Press "Enter" to skip to content

СОНК: Не се откажуваме од нашите барања за зголемување на платите на просветните работници

Претседателот на Синдикатот за образование, наука и култура, Јаким Неделков изјави дека тие немаат намера да се откажат од барањата за зголемување на платите на просветните работници.

„Ако во периодот што следи септември не најдеме заемно прифатливо решение во однос на нашите барања, на почетокот на октомври ќе донесеме одлука што понатаму. Значи не се откажуваме од нашите барања за зголемување на платите на просветните работници на сите нивоа“, вели Неделков за „Телевизија 24“.

Во понеделник, на првиот училишен ден наставниците ќе штрајкуваат за повисоки плати. Тие ќе дојдат на работа, но нема да држат настава, а редовната училишна настава ќе почне од вторник. Од СОНК велат дека тие не сакаат по секоја цена да ја прекинат наставата и доколку до понеделник добијат задоволителна понуда, ќе ја отповикаат постоечката одлука за предупредувачки штрајк.

Министерот за образование и наука, Арбер Адеми вели дека ќе има покачување на платите и дека нема потреба ни од предупредувачки штрајк. Тој упати апел до раководствата на сите училишта, да се организираат најдобро што можат и да не штрајкуваат, во интерес на децата кои треба да ја започнат учебната година во понеделник.