Press "Enter" to skip to content

Недолжни должници

Со украдени идентитети и фалсификувани лични карти од Косово и Албанија се подигале пари од друштва во земјава кои нудат брзи кредити. Се краделе идентитети на невини граѓани, а меѓу нив и ментално попречени лица и иселени граѓани.  

Известува: Александра Денковска Гоцевска

 

Марија Костовска е 44-годишна скопјанка која работи во позната веледрогерија, односно продавница за убавина. Кога ќе ѝ заврши работниот ден, продолжува на втора работа. 

„Јас во животот никогаш не сум зела кредит“, вели Марија која работи дополнително за да не мора да се задолжува во банките.

Но, иако работи на две работни места за да овозможи пристоен живот за своето семејство, во мај 2023 година добила неочекуван телефонски повик. 

Фотографија од Марија Костовска

Машки глас ѝ соопштил дека има долг во финансиското друштво „М кеш“. Ѝ се јавиле да ја потсетат дека доцни со исплатата на ратите за брз кредит земен во март 2023, односно два месеца претходно. 

„На почетокот мислев дека станува збор за некаква грешка, но подоцна сфатив дека некој направил лажна лична карта и со моите податоци подигнал брзи кредити“, раскажа Костовска за ИРЛ. 

Лажната лична карта со која биле подигнати кредитите од финансиските друштва

Вознемирена од телефонското предупредување дека должи за кредит за кој никогаш не аплицирала ниту, пак, некогаш го подигнала, Марија измамата ја пријавила во полиција. Полицајците ѝ побарале да донесе извештај од Македонското кредитно биро.

Кога го извадила извештајот, нов шок! На нејзино име биле подигнати кредити од дури седум финансиски друштва со вкупна вредност од 146 000 денари или речиси 2 500 илјади евра. Марија должела во „М кеш“, „СН финансии“, „Кредисимо“ „Флекс кредит“, „Тиго“, „Иуте“ и „Монимакс“.

„Речиси сите пари што ги зела измамничката со моите податоци ги извадила на шалтер во Капитал банка каде што отворила трансакциска сметка со лажна лична карта. Од оваа сметка жената која се претставувала во мое име подигнала околу 120 000 денари“, ни рече Костовска.

Кога Марија веќе сфатила дека некој в раце има лажна лична карта со нејзините податоци, но фотографија од друга жена, почнала да истражува како ја измамиле и како лажната Марија успеала да ја задолжи. Проверила кај телекомуникациските оператори А1 и „Телеком“ дали на нејзино име се регистрирани телефонски броеви. Открила дека биле купени два броја. Тие биле оставани како контакт во финансиските друштва, а измамниците со нив комуницирале меѓу себе и аплицирале за брзи пари.

Додека Марија, полицијата и обвинителството истражувале кој ја измамил, на домашна адреса веќе почнале да ѝ стигаат решенија од извршители дека мора да ги врати земените пари од финансиските друштва.

Марија ангажирала адвокат преку кој се обидела да спречи присилна наплата со објаснување дека е измамена и оти случајот го истражува обвинителството. Шест од финансиските друштва одлучиле да ја паузираат наплатата на долговите додека трае истрагата. Единствено друштвото „СН финансии“ одлучило да го наплати долгот во целост иако Марија не зела пари од кај нив, туку тоа го сторил друг со лажна лична карта.

Кога во декември 2023 година почнало извршувањето, на Марија ѝ ја блокирале банкарската сметка. Оттогаш почнала на рати да враќа пари за кредит земен од „СН финансии“ во висина од околу 30 000 денари. Друштвото пресметало дека треба да им врати трипати повеќе. Веќе платила 67 000 денари, но во мај годинава друштвото одлучило да ја паузира наплатата додека обвинителството и судот не докажат дека е измамена и оти не зела кредити таа, туку некоја измамничка со нејзина лажна лична карта.

Со цел измамените граѓани што подоцна да дознаат дека се измамени, лицата што ги фалсификувале личните карти наместо вистинските адреси на личностите од кои ги зеле податоците додавале плус еден број, буква или, пак, ставале улица која е во непосредна близина со онаа на жртвата. Единственото нешто што е различно е тоа што една од овие жртви не била вработена, па измамниците морале фиктивно да ја вработат во фирма за да се осигурат дека доколку финансиските друштва одлучат да проверат дали таа работи некаде да е во работен однос. 

