ИРЛ лани во декември го објави документарниот филм „Украдени животи“ во кој откри како организирана група со фалсификување на лични карти оштетиле повеќе од стотина граѓани и во нивно име земале брзи кредити. Измамниците имале помош од вработен во Фондот за здравство кој им обезбедувал податоци. Тројца од осомничените коишто ги откри ИРЛ се уапсени, а еден е веќе во притвор за измама со затајување данок.
Со украдени податоци од Фондот за здравство, група измамници правеле лажни и преправале вистински лични карти и со нив подигнувале брзи кредити низ земјава. Овие податоци ги добивале од службеник вработен во Фондот за здравство преку кого доаѓале до матичните броеви и работните места на граѓаните кои ги измамиле.
„За четворица од осомничените меѓу кои и едно службено лице од Фондот за здравствено осигурување е поведена истрага за кривични дела – фалсификување исправа, злоупотреба на лични податоци и компјутерска измама, додека останатите 39 се опфатени во постапката со поединечни дејствија на помагање и соизвршителство во секој од случаите поединечно“, објави денеска Основното јавно обвинителство.
Дел од осомничените лажирале податоци за вработување на невработени лица, прикажувајќи ги како кредитоспособни, па врз основа на тие податоци извлекувале пари од кредитните друштва. Оштетените граѓани потоа не можеле да го вратат долгот кој во нивно име ги земала криминалната измамничка група.
Ваквите лажни податоци осомничените ги користеле за да подигнат и по неколку кредити од различни друштва во само еден ден. Потоа парите ги извлекувале од сметките на оштетните граѓани.
Обвинителството пресмета дека штетата од овие кривични дела изнесува над три милиони денари.
Од Фондот за здравство од каде протекле лични податоци со кои потоа се креирале лажни идентитети, за ИРЛ посочија дека уште пред неколку месеци биле информирани оти полицијата ги следи активностите на двајца нивни вработени. МВР побарале од нив да обезбедат податоци до какви документи имаат пристап.
„Секој вработен којшто има пристап до доверливи документи и лични податоци потпишува изјава за доверливост и одговорност и доколку го прекрши тоа одговара кривично. Сепак не можеме да бараме системска одговорност тука, ова е индивидуална одговорност на самиот вработен“, велат од ФЗО.
Истрагата се отвора четири месеци откако ИРЛ го објави документарниот филм „Украдени животи“ кој откри многу детали токму за овој случај.
Во меѓувреме до ИРЛ стигнаа уште неколку десетици пријави од граѓани кои биле оштетени на ист начин. Дел од нив поднеле и пријави до МВР откако на фотографиите објавени во документарниот филм ги препознале лицата кои ги измамиле.
Што откри истражувањето на ИРЛ
Истражувањето на ИРЛ се фокусираше на случајот на Марија Костовска чиј идентитет беше украден. Потоа со фалсификувана лична карта беше задолжена во седум финансиски друштва за брзи кредити што никогаш не ги подигнала. Костовска првично била заведена во Кредитното биро како должник на 146 илјади денари кои подоцна со камати и провизии се дуплираа.
Во текот на истрагата се појавија и други должници кои биле измамени на сличен начин како неа. Нивните лични податоци биле ставени на фалсификувани лични карти и во нивно име биле подигнати кредити. Тоа коинцидира со одлуката на измамниците да отворат сметки во Капитал банка, па исто како и во случајот со Костовска и оттаму со измама земале пари од брзи кредити.
Истражувајќи го случајот на Марија Костовска и нејзиниот украден идентитет, ИРЛ откри дека зад измамите стоеле добро организирани лица. Утврдивме дека освен преку фалсификувани лични карти, граѓани станувале мета на измама и преку фиктивни вработувања во компании што ги отворале измамниците за лицата да бидат во работен однос, а тоа е олеснителна околност за да се добие брз кредит.
Новинарите на ИРЛ прегледаа стотици документи и разговараа со десетици лица и адвокати во обид да пронајдат повеќе жртви и да откријат кој и на каков начин ги правел измамите.
На почетокот на истражувањето, пред новинарите воопшто да откријат како функционирале овие измами, дојдовме до контакт со Димитар Кратовски кој во улога на „укажувач“, сакаше да ни објасни како функционира системот на измами со брзи кредити преку украдени идентитети и лажни лични карти.
Кратовски во интервју за проектот „Редакција“ на ИРЛ рече дека никогаш не бил вклучен во вакви измами, туку дека познава луѓе кои го правеле тоа.
Во видео интервјуто тој имаше улога на „таен извор“ со заштитен идентитет. Ни рече дека најчесто податоците ги обезбедуваат од државни институции, а измамниците имале свои луѓе и во банки.
Но, по неколку месеци, додека нашето истражување сѐ уште траеше, откривме дека тој имал улога во компании каде што фиктивно биле пријавувани граѓани за да станат кредитоспособни и подоцна бидат злоупотребени.
Барајќи го за друго дело, Кратовски потоа стана осомничен во предистрагата на Обвинителството и за случајот со измамите со брзите кредити.
Измамничките шеми и предаторските пракси на продавниците за брзи пари се резултат на речиси непостоечкиот надзор врз оваа банкарска индустрија. Само шест службеници од Министерството за финансии контролираат 220 подружници на 27 финансиски друштва во Македонија.
Откако документарниот филм „Украдени животи“ беше објавен, ИРЛ во неколку наврати бараше одговори од Министерството за финансии и Владата дали разгледувале начини како да се воспостави поголема контрола и надзор врз финансискте институции.
Владата очекува надлежното Министерство за финансии по спроведени анализи и контроли да достави извештај до нив. Потоа документот ќе бил детално разгледан и врз основа на добиените параметри ќе се преземеле следни чекори во насока на подобрување на функционирањето на финансиските друштва.