Press "Enter" to skip to content

Распадот на ГТЦ: Како фамилијата Бајрам му пресуди на градскиот симбол

Во 2017 година СДСМ ќе постави директор на ГТЦ кој нема да е од партијата на Амди Бајрам. Ќе вети нов ред и поредок во градскиот симбол. Една од првите одлуки на новото раководство е вработување на нови 65 луѓе, меѓу нив и Валентина Бајрам, ќерката на Амди Бајрам. Баш тогаш нејзиниот брат ќе копа биткоини користејќи ја струјата на ГТЦ. Истовремено, менаџментот незаконски ќе им наплаќа поскапа струја на закупците од онаа што реално ја плаќа во ЕВН. Ова е еден од потезите што во последно време ги бркаат дуќанџиите и го запустуваат градскиот симбол

Известува: Ивана Настеска; Илустрации: Лука Блажев; Видео тим: Горјан Атанасов, Давид Илиески, Сашка Цветковска, Трајче Антоновски, Младен Павлески

Пред да продолжиш, погледни ја видео верзијата на оваа приказна

Градскиот трговски центар претставува културна икона и еден од најпрепознатливите објекти на Скопје. Иако е голем, во секоја смисла, тој не го оптоварува градот, за разлика од габаритните шопинг-центри. Идејниот архитект на ГТЦ, Живко Поповски, на своите предавања велел: „Треба да се прават згради толку добро вклопени во опкружувањето што воопшто нема да се забележи нивното постоење.“

Фотографии од книгата монографија за ГТЦ

За ГТЦ се пишувало во многу југословенски и странски медиуми каде што се споменува како уникатно архитектонско дело. По распадот на Југославија, почнува и распадот на ГТЦ. За овој трговски центар сè поретки се романтични и носталгични спомени, а сè повеќе за него се пишува за криминал, непотизам и крипто-подземје. Раководството е политичко и се менува со секоја промена на власт. Сопствениците на дуќаните се во немилост на менаџментот и мораат да функционираат според непринципиелни услови кои ниту една влада не сака да ги промени.

Поранешната британска премиерка, Маргарет Тачер, при нејзината посета во земјава се потпиша во книгата за впечатоци во ГТЦ / Фото: приватна архива

ГТЦ е создаден по идејното решение на авторскиот тим предводен од архитектот Живко Поповски, а годинава ќе прослави половина век од отворањето. Објектот е врежан во колективната меморија на граѓаните, а од поновата историја се памети и активизмот кога иницијативата „Го сакам ГТЦ“ организираше живи штитови и „гушкање“ со цел да не се дозволи негово „облекување“ во барок за време на владеењето на Никола Груевски. За ова прашање се распиша и референдум за жителите на Општина Центар, кој иако беше неуспешен, сепак, ГТЦ го задржа автентичниот изглед.

Но, она што со голо око не можеа да го видат ниту активистите ниту другите граѓани е недореченоста на законите и правилниците по кои со децении ГТЦ функционира.

2014, Протест пред Градскиот трговски центар против неговото рефасадирање како дел од контроверзниот проект „Скопје 2014“ / Фото: Иницијатива „Го сакам ГТЦ

Со доаѓањето на СДСМ на власт во 2017 година, предводен од Зоран Заев, ќе се најави и промената во управувачката структура на АД ГТЦ. По цели десет години, од функцијата директор ќе замине семејниот пријател и сопартиец на Амди Бајрам, Аго Абазовски. На негово место доаѓа долгогодишниот вработен во акционерското друштво, Ѓоко Трајчевски, како кадар на СДСМ. Оваа промена ќе треба да значи и крај на династијата Бајрам во ГТЦ, но во реалноста нема да биде така. По само една година од почетокот на неговиот мандат, во АД ГТЦ ќе се отвори и ново работно место заменик-директор, а на таа функција ќе седне ќерката на Амди Бајрам, Валентина Бајрам. Јавноста нема да биде информирана за оваа промена, но тоа ќе се дознае две години подоцна, кога се обелоденува скандалот со копањето крипто-валути во подрумскиот простор кој бил закупен од синот на Амди Бајрам, Габриел Бајрам. Скандалот со крипто-валутите одекна во јавноста по пријави од приватните дуќанџии кои забележале дека во одреден период нивните сметки за електрична енергија се енормно зголемени. Полицијата го испитуваше случајот, а Основното јавно обвинителство отвори предмет за овој случај, кој сè уште се работи.

