Press "Enter" to skip to content

Тајните на „заматената“ хаварија во рудникот Тораница

Тимот репортери на ИРЛ направи детален временски редослед на настаните од моментот кога од рудникот Тораница во Крива Река се излева сива маса налик бетон. Хаваријата настанува затоа што над цевката што пукнала во кругот на рудникот, се чувал осиромашен олово – цинков концентрат којшто водата го повлекла и го однела во реката. Доказите посочуваат дека државните институции напати ја излажаа јавноста, додека инспекторот од животна средина кој требало а не зел мостри е поранешен вработен во рудникот. „Булмак 2016“ не е кој било инвеститор – зад него стојат луѓе поврзани со организираниот криминал во Бугарија. Раководството на рудникот често може да се види со високи функционери – како на пример поранешниот премиер Зоран Заев и актуелниот Христијан Мицкоски.

Известуваат: Александар Јанев; Александра Денковска Гоцевска; Графика: Лука Блажев

Овесот и компирот се намирници широко препознатливи и препорачливи како здрава  храна. Еден од регионите во земјава кој е познат по производство на големи количини на овие видови на зеленчук е Славишкото Поле во кривопаланечко. Низ Славиште тече Крива Река која извира на Осоговските Планини и го наводнува полето. Ја дели Крива Паланка на два брега, но поминува и во непосредна близина на рудникот за олово и цинк, „Тораница“ од каде што со вода се полни од уште една притока, Тораничка Река.

Фото: Google Earth за местоположбата на Тораница, Крива Река и Крива Паланка

Токму од тука, од рудникот кој е класифициран со категоријата Г1 – тешка и загадувачка индустрија и се наоѓа на листата на 16 жешки еколошки точки што претставуваат најголема опасност за животната средина, произлегува и ризикот за производството на храната во Славишко Поле, од здрава да стане опасна по здравјето.

ИРЛ откри детали како се случила еколошката катастрофа во рудникот Тораница минатиот месец и како наместо овластени инспектори од Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) веднаш да излезат на теренот, побарале од општински инспектор без ингеренции да изврши увид што се излеало во Крива Река, а понатаму и во Пчиња.

Истражувавме што точно се случи, кој е виновен и кој ги штити виновниците?

Оловна река  

На 14 март годинава, чистата планинска вода на Крива Река по течението потемне со темна сива боја. Тоа создаде вознемиреност и паника меѓу граѓаните на Крива Паланка и околните населени места.

На своите профили на социјалните мрежи многу граѓани од регионот почнаа да споделуваат морничави видеа и фотографии од загадената река. Коментираа дека изгледа како низ коритото да тече бетон.

Меѓу првите кои реагирале биле рибарите од локалното риболовно друштво „Мрена“. Загрижени од тоа што го виделе, тие околу 9.30 часот кај селото Узем коешто е лоцирано непосредно до самиот рудник, зеле примероци од водата. Подоцна ги дале на испитување во Центарот за јавно здравје.

„Резултатите кои ние ги добивме покажаа значително загадување на водата. Најстрашно е што во периодот кога се случи катастрофата се мрести поточната пастрмка. Таа ја фрла икрата која сега е покриена со талог и целиот мрест е уништен“, објаснија од „Мрена“ за ИРЛ.

Повици од загрижени граѓани утрото добил и општинскиот инспектор за животна средина, Зоран Павловски од Крива Паланка. Меѓу другите, нему му се јавил и неговиот колега, Зоран Стојнев од Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС). Го замолил да појде до рудникот и да направи увид, иако самиот Павловски не бил надлежен за инспекција на рударскиот капацитет којшто има А интегрирана еколошка дозвола. Такви ингеренции имале само инспекторите од ДИЖС, но тие дента, заедно со директорката Ивана Гиновска, биле во работна посета на соседниот рудник Саса во Македонска Каменица, на околу 2 часа возење од Тораница.

Првиот впечаток на локалниот инспектор Павловски бил дека се работи за голема еколошка катастрофа.

„На мостот на Крива Река во село Узем, оваа темносива боја беше уште позначителна и тоа првично ми укажуваше дека во самиот рудник Тораница, на јаловиштето или во процесот на флотација, се има случено хаварија“, рече Зоран Павловски за ИРЛ.

Неговиот колега од ДИЖС, Зоран Стојнев, кој инаку до 2022 година бил вработен во „Булмак 2016“, му рекол дека тие ќе направат увид кога ќе се вратат, доколку е потребно.

Кога ИРЛ разговараше со Стојнев и Гиновска тие ни рекоа дека на денот на инцидентот, тие во 10.30 часот по електронска пошта и телефонски добиле пријава од концесионерот на Тораница. Тоа се четири часа подоцна откако дошло до излевањето, а не веднаш, како што првично тврдеше раководството на рудникот.

Оттука, клучно е зошто се чекало толку за да се пријави инцидентот и што се случувало во тие четири часа додека не бил известен ДИЖС?

