Press "Enter" to skip to content

Брутално газење врз професионалните стандарди во едно нечесно интервју

Веќе подолго време новинарите на ИРЛ се предмет на вулгарни и нецивилизирани напади од страна на Оливера Јосифовска, сопруга на претседателот на Макпетрол Андреја Јосифовски, како еден од топ фановите на докторот Жан Митрев. Митрев е е огласувач во телевизијата Телма, поседувана од Макпетрол. Нивното семејство е дел од стоте најбогати луѓе во балканскиот регион, моќ којашто е неспоредлива со онаа на малите и непрофитни организации како ИРЛ. Преку националната концесија доделена од граѓаните на државата, тие имаат и огромно влијание врз живејачката на граѓаните и врз креирањето на политиките во земјата. Последното интервју на Снежана Лупевска Созен со докторот Жан Митрев покажа како медиумите наместо за интересот на јавноста, креираат содржини кои што им служат на лукративни поединци, нивните моќни пријатели и медиумските огласувачи. 

Оваа содржина е реакција на интервјуто во дебатната емисија „Топ Тема“ емитувано во понеделникот на 09.01.2023 година во 19:15 часот на телевизијата Телма, а во коешто директорката и главна уредничка Снежана Лупевска Созен разговараше со Жан Митрев, доктор и основач на истоимената клиника. Редакцијата на Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) смета дека емитуваното интервју беше нечесно, непрофесионално, неетичко и незаконско, а начинот на којшто е замислено и спроведено, укажува дека постојат поинакви мотиви кои немаат ништо заедничко со јавниот интерес – темелниот принцип на функционирањето на медиум којшто ги негува начелата на одговорност, плурализам и непристрасност и којшто освен саморегулација, во случајот на националните радиодифузери подлежи и на законска регулација. 

Сакаме однапред да направиме дистинкција меѓу менаџментот на телевизијата и водечкото уредништво, две функции вршени од г-ѓата Снежана Лупевска Созен, и новинарите во телевизијата Телма коишто немаат моќ да одлучуваат што ќе се емитува во информативната програма и коишто како наши колеги, покажале икслучителна истрајност и верба дека чесните и доборнамерни професионалци ќе успеат да станат водечки гласови во медиумите. Новинарите не знаеле ниту имале мандат да интервенираат во содржините за коишто главната уредничка и директорка веќе одлучила согласно овластувањата доделени од компанијата основач „Макпетрол“. 

Редакцијата на ИРЛ испрати прашања коишто според нас се клучни во утврдување на прекршувањата на стандардите и законите од страна на телевизијата Телма и директорката и главна уредничка, г-ѓа Снежана Лупевска Созен. 

Лупевска Созен потврди дека ги примила прашањата, но истите не ги одговори тврдејќи дека е на службен пат во Париз. 

Истражувачката репортерска лабораторија се консултираше со домашни експерти и со експерти и колеги од Меѓународниот проект за известување за организиран криминал и корупција (OCCRP) бидејќи ИРЛ е редакција којашто има процедури на ветинг на информациите, односно прочистување и проверка, дури и кога станува збор за нашите сопствени ставови бидејќи само информации кои минуваат низ проверка можат да го задоволат професионалниот, етичкиот и законскиот минимум на чесно информирање на јавноста. 

Нашите аргументи: Како се прекршени стандардите и законот за медиуми

Со цел фер и професионално информирање на јавноста, ИРЛ одлучи преку прашањата пратени до г-ѓата Лупевска Созен да направи пресек на прекршените етички и законски норми и да даде редакциски став на неодговорените прашања од страна на директорката и одговорна уредничка на Телма. И покрај продолжувањето на рокот за одговор,  г-ѓата Лупевска Созен до денеска не одговори на нашите прашања. 

Прашање #1: Кои беа мотивите за интервјуто со докторот Жан Митрев? 

Редакциски став на ИРЛ: Добрата редакциска пракса подразбира транспарентна уредувачка политика. За пласираните содржини не се одлучува волонтерски, туку во дебата со уредничкиот и новинарски колегиум. Толеранцијата на различни мислења и гледишта кои ќе ни помогнат да креираме содржини од висок јавен интерес почнува секое утро на редакциски колегиум кадешто одлуките и концептите се креираат базирани на широка дискусија, а не на мислењето на една личност којашто од позиција на моќ одлучува како јавноста ќе биде информирана. 

  Телевизијата Телма беше еден од ретките медиумите којшто не извести ништо за документарниот филм „Нечиста крв“ објавен на 17 јули 2022 година. До интервјуто на 09.01.2023  објавија вкупно осум вести на оваа тема, од кои три се технички изјави на министерот Беким Сали, а три вести се со следните наслови:  „Група пациенти излечени од Ковид-19 во клиниката Жан Митрев со поддршка за сопственикот“; „Доктор Митрев: Сите наводи во „Нечиста крв“ се неточни, се води хајка против мене“ и „Клиника Жан Митрев: Целосно соработуваме со институциите“.