Дуќанџиите се обврзани со доживотни договори

Објектот на трговскиот центар е управуван од Акционерското друштво Градски трговски центар или скратено АД ГТЦ. Менаџментот на ова акционерско друштво ги диктира правилата во ГТЦ, иако поседува помалку од 30 отсто од деловниот простор во трговскиот центар. Преостанатите 70 отсто од деловните објекти се во сопственост на приватни лица, но тие не учествуваат во носењето на одлуките за функционирањето на ГТЦ.

АД ГТЦ не е директен буџетски корисник, се финансира од сопствени приходи, односно преку договорите со сопствениците на деловен простор, како и преку издавање деловен простор под закуп. Она што го бараат приватните сопственици на деловен простор е да бидат вклучени во управувањето на објектот ГТЦ и да имаат увид на што се трошат парите што му ги плаќаат на АД ГТЦ.

Здружението на приватни сопственици ГТЦ 1973 пред две години испрати писмо до сите надлежните институции во земјава и до Владата со појаснување дека АД ГТЦ трошоците ги дели само на приватните сопственици, а не и на своите деловни простории.

„И тоа по 500 денари по квадратен метар, плус потрошена електрична енергија, и тоа од 588 деловни единици, целиот трошок што го прави АД ГТЦ се дели на 472 деловни единици во приватна сопственост, додека за нивните 116 деловни единици немаат платено по ниеден основ од 1997 година наваму“, се вели во писмото на Здружението на приватните сопственици.

Претседателот на Здружението, Емил Јосковски, појаснува дека тие како приватни сопственици сакаат да учествуваат во одлучувањето за трошењето на сопствените пари.

„Бараме да се определи правно лице кое е лиценцирано за тековно и инвестициско одржување на објектот. Да имаме реален увид во тоа како се фактурираат сметките за струја, парно, климатизација, вода“, вели Јосковски.

Тој укажува и на проблемот со договорите што ги потпишуваат со АД ГТЦ за тековно и инвестициско одржување, бидејќи им се наплаќа за услуги за дејности за кои е потребна лиценца, а АД ГТЦ ја нема.

Договорот уште и предвидува дека доколку сопственикот реши да го отуѓи или да го продаде сопствениот деловен простор, има обврска да продолжи да ги плаќа предвидените трошоци сè додека тој документ евентуално не го потпише новиот сопственик. Но, доколку не го потпише, стариот сопственик продолжува да плаќа, иако деловниот простор не е повеќе негов.

Директорот Трајчевски тврди дека овој член од договорот во пракса не се применува, меѓутоа, претседателот на Здружението на сопственици ГТЦ, Јосковски, го тврди спротивното.

„Со овој член имаме голем проблем затоа што во пракса децидно го користат. И со овој член им е дозволено овој договор што нема временски рок да го наследат и вашите наследници. Значи, ваков договор, или ако не го пренесете на новиот сопственик, вие сте должен да им го плаќате цело ова време“, вели Јосковски.

До редакцијата на ИРЛ пристигнаа повеќе пријави од сопственици на дуќани во ГТЦ за проблематичниот обврзувачки договор. Погледнете го краткото видео доколку сакате да слушнете што вели директорот на АД ГТЦ, Ѓоко Трајчевски, во врска со овој проблем:

Повеќепати низ годините е барано да се направи промена во овој договор. Оспоруван е и пред Основниот суд Скопје 2, но пресудите завршуваат во полза на АД ГТЦ. Од АД ГТЦ тврдат дека договорите се во согласност со законите и Уставот, но не сакаат да коментираат подетално сè додека не завршат актуелните судски постапки.

Решение бараат и преку Законот за домување, кој предвидува формирање заедница на сопственици, но тоа не важи во случајот со ГТЦ бидејќи ова законско решение се однесува на станбен, станбено-деловен и деловно-станбен објект, со што не остава можност тоа да се применува во деловни објекти каков што е ГТЦ.