Дури попладнето на 14 март, во 13.28 часот, стигнува и официјално известување до јавноста од ДИЖС дека од компанијата концесионер на рудникот, „Булмак 2016“ е пријавен „инцидент со истекување на технолошка вода која се користи во процесот на флотација на олово – цинковата руда“.

Меѓутоа, без да направат сопствен увид, повикувајќи се само на напишаното од концесионерот, државните инспектори известија дека водата што истекла не содржела хемиски средства бидејќи била истечена пред да дојде во погонот за преработка на рудата, односно оти е само заматена.

Фото: Принтскрин од фејсбук страницата на Државен инспекторат за животна средина

Според записникот на ДИЖС што беше објавен подоцна, инспекторите на увид во Тораница отишле дури во 16.20 часот.

Еколошка катастрофа во сенка на злосторот во Кочани

Ден по хаваријата и градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски повикал акредитирана лабораторија (скопската „Технолаб“) да земе примероци од водата во Крива Река за да утврди евентуално присуство на отрови.

Но, целиот случај тогаш падна во сенка на трагичниот пожар во дивото кабаре „Пулс“ во Кочани. Ниту државните институции, ниту од риболовното друштво, ниту пак градоначалникот не споделија никакви нови информации.

Потоа дури на 28 март на прес-конференција градоначалникот на Крива Паланка, Митовски, ги објави добиените резултати од испитувањето на водата од Крива Река.

Тој сподели дека анализите покажале зголемување на присуството на цијанид во водата за 14 пати над дозволеното. Цијанидот е исклучително отровен и се смета за една од најсмртоносните хемиски супстаниции. Но, цијанидот е и брзо разградлив. Тоа упатува на можноста на денот на инцидентот концентрациите да биле многу поголеми и со тоа и водата далеку повеќе затруена. 

Освен со цијанид, анализата покажа и десеткратно зголемување на концентрациите на олово над граничните вредности и зголемени концентрации на други тешки метали.

„Ние ќе бараме кривична одговорност за хаваријата што се случила во рудникот Тораница. Ќе бараме и одговорност од инспекторите од Државниот инспекторат за животна средина бидејќи во јавноста проширија погрешни информации дека не станува збор за некакво загадување, уште пред да имаат било какви резултати за тоа“, рече Митовски на прес-конференцијата.

Што се обиде да скрие концесионерот и што навистина се случило

Концесионерот на рудникот Тораница, компанијата „Булмак 2016“ дури на 2 април на прес-конференција хронолошки ги опиша настаните како што се случувале на 14 март. 

Концесијата за ископ и преработка на олово и цинк во Тораница ја има компанијата Булмак 2016, чиј сопственик е бугарската фирма Минстрој. Оваа концесија за ископ на минерални суровини на површина од 4 километри квадратни има важност до 2046 година.

Освен со Тораница, истиот концесионер стопанисува и со рудникот Злетово.

Газда на Минстрој е контроверзниот бизнисмен Николај Валканов. Тој е редовно присутен во Македонија. Последно овде во јавноста се појави лани на 28 август, на одбележувањето на Денот на рударите во друштво на премиерот Христијан Мицкоски. Претходно двајцата заедно беа во посета на рудникот „Булмак-Злетово“. Со Мицкоски лани се гледаше и во екот на предизборната кампања.

Валканов имаше слични средби и со Зоран Заев додека беше премиер и секогаш во јавноста имаше пофални зборови за соработката со македонските власти. Дотолку повеќе што на почетокот на мандатот на претходната власт, „Минстрој“ влезе и во бизнис соработка со луѓе блиски до Заев.

Во јуни 2018 година, формирана е фирмата „Бул-билдинг“ во Струмица. Сопственици се „Минстрој холдинг АГ“ и Александар Пиперевалиев кој е прв братучед на Драги Рашковски, близок пријател на Заев и поранешен генерален секретар осуден за измама со набавка на софтвери.

Фирмата има решение за производство и продажба на канабис, а управител е Гоце Мојсоски којшто претходно беше директор и на Тораница.

Во одреден период, партнери во оваа компанија биле и контроверзниот српски бизнисмен Предраг Колувија и Горан Крстев, исто така близок соработник на Заеви.

Сопственикот на „Минстрој“, Николај Валканов никогаш не расчисти со своето минато и поврзаноста со озлогласена компанија „Мултигруп“. Тој беше заменик – претседател на „Мултигруп“ и еден од најблиските соработници на сопственикот Илија Павлов, оквалификуван во американските дипломатски извештаи како „доајен на бугарскиот организиран криминал“. Павлов стана жртва на нарачано убиство во 2003 година. Потпретседателот на „Мултигруп“, Николај Валканов преживеа, се здоби со академски титули, неговиот бизнис расте, а неговите политички врски и влијание го ставија во категоријата регионални олигарси.

