче

Трајче Антоновски

Kинематографер

Трајче Антоновски е снимател и дел од кинематографите на документарниот серијал „Редакција“. Антоновски повеќе од 10 години работи на визуелна реализација на спортски натпревари под покровителство на УЕФА и ЕХФ. Работел во информативната редакција на А1 и порталот НОВА ТВ, а бил дел од тимот за реализација на политичките емисии “Еврозум”, “Проверено”, но и на бројни забавни проекти како популарниот квиз „Кој сака да биде милионер“,„50-50“ и други проекти. Во ИРЛ Македонија е  дел од тимот задолжен за екранизација на сториите.

Горјан Атанасов

Горјан Атанасов

Монтажер и видео уредник

Горјан Атанасов е филмски и ТВ монтажер со повеќе од 8 години искуство во филмската и телевизиска индустрија. Атанасов има работено на повеќе играни и документарни проекти. Досега, како монтажер, се има потпишано на 6 кратки играни, 2 долгометражни документарни филмови, а моментално во ИРЛ работи како монтажер на документарниот серијал „Редакција“ и на кратките видео стории и мултимедијални проекти на организацијата.

„Поштенска банка“ е случај стар повеќе од две децении. Како се приватизирала првата државна банка се истражуваше исто толку долго. Случајот го реотвори во 2018 година тогашното Специјално јавно обвинителство. Но, по распадот на СЈО, случајот го презеде Обвинителството за гонење организираниот криминал и корупцијата. 

На 13 јуни 2024 година Кривичниот суд во Скопје, поради политичката интервенција на владата на СДСМ и ДУИ во спорните измени на Кривичниот законик, ја запре постапката. Таа се водеше против бизнисменот Томе Главчев, актуелен претседател на Кошаркарската федерација на Македонија, потоа Ратко Димитровски, поранешен градоначалник на Кочани од ВМРО-ДПМНЕ и адвокатот Зоран Шуклев.

Тие беа гонети за делата злоупотреба на службената положба и за перење пари. Преку надзорот било утврдено дека во решението на Кривичниот суд не е наведено по кој член од Законот за кривична постапка (ЗКП) се запира постапката.

Обвинителството за гонење на организираниот криминал и корупцијата, незадоволно од одлуката на Кривичен, поднело жалба со образложение дека Главчев, Димитровски и Шуклев треба да одговараат барем за делото перење пари.

Сепак, вишиот јавен обвинител Јован Цветановски се откажал од правото на жалба пред Апелација, а таквата одлука ја објаснил преку службена белешка во која причините за повлекување од жалбата биле, како што се наведува во надзорот, целосно контрадикторни и нејасни.

„Јавните обвинители Лиле Стефанова и Елвин Вели сметаат дека со откажувањето од жалбата на Основното јавно обвинителство за гонење на организираниот криминал и корупцијата, јавниот обвинител од Вишото јавно обвинителство Скопје не постапил професионално, стручно и законито“, стои во извештајот. 

Но, обвинителот Џелал Бајрами сметал дека Цветановски постапил согласно неговите надлежности. Со откажувањето од жалба Апелацискиот суд повеќе немал можност да расправа по жалбата на Обвинителството за гонење на организираниот криминал и корупцијата и случајот бил затворен.

Вториот случај е за бесправно градење во Зелениково на Драган Павловиќ-Латас и неговите двајца браќа Звездан и Срѓан Павловиќ. Кривичниот суд ги ослободил од вина на 4 јули 2019 година, а на 18 јули 2022 година на повторното судење била донесена истата одлука. 

Јавното обвинителство Скопје поднело жалба која на 10 октомври 2023 година била уважена и била закажана седница пред Апелацискиот суд во Скопје. На 6 ноември 2023 предметот бил рефериран во Јавното обвинителство каде што биле присутни тогашниот државен обвинител Љубомир Јовески, јавните обвинители Ферат Елези и Соња Симовска и вишите јавни обвинители Мустафа Хајрулахи и Јован Цветановски.

„Заклучокот по однос на реферирањето на јавниот обвинител кој го застапува предметот пред Апелацискиот суд да предложи да изготви вештачење дали преземените дејствија во предметот во градежните работи претставуваат подготвителни дејствија и да се утврди датумот на отпочнување на градежните работи. Да се повика вешто лице на главната расправа и да се расчистат дилемите“, пишува во извештајот од надзорот во ВЈО Скопје. 

Веќе следниот ден одбраната на браќата Павловиќ пред Апелацискиот суд доставила нов доказ - наод и мислење изготвено од вешто лице. Цветановски побарал рочиштето да се одложи за вкрстено да може да го испраша вештакот. Но, тогаш според надзорот се случило следното:

„Јавниот обвинител на расправата не ги поставил прашањата што ги најавил на записник од 7.11.2024 година, а на поставените прашања не добил одговор од вештото лице на спорните прашања од реферирањето пред Јавното обвинителство на Република Северна Македонија“, пишува во извештајот. 

Цветановски не постапил по насоките добиени на колегиумот во обвинителството да се изготви вештачење и наместо тоа го прифатил вештачењето на адвокатите на одбраната.

„Јавниот обвинител постапил спротивно на член 37 од Правилникот за внатрешно работење на јавните обвинителства според кој заземениот став и мислење по реферирањето е задолжителен за пониското јавно обвинителство“, напишале обвинителите Лиле Стефанова и Елвин Вели во документот од надзорот. 

Но, третиот член на комисијата за надзор, Џелал Бајрами, бил со став дека Цветановски постапил согласно заклучоците од реферирањето пред колегиумот во обвинителството.

Третиот предмет кој бил анализиран е случајот „Серта“ за тендери за чистење владини институции. Предметот стигнал во Вишото обвинителство откако Основното обвинителство поднело жалба на одлуката на Кривичниот суд.