Фиктивни вработувања за брзи кредити

Истражувајќи го случајот на Марија Костовска и нејзиниот украден идентитет, ИРЛ откри дека зад измамите стоеле добро организирани лица. Утврдивме дека освен преку фалсификувани лични карти, граѓани станувале цел на измама и преку фиктивни вработувања во компании што ги отворале измамниците за лицата да бидат вработени, а тоа е олеснителна околност за да се добие брз кредит.

Еден од таквите вработени граѓани бил и Миле Костески роден во 2002 година во Скопје. Кога имал само 20 години, на крајот на мај 2022 година, без негово знаење, некој го пријавил како вработен во фирмата „Трејдпоинт“. Само еден месец потоа, односно на 22 јуни 2022 година, на негово име биле земени кредити. Задолжен бил со вкупно 60 000 денари во три финансиски друштва – „Флекс“ „Монимакс“ и „Кредисимо“. На негово име бил купен и мобилен телефон од „Телеком“.

Костески неколку месеци не знаел ниту дека некаде се води како вработен ниту дека во негово име биле земени брзи кредити. Во ноември 2022 година на домашна адреса му стигнало писмо од нотар да ги плати долговите. Така дознал дека е измамен зашто никогаш не аплицирал за брзи пари.

ИРЛ откри дека компанијата во која Костески бил вработен била основана во ноември 2019 година од лицето Васил Симоновски. Управител бил извесен Марјан Димовски. Но, во јуни 2021 година компанијата му била подарена на Мухамед Незировски. Проверката на овој човек откри дека како адреса на живеење му е пријавена адресата на Меѓуопштинскиот центар за социјални работи во Скопје. Кога го побаравме Незировски на оваа адреса, од институцијата ни одговорија дека најверојатно станува збор за дете кое порано било сместено во некој од домовите за деца без родители и оти веројатно сѐ уште ја немал сменето личната карта.

Вработувањата во фирмата „Трејдпоинт“ започнале откако Мухамед Незировски ја добил на подарок оваа компанија.

Кога ИРЛ ги провери сите имиња што се појавија во документите од Централниот регистар поврзани со „Трејдпоинт“, откривме дека Марјан Димовски е сопственик и управител и на други фирми. „МД трејдинг“ е една од нив. Основана е во јуни 2022 година. Другата компанија е „Моби лоби“ која е основана истата година во ноември. Сопственик и управител е Марјан Димовски. Освен во овие фирми, Димовски како управител се појавува во уште една компанија која е регистрирана на истата адреса како и „Моби лоби“. Станува збор за фирмата „Тхе Ваулт“ чиј сопственик е 30-годишниот Димитар Кратовски од Скопје. 

По извесно време, ИРЛ дојде до документи од укажувач во Агенцијата за вработување. Тие ни покажаа дека во овие четири фирми биле вработени повеќе од 50 лица. Некои од нив биле пријавени и одјавени во период од само неколку дена, а некои, пак, едвај се одјавиле по две години, како што е случајот со Миле Костески.

„Неколкупати бевме во Агенцијата за вработување за да ме одјават, но оттаму не сакаа да го направат тоа без потпис од сопственик или управител. Во октомври оваа година од инспекторатот ми дадоа писмо во кое пишуваше дека фирмата е фиктивна и дека не постои. Писмото го однесов во Агенција за вработување и дури тогаш успеав да се одјавам“, раскажува Миле Костески за ИРЛ. 

Педесетгодишниот Панче Георгиевски од Скопје бил вработен во „МД трејдинг“. Неговата мајка ни раскажа дека Панче има тешка ментална попреченост, не може да одлучува сам за себе и оти времето почесто го минува во болница на лекување отколку дома. Но, кога отишле кај матичниот лекар да земат рецепт за лекови, им кажале дека Панче е вработен во компанија која не му го плаќа здравственото осигурување. Тој дотогаш се лекувал бидејќи државата му овозможувала здравствена заштита како невработено лице.

„Тогаш дознав што се случува, а потоа почнаа да стигаат писма од нотари и извршители. Јас не можам да го платам тој долг, немам пари за тоа. Некој го измамил Панче, но си имаме доволно проблеми дома и не пријавивме во полиција. Реално, не очекував дека некој ќе го реши ова“, рече мајката на Панче за ИРЛ.

Слична е и ситуацијата со 57-годишниот Зоран Тодоровски и 27-годишниот Фљурим Голиќ. Двајцата имаат психијатриски дијагнози. Тодоровски живее сам во населбата Лисиче. Преживува од милостината од соседите.

„Човекот не е добар, еднаш дојде модар и претепан и кажа дека го принудиле да земе кредит. Не знам ни дали воопшто му дале нешто од парите што ги зеле во негово име“, вели еден од соседите кој од безбедносни причини сакаше да остане анонимен. 