Бугарската корпорација „Мултигруп” беше обвинета за вмешаност во атентатот врз поранешниот македонски претседател Киро Глигоров. Тогашниот прв човек на МВР, Љубомир Фрчкоски, јавно ја обвини оваа бугарска компанија за поврзаност со атентатот врз Глигоров. Една година подоцна Глигоров го примил Илија Павлов во летната резиденција „Билјана” на Охридско Езеро. На средбата Павлов го уверувал Глигоров дека тој нема никаква врска со атентатот врз него. „Мултигруп“ беше и сопственик на акции во „Балканска банка-Скопје”.

Снимката од надзорната камера свртена кон управната зграда на компанијата во кругот на фабриката, покажува дека во 6 часот и 21 минута одеднаш се излева вода која тече по патот кон пријавницата. По неколку минути, калливата вода одеднаш ја менува бојата во интензивна сива и излевањето трае до околу 7 часот. Според нивните кажувања, од пукната цевка се излеале од 300 до 500 кубни метри технолошка вода за која тврдеа дека била чиста. Меѓутоа, јавноста виде снимка од само една безбедносна камера и само до околу 7 часот по кога раководството тврди дека истекувањето било запрено.

„Водата од цевководот за јамска вода, освен природни, механички нечистотии (ситни честички и зрна од карпести материјали) мобилизирани од поројниот тек, не содржи никакви хемиски или друг вид супстанции. Тоа значи дека краткорочното заматување на Крива Река е како резултат на поројот од надојдената вода која со себе влечела земја, песок и кал“, рече тогаш директорот на „Булмак 2016“, Тони Тоневски.

Пред да влезе во рударскиот бизнис, тој во два мандата беше градоначалник на Пробиштип како кадар на сега владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ.

Но, тоа што не го кажаа од компанијата, а е клучно за да се разбере што истекло во водата од пукнатата цевка, се гледа на фотографиите што ги доби ИРЛ од хаваријата.

Имено, над местото каде што пукнала цевката, всушност се чувал осиромашен концентрат со олово и цинк. Тој имал идентична сива боја каква што се излеа во реката. Водата со себе го повлекла концентратот што бил оставен на исцедување, а со тоа Крива Река се замати и се загади со тешки метали.

Тие не се разградуваат, туку се таложат и на крај може да завршат во земјоделските поизводи. Ова за ИРЛ го потврди и општинскиот инспектор за животна средина, Зоран Павловски.

„Немам дилема дека од увидот на самото место видов дека цевката пукнала каде што се чувал осиромашен олово – цинков концентрат“, ни рече Павловски. 

Но, директорот на „Булмак 2016“, Тоневски, во разговор за ИРЛ ги демантираше овие наводи. Тој тврдеше дека заматената вода со интензивна сива боја всушност се обоила од калта и раздробениот асфалт по патот каде што течела. На прашањето што имало над цевката што пукнала, Тоневски ни одговори:

„Тампон. Обичен тампон од шљунак. Дробен песок. Не може да има концентрат зашто ние концентратот го продаваме“, тврдеше Тоневски.

Хаотични анализи и резултати

Анализа на загаденоста на водата направија општината, рибарите и самиот концесионер „Булмак 2016“, но не и Државниот инспекторат за животна средина, чија обврска е токму тоа.

Резултатите не можат да се споредат бидејќи сите примероци биле земани од различни локации и во различно време. Се испитувало присуство на различни супстанции.

Но, сите анализи водата ја категоризирале како петта категорија што значи многу загадена и оти не смее да се употребува за ниту една намена. Концентрацијата на штетни супстанции ги надмина дозволените нивоа на токсичност за водниот свет.

Освен општината, чии анализи покажаа десетици пати поголемо присуство на цијанид и олово, резултатите на риболовците кои зеле мостри од две места дента кога се случила хаваријата, исто така покажаа енормно загадување.

Првата мостра била земена кај селото Узем, односно под мостот што се наоѓа на околу половина километар од јаловиштето на Тораница. Овие резултати покажуваат 22 пати поголемо присуство на кадмиум од дозволеното. Тој е исклучително отровен метал, рангиран во првата група најканцерогени супстанции. Освен тоа, имало и зголемена концентрација на манган и олово. Но, во нивните испитувања не се испитувало присуство на цијанид.

Втората мостра на риболовното друштво „Мрена“ била земена од селото Жедилово. Од неа се мерела матноста на водата и суспендираните материи. Двете категории се неколку десетици пати повисоки од граничните вредности.

Компанијата „Булмак 2016“ извршила мерења во два наврати. Првото мерење го направиле на 14 март, а второто на 26 март. Зеле три мостри на различни локации. Според резултатите, присуството на цијанид било во рамките на граничните вредности. Имало само одредено зголемување на концентрациите на олово, односно 52 микрограми на литар, а  дозволеното ниво е 10 микрограми на литар. 

Анализите по нарачка на „Булмак 2016“ ги правела компанијата Еуромак, но ИРЛ забележа некозистентност во изјавите на директорот Тоневски. Тој првично тврдеше дека мострите од водата ги зеле заедно со инспекторите.