  Не е невообичаено одредени медиуми да одберат дали ќе известуваат за одредени теми бидејќи по правило секој медиум има своја уредувачка политика којашто во професионални услови би требало да се базира на јавно објавена уредувачка стратегија или сет од стандарди на коишто телевизијата е посветена.  

  Во текот на понеделникот (09.01.2023) Основното јавно обвинителство дистрибуираше покана до медиумите по повод резултатите од истрагата иницирана по објавата на документарниот филм „Нечиста крв“. Час подоцна телевизијата Телма го најави присуството на гостинот Жан Митрев. Професионалноста налага да се предвидат последиците и ризиците од едностраното информирање на јавноста  и како тоа во иднина ќе влијае врз сите прозвани во интервјуто. Стандардите и законите кои што ја регулираат работата на радиодифузерите забрануваат скриено рекламирање и влијанија на сопствениците и менаџментот врз уредувачката политика. 

Прашање #2: Дали врз одлуката да се прави интервју со докторот влијаеле рекламирањето на болницата во медиумот или личните конекции на членови на семејството Јосифовски кои раководат со компанијата Макпетрол, фирма основач и сопственик на телевизијата Телма?

Редакциски став на ИРЛ: Медиумите имаат одговорност да им служат на граѓаните, бидејќи тие постојат за нив. Нивната цел е да ја информираат јавноста, објективно и непристрасно. Кога сопствениците на медиумите го третираат новинарството исклучиво како бизнис, граѓанинот веќе не е граѓанин, туку е клиент на кого нешто треба да му се продаде, а за чие внимание медиумите се борат со помош на манипулативни тактики. 

Во Законот за медиуми има дефиниција што е улогата на уредникот, што е улогата на уредувачкиот тим и јасно е истакнато дека не треба да постои линк помеѓу сопственикот и уредувачкиот тим. Рекламите кои носат големи профити за сопствениците на медиумите можат да бидат обиди за влијание врз уредувачката политика и информациите кои ќе се презентираат на јавноста. 

  Оливера Јосифовска, сопругата на претседателот на Управниот одбор на Макпетрол, кој е сопственик на Телма, Андреа Јосифовски, јавно преку својот фејсбук-профил ги набеди новинарите од ИРЛ: „Абдали пробуваат да влијаат на пациентите… класичен рекет“. Целата емисија преку манипулативни и наведувачки прашања сугерираше дека ИРЛ е дел од организиран напад на болницата,а новинарите се рекетари, ставови идентични со оние на госпоѓата Јосифовска. 

  Клиниката Жан Митрев се рекламира во овој медиум и во утринската програма се емитува емисија Телма Амбуланта каде што докторите се секојдневни гости. Уредничката пропушти соодветно да го декларира конфликтот на интерес и ги прекрши начелата на транспарентност и правичност. Скриеното рекламирање е забрането со закон. 

  Кога почнавме да го истражуваме докторот Жан Митрев по пријавата на Мелита Брезева и останатите семејства, во медиумите речиси не можевме да најдеме ништо негативно за Митрев или за болницата „Жан Митрев“. Повеќето вести што ги најдовме беа технички или пак промотивни, додека пак форумите беа преполни со анонимни сведоштва на незадоволни пациенти. Брезева и другите семејства, пред да дојдат во ИРЛ побарале помош од неколку национални телевизии, во обид да ја дознаат вистината. Но, биле одбиени од сите медиуми поради конфликти со маркетинг секторот. Жан Митрев е познат по своите агресивни маркетинг кампањи во огромен број на медиуми. Тоа се средства кои се исплаќани до телевизиите и медиумите на месечно ниво и не смеат да бидат занемарени. 

Извадоци од коментари на социјалната мрежа Фејсбук

Прашање #3 и #4: Во интервјуто посветивте цел блок прашања за наводни скриени мотиви на редакцијата на ИРЛ во креирањето на документарниот филм „Нечиста крв“. Дали е честа пракса во вашите интервјуа да го скратите правото на одговор на нападнатата страна во услови кога однапред сте знаеле кои ќе бидат прашања и темите на разговор со докторот Жан Митрев? 

Дали сметавте дека неколку пати во текот на интервјуто имавте наведувачки прашања кон соговорникот и  директно му ги насочувавте одговорите со кои поуспешно би се одбранил во јавноста. Дали тоа е вообичаена новинарска пракса во вашите интервјуа?

