Press "Enter" to skip to content

Заев најави метла и за министри од СДСМ и ДУИ

Непосредно пред вториот круг на претседателските избори, премиерот Зоран Заев гостуваше во емисијата „Отворено“ на Телевизија 24 . Тој, како и на сите предизборни митинзи и средби на кои присуствуваше со претседателскиот кандидат Стево Пендаровски, најави дека ја примиле пораката која граѓаните ја испратиле во првиот круг и веднаш почнало да се работи на тоа.

Според него, една од причинита за слабата излезност во првиот круг од претседателските избори и загубата на гласови која СДСМ ја имаше споредено со локалните избори, но и со референдумот е поради тоа што граѓаните се разочарани од одредни поединци од власта. Тој на неколкупати повтори дека пораката што граѓаните ја испратија во првиот круг е примена и дека веднаш по изборите ќе има промени и реконструкција во Владата.

„Сето она што е под мене како премиер и за што јас можам да одлучувам, веднаш по изборите ќе добие завршница. А за се она што не можам да донесам одлука или пак да разрешам ќе повикам на одговорност и  јавно ќе говорам дека треба да се направат промени“, рече Заев.

Тој најави дека веднаш по изборите ќе направи владина реконструкција во која ќе бидат заменети неколку министри. Премиерот не сакаше со име да ги посочи министрите кои ќе бидат заменети, но рече дека реконструкцијата ќе опфати министри и од СДСМ и од ДУИ.

„Никој нема да биде поштеден во реконструкцијата на владата“, рече Заев, потенцирајќи дека тој веќе има предвид кои министри се ставени под лупа.

Тој смета дека голем дел од социјалдемократите се разочарани затоа што голем дел од нив очекувале дека со СДСМ на власт ќе биде исто како што било и со ВМРО- ДПМНЕ, мислејќи на партиските вработувања, но децидно тврди дека тоа никогаш нема да се случи.

„Се она што Антикорупциска го потврди како случај во кој имало влијание, или пак судир на интерес ќе биде испочитувано. Тоа се изолирани случаи, неколку луѓе веќе се повлекоа, а за сите оние кои влијаеле ќе има одговорност. Одговорност ќе има и за директорите доколку Комисијата одлучи дека преземале незаконски дејствија“, рече Заев.

Премиерот зборуваше и за мебелот од телешка кожа набавен за МЕПСО, за кој рече дека не знае дали било најдобро време сега да се потрошат толку пари за таа намена.

„Точно е дека во спецификациите за тендерот мора да пишува какви точно треба да бидат столиците, но дали тогаш беше најдобро време да се набават столици од 400.000 евра не знам. Но со сигурност можам да кажам дека не може градоначалник да набавува возило од 80.000 евра во време кога Владата дава помош од 50 милиони евра за општините. Не е фер и не е чесно кон граѓаните“, рече Заев.

За политиките на непотизам и погрешните луѓе кои дошле на позиција, Заев рече дека неговата одговорност ја гледа во тоа што ги поставил тие луѓе кои не работеле за интересот на граѓаните и граѓаните не се задоволни од нив.

„Ние дадовме многу примери со кои разрешивме наши луѓе. Наш човек-градоначалник беше уапсен кога беше фатен во нелегални активности. Ние го уапсивме и покажавме дека секој што работи спротивно на законот ќе биде казнет. Наш човек- директор беше разрешен поради 5.000 евра карта за Америка. Не знам што повеќе да направиме, ако некој очекува да се полиеме со бензин и да се запалиме, нема да го сториме тоа“, истакна Заев.