„Јас мислев дека примероците од водата се земени во присуство на инспекторите, но тие всушност се земени во координација со инспекторите“, рече Тоневски за ИРЛ.

На нашето прашање дали е доведена во прашање веродостојноста на анализите бидејќи немаат сведоци за начинот како ги зеле примероците, ниту за местата ниту за времето, Тоневски само кусо одговори: „Да“.

Директорката на ДИЖС, Ивана Гиновска, потврди дека нејзините инспектори дента кога настанала хаваријата, не зеле мостри од реката, иако во услови на итност имаат таква можност, според Законост за инспекциски надзор во животната средина.

 „Инспекторите се самостојни и независни и сами проценуваат како да постапат“, одговори Гиновска на прашањето од ИРЛ.

Подоцна на прес-конференција Гиновска ја извести јавноста дека „екоцид не се докажува со земање на еден литар од едно место само со еден примерок, туку со сеопфатна анализа“, која патем токму тие како најповикани не ја направиле.

„Инспекторите не зеле мостри, тоа е точно, но јас како директор ги побарав сите испитувања и ми се доставени на увид“, рече Гиновска.

Потоа и Инспекцискиот совет потврди дека „тројцата инспектори од ДИЖС кои не зеле примероци од загадената вода на Тораничка и Крива Река кога се случи излевањето од рудникот Тораница, не си ја завршиле работата како треба“.

Инспекциски совет решение
Фото: Инспекциски совет-одговор на претставка

Од страна на ДИЖС, засега е изречена парична казна за „Булмак 2016“ од 180.000 до 200.000 евра заради самиот инцидент со пукнатата цевка, а директорката потврди дека концесионерот потпишал спогодба. Тоа значи дека оваа казна може да се преполови од страна на Комисијата за спогодување како орган во Министерството за животна средина.

Тешки метали завршуваат во храната

Експертите што ги консултиравме велат дека доколку се потврди дека во реката всушност завршил некаков концентрат на олово или цинк, тогаш станува збор за исклучително опасно загадување.

„Осиромашен концентрат е многу побогат со тешки метали како олово или цинк отколку јаловината, па оттука и поопасно е евентуалното такво излевање. Дополнителни анализи треба да покажат колкаво е загадувањето, бидејќи овие тешки метали се таложат во милта во водата“, ни рече Трајче Стафилов универзитетски професор од Институтот по хемија и врвен експерт за загадување на животната средина со тешки метали.

Во отсуство на нови анализи од надлежните државни институции, Стафилов ни сподели дека пред десетина години неговиот тим правел испитувања на седиментите од Крива Река. Утврдиле дека има присуство на тешките метали, олово, арсен, кадмиум над интервентните вредности, односно екстремна загаденост дури до 25 километри по течението на реката.

Освен околу Тораница, истражувањето опфатило земање на примероци од почвите, водите и воздухот, во регионите каде што работат рудници за металични суровини. Покажало дека тешките метали не се разградливи и откако ќе се најдат во околината тие се акумулираат во почвите и седиментите, а имаат токсично влијание и врз храната што се произведува во околината.

Професорот Стафилов наведе неколку примери што покажуваат дека токсични елементи неколкукратно над дозволеното се присутни во водите, почвите и воздухот во близина на рудниците.

На пример, во регионот на Пробиштип каде што е лоциран рудникот Злетово, во почвите има токсичен арсен од 20 милиграми во килограм, што е двојно повеќе од просекот во земјава, односно три пати над просекот во Европа. Слична е состојбата со присуството на кадмиум, олово и исклучително опасниот индиум.

Освен во почвата, со овие елементи се контаминира и воздухот преку прашина, така што податоците покажуваат неколкукратно поголемо присуство на истите опасни метали како арсен, олово и кадмиум околу рудниците Злетово, Саса и Тораница, односно во Пробиштип и Македонска Каменица.

Кај рудникот Тораница се утврдило дека почвата и воздухот се минимално контаминирани само до вториот километар, главно поради планинско – кањонскиот терен, но на пример во водите на Крива Река којашто тече во близина на рудникот, седиментите имаат присуство на олово, цинк и кадмиум далеку над интервентни вредности дури до 25 километри.

„Тоа е толку алармантно што во почвите со такви вредности, како што се на пример сите почви околу Велес, не смее да има никакви земјоделски активности“, истакнува професорот Стафилов.

Загрижувачки се и наодите од истражувањата на потенцијално отровни супстанции во храната направени во 2022 година, по земање на 50 примероци од зеленчуци и житарици по течението на Злетовска и Киселичка река во Пробиштип.

„Во сите примероци содржините на олово се меѓу пет и десет пати над максимално дозволените. Половина од примероците имаат присуство на кадмиум над дозволеното“, предупредува Стафилов.  

Според последните процени, рударството во Македонија создава околу 17 милиони тони отпад, од кој четвртина се смета за опасен.