Овој суд при оцена на обвинителниот акт ги прифатил приговорите на обвинетиот Спасо Ѓеорѓиев и фирмата „Серта“ кои биле гонети за злоупотреба на постапката за јавен повик. ОЈО на 29 јануари 2024 година ја обжалило ваквата одлука на судот.

Токму за овој случај има известување за вршење притисок врз службеничка во Вишото јавно обвинителство Скопје која ги архивирала и распределувала предметите. Добила наредба од тогашниот шеф на Вишото обвинителство Мустафа Хајрулахи со насоки кај кој обвинител да го додели случајот.

„За предметот ‘Серта’ ми беше кажано да му го заведам и дадам на јавниот обвинител Јован Цветановски“, изјавила службеничката Даниела Лапе, вработена во ВЈО Скопје, чие сведочење е дел од извештајот од надзорот.

На рочиштето на 9 април 2024 година во Апелацискиот суд, вишиот обвинител Цветановски се откажал од жалба.

„Од увидот во службена белешка од 9.4.2024 година видно е дека јавниот обвинител ги анализира доказите приложени кон обвинителниот акт, што е спротивно на одредбите од Законот за кривична постапка, член 336 и член 337, имајќи ја предвид фазата во која се наоѓал предметот“, пишува во извештајот од надзорот.

Во оваа насока е и правното мислење на Врховниот суд од 7.12.2021 година дека Советот за оцена на обвинителен акт не ги анализира доказите ниту, пак, го оценува квалитетот на доказите. Тој само треба да внимава дали некој доказ е прибавен на незаконит начин, нешто што требало да биде фокус за произнесување и на Јован Цветановски.

„За предметот е донесена пресуда на Врховниот суд на Република Северна Македонија 11.9.2024 година. Во оваа пресуда е констатирана повреда на законот во корист на обвинетите, а во самата пресуда е наведено дека ваквата повреда, сторена од страна на Советот за оцена на обвинителен акт, можела да биде санирана доколку Вишиот јавен обвинител не се откажал од изјавената жалба“, стои во документот од надзорот. 

Јавните обвинители Лиле Стефанова и Елвин Вели во заклучоците за овој предмет напишале дека со откажувањето од жалбата обвинителот Цветановски не постапил професионално, стручно и законито и се впуштил во анализа на докази и постоење на умисла за сторување кривично дело. Но, тоа требало да го утврдува надлежен суд. Сепак, и за ова јавниот обвинител Џелал Бајрами сметал дека Јован Цветановски постапил согласно неговите надлежности. 

Последниот, четврти, случај кој бил контролиран повторно е на обвинителот кој е под бројот римско два - Јован Цветановски. Станува збор за точење алкохолни пијалаци на дете.

Судот во Неготино ги прогласил за виновни Ѓорѓи Лазов и Илија Вангелов и правното лице ДПТУ „С.О.С. обезбедување“ ДОО Неготино. Обвинетите биле незадоволни од пресудата, па поднеле жалба по што бил оформен предмет во ВЈО Скопје.

На 3 февруари 2023 година Апелацискиот суд во Скопје ја укинал пресудата и предметот го вратил на повторно судење. Јован Цветановски не се појавил на јавната расправа во Апелација, а претходно ВЈО Скопје оценило дека жалбите на обвинетите се неосновани.

На 8 мај 2023 година судот во Неготино донел нова пресуда во која обвинетите биле прогласени за виновни, по што тие повторно поднеле жалба.

„На 23.8.2023 година од страна на јавниот обвинител во Вишото јавно обвинителство Скопје, Јован Цветановски, до Апелацискиот суд Скопје е доставен писмен предлог КОЖ.бр. 1187/23 со кој се предлага жалбите на обвинетите да се одбијат како неосновани“, се наведува во извештајот од надзорот. 

Цветановски дополнително објаснил дека во повторното судење судот во Неготино постапил по насоките дадени од Апелација и биле отстранети сите констатирани повреди во првостепената постапка. Но, само неколку месеци подоцна Јован Цветановски се премислил.

„На расправа на 26.12.2023 година јавниот обвинител се откажува од обвинението. Од увидот во пресудата на Апелацискиот суд Скопје на расправата пред судот не бил изведен ниту еден нов доказ и со ништо не била променета фактичката состојба од моментот на давањето на предлогот“, стои во извештајот од надзорот.

На истиот ден, 26 декември 2023 година, Цветановски изготвил службена белешка дека се откажал од обвинение затоа што немало докази за делото.

За ваквиот начин на постапување, единствено мислење имаат сите тројца обвинители кои го вршеле надзорот, Лиле Стефанова, Елвин Вели и Џелал Бајрами, кој за претходните три случаи беше со став дека Цветановски постапувал законито. Сега и Бајрами сметал дека Цветановски постапил спротивно на правилата.

„Јавните обвинители Лиле Стефанова, Елвин Вели и Џелал Бајрами сметаат дека, имајќи ги предвид писмените предлози во двете постапки и ставовите искажани во нив, а во ситуација кога на главната расправа не се изведени нови докази, со откажувањето од обвинението јавниот обвинител не постапил професионално, стручно и законито“, нотирале тројцата обвинители во извештајот од надзорот.

Но, извештајот кој содржи 20 страници е потпишан само од обвинителите Лиле Стефанова и Елвин Вели. Џелал Бајрами не се потпишал на документот кој откако бил изработен му бил доставен на тогашниот државен обвинител Љупчо Коцевски.

Во прилог на извештајот има службена белешка од Бајрами, како и известување од петте службенички за начинот на кој Мустафа Хајрулахи им вршел притисок да заведуваат и распределуваат предмети во Вишото обвинителство додека бил шеф.