Редакциски став на ИРЛ: Во третиот блок од интервјуто, што Лупевска Созен го најави како делот во кој ќе зборуваат за мотивите, таа постојано го води својот соговорник Жан Митрев низ прашањата, пробувајќи да дојде до одговор на прашањето кои се мотивите зад објавувањето на документарецот „Нечиста крв“, со тоа сугерирајќи дека ние сме ја излажале или измамиле јавноста и сме го исценирале случајот на пријавување од страна на 22 – те семејствата од Македонија, Албанија и Косово. 

  Со овие наведувачки прашања новинарката го прекршува член 3 од Етичкиот кодекс на новинари: „Новинарите имаат право на свое мислење, став и вредносен суд, но не смеат сопственото мислење да го камуфлираат како факти“, a со тоа што не бевме ни повикани ни прашани го прекршува член 1 од Кодексот: „Новинарот треба да обезбеди „втора страна“, односно да им даде можност на сите засегнати од новинарскиот производ да го кажат својот став. Ова особено во случаи кога новинарот изнесува сомневања или обвинувања или кога некој е предмет на напад и критика“.

  ИРЛ како медиум којшто се води според начелата на новинарството ги контактираше сите засегнати страни во истражувањето „Нечиста крв“, а ја контактираше и Лупевска Созен пред објавувањето на овој текст. 

  Нападот од страна на уредничка и директорка на национална телевизија кон мала организација на која не ѝ се дава ни право да се одбрани им даде предност на елитите. За разлика од нив, обичните граѓани немаат моќни пријатели помеѓу олигарсите кои што контролираат медиуми или, пак, пари да си закупат интервју на телевизија.

Пример #1

СНЕЖАНА ЛУПЕВСКА СОЗЕН: Е сега, кога зборуваме за мотивите, има ли некакви мотиви затоа што се објавуваа шпекулации дека инвестициски фонд, можеби американски преку Албанија или пак албански бизнисмен сака да ја купи и слично. Дали имавте таква конкретна понуда откако беше објавена сторијата? 

Пример #2

СНЕЖАНА ЛУПЕВСКА СОЗЕН: Можете ли да ни кажете дали е вистина, бидејќи вие во едно соопштение негирате дека се работи за албански бизнисмен или за фонд кој што е американски а кој што има седиште можеби во Албанија?

ЖАН МИТРЕВ: Па видете, не се битни сега веќе поединости, битно е дека имав, да, повеќе од четири, значи за време на најголемата атака одеднаш се јавија четири-пет понудувачи. Дали било така случајно или намерно не сум јас тој да судам. Меѓутоа, точно е дека одеднаш се јавија многу заинтересирани страни. 

СНЕЖАНА ЛУПЕВСКА СОЗЕН: Со која цена? Апсолутно различна од таа претходно? 

ЖАН МИТРЕВ: Па, кај некој немаше дефинирана цена. Некои веќе имаа некои предлози за цена кои беа да речам, не баш прифатливи. Така да, дали е тоа заедно искомбинирано…

СНЕЖАНА ЛУПЕВСКА СОЗЕН: Дали најдовте поврзување некакво, дали е мотивот кај конкурентските приватни болници во државава или е мотивот кај одредени политичари коишто имаат аспирации да имаат болница? 

ЖАН МИТРЕВ: Конкурентските приватни болници се тие, можеби една, нема друга. Тие уште во 2008 година сакаа да ме купат. Во 2008-ма. Потоа, 2011, 2012 се сеќавате кога беше првиот голем атак за да таканаречен тендер кога требаше да ми го преземат делот во тогашна Воена болница. Јавно се наддававме, јавно пред камери и кога достигна 100.000 евра киријата.

СНЕЖАНА ЛУПЕВСКА СОЗЕН: Значи еден од мотивите може да го барате таму. 

Прашање #5: Сметате ли дека направивте фер и чесно интервју во насока на информирање на јавноста за теми од широк јавен интерес согласно професионалните и етички стандарди? 

Редакциски став на ИРЛ: Новинарите имаат одговорност темелно и обемно да ја истражат темата за која ќе зборуваат во јавноста, особено новинарка која што била на  водечки уреднички и менаџерски позиции во речиси сите национални телевизии во текот на најмалку две децении. Лупевска Созен едуцирала и тренира и новинари во дел од стратешките проекти на стратешките донатори во земјата посветени на промовирање на фундаменталните вредности како промовирање на слободата на говор и медиумскиот плурализам, борбата со дезинформации и борба со корупција и криминал. Ова дополнително ги проблематизира мотивите на телевизијата и уредничката за вакво интервју.  

Интервјуто направи дефокус од главните откритија на документарецот и неговиот тек му дозволи на соговорникот да ги извртува фактите. Новинарката потфрли да го соочи Митрев со клучните пронајдоци и се фокусираше на работи кои не беа ни предмет на истражувањето. Телевизијата Телма за разлика од сите медиуми во земјава и регионот воопшто и не го пренесе истражувањето, а реакциите од министерот подоцна беа пренесувани како технички куси изјави на начин којшто не обезбеди разбирање и контекст. 