ПОГЛЕДНЕТЕ ЈА ВИДЕО СТОРИЈАТА ЗА ХАВАРИЈАТА ВО КРИВА РЕКА

 

Сашка Цветковска

Сашка Цветковска

Главен и одговорен уредник

Сашка Цветковска е меѓународно наградуван истражувачки новинар и главен уредник на Истражувачка репортерска лабораторија. Цветковска работела на голем број национални и прекугранични истраги кои открија домашен и меѓународен криминал, корупција, недозволена трговија со оружје и војни со дезинформации. Истражувањата на кои што работела биле објавувани во Гардијан, Базфид, Зидојче Цајтунг и други. Нејзините сегашни одговорности се фокусирани на зголемување на влијанието на истражувачко известување преку создавање нови наративи на приказните преку филм и кампањи. Во таа насока во моментов ја извршува позицијата продуцент на документарен истражувачки серијал Редакција. Цветковска десет години е дел од истражувачкиот тим на Меѓународниот проект за известување за организиран криминал и корупција, меѓународна медиумска организација поврзана со ИРЛ. Била член на Бордот на директорит на OCCRP и на Здружението на новинари на Македонија.

Елена Митревска Цуцковска

Елена Митревска Цуцковска

Уредник за развој и операции

Елена Митревска Цуцковска е коосновач на ИРЛ и заедно со уредникот е одговорна за следење и дизајн на процесот на импленетанција на активностите на ИРЛ. Таа е проектен директор на документарниот серијал Редакција. Со новинарите соработува повеќе од 10 години и работела и на други технолошки решенија за подобро пребарување на јавните дати бази на податоци кои ги употребуват нашите репортери со цел нивната работа да биде побрза и поефикасна. По професија е софтвер инженер и графички дијзанер и таа е воедно и првиот технолошки експерт кој е обучен и работи во сферата на медиумите. Дел е од прекугранчата група на технолошки експерти на OCCRP и со своите поинакви вештини допринесува во прибирање и анализа на информации и како истражувач во ИРЛ.

Бојан Стојановски

Бојан Стојановски

Заменик главен и одговорен уредник

Бојан Стојановски е дипломинаран новинар со над десет годишно искуство во медиуми. Работел во телевизиите Алфа, 24 Вести и Алсат од каде доаѓа и станува дел од тимот на ИРЛ. Стојановски низ кариерата следел теми од областа на судството, криминал, корупција. Во 2013 - та година ја добива наградата „Никола Младенов“ за истражувачко новинарство, на тема „Вработување во јавната администрација преку партиски список“.

Деница Чадиковска

Деница Чадиковска

Уредник за развој и операции

Деница Чадиковска е дипломиран психолог, која својата новинарска кариера ја започнува во 2017 година како коавтор и копродуцент на младинската емисија Крик. Чадиковска стана дел од тимот на ИРЛ во 2018 година како истражувачки новинар – практикант во рамки на проектот за обучување на идни медиумски лидери. Во јуни 2023 година таа доаѓа на позицијата уредник за комуникации задолжен за спроведување на комуникациската стратегија на ИРЛ како дел од тимот за комуникации и продукти.

Mаја Јовановска

Mаја Јовановска

Истражувач и новинар

Mаја Јовановска е дипломоран новинари и следи теми од областа на корупција, криминал и правосудство. Во долгогодишната кариера работела во бројни медиуми како А1 телевизија, Канал 5 телевизија, Алсат и порталот НОВАтв пред да се придружи на основачкиот борд на ИРЛ во 2018. Добитник е на домашни признанија и награди и има учествувано на голем број обуки и конференции од областа на истражувачкото новинарство. Била член на раководството на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници на Македонија и Советот на Етика во медиумите во Македонија, а моментално е дел од раководството на ЗНМ.

Александра Денковска Гоцевска

Александра Денковска Гоцевска

Истражувач и новинар

Александра Денковска Гоцевска е дипломиран новинар со десетгодишно искуство. Работела во дневниот весник Нова Македонија, новинската агенција Мета.мк и порталот НОВАТВ. Во текот на кариерата работела на теми од областа на политика, урбанизам, судство и корупцијата. Со истражувачко новинарство започнува да се занимава во 2015 година кога доаѓа да работи како репортер во истражувачката редакција на НОВАТВ. Учесник е на десетици конференции и работилници за истражувачко новинарство. Автор е на првата андеркавер истражувачка сторија во Македoнија за животот на децата од домот 25 Мај.

Александар Јанев

Александар Јанев

Истражувач и новинар

Александар Јанев е дипломиран економист кој својата кариера како економски новинар ја започнува во 2008 во телевизијата Алфа. Вештините за професионално известување ги учи од врвни економски новинари преку обуки во земјава, но и во странство во новинската агенција „Ројтерс“, Велика Британија. Во 2010 година преминува во печатениот медиум Капитал, каде што работи до 2022 година. Во меѓувреме работи како постојан соработник на Балканска истражувачка репортерска мрежа (БИРН), а од 2018 година е и автор и уредник на ТВ проектот „Агенда 35“ што се емитува на Македонската радио телевизија. Од 2023 е дел од тимот на ИРЛ и следи корупција и економски криминал.

