Press "Enter" to skip to content

Ратко Капушевски перел пари преку набавката на мазут за ТЕЦ Неготино

Полицијата го приведе бизнисменот Ратко Капушевски сопственик на компанијата РКМ. Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција отвори истрага и осомничи 13 лица за злоупотреба на службената положба и за перење пари. ИРЛ уште во март 2022 година објави дека Капушевски е „тајниот“ продавач на мазут на ТЕЦ Неготино и откри како неговата РКМ успеа да го измами ЕСМ и да му продаде 188 илјади тони мазут на почетокот на енергетската криза за рекордни 112 милиони евра. 

Известува: Бојан Стојановски

Освен Ратко Капушевски полицијата го приведе и Асмир Јахоски сопственик на компанијата „Пуцко Петрол“ инаку син на пратеникот на Демократската унија за интеграција (ДУИ) Исмаил Јахоски. Обвинителството и официјално соопшти дека отвориле истрага, откако пријава до нив за набавката на мазут за ТЕЦ Неготино пристигнала од Државната комисија за спречување корупција (ДКСК).

Предистрагата на обвинителството покажала дека Капушевски имал помош за да биде конкурентен и РКМ да продаде мазут на ТЕЦ Неготино.

„Во периодот на 2021 – 2023 година двајца осомничени, во својство на основачи и управители на кривично одговорното правно лице свесно повредувајќи ги прописите за постапката за јавен повик за набавка на мазут за потребите на ТЕЦ Неготино поднеле невистинита документација. Со намера да го изиграат договорот не ги извршиле обврските и ги повредиле правилата остварувајќи корист од големи размери за кривично одговорното правно лице а на штета на државниот буџет во износ од околу 167.549.985 евра“, објави обвинителството.

Десет од лицата се сомничат како помагачи. Ратко Капушевски за да биде компетитивен и да победи на јавниот повик за историски најголемата набавка на мазут, имал помош од вработени во Електрани на Северна Македонија (ЕСМ).

Тие биле на високи позиции – генерален директор, директори на сектори, членови на комисии за јавни набавки. Иако сите знаеле дека РКМ не ги исполнува условите на јавниот повик за прибирање понуди му помогнале да склучи договор и да продава мазут се до 24 февруари 2023 година. Потоа со парите од мулти милионската државно спонзорирана зделка се купувале мерцедеси, се префрлале пари на сметки во разни банки а потоа се подигале во кеш.

„Врз основа на договор за посредување и Анекс кон договорот, склучен помеѓу осомниченото правно лице и осомничен сопственик на правно лице со иста дејност, во два наврати биле префрлени средства во вкупен износ од 72 милиони денари за наводно извршени работи согласно договорот кој претставувал само привидно средство за вршење на предметните трансакции.“, откри истрагата на обвинителството.

ИРЛ на 11 март 2022 година објави истражување: „Ратко Капушевски е тајниот добавувач на мазут вреден 112 милиони евра за ТЕЦ Неготино“. Откривме како Капушевски кој беше дел од „златната младина“ на ВМРО – ДПМНЕ под водство на Никола Груевски успеа на државната ЕСМ да им продаде 188 илјади тони мазут преку неговата еколошки контроверзна РКМ. Уште пред три години пишувавме дека никој од лиценцираните компании кои продаваат мазут во земјава не се пријавиле на јавниот повик на електрани.

Репортерите на ИРЛ тогаш открија дека ЕСМ всушност склучил два договора со РКМ за набавка на мазут за ТЕЦ Неготино. Првиот бил склучен на 3 декември 2021 година.

Јавен повик немало, туку ЕСМ испратиле барање со понуди за набавка на мазут до сите лиценцирани македонски увозници во вредност од 22 милиони евра за набавка на 38 илјади тони мазут. За оваа набавка Владата предводена од СДСМ ги помогна ЕСМ со 15 милиони евра буџетски пари.

На 2 февруари 2022 година ЕСМ повторно ги повика увозниците да дадат понуди, овој пат за 150 илјади тони мазут. На овој тендер тогаш не се пријави никој. По неколку дена, на повторениот повик конкурира само една компанија – РКМ и со тоа ќе го добие вториот, речиси пет пати повреден договор за набавка на мазут вреден 89 милиони евра.

Во услови на сериозна светска енергетска криза компанијата РКМ на Капушевски имаше сериозен предизвик пред себе – да обезбеди мазут кога имаше недостаток од дериватот поради затегантите регулативи за квалитет и ограничувањата каде може да се користи. Уште тогаш ИРЛ се посомнева како Капушевски ќе обезбеди толкава количина и кои се неговите добавувачи преку кои ги убедил ЕСМ дека може да обезбеди мазут за ТЕЦ Неготино во кризната 2022 и 2023 година.

ЕСМ тогаш тврдеше дека РКМ доставила список на рафинерии и земји од каде РКМ ќе купи 188 илјади тони мазут. Капушевски посочил девет различни фирми од Балканот и Европа а меѓу нив и ОМВ од Австрија и ИНА од Хрватска. И двете компании посочија дека никогаш немале соработка со РКМ.

Репортерите тогаш открија дека потребната количина на мазут која РКМ треба да ја продаде на ЕСМ, ја набавиле од ОКТА. Кога прашавме зошто „Хеленик Петролеум“ не продале директно, тогаш ни одговорија дека ги процениле барањата во повикот и не се пријавиле.

ЕСМ на 13 март 2022 година испратија демант до ИРЛ со објаснување дека не го криеле Ратко Капушевски дека им продава мазут, туку дека станувало збор за директна спогодба и затоа не била објавена на Бирото за јавни набавки. Електрани тогаш тврдеа дека набавката е законска а тие не биле истражен орган и немале должност да проверат дали Капушевски ги лажел за тоа од каде РКМ го купува мазутот и дали ги исполнил условите во повикот.

Капушевски увезувал лажно деклариран токсичен отпад како мазут 

Ратко Капушевски во најмалку два наврата беше фатен како увезува или се обидува да увезе лажно деклариран мазут во Македонија. Првата ваква пратка, која доаѓа од Германија, беше фатена од страна на хрватските цариници на граничниот премин со Србија, кога тие се посомневале во документацијата што била приложена. Испитувањата на хрватскиот Инспекторат за животна средина покажале дека станува збор за токсичен отпад и дека тарифните броеви биле погрешни. Вториот пат мазут на оваа компанија, кој доаѓаше од Словачка, беше испитуван од македонскиот Државен пазарен инспекторат. Анализите покажаа дека станува збор за токсичен отпад, а не мазут.

Додека Инспекторатот се докажуваше, лажниот мазут се продаде и се потроши. Регулаторната комисија му ја одзеде лиценцата во 2021 година по објавата на документарниот филм на ИРЛ, „Заговор против воздухот“, за непосредно пред договорот со ЕСМ да му ја врати бидејќи „ги средил своите недостатоци со складовите“.

Повеќе од Насловна десноПовеќе теми во Насловна десно »