Министерството за финансии најави засилени контроли за електронската трговија и онлајн купувањата. Министерката Нина Ангеловска, рече дека ќе има зголемени контроли за поединци и компании кои не се регистрирани во системот, а кои продаваат одредени производи на интернет. Освен ова, Ангеловска додава дека ќе се изработи и конкретен акциски план и платформа каде ќе можат да се пријават нерегистрираните продавачи. Апелира, граѓаните да бидат внимателни што и од каде купуваат на социјалните мрежи.
„Единствено кога губи сивата економија, добиваат сите“ – вели Ангеловска.
Таа рече дека нерегистрираните дејности во електронската трговија земаат замав, а од друга страна има потенцијал кој може да се искористи за економски раст. Овде најчесто се нерегистрирани поединци, кои носат роба од други земји и ја продаваат на социјалните медиуми. Според Ангеловска, потребна е взаемна соработка на сите засегати страни со цел да се сузбие сивата економија во овој сектор и да се заштитат институциите, реалниот сектор и купувачите.
„Ќе формираме работна група затоа што од една страна производите влегуваат на пазарот, од друга страна има некој кој ги продава овие производи на социјалните мрежи, а од трета страна го имаме купувачот кој ги купува производите, а за тоа не добива фискална сметка. На крајот се сведува на тоа купувачот, кој не е задоволен, да поднесе жалба до Државниот пазарен инспекторат, кој не може да реагира, бидејќи нема фискална сметка. Мораме и на крајните потрошувачи да им обратиме внимание да внимаваат од каде порачуваат, за сите заедно да ги заштитиме и купувачите, и институциите и да му помогнеме на реалниот сектор“, изјави Ангеловска на денешната тркалезна маса за сузбивање на даночната евазија во е-трговијата.