Иван Блажевски

Иван Блажевски

Истражувач и новинар

Иван Блажевски е новинар кој се занимава со теми од областа на меѓународни односи, криминал и корупција. Од 1998 година работи како новинар, а од 2001 година е уредник и дописник на шпанската државна новинска агенција EFE за Македонија, Албанија и Косово. Во својата долгогодишна кариера, Блажевски работел во бројни медиуми како Макпрес, Франс Прес (AFP), Вечер, Дневник, Време и Радио Слободна Европа, а 18 години бил уредник на вестите и документарната програма во ТВ АЛСАТ. Блажевски се придружува на тимот на ИРЛ во 2024 година. Добитник е на награда за истражувачко новинарство од Македонскиот институт за медиуми (МИМ). Има произведувано телевизиски програми во повеќе држави и региони, вклучувајќи Јапонија, Гренланд, Боливија, Кина, Непал, Бангладеш, источна Африка, Куба, Перу, Данска, Италија, Германија и други.

Пелагија Младеновска Стојанчова

Пелагија Младеновска Стојанчова

Истражувач и новинар

Пелагија Младеновска Стојанчова е новинар со над 16 години искуство во медиумската сцена. Својата кариера ја започнува во дневниот весник „Шпиц“ во 2008 година и во неделникот „Сега“. Од 2009 година се придружила на тимот на Радио Слободна Европа на македонски јазик, каде известува за политика, криминал, корупција и економија преку различни медиумски платформи. Од 2024 се вработува во ИРЛ како истражувачки новинар. Дипломирала на Филозофскиот факултет и продолжила образованието на Школата за новинарство на Македонскиот институт за медиуми (МИМ). Во текот на нејзината кариера работела на проекти за едукација и менторство на млади новинари.

Лука Блажев

Лука Блажев

Графички дизајнер

Лука Блажев е графички дизајнер во ИРЛ кој станува дел од тимот во 2019 година. Неговата кариера во полето на графички дизајн и уметност започнува во 2017та година преку работа на повеќе проекти за различни домашни и странски компании. Во ИРЛ, Блажев е задолжен за изнаоѓање графички решенија за истражувањата и дизајн на промотивните содржини кои произлегуваат од истражувањата, а ја следат комуникациската стратегија на ИРЛ. 

Трифун Ситниковски

Трифун Ситниковски

Режисер на "Редакција"

Трифун Ситниковски работи во филмската индустрија повеќе од една деценија. Има снимено повеќе од десетина кратки акциони филмови, кратки документарни филмови и три ТВ серии на кои работел како сценарист, режисер и извршен продуцент. Покрај режија на филмови, има работено и на бројни проекти како продуцент, монтажер, кинематографер, асистент на режисер и претпоставен за сценарио на кратки филмови, ТВ емисии, документарни филмови, реклами и музички спотови. Неговиот последен проект како режисер и сценарист е на документарниот серијал „Редакција“.

"Трајче

Трајче Антоновски

Kинематографер

Трајче Антоновски е снимател и дел од кинематографите на документарниот серијал „Редакција“. Антоновски повеќе од 10 години работи на визуелна реализација на спортски натпревари под покровителство на УЕФА и ЕХФ. Работел во информативната редакција на А1 и порталот НОВА ТВ, а бил дел од тимот за реализација на политичките емисии “Еврозум”, “Проверено”, но и на бројни забавни проекти како популарниот квиз „Кој сака да биде милионер“,„50-50“ и други проекти. Во ИРЛ Македонија е  дел од тимот задолжен за екранизација на сториите.

Горјан Атанасов

Горјан Атанасов

Монтажер и видео уредник

Горјан Атанасов е филмски и ТВ монтажер со повеќе од 8 години искуство во филмската и телевизиска индустрија. Атанасов има работено на повеќе играни и документарни проекти. Досега, како монтажер, се има потпишано на 6 кратки играни, 2 долгометражни документарни филмови, а моментално во ИРЛ работи како монтажер на документарниот серијал „Редакција“ и на кратките видео стории и мултимедијални проекти на организацијата.

„Поштенска банка“ е случај стар повеќе од две децении. Како се приватизирала првата државна банка се истражуваше исто толку долго. Случајот го реотвори во 2018 година тогашното Специјално јавно обвинителство. Но, по распадот на СЈО, случајот го презеде Обвинителството за гонење организираниот криминал и корупцијата. 