Сестрата на Фљурим ни рече дека не знае колку точно кредити се земени на име на брат ѝ ниту, пак, од колку финансиски друштва. Раскажа дека нему му дале 5 000 денари, а преостанатите пари си ги зеле лицата што го измамиле, но не ги знае. 

Сите овие измамени граѓани биле фиктивно вработени во „Трејдпоинт“ и во „МД трејдинг“. ИРЛ разговараше со сопственикот и управител на „МД трејдинг“. Ни рече дека тој не ги вработувал и се сомнева дека и самиот тој бил измамен. За фиктивното пријавување дознал откако на неговата домашна адреса, каде што е регистрирана фирмата „МД трејдинг“, му стигнало писмо од извршител во кое се бара на вработен во фирмата да му запира дел од платата.

„Веднаш ми стана чудно затоа што јас немав вработени во фирмата. Отидов во Агенцијата за вработување и побарав да ми издадат список на вработни во мојата фирма. На списокот што ми го дадоа имаше вкупно 12 лица. Првите седум вработени биле одјавени или истиот ден кога биле пријавени или, пак, неколку дена подоцна, осмиот вработен што не бил одјавен е човекот кому требаше да му сопирам од плата“, објасни Димовски на средба со новинарите на ИРЛ.

Тој вели дека списокот со вработени од Агенцијата го добил на 12 октомври 2023 година и следниот ден отишол во полиција и пријавил дека некој во негово име во негова фирма вработувал.

Но, Марјан Димовски имал и бизнис-партнер – Димитар Кратовски. Бил управител во неговата фирма „Тхе ваулт“. Се запознале кога фирма каде што Кратовски бил сопственик почнала да го одржува влезот во зградата каде што Димовски живеел. 

„Беа група момци, ми личеа дека се ентузијасти и дека сакаат да работат. Ме замолија да им отворам фирма – мобилара за да продаваат телефони. Им излегов во пресрет, но за брзо време увидов дека не се сериозни и не ги плаќаат наемнината и сметките и ја прекинав соработката“, рече Марјан Димовски за ИРЛ.

На прашањето на ИРЛ дали се сомнева во некого и кој би можел да го измами, Димовски рече дека сѐ што знае ѝ кажал на полицијата. Кога го прашавме за Димитар Кратовски, кусо ни одговори дека бил запознаен со неговата работа. 

Од таен извор до осомничен за измамите

Новинарите на ИРЛ прегледаа стотици документи и разговараа со десетици лица и адвокати во обид да пронајдат повеќе жртви и да откријат кој и на каков начин ги правел измамите. 

На почетокот на истражувањето, пред новинарите воопшто да откријат како функционирале овие измами, дојдовме до контакт со Димитар Кратовски.

Фотографија од Димитар Кратовски
Фотографија од Димитар Кратовски

ИРЛ не може јавно да открие кој и зошто ни го посочи токму него. На овој начин го заштитуваме лицето што ни укажа дека токму Кратовски може да ни објасни како функционира системот на измами со брзи кредити преку украдени идентитети и лажни лични карти.

Кога го сретнавме, Кратовски на почетокот на разговорот на новинарите им рече дека никогаш не бил вклучен во вакви измами, туку оти познава луѓе што го правеле тоа.

Во видеоинтервјуто за ИРЛ, тој првично имаше улога на таен извор со заштитен идентитет. Но, по неколку месеци, додека нашето истражување сѐ уште траеше, самиот Кратовски стана осомничено лице на обвинителството во случајот со измамите. Ни рече дека најчесто податоците за измамените лица се добиваат од државни институции.

Потоа додаде дека измамниците имале свои луѓе во многу институции, но и во банки. Раскажа дека лицата чии фотографии се на фалсификуваните лични карти не се од Македонија, туку најчесто доаѓаат од Србија или од Бугарија. 

„Оваа група нема поставеност. Ако некој е спречен да направи нешто, секогаш се јавуваат други што го прават тоа. Значи, расте шемата, никогаш не стои на нешто мало“, ни рече Кратовски.

На прашањето дали тој учествувал во измамите и дали во фирмите што се на негово име фиктивно пријавувал граѓани, Димитар Кратовски одговори дека тој никогаш немал контакт со измамените граѓани ниту, пак, зел пари од нив. 

„Никогаш не сум имал муабет со луѓето, не сум влегувал во интеракции за да бидам врзан, туку едноставно сум бил во некоја заднинска улога. Сум имал пристап да ги гледам работите што се прават и луѓето што ги прават работите. Не дека јас не сум учествувал и не сум ги гледал работите директно или индиректно, но никогаш не сум бил поборник за измамите“, рече Кратовски. 