Пример #3

ЖАН МИТРЕВ: Дури и едниот од пациентите кој беше посочен во таа фамозна таканаречена емисија, тој пациент беше месец дена на интензивна нега. Тој беше интубиран, тој беше во најтешка форма на болеста од ковид и ние од тоа го извлековме. Тој се од сето тоа извлече и на крај екстубиран беше слаб организам и сето тоа тргна на добро. Направи компликација додатна од короната која правеше микроемболии, емболии, мозочни удари и тоа беше ударот од кој тој пациент почина. Каде ние тука некого излажавме или нешто погрешивме. 

СНЕЖАНА ЛУПЕВСКА СОЗЕН: Дали некој од пациентите во тоа време или некој од семејствата имаше некаква пријава против вас или доаѓаа да укажуваат дека сте ги измамиле?

ЖАН МИТРЕВ: Значи ние илјадници пациенти збринавме и тоа најтешките болни и тие од сите градови на Македонија. Значи нашите брзи помоши во тоа време контирнуирано работеа нон стоп. Грев е веќе да кажам дека ова сето ни се направи на нас зошто и како ќе најдеме можеби. 

СНЕЖАНА ЛУПЕВСКА СОЗЕН: Ќе видиме тоа ќе ве прашам во текот на емисијата дали мислите дека можеби имало некои други мотиви? 

Прашање #6: Сметате ли дека го запазивте стандардот на правичност со кој што во новинарските продукти кои ги креирате ќе сте максимално фер и објективни и ќе овозможите повеќе гледишта, вклучувајќи го и правото на одговор? 

Редакциски став на ИРЛ: Како што сугерира и самата уредничка, третиот блок на интервјуто е целосно фокусиран да ги разобличи „вистинските“ мотиви за ова истражување и за можното обвинение. Посветени се десетина минути на тоа да се черечи работата на истражувањето „Нечиста крв“, а притоа им е ускратено правото на одговор на новинарите на ИРЛ, не се обезбедени различни гледишта и е дозволен напад од страна на соговорникот Митрев и презентирање на шпекулации како да се факти. 

Прашање #7: „Новинарот ќе ги чува угледот и достоинството на својата професија, ќе ги поттикнува заемната солидарност и различност на ставовите и нема да го употреби својот медиум за пресметка со личности, вклучувајќи ги и своите колеги“, е цитат од Кодексот на новинари на Здружението на новинари (ЗНМ). Според вашата проценка, сметате ли дека вашето вчерашно интервју беше проблематично од овој аспект? 

Редакциски став на ИРЛ: Ако тргнеме само од аспектот на балансот на моќта, во најмала рака е непримерно национална телевизија како Телма да посветува содржини со коишто ќе учествува во обесхрабрување на малите непрофитни организации кои се едни од ретките во земјата кои специјализирано известуваат за домашна и прекугранична корупција и криминал.

Лупевска и Телма ги загрозија новинарите на ИРЛ

Содржината не само што нанесе штети по угледот, туку поттикна и масовно онлајн вознемирување на новинарите на ИРЛ кое што содржеше говор на омраза, навреди, клетви и закани за ликвидација. Најголем дел од овие коментари се видливи и во коментарите на социјалните мрежи. Со начинот на којшто ова интервју беше егзекутирано, уредничката свесно го прекрши начелото на втората страна и на перфиден и нетранспарентен начин ја злоупотреби довербата на граѓаните. 

Во ниедна демократија на светот фокусот на известување не се новинарите, туку оние кои што ја имаат моќта. Ваквите продукти им помагаат на подземјата и лукративните бизнис лобисти, а овој конкретен продукт не го оправда јавниот интерес.. Дополнително, уредничката ги виктимизираше и жртвите од документарниот филм со тоа што даде простор за нивен напад без и ним да им овозможи право на одговор, како што налагаат професионалните и етички стандарди, но и Законот за медиуми којшто на радиодуфезирте им налага да го почитуваат начелото на плурализам во презентацијата на информациите. 

Редакцијата на ИРЛ ќе поднесе преставки до Советот на честа при ЗНМ, до Советот за етика во медиумите и до Агенцијата за медиуми со намера да се утврди дали постоеле прекршувања на повеќе членови од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

Сашка Цветковска

Сашка Цветковска

Главен и одговорен уредник

Сашка Цветковска е меѓународно наградуван истражувачки новинар и главен уредник на Истражувачка репортерска лабораторија. Цветковска работела на голем број национални и прекугранични истраги кои открија домашен и меѓународен криминал, корупција, недозволена трговија со оружје и војни со дезинформации. Истражувањата на кои што работела биле објавувани во Гардијан, Базфид, Зидојче Цајтунг и други. Нејзините сегашни одговорности се фокусирани на зголемување на влијанието на истражувачко известување преку создавање нови наративи на приказните преку филм и кампањи. Во таа насока во моментов ја извршува позицијата продуцент на документарен истражувачки серијал Редакција. Цветковска десет години е дел од истражувачкиот тим на Меѓународниот проект за известување за организиран криминал и корупција, меѓународна медиумска организација поврзана со ИРЛ. Била член на Бордот на директорит на OCCRP и на Здружението на новинари на Македонија.