Од Министерството за транспорт и врски препорачуваат проблемот да се реши согласно членот 98 од Законот за градење, кој предвидува дека сопственикот на објектот може да определи правно лице – управител за тековно и инвестициско одржување објекти.

Симбол за скопјани, дувло за политиката

АД ГТЦ преку јавни тендери набавува електрична енергија за целиот објект во ГТЦ, а потоа трошоците ги префактурира до крајните корисници, односно до приватните сопственици.

ИРЛ анализираше неколку договори и фактури, при што воочлива е разликата на цената меѓу набавената електрична енергија и префактурирањето до крајниот корисник.

На пример, во 2021 година АД ГТЦ склучило договор за набавка на електрична енергија со „ЕСМ продажба“ ДООЕЛ Скопје по цена од 4,619 денари по мегават без вклучен ДДВ. Но, ноемвриската фактура проследена до краен сопственик на деловен објект од истата година, во која ИРЛ имаше увид, покажува дека нему му е наплатен мегават по цена од 13,700 денари. За разликата во цените ги прашавме и менаџментот на АД ГТЦ и Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ).

Од АД ГТЦ тврдат дека цената до крајните корисници се формира според повеќе елементи и други режиски трошоци. Но, според Законот за енергетика, единствена институција во земјава што смее да формира цени е Регулаторната комисија за енергетика. Од РКЕ за ИРЛ велат дека формираат цени само за лиценцираните компании кои вршат дејност во енергетиката, а АД ГТЦ не поседува лиценца, но и дека не е единствен капацитет во земјава што функционира вака.

РКЕ препорачала АД ГТЦ да се лиценцира како затворен систем, можност што ја предвидува Законот за енергетика, и во тој случај РКЕ ќе може да ги формира цените.

Директорот на АД ГТЦ, Ѓоко Трајчевски, за ова решение вели дека спровел анкета меѓу сопствениците на деловен простор и тврди дека позитивно се изјасниле само 11 отсто од сопствениците, што не било доволно. Од друга страна, пак, од Здружението на сопствениците го оспоруваат анкетирањето по два основа, прво дека не може да се прави анкета со прашање дали да се работи законски и второ тие тврдат дека анкетата не стигнала до сите сопственици.

Трајчевски тврди дека работат законски и според своја методологија, но сепак најави дека за решавањето на повеќегодишните проблеми ќе се одлучува на повисоко ниво.

„Сите се запознаени со проблемите и јас како извршен директор спремам предлог до Владата да се формира комисија за Градскиот трговски центар и да се разрешат сите дилеми што произлегоа и од Здружението и од јавноста“, вели Трајчевски.

Неповолно мислење за усогласеност со законската регулатива во работата на АД ГТЦ изрази и Државниот завод за ревизија во извештајот објавен во јуни годинава. Препорачуваат АД ГТЦ заедно со РКЕ да најде решение за формирање на цените на електрична и топлинска енергија. Државниот ревизор изразил сомнеж и во реалноста на финансиските извештаи на АД ГТЦ.

Октомври 2021 г., Васко Ковачевски, директор на АД ЕСМ (лево) и Ѓоко Трајчевски, директор на АД ГТЦ (десно) на потпишување на меморандум за соработка за поставување фотоволтаици за производство на електрична енергија на покривот на Градскиот трговски центар. Иако проектот беше најавен кон крајот на 2021 г., реализацијата сè уште не е почната / Фото: АД ЕСМ

Според документите од Централниот регистар, во финансиските извештаи на АД ГТЦ, значаен пресврт се случил во 2017 година, кога новото раководство на чело со директорот Ѓоко Трајчевски го презема управувањето. Оттогаш, па заклучно со 2021 година, АД ГТЦ работи со загуби.

Во 2018 година со промените во систематизацијата на АД ГТЦ ќе се отворат нови 65 работни места, а меѓу нив и едно новоформирано, заменик-директор. На заменичкото место ќе седне Валентина Бајрам, ќерка на поранешниот пратеник Амди Бајрам. На прашањето од ИРЛ до Трајчевски каква помош добива од својата заменичка Валентина Бајрам, директорот на ГТЦ беше скромен во одговорот.

„Има улога на советување на генералниот директор во делот на објектот… Во менаџирање на Градскиот трговски центар“, рече Трајчевски.