Освен фирмата „Тхе Ваулт“ , новинарите на ИРЛ најдоа и други фирми каде што Димитар Кратовски бил или сѐ уште е сопственик. Но, од таен извор и човек што требаше да објасни како функционира шемата со измами на граѓани, новинарите утврдија дека токму тој е „мозокот“ на операцијата со земање кредити со фалсификувани лични карти и фиктивно вработување во фирми.

Нашето откритие го потврдува и предистрагата на Основното јавно обвинителство Скопје кое ги сомничи Димитар Кратовски и уште неколку лица токму за земањето пари од финансиските друштва со злоупотребени идентитети. 

Неколку месеци подоцна, кога новинарите ги најдоа компаниите и соработниците на Кратовски, повторно го прашавме за неговата инволвираност и сомнежите дека е тој мозокот на операцијата, но тој негираше каква било вклученост. 

„Мојот клиент никогаш лично не бил вклулчен, ниту поттикнал други лица да доведат во заблуда или да измамат, или да нанесат штета на лица или поединци за одстварување на финансиска или материјална корист, лична или за било кој друг.“, пишува во дописот испратен до ИРЛ. 

Во дописот е посочено дека Кратовски целосно им стои на располагање на истражителите на Обвинителството за разјаснување на сите нејаснотии, како и за да одговори на нивните прашања. 

Освен во овој случај, откривме дека Димитар Кратовски и неговите соработници се обвинети и осомничени и во други случаи. Еден таков е „Синџир“, каде што неколку лица се обвинети за перење пари, злосторничко здружување и затајување данок. Според обвинителниот акт, Димитар Кратовски во случајот „Синџир“ бил задолжен да наоѓа фиктивни правни лица и да формира нови фирми преку кои би генерирале фиктивни побарувања кон Управата за јавни приходи (УЈП). За овој случај Кратовски призна вина и е осуден на три години затвор, но беше во бегство до летото оваа година.

Откако бил уапсен, полицијата и Обвинителството сега го сомничат и за случајот со измамите за брзи кредити. Од Обвинителството ни потврдија дека станува збор за група која на два начина ги мамела граѓаните.

„Едниот модел на постапување е каде што се земаат лични податоци од граѓани со податоци од лична карта од едно лице, фотографија од друго лице и со тоа се аплицира и се зема кредитот. Во неколку случаи се оштетени граѓани, а во неколку случаи, каде што не можат да ги наплатат средствата, оштетени се и финансиски друштва“, рече во интервју за ИРЛ шефот на Основното јавно обвинителство Скопје, Гаврил Бубевски.

Вториот начин бил со фалсификување потврди за наводно вработување на луѓе кои потоа ќе бидат цел на измама.

„Најчесто овде се наоѓаат ранливи категории граѓани кои за многу мал надоместок учествуваат во оваа процедура и тие не ги земаат парите, за жал, тие само аплицираат со лажна документација со обрасците за вработување и парите ги земаат оние што сега ни се предмет на обработка и на кои и МВР и ЈО веќе им се во траг и на доказите и на лицата што се инволвирани во сето ова“, додаде Бубевски.

Досега во предистрагата на Обвинителството се осомничени тројца, но очекуваат да најдат докази за најмалку уште едно лице.

 

Сашка Цветковска

Сашка Цветковска

Главен и одговорен уредник

Сашка Цветковска е меѓународно наградуван истражувачки новинар и главен уредник на Истражувачка репортерска лабораторија. Цветковска работела на голем број национални и прекугранични истраги кои открија домашен и меѓународен криминал, корупција, недозволена трговија со оружје и војни со дезинформации. Истражувањата на кои што работела биле објавувани во Гардијан, Базфид, Зидојче Цајтунг и други. Нејзините сегашни одговорности се фокусирани на зголемување на влијанието на истражувачко известување преку создавање нови наративи на приказните преку филм и кампањи. Во таа насока во моментов ја извршува позицијата продуцент на документарен истражувачки серијал Редакција. Цветковска десет години е дел од истражувачкиот тим на Меѓународниот проект за известување за организиран криминал и корупција, меѓународна медиумска организација поврзана со ИРЛ. Била член на Бордот на директорит на OCCRP и на Здружението на новинари на Македонија.