Елена Митревска Цуцковска

Елена Митревска Цуцковска

Уредник за развој и операции

Елена Митревска Цуцковска е коосновач на ИРЛ и заедно со уредникот е одговорна за следење и дизајн на процесот на импленетанција на активностите на ИРЛ. Таа е проектен директор на документарниот серијал Редакција. Со новинарите соработува повеќе од 10 години и работела и на други технолошки решенија за подобро пребарување на јавните дати бази на податоци кои ги употребуват нашите репортери со цел нивната работа да биде побрза и поефикасна. По професија е софтвер инженер и графички дијзанер и таа е воедно и првиот технолошки експерт кој е обучен и работи во сферата на медиумите. Дел е од прекугранчата група на технолошки експерти на OCCRP и со своите поинакви вештини допринесува во прибирање и анализа на информации и како истражувач во ИРЛ.

Бојан Стојановски

Бојан Стојановски

Заменик главен и одговорен уредник

Бојан Стојановски е дипломинаран новинар со над десет годишно искуство во медиуми. Работел во телевизиите Алфа, 24 Вести и Алсат од каде доаѓа и станува дел од тимот на ИРЛ. Стојановски низ кариерата следел теми од областа на судството, криминал, корупција. Во 2013 - та година ја добива наградата „Никола Младенов“ за истражувачко новинарство, на тема „Вработување во јавната администрација преку партиски список“.

Деница Чадиковска

Деница Чадиковска

Уредник за развој и операции

Деница Чадиковска е дипломиран психолог, која својата новинарска кариера ја започнува во 2017 година како коавтор и копродуцент на младинската емисија Крик. Чадиковска стана дел од тимот на ИРЛ во 2018 година како истражувачки новинар – практикант во рамки на проектот за обучување на идни медиумски лидери. Во јуни 2023 година таа доаѓа на позицијата уредник за комуникации задолжен за спроведување на комуникациската стратегија на ИРЛ како дел од тимот за комуникации и продукти.

Mаја Јовановска

Mаја Јовановска

Истражувач и новинар

Mаја Јовановска е дипломоран новинари и следи теми од областа на корупција, криминал и правосудство. Во долгогодишната кариера работела во бројни медиуми како А1 телевизија, Канал 5 телевизија, Алсат и порталот НОВАтв пред да се придружи на основачкиот борд на ИРЛ во 2018. Добитник е на домашни признанија и награди и има учествувано на голем број обуки и конференции од областа на истражувачкото новинарство. Била член на раководството на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници на Македонија и Советот на Етика во медиумите во Македонија, а моментално е дел од раководството на ЗНМ.

Александра Денковска Гоцевска

Александра Денковска Гоцевска

Истражувач и новинар

Александра Денковска Гоцевска е дипломиран новинар со десетгодишно искуство. Работела во дневниот весник Нова Македонија, новинската агенција Мета.мк и порталот НОВАТВ. Во текот на кариерата работела на теми од областа на политика, урбанизам, судство и корупцијата. Со истражувачко новинарство започнува да се занимава во 2015 година кога доаѓа да работи како репортер во истражувачката редакција на НОВАТВ. Учесник е на десетици конференции и работилници за истражувачко новинарство. Автор е на првата андеркавер истражувачка сторија во Македoнија за животот на децата од домот 25 Мај.

Александар Јанев

Александар Јанев

Истражувач и новинар

Александар Јанев е дипломиран економист кој својата кариера како економски новинар ја започнува во 2008 во телевизијата Алфа. Вештините за професионално известување ги учи од врвни економски новинари преку обуки во земјава, но и во странство во новинската агенција „Ројтерс“, Велика Британија. Во 2010 година преминува во печатениот медиум Капитал, каде што работи до 2022 година. Во меѓувреме работи како постојан соработник на Балканска истражувачка репортерска мрежа (БИРН), а од 2018 година е и автор и уредник на ТВ проектот „Агенда 35“ што се емитува на Македонската радио телевизија. Од 2023 е дел од тимот на ИРЛ и следи корупција и економски криминал.

