„Ако ти со советот сте ја пуштиле Катица, да знаеш дека од гаќи ќе ве истресам цел совет со финансиска истрага. Заради судии како Вас, никогаш нема во ЕУ да влеземе. Ако не е твојот совет, се извинувам. Ама ако сте вие, ќе видите“, му напишала шефицата на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, Вилма Рускоска на судија член на Апелацискиот судски совет, откако поранешната специјална обвинителка Катица Јанева беше пуштена во домашен притвор.
Ваквото однесување на Рускоска беше осудено и од Судскиот совет и од Кривичниот суд.
Од Скопска апелација сметаат дека ваквото недолично однесување на јавен обвинител кој раководи со Обвинителството за организиран криминал и корупција, истовремено, претставува директно влијание врз текот на водењето на судските постапки и грубо го нарушува принципот на независноста на судството, како многу важен сегмент на владеењето на правото.
Според нив, токму тоа може да биде пречка за пристапување на нашата држава во ЕУ, на кое нешто се повикува обвинителката.
Судскиот совет на Република Северна Македонија најостро го осудува однесување на јавната обвинителка Вилма Рускоска и смета дека е во спротивност на Етичкиот кодекс на јавните обвинители.
Во соопштението на Обвинителството се вели дека „реакцијата на надлежниот јавен обвинител во предметот треба да се разбере како израз на моментално разочарување, по сознанието за донесената одлука во предмет во кој по опсежна предистражна и истражна постапка и поднесено обвинение, очекува судска разрешница“.
Јавниот обвинител Љубомир Јовески во интервју за ИРЛ вели дека неговата колешка Вилма Русковска реагирала импулсивно и не станува збор за притисок врз апелационите судии кои одлучиле за ослободување од затворски притвор за обвинетата Катица Јанева.
https://irl.mk/video-joveski-za-irl-ne-se-meshame-vo-rabotata-na-sudiite-ruskovska-beshe-razocharana/