ИРЛ стапи во контакт со заменик-директорката Валентина Бајрам, телефонски ја информиравме дека работиме сторија за ГТЦ и побаравме средба. Но, имаше забелешки зашто сме ја побарале на приватен телефонски број, иако ја побаравме во работен ден во текот на работното време. Вети дека сама ќе нè побара во текот на наредните денови, но тоа не се случи.

2021, Валентина Бајрам, заменик-директор во АД ГТЦ со браќата Елвис и Габриел Бајрам, пред фотографија од нивниот татко Амди Бајрам. Во ноември 2021 година новинарите од телевизија Клан открија дека Габриел Бајрам во магацините на ГТЦ имал поставено компјутери за „копање“ крипто-валути со нелегален приклучок на електричната мрежа на ГТЦ, односно го искористил фактот дека магацините немале свое броило за струја, со што тој не ја плаќал големата потрошувачка. По објавувањето во медиумите, полицијата влезе во просториите каде што биле поставени компјутерите, но само неколку дена подоцна полицијата го затвори случајот / Фото: Фејсбук-профилот на Валентина Бајрам

За време на корона-пандемијата АД ГТЦ користело субвенции од Владата за исплата на платите на вработените во администрацијата. Добиле финансиска инјекција од 8,9 милиони денари за вкупно 219 вработени и 45 хонорарци.

Работењето на ГТЦ беше истражувано и од Управата за финансиска полиција, која поднесе кривични пријави до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција против вработени лица во АД ГТЦ и неколку правни лица за повеќе кривични дела, меѓу кои злоупотреба на службена положба и овластување и злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство.

Сашка Цветковска

Сашка Цветковска

Главен и одговорен уредник

Сашка Цветковска е меѓународно наградуван истражувачки новинар и главен уредник на Истражувачка репортерска лабораторија. Цветковска работела на голем број национални и прекугранични истраги кои открија домашен и меѓународен криминал, корупција, недозволена трговија со оружје и војни со дезинформации. Истражувањата на кои што работела биле објавувани во Гардијан, Базфид, Зидојче Цајтунг и други. Нејзините сегашни одговорности се фокусирани на зголемување на влијанието на истражувачко известување преку создавање нови наративи на приказните преку филм и кампањи. Во таа насока во моментов ја извршува позицијата продуцент на документарен истражувачки серијал Редакција. Цветковска десет години е дел од истражувачкиот тим на Меѓународниот проект за известување за организиран криминал и корупција, меѓународна медиумска организација поврзана со ИРЛ. Била член на Бордот на директорит на OCCRP и на Здружението на новинари на Македонија.

Елена Митревска Цуцковска

Елена Митревска Цуцковска

Уредник за развој и операции

Елена Митревска Цуцковска е коосновач на ИРЛ и заедно со уредникот е одговорна за следење и дизајн на процесот на импленетанција на активностите на ИРЛ. Таа е проектен директор на документарниот серијал Редакција. Со новинарите соработува повеќе од 10 години и работела и на други технолошки решенија за подобро пребарување на јавните дати бази на податоци кои ги употребуват нашите репортери со цел нивната работа да биде побрза и поефикасна. По професија е софтвер инженер и графички дијзанер и таа е воедно и првиот технолошки експерт кој е обучен и работи во сферата на медиумите. Дел е од прекугранчата група на технолошки експерти на OCCRP и со своите поинакви вештини допринесува во прибирање и анализа на информации и како истражувач во ИРЛ.

Бојан Стојановски

Бојан Стојановски

Заменик главен и одговорен уредник

Бојан Стојановски е дипломинаран новинар со над десет годишно искуство во медиуми. Работел во телевизиите Алфа, 24 Вести и Алсат од каде доаѓа и станува дел од тимот на ИРЛ. Стојановски низ кариерата следел теми од областа на судството, криминал, корупција. Во 2013 - та година ја добива наградата „Никола Младенов“ за истражувачко новинарство, на тема „Вработување во јавната администрација преку партиски список“.