Иван Блажевски

Иван Блажевски

Истражувач и новинар

Иван Блажевски е новинар кој се занимава со теми од областа на меѓународни односи, криминал и корупција. Од 1998 година работи како новинар, а од 2001 година е уредник и дописник на шпанската државна новинска агенција EFE за Македонија, Албанија и Косово. Во својата долгогодишна кариера, Блажевски работел во бројни медиуми како Макпрес, Франс Прес (AFP), Вечер, Дневник, Време и Радио Слободна Европа, а 18 години бил уредник на вестите и документарната програма во ТВ АЛСАТ. Блажевски се придружува на тимот на ИРЛ во 2024 година. Добитник е на награда за истражувачко новинарство од Македонскиот институт за медиуми (МИМ). Има произведувано телевизиски програми во повеќе држави и региони, вклучувајќи Јапонија, Гренланд, Боливија, Кина, Непал, Бангладеш, источна Африка, Куба, Перу, Данска, Италија, Германија и други.

Пелагија Младеновска Стојанчова

Пелагија Младеновска Стојанчова

Истражувач и новинар

Пелагија Младеновска Стојанчова е новинар со над 16 години искуство во медиумската сцена. Својата кариера ја започнува во дневниот весник „Шпиц“ во 2008 година и во неделникот „Сега“. Од 2009 година се придружила на тимот на Радио Слободна Европа на македонски јазик, каде известува за политика, криминал, корупција и економија преку различни медиумски платформи. Од 2024 се вработува во ИРЛ како истражувачки новинар. Дипломирала на Филозофскиот факултет и продолжила образованието на Школата за новинарство на Македонскиот институт за медиуми (МИМ). Во текот на нејзината кариера работела на проекти за едукација и менторство на млади новинари.

Лука Блажев

Лука Блажев

Графички дизајнер

Лука Блажев е графички дизајнер во ИРЛ кој станува дел од тимот во 2019 година. Неговата кариера во полето на графички дизајн и уметност започнува во 2017та година преку работа на повеќе проекти за различни домашни и странски компании. Во ИРЛ, Блажев е задолжен за изнаоѓање графички решенија за истражувањата и дизајн на промотивните содржини кои произлегуваат од истражувањата, а ја следат комуникациската стратегија на ИРЛ. 

Трифун Ситниковски

Трифун Ситниковски

Режисер на "Редакција"

Трифун Ситниковски работи во филмската индустрија повеќе од една деценија. Има снимено повеќе од десетина кратки акциони филмови, кратки документарни филмови и три ТВ серии на кои работел како сценарист, режисер и извршен продуцент. Покрај режија на филмови, има работено и на бројни проекти како продуцент, монтажер, кинематографер, асистент на режисер и претпоставен за сценарио на кратки филмови, ТВ емисии, документарни филмови, реклами и музички спотови. Неговиот последен проект како режисер и сценарист е на документарниот серијал „Редакција“.

"Трајче

Трајче Антоновски

Kинематографер

Трајче Антоновски е снимател и дел од кинематографите на документарниот серијал „Редакција“. Антоновски повеќе од 10 години работи на визуелна реализација на спортски натпревари под покровителство на УЕФА и ЕХФ. Работел во информативната редакција на А1 и порталот НОВА ТВ, а бил дел од тимот за реализација на политичките емисии “Еврозум”, “Проверено”, но и на бројни забавни проекти како популарниот квиз „Кој сака да биде милионер“,„50-50“ и други проекти. Во ИРЛ Македонија е  дел од тимот задолжен за екранизација на сториите.

Горјан Атанасов

Горјан Атанасов

Монтажер и видео уредник

Горјан Атанасов е филмски и ТВ монтажер со повеќе од 8 години искуство во филмската и телевизиска индустрија. Атанасов има работено на повеќе играни и документарни проекти. Досега, како монтажер, се има потпишано на 6 кратки играни, 2 долгометражни документарни филмови, а моментално во ИРЛ работи како монтажер на документарниот серијал „Редакција“ и на кратките видео стории и мултимедијални проекти на организацијата.

„Поштенска банка“ е случај стар повеќе од две децении. Како се приватизирала првата државна банка се истражуваше исто толку долго. Случајот го реотвори во 2018 година тогашното Специјално јавно обвинителство. Но, по распадот на СЈО, случајот го презеде Обвинителството за гонење организираниот криминал и корупцијата. 

На 13 јуни 2024 година Кривичниот суд во Скопје, поради политичката интервенција на владата на СДСМ и ДУИ во спорните измени на Кривичниот законик, ја запре постапката. Таа се водеше против бизнисменот Томе Главчев, актуелен претседател на Кошаркарската федерација на Македонија, потоа Ратко Димитровски, поранешен градоначалник на Кочани од ВМРО-ДПМНЕ и адвокатот Зоран Шуклев.

