Press "Enter" to skip to content

Бојан Јовановски: Колку што сум седел со Катица во ресторан, толку сум седел и со Вилма

„Јас живеев за денот кога ќе можам да зборувам јавно, бидејќи сум мета на јавен линч 5 месеци. На јавната обвинителка не и е прв пат да етикетира. Оваа само прогласена естрадна ѕвезда, не планира да докажува ништо. Преку овој предмет се водат валкани политички битки кои завршуваат на моите плеќи. Оваа јавна обвинителка вели дека Катица мене ми давала службени информации, а таа гостуваше во 1ТВ и мене ме информираше за многу кривично правни настани кои ги води. Колку што сум седел со Катица во ресторан, толку сум седел и со Вилма,“ изјави првообвинетиот во случајот „Рекет“ Бојан Јовановски на првото рочиште во Кривичниот суд.

Oбвинителката Вилма Русковска читајќи го обвинението рече дека Катица Јанева заслепена од моќ и од алчност влегла во шемата на Бојан Јовановски, кого го нарече естрадна ѕвезда.

„Имаше еден филм Чарлиевите ангели. Имаше една госпоѓа Катица Јанева која влезе во тој филм, мислејќи дека никој ништо не и може. Но, влезе во мрежата на само наречената естрадна ѕвезда Бојан Јовановски, познат како Боки 13. Обвинителството ќе докаже дека тоа го сторила од алчност и затоа ќе презентира несоборливи докази. Со тоа не се посрамоти само себе си и не ја злоупотреби функцијата специјален јавен обвинител, туку ја предаде довербата на народот“, рече Русковска.

На денешното рочиште третиот обвинитет во овој случај, Зоран Милески – Кичеец призна вина и за него судскиот случај завршува утре со пресуда. Следното судење за Јанева и Јовановски е закажано за в петок.