Деница Чадиковска

Деница Чадиковска

Уредник за развој и операции

Деница Чадиковска е дипломиран психолог, која својата новинарска кариера ја започнува во 2017 година како коавтор и копродуцент на младинската емисија Крик. Чадиковска стана дел од тимот на ИРЛ во 2018 година како истражувачки новинар – практикант во рамки на проектот за обучување на идни медиумски лидери. Во јуни 2023 година таа доаѓа на позицијата уредник за комуникации задолжен за спроведување на комуникациската стратегија на ИРЛ како дел од тимот за комуникации и продукти.

Mаја Јовановска

Mаја Јовановска

Истражувач и новинар

Mаја Јовановска е дипломоран новинари и следи теми од областа на корупција, криминал и правосудство. Во долгогодишната кариера работела во бројни медиуми како А1 телевизија, Канал 5 телевизија, Алсат и порталот НОВАтв пред да се придружи на основачкиот борд на ИРЛ во 2018. Добитник е на домашни признанија и награди и има учествувано на голем број обуки и конференции од областа на истражувачкото новинарство. Била член на раководството на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници на Македонија и Советот на Етика во медиумите во Македонија, а моментално е дел од раководството на ЗНМ.

Александра Денковска Гоцевска

Александра Денковска Гоцевска

Истражувач и новинар

Александра Денковска Гоцевска е дипломиран новинар со десетгодишно искуство. Работела во дневниот весник Нова Македонија, новинската агенција Мета.мк и порталот НОВАТВ. Во текот на кариерата работела на теми од областа на политика, урбанизам, судство и корупцијата. Со истражувачко новинарство започнува да се занимава во 2015 година кога доаѓа да работи како репортер во истражувачката редакција на НОВАТВ. Учесник е на десетици конференции и работилници за истражувачко новинарство. Автор е на првата андеркавер истражувачка сторија во Македoнија за животот на децата од домот 25 Мај.

Александар Јанев

Александар Јанев

Истражувач и новинар

Александар Јанев е дипломиран економист кој својата кариера како економски новинар ја започнува во 2008 во телевизијата Алфа. Вештините за професионално известување ги учи од врвни економски новинари преку обуки во земјава, но и во странство во новинската агенција „Ројтерс“, Велика Британија. Во 2010 година преминува во печатениот медиум Капитал, каде што работи до 2022 година. Во меѓувреме работи како постојан соработник на Балканска истражувачка репортерска мрежа (БИРН), а од 2018 година е и автор и уредник на ТВ проектот „Агенда 35“ што се емитува на Македонската радио телевизија. Од 2023 е дел од тимот на ИРЛ и следи корупција и економски криминал.

Иван Блажевски

Иван Блажевски

Истражувач и новинар

Иван Блажевски е новинар кој се занимава со теми од областа на меѓународни односи, криминал и корупција. Од 1998 година работи како новинар, а од 2001 година е уредник и дописник на шпанската државна новинска агенција EFE за Македонија, Албанија и Косово. Во својата долгогодишна кариера, Блажевски работел во бројни медиуми како Макпрес, Франс Прес (AFP), Вечер, Дневник, Време и Радио Слободна Европа, а 18 години бил уредник на вестите и документарната програма во ТВ АЛСАТ. Блажевски се придружува на тимот на ИРЛ во 2024 година. Добитник е на награда за истражувачко новинарство од Македонскиот институт за медиуми (МИМ). Има произведувано телевизиски програми во повеќе држави и региони, вклучувајќи Јапонија, Гренланд, Боливија, Кина, Непал, Бангладеш, источна Африка, Куба, Перу, Данска, Италија, Германија и други.

Пелагија Младеновска Стојанчова

Пелагија Младеновска Стојанчова

Истражувач и новинар

Пелагија Младеновска Стојанчова е новинар со над 16 години искуство во медиумската сцена. Својата кариера ја започнува во дневниот весник „Шпиц“ во 2008 година и во неделникот „Сега“. Од 2009 година се придружила на тимот на Радио Слободна Европа на македонски јазик, каде известува за политика, криминал, корупција и економија преку различни медиумски платформи. Од 2024 се вработува во ИРЛ како истражувачки новинар. Дипломирала на Филозофскиот факултет и продолжила образованието на Школата за новинарство на Македонскиот институт за медиуми (МИМ). Во текот на нејзината кариера работела на проекти за едукација и менторство на млади новинари.

