Press "Enter" to skip to content

Антикорупциска ги крие деталите за имотната состојба на Заев и Анѓушев

Антикорупциската комисија не одзволува увид во деталите од имотните листови на премерот Зоран Заев и вицепремиерот Кочо Анѓушев. ИРЛ побара да го види договорот за подарок на стан во Струмица на сопругата на премиерот Зорица Заева, како и договорот за продажба на удел во „Феро инвест“, фирма во сопственост на Анѓушев. Одлуката на Антикорупциската комисија не е конечна, бидејќи според законот може да се жалиме во Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер. Но, оваа Комисија не функционира од мај минатата година кога остана без кворум за носење одлуки, а изборот на нови членови е закочен во политичкиот пазар во Собранието.  

Премиерот Зоран Заев доаѓа од богато струмичко семејство. Неговиот брат и најблиски братучеди поседуваат голем број фирми и се вклучени во повеќе бизниси – од производство на ајвар до одгледување на канабис за медицински цели. Но, според анкетниот лист кој го доставил до Антикорупциската Заев е потпросечен македонски граѓанин кој живее во куќата на неговите родители и нема сопствен имот. За неговата имотна состојба често пати добивал прашања од новинарите, а секогаш негово објаснување е дека се’ што поседува не е негова лична, туку семејна сопственост.

„Јас мојот личен имот го имам пријавено во имотниот лист. Немам моја куќа, туку живеам во семејна куќа со мојот брат и мојот татко. Пријавени се дури и нивите во Муртино, но и тие не се лично мои, туку на потесното семејство“, изјави Заев лани во интервју во емисијата „Проверено“.

Анкетен лист на Зоран Заев

За прв пат откако е на премиерската позиција Заев неодамна пријавил промена во имотната состојба. Стан од 46 квадрати во Струмица како имот на неговата сопруга. За потеклото на станот објаснил дека е добиен како подарок. Пријавената вредност на станот е 14.600 евра.

ИРЛ согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер побара увид во договорот за подарок на Зорица Заева. Но, оттаму по писмен пат ни соопштија дека барањето „СЕ ОДБИВА“.

„Документите кои се бараат содржат лични податоци кои се заштитени со закон“, пишува во одговорот.

Антикорупционерите објаснуваат дека ги разгледале последиците кои можат да настапат доколку позитивно се одговори на барањето и дозволат увид во договорот за подарок и сметаат дека заштитата на личните податоци во имотниот лист на премиерот е приоритет, а не јавниот интерес.

„ДКСК смета дека доколку бараните документи бидат доставени до барателот, штетните последици врз интересот кој се заштитува се поголеми во однос на јавниот интерес“, пишува во образложението.

Одговор од Антикорупциска комисија

Истото објаснување е и во случајот на продажбата на уделот во фирмата „Феро инвест“ на вицепремиерот Кочо Анѓушев, за кој ИРЛ побара увид во договорот.

Анкетен лист на Кочо Анѓушев

ИРЛ одбра да го изоди регуларниот пат за добивање на податоците согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер. Можевме да пратиме прашања во Владата лично до Заев и Анѓушев. Дали Зорица Заева го добила станот како подарок од нејзините родители, роднини, пријатели можевме да го прашаме Заев и на прес конференција, исто како и Анѓушев. Можеби ќе одговореа, можеби не. Но, целта на оваа сторија е да објасниме што се случува кога не функционираат независните тела за контрола на работата на власта. Во овој случај Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер.

Оваа Комисија не функционира од мај 2018 година кога претседателот Ѓорѓи Сламков си даде оставка, а на уште двајца членови им заврши мандатот. Во февруари годинава на предлог на владејачкото мнозинство во Собранието беше избрана за член во Комисијата мајката на Боки 13, Јасмина Јовановска, но по само еден ден од назначувањето таа се повлече од функцијата. Ова институција повеќе од година и пол има само претседател Блерим Исени и е целосно нефункционална. Затрупана е со жалби како второстепен орган до кој може граѓаните да се жалат доколку бидат одбиени нивните бара за слободен пристап. Во оваа Комисија во фиока ќе остане и барањето на ИРЛ за анкетните листови на премиерот и вицепремиерот, се додека власта и опозицијата не се договорат за кадровските решенија.

Заев во интервјуто за „Проверено“ лани во мај рече дека оваа влада се залага за силни институции со интегритет, кои ќе вршат надзор над нејзината работа.

„Нашите намери за контролори на власта се искрени. Целта е преку сите овие регулатори, преку сите овие супервизори на тоа што работи власта да поставиме експерти. Со договор со опозицијата, по пат на транспарентен оглас и транспарентна постапка“, рече уште лани Заев.

Но, наместо функционални институции има целосна блокада. Државниот завод за ревизија е обезглавен, без можност воопшто да функционира. Во иста позиција се и Дирекцијата за заштита на личните податоци, Програмскиот совет на МРТ, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.

Политичкиот пазар во Собрание го кочи функционирањето на неколку државни институции

Повеќе од Насловна централнаПовеќе теми во Насловна централна »
Повеќе од СторииПовеќе теми во Стории »