Елена Митревска Цуцковска

Елена Митревска Цуцковска

Уредник за развој и операции

Елена Митревска Цуцковска е коосновач на ИРЛ и заедно со уредникот е одговорна за следење и дизајн на процесот на импленетанција на активностите на ИРЛ. Таа е проектен директор на документарниот серијал Редакција. Со новинарите соработува повеќе од 10 години и работела и на други технолошки решенија за подобро пребарување на јавните дати бази на податоци кои ги употребуват нашите репортери со цел нивната работа да биде побрза и поефикасна. По професија е софтвер инженер и графички дијзанер и таа е воедно и првиот технолошки експерт кој е обучен и работи во сферата на медиумите. Дел е од прекугранчата група на технолошки експерти на OCCRP и со своите поинакви вештини допринесува во прибирање и анализа на информации и како истражувач во ИРЛ.

Бојан Стојановски

Бојан Стојановски

Заменик главен и одговорен уредник

Бојан Стојановски е дипломинаран новинар со над десет годишно искуство во медиуми. Работел во телевизиите Алфа, 24 Вести и Алсат од каде доаѓа и станува дел од тимот на ИРЛ. Стојановски низ кариерата следел теми од областа на судството, криминал, корупција. Во 2013 - та година ја добива наградата „Никола Младенов“ за истражувачко новинарство, на тема „Вработување во јавната администрација преку партиски список“.

Деница Чадиковска

Деница Чадиковска

Уредник за развој и операции

Деница Чадиковска е дипломиран психолог, која својата новинарска кариера ја започнува во 2017 година како коавтор и копродуцент на младинската емисија Крик. Чадиковска стана дел од тимот на ИРЛ во 2018 година како истражувачки новинар – практикант во рамки на проектот за обучување на идни медиумски лидери. Во јуни 2023 година таа доаѓа на позицијата уредник за комуникации задолжен за спроведување на комуникациската стратегија на ИРЛ како дел од тимот за комуникации и продукти.

Mаја Јовановска

Mаја Јовановска

Истражувач и новинар

Mаја Јовановска е дипломоран новинари и следи теми од областа на корупција, криминал и правосудство. Во долгогодишната кариера работела во бројни медиуми како А1 телевизија, Канал 5 телевизија, Алсат и порталот НОВАтв пред да се придружи на основачкиот борд на ИРЛ во 2018. Добитник е на домашни признанија и награди и има учествувано на голем број обуки и конференции од областа на истражувачкото новинарство. Била член на раководството на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници на Македонија и Советот на Етика во медиумите во Македонија, а моментално е дел од раководството на ЗНМ.

Александра Денковска Гоцевска

Александра Денковска Гоцевска

Истражувач и новинар

Александра Денковска Гоцевска е дипломиран новинар со десетгодишно искуство. Работела во дневниот весник Нова Македонија, новинската агенција Мета.мк и порталот НОВАТВ. Во текот на кариерата работела на теми од областа на политика, урбанизам, судство и корупцијата. Со истражувачко новинарство започнува да се занимава во 2015 година кога доаѓа да работи како репортер во истражувачката редакција на НОВАТВ. Учесник е на десетици конференции и работилници за истражувачко новинарство. Автор е на првата андеркавер истражувачка сторија во Македoнија за животот на децата од домот 25 Мај.

Александар Јанев

Александар Јанев

Истражувач и новинар

Александар Јанев е дипломиран економист кој својата кариера како економски новинар ја започнува во 2008 во телевизијата Алфа. Вештините за професионално известување ги учи од врвни економски новинари преку обуки во земјава, но и во странство во новинската агенција „Ројтерс“, Велика Британија. Во 2010 година преминува во печатениот медиум Капитал, каде што работи до 2022 година. Во меѓувреме работи како постојан соработник на Балканска истражувачка репортерска мрежа (БИРН), а од 2018 година е и автор и уредник на ТВ проектот „Агенда 35“ што се емитува на Македонската радио телевизија. Од 2023 е дел од тимот на ИРЛ и следи корупција и економски криминал.

Иван Блажевски

Иван Блажевски

Истражувач и новинар

Иван Блажевски е новинар кој се занимава со теми од областа на меѓународни односи, криминал и корупција. Од 1998 година работи како новинар, а од 2001 година е уредник и дописник на шпанската државна новинска агенција EFE за Македонија, Албанија и Косово. Во својата долгогодишна кариера, Блажевски работел во бројни медиуми како Макпрес, Франс Прес (AFP), Вечер, Дневник, Време и Радио Слободна Европа, а 18 години бил уредник на вестите и документарната програма во ТВ АЛСАТ. Блажевски се придружува на тимот на ИРЛ во 2024 година. Добитник е на награда за истражувачко новинарство од Македонскиот институт за медиуми (МИМ). Има произведувано телевизиски програми во повеќе држави и региони, вклучувајќи Јапонија, Гренланд, Боливија, Кина, Непал, Бангладеш, источна Африка, Куба, Перу, Данска, Италија, Германија и други.