На 13 јуни 2024 година Кривичниот суд во Скопје, поради политичката интервенција на владата на СДСМ и ДУИ во спорните измени на Кривичниот законик, ја запре постапката. Таа се водеше против бизнисменот Томе Главчев, актуелен претседател на Кошаркарската федерација на Македонија, потоа Ратко Димитровски, поранешен градоначалник на Кочани од ВМРО-ДПМНЕ и адвокатот Зоран Шуклев.

Тие беа гонети за делата злоупотреба на службената положба и за перење пари. Преку надзорот било утврдено дека во решението на Кривичниот суд не е наведено по кој член од Законот за кривична постапка (ЗКП) се запира постапката.

Обвинителството за гонење на организираниот криминал и корупцијата, незадоволно од одлуката на Кривичен, поднело жалба со образложение дека Главчев, Димитровски и Шуклев треба да одговараат барем за делото перење пари.

Сепак, вишиот јавен обвинител Јован Цветановски се откажал од правото на жалба пред Апелација, а таквата одлука ја објаснил преку службена белешка во која причините за повлекување од жалбата биле, како што се наведува во надзорот, целосно контрадикторни и нејасни.

„Јавните обвинители Лиле Стефанова и Елвин Вели сметаат дека со откажувањето од жалбата на Основното јавно обвинителство за гонење на организираниот криминал и корупцијата, јавниот обвинител од Вишото јавно обвинителство Скопје не постапил професионално, стручно и законито“, стои во извештајот. 

Но, обвинителот Џелал Бајрами сметал дека Цветановски постапил согласно неговите надлежности. Со откажувањето од жалба Апелацискиот суд повеќе немал можност да расправа по жалбата на Обвинителството за гонење на организираниот криминал и корупцијата и случајот бил затворен.

Вториот случај е за бесправно градење во Зелениково на Драган Павловиќ-Латас и неговите двајца браќа Звездан и Срѓан Павловиќ. Кривичниот суд ги ослободил од вина на 4 јули 2019 година, а на 18 јули 2022 година на повторното судење била донесена истата одлука. 

Јавното обвинителство Скопје поднело жалба која на 10 октомври 2023 година била уважена и била закажана седница пред Апелацискиот суд во Скопје. На 6 ноември 2023 предметот бил рефериран во Јавното обвинителство каде што биле присутни тогашниот државен обвинител Љубомир Јовески, јавните обвинители Ферат Елези и Соња Симовска и вишите јавни обвинители Мустафа Хајрулахи и Јован Цветановски.

„Заклучокот по однос на реферирањето на јавниот обвинител кој го застапува предметот пред Апелацискиот суд да предложи да изготви вештачење дали преземените дејствија во предметот во градежните работи претставуваат подготвителни дејствија и да се утврди датумот на отпочнување на градежните работи. Да се повика вешто лице на главната расправа и да се расчистат дилемите“, пишува во извештајот од надзорот во ВЈО Скопје. 

Веќе следниот ден одбраната на браќата Павловиќ пред Апелацискиот суд доставила нов доказ - наод и мислење изготвено од вешто лице. Цветановски побарал рочиштето да се одложи за вкрстено да може да го испраша вештакот. Но, тогаш според надзорот се случило следното:

„Јавниот обвинител на расправата не ги поставил прашањата што ги најавил на записник од 7.11.2024 година, а на поставените прашања не добил одговор од вештото лице на спорните прашања од реферирањето пред Јавното обвинителство на Република Северна Македонија“, пишува во извештајот. 

Цветановски не постапил по насоките добиени на колегиумот во обвинителството да се изготви вештачење и наместо тоа го прифатил вештачењето на адвокатите на одбраната.

„Јавниот обвинител постапил спротивно на член 37 од Правилникот за внатрешно работење на јавните обвинителства според кој заземениот став и мислење по реферирањето е задолжителен за пониското јавно обвинителство“, напишале обвинителите Лиле Стефанова и Елвин Вели во документот од надзорот. 

Но, третиот член на комисијата за надзор, Џелал Бајрами, бил со став дека Цветановски постапил согласно заклучоците од реферирањето пред колегиумот во обвинителството.

Третиот предмет кој бил анализиран е случајот „Серта“ за тендери за чистење владини институции. Предметот стигнал во Вишото обвинителство откако Основното обвинителство поднело жалба на одлуката на Кривичниот суд.

Овој суд при оцена на обвинителниот акт ги прифатил приговорите на обвинетиот Спасо Ѓеорѓиев и фирмата „Серта“ кои биле гонети за злоупотреба на постапката за јавен повик. ОЈО на 29 јануари 2024 година ја обжалило ваквата одлука на судот.

Токму за овој случај има известување за вршење притисок врз службеничка во Вишото јавно обвинителство Скопје која ги архивирала и распределувала предметите. Добила наредба од тогашниот шеф на Вишото обвинителство Мустафа Хајрулахи со насоки кај кој обвинител да го додели случајот.

„За предметот ‘Серта’ ми беше кажано да му го заведам и дадам на јавниот обвинител Јован Цветановски“, изјавила службеничката Даниела Лапе, вработена во ВЈО Скопје, чие сведочење е дел од извештајот од надзорот.

