Press "Enter" to skip to content

Српските провладини медиуми водат опасна и валкана кампања против новинарите на КРИК

Новинарите од Мрежата за истражување криминал и корупција „КРИК“ од Србија, деновиве се соочуваат со валкана кампања од провладините медиуми во Србија. Од новинари кои работат за јавниот интерес и ја доведуваат својата безбедност во прашање, српските провладини таблоиди „Курир“, „Српски телеграф“, „Информер“ и „Ало“ се обидуваат да го поврзат медиумот и главниот уредник Стеван Дојчиновиќ со црногорската криминална банда Кавач и со нејзиниот лидер Вељко Беливук, обвинет за повеќе убиства.

Кампањата против „Крик“ започна откако таткото на 15 годишно момче, чие исчезнување се поврзува со криминални пресметки,  во интервју на јутуб каналот „Славија инфо“ изјавил дека добил телефонски повик од личност која се претставила како Вељко Беливук и кажал дека информации за синот треба да бара во „КРИК“.

По ова, таблоидите под капа на владата почнаа да објавуваат текстови во кои обвинуваат дека КРИК е „поврзан со Беливук“, дека се негови „приватни медиуми“ и дека „работат со криминалци и нивни соработници за да го загрозат претседателот на Србија Александар Вучиќ и неговото семејство.

„Можете да замислите како овие непријатни лаги директно влијаат на нашата безбедност бидејќи не сме сигурни што да очекуваме – од физички напади па дури и до апсења. Мора да укажеме на абнормалноста и иронијата на оваа состојба – КРИК беше меѓу неколкуте истражувачки српски медиуми кои известуваа за злосторства на Беливук и неговите соработници во текот на претходните години. Оваа хулиганска група беше „забранета“ тема во провладините медиуми само до неодамна заради силните врски што ги поврзуваа членовите на оваа група со српската полиција и претставниците на владата – врски што беа откриени и пријавени од КРИК. Ние бевме единствените кои напишавме многу истражувачки стории, објаснувајќи и документирајќи различни начини како државата ги штити членовите на таа група и соработува со нив“, пишува на веб страницата на КРИК. 

На ваквиот валкан начин на дискретдитирање и доведување во опасност на новинарите на КРИК реагираа повеќе европски здруженија за заштита на новинарите, како и Меѓународната мрежа за борба против криминалот и корупцијата (OCCRP) каде што КРИК е член.

Од ОССРП велат дека се загрижени од насилниот напад на српските таблоидни новински медиуми врз колегата Дојчиновиќ кој е и регионален уредник на Меѓународната мрежа за истражување криминал и корупција и главен српски медиум кој се фокусира на истржаување на криминалот и корупцијата во Србија.

„Овие приказни се навистина загрижувачки затоа што го ставаат персоналот на КРИК „во игра“. Обвинувајќи ги нашите колеги дека се дел од криминалните активности на бандата Кавач, овие про-државни таблоиди им даваат на криминалните групи оправдување за убиството. Самиот Вучиќ го сметаме за одговорен за очигледно лажните обвинувања што ги пренесуваат неговите гласноговорници, а кои имаат реални последици за нашите новинари “, вели Дру Саливан,  еден од основачите на ОССРП. 

Од Регионалната Платформа за застапување на слободата на медиумите и новинарската безбедност на Западен Балкан велат дека организираниот напад на новинарската истражувачка редакција на КРИК од страна на провладините српски медиуми е класичен пример на заплашување на критичните новинари и повик за пресметка со овие новинари.

„Со оваа кампања медиумите блиски до владините политики во Србија не само што се обидуваат новинарите на КРИК јавно да ги дискредитираат туку и ги ставаат во дополнителен безбедносен ризик. Споредувањето на новинари со лица од криминалното подземје и обидот да се претстават дека тие соработуваат освен тоа што не е во согласност со новинарската етика истото може да се смета и како повик кон граѓаните за пресметка со овие новинари. Овие кампањи за јавно омаловажување но и индиретно заканување на критичните новинари може да поттикнат агресија врз медиумските работници а тоа да има и долготраен ефект на самоцензура во медиумите. Затоа, во вакви ситуации од исклучителна важност е министерството за внатрешни работи но и обвинителствтото да ги препознае овие закани и да дејствува против истите со цел да се заштити интегритетот но и безбедноста на новинарите како и правото на информирање на граѓаните“, вели Драган Секуловски, директор на  Платформата.

КРИК е наградуван истражувачки центар за известување што разоткрива организиран криминал и корупција во Србија. Дојчиновиќ ја освои и Knight International Journalism Award  во 2019 година, со која се признава одлично известување што прави разлика во животот на луѓето ширум светот.

Повеќе од СторииПовеќе теми во Стории »