Пелагија Младеновска Стојанчова

Пелагија Младеновска Стојанчова

Истражувач и новинар

Пелагија Младеновска Стојанчова е новинар со над 16 години искуство во медиумската сцена. Својата кариера ја започнува во дневниот весник „Шпиц“ во 2008 година и во неделникот „Сега“. Од 2009 година се придружила на тимот на Радио Слободна Европа на македонски јазик, каде известува за политика, криминал, корупција и економија преку различни медиумски платформи. Од 2024 се вработува во ИРЛ како истражувачки новинар. Дипломирала на Филозофскиот факултет и продолжила образованието на Школата за новинарство на Македонскиот институт за медиуми (МИМ). Во текот на нејзината кариера работела на проекти за едукација и менторство на млади новинари.

Лука Блажев

Лука Блажев

Графички дизајнер

Лука Блажев е графички дизајнер во ИРЛ кој станува дел од тимот во 2019 година. Неговата кариера во полето на графички дизајн и уметност започнува во 2017та година преку работа на повеќе проекти за различни домашни и странски компании. Во ИРЛ, Блажев е задолжен за изнаоѓање графички решенија за истражувањата и дизајн на промотивните содржини кои произлегуваат од истражувањата, а ја следат комуникациската стратегија на ИРЛ. 

Трифун Ситниковски

Трифун Ситниковски

Режисер на "Редакција"

Трифун Ситниковски работи во филмската индустрија повеќе од една деценија. Има снимено повеќе од десетина кратки акциони филмови, кратки документарни филмови и три ТВ серии на кои работел како сценарист, режисер и извршен продуцент. Покрај режија на филмови, има работено и на бројни проекти како продуцент, монтажер, кинематографер, асистент на режисер и претпоставен за сценарио на кратки филмови, ТВ емисии, документарни филмови, реклами и музички спотови. Неговиот последен проект како режисер и сценарист е на документарниот серијал „Редакција“.

"Трајче

Трајче Антоновски

Kинематографер

Трајче Антоновски е снимател и дел од кинематографите на документарниот серијал „Редакција“. Антоновски повеќе од 10 години работи на визуелна реализација на спортски натпревари под покровителство на УЕФА и ЕХФ. Работел во информативната редакција на А1 и порталот НОВА ТВ, а бил дел од тимот за реализација на политичките емисии “Еврозум”, “Проверено”, но и на бројни забавни проекти како популарниот квиз „Кој сака да биде милионер“,„50-50“ и други проекти. Во ИРЛ Македонија е  дел од тимот задолжен за екранизација на сториите.

Горјан Атанасов

Горјан Атанасов

Монтажер и видео уредник

Горјан Атанасов е филмски и ТВ монтажер со повеќе од 8 години искуство во филмската и телевизиска индустрија. Атанасов има работено на повеќе играни и документарни проекти. Досега, како монтажер, се има потпишано на 6 кратки играни, 2 долгометражни документарни филмови, а моментално во ИРЛ работи како монтажер на документарниот серијал „Редакција“ и на кратките видео стории и мултимедијални проекти на организацијата.

„Поштенска банка“ е случај стар повеќе од две децении. Како се приватизирала првата државна банка се истражуваше исто толку долго. Случајот го реотвори во 2018 година тогашното Специјално јавно обвинителство. Но, по распадот на СЈО, случајот го презеде Обвинителството за гонење организираниот криминал и корупцијата. 

На 13 јуни 2024 година Кривичниот суд во Скопје, поради политичката интервенција на владата на СДСМ и ДУИ во спорните измени на Кривичниот законик, ја запре постапката. Таа се водеше против бизнисменот Томе Главчев, актуелен претседател на Кошаркарската федерација на Македонија, потоа Ратко Димитровски, поранешен градоначалник на Кочани од ВМРО-ДПМНЕ и адвокатот Зоран Шуклев.

Тие беа гонети за делата злоупотреба на службената положба и за перење пари. Преку надзорот било утврдено дека во решението на Кривичниот суд не е наведено по кој член од Законот за кривична постапка (ЗКП) се запира постапката.

Обвинителството за гонење на организираниот криминал и корупцијата, незадоволно од одлуката на Кривичен, поднело жалба со образложение дека Главчев, Димитровски и Шуклев треба да одговараат барем за делото перење пари.