Лука Блажев

Лука Блажев

Графички дизајнер

Лука Блажев е графички дизајнер во ИРЛ кој станува дел од тимот во 2019 година. Неговата кариера во полето на графички дизајн и уметност започнува во 2017та година преку работа на повеќе проекти за различни домашни и странски компании. Во ИРЛ, Блажев е задолжен за изнаоѓање графички решенија за истражувањата и дизајн на промотивните содржини кои произлегуваат од истражувањата, а ја следат комуникациската стратегија на ИРЛ. 

Трифун Ситниковски

Трифун Ситниковски

Режисер на "Редакција"

Трифун Ситниковски работи во филмската индустрија повеќе од една деценија. Има снимено повеќе од десетина кратки акциони филмови, кратки документарни филмови и три ТВ серии на кои работел како сценарист, режисер и извршен продуцент. Покрај режија на филмови, има работено и на бројни проекти како продуцент, монтажер, кинематографер, асистент на режисер и претпоставен за сценарио на кратки филмови, ТВ емисии, документарни филмови, реклами и музички спотови. Неговиот последен проект како режисер и сценарист е на документарниот серијал „Редакција“.

"Трајче

Трајче Антоновски

Kинематографер

Трајче Антоновски е снимател и дел од кинематографите на документарниот серијал „Редакција“. Антоновски повеќе од 10 години работи на визуелна реализација на спортски натпревари под покровителство на УЕФА и ЕХФ. Работел во информативната редакција на А1 и порталот НОВА ТВ, а бил дел од тимот за реализација на политичките емисии “Еврозум”, “Проверено”, но и на бројни забавни проекти како популарниот квиз „Кој сака да биде милионер“,„50-50“ и други проекти. Во ИРЛ Македонија е  дел од тимот задолжен за екранизација на сториите.

Горјан Атанасов

Горјан Атанасов

Монтажер и видео уредник

Горјан Атанасов е филмски и ТВ монтажер со повеќе од 8 години искуство во филмската и телевизиска индустрија. Атанасов има работено на повеќе играни и документарни проекти. Досега, како монтажер, се има потпишано на 6 кратки играни, 2 долгометражни документарни филмови, а моментално во ИРЛ работи како монтажер на документарниот серијал „Редакција“ и на кратките видео стории и мултимедијални проекти на организацијата.

„Поштенска банка“ е случај стар повеќе од две децении. Како се приватизирала првата државна банка се истражуваше исто толку долго. Случајот го реотвори во 2018 година тогашното Специјално јавно обвинителство. Но, по распадот на СЈО, случајот го презеде Обвинителството за гонење организираниот криминал и корупцијата. 

На 13 јуни 2024 година Кривичниот суд во Скопје, поради политичката интервенција на владата на СДСМ и ДУИ во спорните измени на Кривичниот законик, ја запре постапката. Таа се водеше против бизнисменот Томе Главчев, актуелен претседател на Кошаркарската федерација на Македонија, потоа Ратко Димитровски, поранешен градоначалник на Кочани од ВМРО-ДПМНЕ и адвокатот Зоран Шуклев.

Тие беа гонети за делата злоупотреба на службената положба и за перење пари. Преку надзорот било утврдено дека во решението на Кривичниот суд не е наведено по кој член од Законот за кривична постапка (ЗКП) се запира постапката.

Обвинителството за гонење на организираниот криминал и корупцијата, незадоволно од одлуката на Кривичен, поднело жалба со образложение дека Главчев, Димитровски и Шуклев треба да одговараат барем за делото перење пари.

Сепак, вишиот јавен обвинител Јован Цветановски се откажал од правото на жалба пред Апелација, а таквата одлука ја објаснил преку службена белешка во која причините за повлекување од жалбата биле, како што се наведува во надзорот, целосно контрадикторни и нејасни.

„Јавните обвинители Лиле Стефанова и Елвин Вели сметаат дека со откажувањето од жалбата на Основното јавно обвинителство за гонење на организираниот криминал и корупцијата, јавниот обвинител од Вишото јавно обвинителство Скопје не постапил професионално, стручно и законито“, стои во извештајот. 

Но, обвинителот Џелал Бајрами сметал дека Цветановски постапил согласно неговите надлежности. Со откажувањето од жалба Апелацискиот суд повеќе немал можност да расправа по жалбата на Обвинителството за гонење на организираниот криминал и корупцијата и случајот бил затворен.