Тие беа гонети за делата злоупотреба на службената положба и за перење пари. Преку надзорот било утврдено дека во решението на Кривичниот суд не е наведено по кој член од Законот за кривична постапка (ЗКП) се запира постапката.

Обвинителството за гонење на организираниот криминал и корупцијата, незадоволно од одлуката на Кривичен, поднело жалба со образложение дека Главчев, Димитровски и Шуклев треба да одговараат барем за делото перење пари.

Сепак, вишиот јавен обвинител Јован Цветановски се откажал од правото на жалба пред Апелација, а таквата одлука ја објаснил преку службена белешка во која причините за повлекување од жалбата биле, како што се наведува во надзорот, целосно контрадикторни и нејасни.

„Јавните обвинители Лиле Стефанова и Елвин Вели сметаат дека со откажувањето од жалбата на Основното јавно обвинителство за гонење на организираниот криминал и корупцијата, јавниот обвинител од Вишото јавно обвинителство Скопје не постапил професионално, стручно и законито“, стои во извештајот. 

Но, обвинителот Џелал Бајрами сметал дека Цветановски постапил согласно неговите надлежности. Со откажувањето од жалба Апелацискиот суд повеќе немал можност да расправа по жалбата на Обвинителството за гонење на организираниот криминал и корупцијата и случајот бил затворен.

Вториот случај е за бесправно градење во Зелениково на Драган Павловиќ-Латас и неговите двајца браќа Звездан и Срѓан Павловиќ. Кривичниот суд ги ослободил од вина на 4 јули 2019 година, а на 18 јули 2022 година на повторното судење била донесена истата одлука. 

Јавното обвинителство Скопје поднело жалба која на 10 октомври 2023 година била уважена и била закажана седница пред Апелацискиот суд во Скопје. На 6 ноември 2023 предметот бил рефериран во Јавното обвинителство каде што биле присутни тогашниот државен обвинител Љубомир Јовески, јавните обвинители Ферат Елези и Соња Симовска и вишите јавни обвинители Мустафа Хајрулахи и Јован Цветановски.

„Заклучокот по однос на реферирањето на јавниот обвинител кој го застапува предметот пред Апелацискиот суд да предложи да изготви вештачење дали преземените дејствија во предметот во градежните работи претставуваат подготвителни дејствија и да се утврди датумот на отпочнување на градежните работи. Да се повика вешто лице на главната расправа и да се расчистат дилемите“, пишува во извештајот од надзорот во ВЈО Скопје. 

Веќе следниот ден одбраната на браќата Павловиќ пред Апелацискиот суд доставила нов доказ - наод и мислење изготвено од вешто лице. Цветановски побарал рочиштето да се одложи за вкрстено да може да го испраша вештакот. Но, тогаш според надзорот се случило следното:

„Јавниот обвинител на расправата не ги поставил прашањата што ги најавил на записник од 7.11.2024 година, а на поставените прашања не добил одговор од вештото лице на спорните прашања од реферирањето пред Јавното обвинителство на Република Северна Македонија“, пишува во извештајот. 

Цветановски не постапил по насоките добиени на колегиумот во обвинителството да се изготви вештачење и наместо тоа го прифатил вештачењето на адвокатите на одбраната.

„Јавниот обвинител постапил спротивно на член 37 од Правилникот за внатрешно работење на јавните обвинителства според кој заземениот став и мислење по реферирањето е задолжителен за пониското јавно обвинителство“, напишале обвинителите Лиле Стефанова и Елвин Вели во документот од надзорот. 

Но, третиот член на комисијата за надзор, Џелал Бајрами, бил со став дека Цветановски постапил согласно заклучоците од реферирањето пред колегиумот во обвинителството.

Третиот предмет кој бил анализиран е случајот „Серта“ за тендери за чистење владини институции. Предметот стигнал во Вишото обвинителство откако Основното обвинителство поднело жалба на одлуката на Кривичниот суд.

Овој суд при оцена на обвинителниот акт ги прифатил приговорите на обвинетиот Спасо Ѓеорѓиев и фирмата „Серта“ кои биле гонети за злоупотреба на постапката за јавен повик. ОЈО на 29 јануари 2024 година ја обжалило ваквата одлука на судот.

Токму за овој случај има известување за вршење притисок врз службеничка во Вишото јавно обвинителство Скопје која ги архивирала и распределувала предметите. Добила наредба од тогашниот шеф на Вишото обвинителство Мустафа Хајрулахи со насоки кај кој обвинител да го додели случајот.

„За предметот ‘Серта’ ми беше кажано да му го заведам и дадам на јавниот обвинител Јован Цветановски“, изјавила службеничката Даниела Лапе, вработена во ВЈО Скопје, чие сведочење е дел од извештајот од надзорот.

На рочиштето на 9 април 2024 година во Апелацискиот суд, вишиот обвинител Цветановски се откажал од жалба.