Сепак, вишиот јавен обвинител Јован Цветановски се откажал од правото на жалба пред Апелација, а таквата одлука ја објаснил преку службена белешка во која причините за повлекување од жалбата биле, како што се наведува во надзорот, целосно контрадикторни и нејасни.

„Јавните обвинители Лиле Стефанова и Елвин Вели сметаат дека со откажувањето од жалбата на Основното јавно обвинителство за гонење на организираниот криминал и корупцијата, јавниот обвинител од Вишото јавно обвинителство Скопје не постапил професионално, стручно и законито“, стои во извештајот. 

Но, обвинителот Џелал Бајрами сметал дека Цветановски постапил согласно неговите надлежности. Со откажувањето од жалба Апелацискиот суд повеќе немал можност да расправа по жалбата на Обвинителството за гонење на организираниот криминал и корупцијата и случајот бил затворен.

Вториот случај е за бесправно градење во Зелениково на Драган Павловиќ-Латас и неговите двајца браќа Звездан и Срѓан Павловиќ. Кривичниот суд ги ослободил од вина на 4 јули 2019 година, а на 18 јули 2022 година на повторното судење била донесена истата одлука. 

Јавното обвинителство Скопје поднело жалба која на 10 октомври 2023 година била уважена и била закажана седница пред Апелацискиот суд во Скопје. На 6 ноември 2023 предметот бил рефериран во Јавното обвинителство каде што биле присутни тогашниот државен обвинител Љубомир Јовески, јавните обвинители Ферат Елези и Соња Симовска и вишите јавни обвинители Мустафа Хајрулахи и Јован Цветановски.

„Заклучокот по однос на реферирањето на јавниот обвинител кој го застапува предметот пред Апелацискиот суд да предложи да изготви вештачење дали преземените дејствија во предметот во градежните работи претставуваат подготвителни дејствија и да се утврди датумот на отпочнување на градежните работи. Да се повика вешто лице на главната расправа и да се расчистат дилемите“, пишува во извештајот од надзорот во ВЈО Скопје. 

Веќе следниот ден одбраната на браќата Павловиќ пред Апелацискиот суд доставила нов доказ - наод и мислење изготвено од вешто лице. Цветановски побарал рочиштето да се одложи за вкрстено да може да го испраша вештакот. Но, тогаш според надзорот се случило следното:

„Јавниот обвинител на расправата не ги поставил прашањата што ги најавил на записник од 7.11.2024 година, а на поставените прашања не добил одговор од вештото лице на спорните прашања од реферирањето пред Јавното обвинителство на Република Северна Македонија“, пишува во извештајот. 

Цветановски не постапил по насоките добиени на колегиумот во обвинителството да се изготви вештачење и наместо тоа го прифатил вештачењето на адвокатите на одбраната.

„Јавниот обвинител постапил спротивно на член 37 од Правилникот за внатрешно работење на јавните обвинителства според кој заземениот став и мислење по реферирањето е задолжителен за пониското јавно обвинителство“, напишале обвинителите Лиле Стефанова и Елвин Вели во документот од надзорот. 

Но, третиот член на комисијата за надзор, Џелал Бајрами, бил со став дека Цветановски постапил согласно заклучоците од реферирањето пред колегиумот во обвинителството.

Третиот предмет кој бил анализиран е случајот „Серта“ за тендери за чистење владини институции. Предметот стигнал во Вишото обвинителство откако Основното обвинителство поднело жалба на одлуката на Кривичниот суд.

Овој суд при оцена на обвинителниот акт ги прифатил приговорите на обвинетиот Спасо Ѓеорѓиев и фирмата „Серта“ кои биле гонети за злоупотреба на постапката за јавен повик. ОЈО на 29 јануари 2024 година ја обжалило ваквата одлука на судот.

Токму за овој случај има известување за вршење притисок врз службеничка во Вишото јавно обвинителство Скопје која ги архивирала и распределувала предметите. Добила наредба од тогашниот шеф на Вишото обвинителство Мустафа Хајрулахи со насоки кај кој обвинител да го додели случајот.

„За предметот ‘Серта’ ми беше кажано да му го заведам и дадам на јавниот обвинител Јован Цветановски“, изјавила службеничката Даниела Лапе, вработена во ВЈО Скопје, чие сведочење е дел од извештајот од надзорот.

На рочиштето на 9 април 2024 година во Апелацискиот суд, вишиот обвинител Цветановски се откажал од жалба.

„Од увидот во службена белешка од 9.4.2024 година видно е дека јавниот обвинител ги анализира доказите приложени кон обвинителниот акт, што е спротивно на одредбите од Законот за кривична постапка, член 336 и член 337, имајќи ја предвид фазата во која се наоѓал предметот“, пишува во извештајот од надзорот.