Вториот случај е за бесправно градење во Зелениково на Драган Павловиќ-Латас и неговите двајца браќа Звездан и Срѓан Павловиќ. Кривичниот суд ги ослободил од вина на 4 јули 2019 година, а на 18 јули 2022 година на повторното судење била донесена истата одлука. 

Јавното обвинителство Скопје поднело жалба која на 10 октомври 2023 година била уважена и била закажана седница пред Апелацискиот суд во Скопје. На 6 ноември 2023 предметот бил рефериран во Јавното обвинителство каде што биле присутни тогашниот државен обвинител Љубомир Јовески, јавните обвинители Ферат Елези и Соња Симовска и вишите јавни обвинители Мустафа Хајрулахи и Јован Цветановски.

„Заклучокот по однос на реферирањето на јавниот обвинител кој го застапува предметот пред Апелацискиот суд да предложи да изготви вештачење дали преземените дејствија во предметот во градежните работи претставуваат подготвителни дејствија и да се утврди датумот на отпочнување на градежните работи. Да се повика вешто лице на главната расправа и да се расчистат дилемите“, пишува во извештајот од надзорот во ВЈО Скопје. 

Веќе следниот ден одбраната на браќата Павловиќ пред Апелацискиот суд доставила нов доказ - наод и мислење изготвено од вешто лице. Цветановски побарал рочиштето да се одложи за вкрстено да може да го испраша вештакот. Но, тогаш според надзорот се случило следното:

„Јавниот обвинител на расправата не ги поставил прашањата што ги најавил на записник од 7.11.2024 година, а на поставените прашања не добил одговор од вештото лице на спорните прашања од реферирањето пред Јавното обвинителство на Република Северна Македонија“, пишува во извештајот. 

Цветановски не постапил по насоките добиени на колегиумот во обвинителството да се изготви вештачење и наместо тоа го прифатил вештачењето на адвокатите на одбраната.

„Јавниот обвинител постапил спротивно на член 37 од Правилникот за внатрешно работење на јавните обвинителства според кој заземениот став и мислење по реферирањето е задолжителен за пониското јавно обвинителство“, напишале обвинителите Лиле Стефанова и Елвин Вели во документот од надзорот. 

Но, третиот член на комисијата за надзор, Џелал Бајрами, бил со став дека Цветановски постапил согласно заклучоците од реферирањето пред колегиумот во обвинителството.

Третиот предмет кој бил анализиран е случајот „Серта“ за тендери за чистење владини институции. Предметот стигнал во Вишото обвинителство откако Основното обвинителство поднело жалба на одлуката на Кривичниот суд.

Овој суд при оцена на обвинителниот акт ги прифатил приговорите на обвинетиот Спасо Ѓеорѓиев и фирмата „Серта“ кои биле гонети за злоупотреба на постапката за јавен повик. ОЈО на 29 јануари 2024 година ја обжалило ваквата одлука на судот.

Токму за овој случај има известување за вршење притисок врз службеничка во Вишото јавно обвинителство Скопје која ги архивирала и распределувала предметите. Добила наредба од тогашниот шеф на Вишото обвинителство Мустафа Хајрулахи со насоки кај кој обвинител да го додели случајот.

„За предметот ‘Серта’ ми беше кажано да му го заведам и дадам на јавниот обвинител Јован Цветановски“, изјавила службеничката Даниела Лапе, вработена во ВЈО Скопје, чие сведочење е дел од извештајот од надзорот.

На рочиштето на 9 април 2024 година во Апелацискиот суд, вишиот обвинител Цветановски се откажал од жалба.

„Од увидот во службена белешка од 9.4.2024 година видно е дека јавниот обвинител ги анализира доказите приложени кон обвинителниот акт, што е спротивно на одредбите од Законот за кривична постапка, член 336 и член 337, имајќи ја предвид фазата во која се наоѓал предметот“, пишува во извештајот од надзорот.

Во оваа насока е и правното мислење на Врховниот суд од 7.12.2021 година дека Советот за оцена на обвинителен акт не ги анализира доказите ниту, пак, го оценува квалитетот на доказите. Тој само треба да внимава дали некој доказ е прибавен на незаконит начин, нешто што требало да биде фокус за произнесување и на Јован Цветановски.