„Од увидот во службена белешка од 9.4.2024 година видно е дека јавниот обвинител ги анализира доказите приложени кон обвинителниот акт, што е спротивно на одредбите од Законот за кривична постапка, член 336 и член 337, имајќи ја предвид фазата во која се наоѓал предметот“, пишува во извештајот од надзорот.

Во оваа насока е и правното мислење на Врховниот суд од 7.12.2021 година дека Советот за оцена на обвинителен акт не ги анализира доказите ниту, пак, го оценува квалитетот на доказите. Тој само треба да внимава дали некој доказ е прибавен на незаконит начин, нешто што требало да биде фокус за произнесување и на Јован Цветановски.

„За предметот е донесена пресуда на Врховниот суд на Република Северна Македонија 11.9.2024 година. Во оваа пресуда е констатирана повреда на законот во корист на обвинетите, а во самата пресуда е наведено дека ваквата повреда, сторена од страна на Советот за оцена на обвинителен акт, можела да биде санирана доколку Вишиот јавен обвинител не се откажал од изјавената жалба“, стои во документот од надзорот. 

Јавните обвинители Лиле Стефанова и Елвин Вели во заклучоците за овој предмет напишале дека со откажувањето од жалбата обвинителот Цветановски не постапил професионално, стручно и законито и се впуштил во анализа на докази и постоење на умисла за сторување кривично дело. Но, тоа требало да го утврдува надлежен суд. Сепак, и за ова јавниот обвинител Џелал Бајрами сметал дека Јован Цветановски постапил согласно неговите надлежности. 

Последниот, четврти, случај кој бил контролиран повторно е на обвинителот кој е под бројот римско два - Јован Цветановски. Станува збор за точење алкохолни пијалаци на дете.

Судот во Неготино ги прогласил за виновни Ѓорѓи Лазов и Илија Вангелов и правното лице ДПТУ „С.О.С. обезбедување“ ДОО Неготино. Обвинетите биле незадоволни од пресудата, па поднеле жалба по што бил оформен предмет во ВЈО Скопје.

На 3 февруари 2023 година Апелацискиот суд во Скопје ја укинал пресудата и предметот го вратил на повторно судење. Јован Цветановски не се појавил на јавната расправа во Апелација, а претходно ВЈО Скопје оценило дека жалбите на обвинетите се неосновани.

На 8 мај 2023 година судот во Неготино донел нова пресуда во која обвинетите биле прогласени за виновни, по што тие повторно поднеле жалба.

„На 23.8.2023 година од страна на јавниот обвинител во Вишото јавно обвинителство Скопје, Јован Цветановски, до Апелацискиот суд Скопје е доставен писмен предлог КОЖ.бр. 1187/23 со кој се предлага жалбите на обвинетите да се одбијат како неосновани“, се наведува во извештајот од надзорот. 

Цветановски дополнително објаснил дека во повторното судење судот во Неготино постапил по насоките дадени од Апелација и биле отстранети сите констатирани повреди во првостепената постапка. Но, само неколку месеци подоцна Јован Цветановски се премислил.

„На расправа на 26.12.2023 година јавниот обвинител се откажува од обвинението. Од увидот во пресудата на Апелацискиот суд Скопје на расправата пред судот не бил изведен ниту еден нов доказ и со ништо не била променета фактичката состојба од моментот на давањето на предлогот“, стои во извештајот од надзорот.

На истиот ден, 26 декември 2023 година, Цветановски изготвил службена белешка дека се откажал од обвинение затоа што немало докази за делото.

За ваквиот начин на постапување, единствено мислење имаат сите тројца обвинители кои го вршеле надзорот, Лиле Стефанова, Елвин Вели и Џелал Бајрами, кој за претходните три случаи беше со став дека Цветановски постапувал законито. Сега и Бајрами сметал дека Цветановски постапил спротивно на правилата.

„Јавните обвинители Лиле Стефанова, Елвин Вели и Џелал Бајрами сметаат дека, имајќи ги предвид писмените предлози во двете постапки и ставовите искажани во нив, а во ситуација кога на главната расправа не се изведени нови докази, со откажувањето од обвинението јавниот обвинител не постапил професионално, стручно и законито“, нотирале тројцата обвинители во извештајот од надзорот.

Но, извештајот кој содржи 20 страници е потпишан само од обвинителите Лиле Стефанова и Елвин Вели. Џелал Бајрами не се потпишал на документот кој откако бил изработен му бил доставен на тогашниот државен обвинител Љупчо Коцевски.

Во прилог на извештајот има службена белешка од Бајрами, како и известување од петте службенички за начинот на кој Мустафа Хајрулахи им вршел притисок да заведуваат и распределуваат предмети во Вишото обвинителство додека бил шеф.