Во оваа насока е и правното мислење на Врховниот суд од 7.12.2021 година дека Советот за оцена на обвинителен акт не ги анализира доказите ниту, пак, го оценува квалитетот на доказите. Тој само треба да внимава дали некој доказ е прибавен на незаконит начин, нешто што требало да биде фокус за произнесување и на Јован Цветановски.

„За предметот е донесена пресуда на Врховниот суд на Република Северна Македонија 11.9.2024 година. Во оваа пресуда е констатирана повреда на законот во корист на обвинетите, а во самата пресуда е наведено дека ваквата повреда, сторена од страна на Советот за оцена на обвинителен акт, можела да биде санирана доколку Вишиот јавен обвинител не се откажал од изјавената жалба“, стои во документот од надзорот. 

Јавните обвинители Лиле Стефанова и Елвин Вели во заклучоците за овој предмет напишале дека со откажувањето од жалбата обвинителот Цветановски не постапил професионално, стручно и законито и се впуштил во анализа на докази и постоење на умисла за сторување кривично дело. Но, тоа требало да го утврдува надлежен суд. Сепак, и за ова јавниот обвинител Џелал Бајрами сметал дека Јован Цветановски постапил согласно неговите надлежности. 

Последниот, четврти, случај кој бил контролиран повторно е на обвинителот кој е под бројот римско два - Јован Цветановски. Станува збор за точење алкохолни пијалаци на дете.

Судот во Неготино ги прогласил за виновни Ѓорѓи Лазов и Илија Вангелов и правното лице ДПТУ „С.О.С. обезбедување“ ДОО Неготино. Обвинетите биле незадоволни од пресудата, па поднеле жалба по што бил оформен предмет во ВЈО Скопје.

На 3 февруари 2023 година Апелацискиот суд во Скопје ја укинал пресудата и предметот го вратил на повторно судење. Јован Цветановски не се појавил на јавната расправа во Апелација, а претходно ВЈО Скопје оценило дека жалбите на обвинетите се неосновани.

На 8 мај 2023 година судот во Неготино донел нова пресуда во која обвинетите биле прогласени за виновни, по што тие повторно поднеле жалба.

„На 23.8.2023 година од страна на јавниот обвинител во Вишото јавно обвинителство Скопје, Јован Цветановски, до Апелацискиот суд Скопје е доставен писмен предлог КОЖ.бр. 1187/23 со кој се предлага жалбите на обвинетите да се одбијат како неосновани“, се наведува во извештајот од надзорот. 

Цветановски дополнително објаснил дека во повторното судење судот во Неготино постапил по насоките дадени од Апелација и биле отстранети сите констатирани повреди во првостепената постапка. Но, само неколку месеци подоцна Јован Цветановски се премислил.

„На расправа на 26.12.2023 година јавниот обвинител се откажува од обвинението. Од увидот во пресудата на Апелацискиот суд Скопје на расправата пред судот не бил изведен ниту еден нов доказ и со ништо не била променета фактичката состојба од моментот на давањето на предлогот“, стои во извештајот од надзорот.

На истиот ден, 26 декември 2023 година, Цветановски изготвил службена белешка дека се откажал од обвинение затоа што немало докази за делото.

За ваквиот начин на постапување, единствено мислење имаат сите тројца обвинители кои го вршеле надзорот, Лиле Стефанова, Елвин Вели и Џелал Бајрами, кој за претходните три случаи беше со став дека Цветановски постапувал законито. Сега и Бајрами сметал дека Цветановски постапил спротивно на правилата.

„Јавните обвинители Лиле Стефанова, Елвин Вели и Џелал Бајрами сметаат дека, имајќи ги предвид писмените предлози во двете постапки и ставовите искажани во нив, а во ситуација кога на главната расправа не се изведени нови докази, со откажувањето од обвинението јавниот обвинител не постапил професионално, стручно и законито“, нотирале тројцата обвинители во извештајот од надзорот.

Но, извештајот кој содржи 20 страници е потпишан само од обвинителите Лиле Стефанова и Елвин Вели. Џелал Бајрами не се потпишал на документот кој откако бил изработен му бил доставен на тогашниот државен обвинител Љупчо Коцевски.

Во прилог на извештајот има службена белешка од Бајрами, како и известување од петте службенички за начинот на кој Мустафа Хајрулахи им вршел притисок да заведуваат и распределуваат предмети во Вишото обвинителство додека бил шеф.