„За предметот е донесена пресуда на Врховниот суд на Република Северна Македонија 11.9.2024 година. Во оваа пресуда е констатирана повреда на законот во корист на обвинетите, а во самата пресуда е наведено дека ваквата повреда, сторена од страна на Советот за оцена на обвинителен акт, можела да биде санирана доколку Вишиот јавен обвинител не се откажал од изјавената жалба“, стои во документот од надзорот. 

Јавните обвинители Лиле Стефанова и Елвин Вели во заклучоците за овој предмет напишале дека со откажувањето од жалбата обвинителот Цветановски не постапил професионално, стручно и законито и се впуштил во анализа на докази и постоење на умисла за сторување кривично дело. Но, тоа требало да го утврдува надлежен суд. Сепак, и за ова јавниот обвинител Џелал Бајрами сметал дека Јован Цветановски постапил согласно неговите надлежности. 

Последниот, четврти, случај кој бил контролиран повторно е на обвинителот кој е под бројот римско два - Јован Цветановски. Станува збор за точење алкохолни пијалаци на дете.

Судот во Неготино ги прогласил за виновни Ѓорѓи Лазов и Илија Вангелов и правното лице ДПТУ „С.О.С. обезбедување“ ДОО Неготино. Обвинетите биле незадоволни од пресудата, па поднеле жалба по што бил оформен предмет во ВЈО Скопје.

На 3 февруари 2023 година Апелацискиот суд во Скопје ја укинал пресудата и предметот го вратил на повторно судење. Јован Цветановски не се појавил на јавната расправа во Апелација, а претходно ВЈО Скопје оценило дека жалбите на обвинетите се неосновани.

На 8 мај 2023 година судот во Неготино донел нова пресуда во која обвинетите биле прогласени за виновни, по што тие повторно поднеле жалба.

„На 23.8.2023 година од страна на јавниот обвинител во Вишото јавно обвинителство Скопје, Јован Цветановски, до Апелацискиот суд Скопје е доставен писмен предлог КОЖ.бр. 1187/23 со кој се предлага жалбите на обвинетите да се одбијат како неосновани“, се наведува во извештајот од надзорот. 

Цветановски дополнително објаснил дека во повторното судење судот во Неготино постапил по насоките дадени од Апелација и биле отстранети сите констатирани повреди во првостепената постапка. Но, само неколку месеци подоцна Јован Цветановски се премислил.

„На расправа на 26.12.2023 година јавниот обвинител се откажува од обвинението. Од увидот во пресудата на Апелацискиот суд Скопје на расправата пред судот не бил изведен ниту еден нов доказ и со ништо не била променета фактичката состојба од моментот на давањето на предлогот“, стои во извештајот од надзорот.

На истиот ден, 26 декември 2023 година, Цветановски изготвил службена белешка дека се откажал од обвинение затоа што немало докази за делото.

За ваквиот начин на постапување, единствено мислење имаат сите тројца обвинители кои го вршеле надзорот, Лиле Стефанова, Елвин Вели и Џелал Бајрами, кој за претходните три случаи беше со став дека Цветановски постапувал законито. Сега и Бајрами сметал дека Цветановски постапил спротивно на правилата.

„Јавните обвинители Лиле Стефанова, Елвин Вели и Џелал Бајрами сметаат дека, имајќи ги предвид писмените предлози во двете постапки и ставовите искажани во нив, а во ситуација кога на главната расправа не се изведени нови докази, со откажувањето од обвинението јавниот обвинител не постапил професионално, стручно и законито“, нотирале тројцата обвинители во извештајот од надзорот.

Но, извештајот кој содржи 20 страници е потпишан само од обвинителите Лиле Стефанова и Елвин Вели. Џелал Бајрами не се потпишал на документот кој откако бил изработен му бил доставен на тогашниот државен обвинител Љупчо Коцевски.

Во прилог на извештајот има службена белешка од Бајрами, како и известување од петте службенички за начинот на кој Мустафа Хајрулахи им вршел притисок да заведуваат и распределуваат предмети во Вишото обвинителство додека бил шеф.