На рочиштето на 9 април 2024 година во Апелацискиот суд, вишиот обвинител Цветановски се откажал од жалба.

„Од увидот во службена белешка од 9.4.2024 година видно е дека јавниот обвинител ги анализира доказите приложени кон обвинителниот акт, што е спротивно на одредбите од Законот за кривична постапка, член 336 и член 337, имајќи ја предвид фазата во која се наоѓал предметот“, пишува во извештајот од надзорот.

Во оваа насока е и правното мислење на Врховниот суд од 7.12.2021 година дека Советот за оцена на обвинителен акт не ги анализира доказите ниту, пак, го оценува квалитетот на доказите. Тој само треба да внимава дали некој доказ е прибавен на незаконит начин, нешто што требало да биде фокус за произнесување и на Јован Цветановски.

„За предметот е донесена пресуда на Врховниот суд на Република Северна Македонија 11.9.2024 година. Во оваа пресуда е констатирана повреда на законот во корист на обвинетите, а во самата пресуда е наведено дека ваквата повреда, сторена од страна на Советот за оцена на обвинителен акт, можела да биде санирана доколку Вишиот јавен обвинител не се откажал од изјавената жалба“, стои во документот од надзорот. 

Јавните обвинители Лиле Стефанова и Елвин Вели во заклучоците за овој предмет напишале дека со откажувањето од жалбата обвинителот Цветановски не постапил професионално, стручно и законито и се впуштил во анализа на докази и постоење на умисла за сторување кривично дело. Но, тоа требало да го утврдува надлежен суд. Сепак, и за ова јавниот обвинител Џелал Бајрами сметал дека Јован Цветановски постапил согласно неговите надлежности. 

Последниот, четврти, случај кој бил контролиран повторно е на обвинителот кој е под бројот римско два - Јован Цветановски. Станува збор за точење алкохолни пијалаци на дете.

Судот во Неготино ги прогласил за виновни Ѓорѓи Лазов и Илија Вангелов и правното лице ДПТУ „С.О.С. обезбедување“ ДОО Неготино. Обвинетите биле незадоволни од пресудата, па поднеле жалба по што бил оформен предмет во ВЈО Скопје.

На 3 февруари 2023 година Апелацискиот суд во Скопје ја укинал пресудата и предметот го вратил на повторно судење. Јован Цветановски не се појавил на јавната расправа во Апелација, а претходно ВЈО Скопје оценило дека жалбите на обвинетите се неосновани.

На 8 мај 2023 година судот во Неготино донел нова пресуда во која обвинетите биле прогласени за виновни, по што тие повторно поднеле жалба.

„На 23.8.2023 година од страна на јавниот обвинител во Вишото јавно обвинителство Скопје, Јован Цветановски, до Апелацискиот суд Скопје е доставен писмен предлог КОЖ.бр. 1187/23 со кој се предлага жалбите на обвинетите да се одбијат како неосновани“, се наведува во извештајот од надзорот. 

Цветановски дополнително објаснил дека во повторното судење судот во Неготино постапил по насоките дадени од Апелација и биле отстранети сите констатирани повреди во првостепената постапка. Но, само неколку месеци подоцна Јован Цветановски се премислил.

„На расправа на 26.12.2023 година јавниот обвинител се откажува од обвинението. Од увидот во пресудата на Апелацискиот суд Скопје на расправата пред судот не бил изведен ниту еден нов доказ и со ништо не била променета фактичката состојба од моментот на давањето на предлогот“, стои во извештајот од надзорот.

На истиот ден, 26 декември 2023 година, Цветановски изготвил службена белешка дека се откажал од обвинение затоа што немало докази за делото.

За ваквиот начин на постапување, единствено мислење имаат сите тројца обвинители кои го вршеле надзорот, Лиле Стефанова, Елвин Вели и Џелал Бајрами, кој за претходните три случаи беше со став дека Цветановски постапувал законито. Сега и Бајрами сметал дека Цветановски постапил спротивно на правилата.

„Јавните обвинители Лиле Стефанова, Елвин Вели и Џелал Бајрами сметаат дека, имајќи ги предвид писмените предлози во двете постапки и ставовите искажани во нив, а во ситуација кога на главната расправа не се изведени нови докази, со откажувањето од обвинението јавниот обвинител не постапил професионално, стручно и законито“, нотирале тројцата обвинители во извештајот од надзорот.

Но, извештајот кој содржи 20 страници е потпишан само од обвинителите Лиле Стефанова и Елвин Вели. Џелал Бајрами не се потпишал на документот кој откако бил изработен му бил доставен на тогашниот државен обвинител Љупчо Коцевски.

Во прилог на извештајот има службена белешка од Бајрами, како и известување од петте службенички за начинот на кој Мустафа Хајрулахи им вршел притисок да заведуваат и распределуваат предмети во Вишото обвинителство додека бил шеф.