Press "Enter" to skip to content

Протест во Тетово за жртвите од модуларната болница, граѓаните бараат разрешување на Љубомир Јовески

Мирен протест со гласни пораки директно упатени до правосудните органи. На денешниот протест во Тетово, стотина граѓани бараа правда за 14-те сограѓани кои изгореа во пожарот во модуларната болница пред две години.

На протестот присуствуваа граѓани од Тетово, но и од други градови во земјава. Протестот се одвиваше мирно, со гласни пораки упатени до надлежните институции. Се бараше разрешување на јавниот обвинител Љубомир Јовески и останатите обвинители вклучени во предметот за пожарот во модуларната болница. На протестот немаше никакви партиски обележја, туку сплотени пораки за правда напишани на повеќе јазици.

Дел од транспарентите кои ги носеа граѓаните на крајот од протестот ги залепија на вратите од зградата на Основното јавно обвинителство Тетово и на Основниот суд.

„Доста е, сакаме да им кажеме на институциите дека ништо не функционира. Не се казнети тие што се причинители за пожарот во модуларната болница. Ова судење не ја задоволи правдата. За 5 години имаме 4 трагедии, 97 жртви и НУЛА дена затвор. Затоа довербата во правосудниот систем на оваа држава е НУЛА. Животите на граѓаните станаа заложници на пазарења и тендери без критериуми. Се виде дека корупцијата убива. Од целиот процес се докажа дека Обвинителството и Судот се дел и бранители на злосторничко здружување која ја држи државата во заложништво. Бараме Владата веднаш да го разреши Јавниот обвинител Јовески и тој заедно со другите обвинители инволвирани во оваа монструозно дело да одговараат кривично. Бараме да се судат и казнат вистинските виновници, вклучително и политичарите кои спротивно на законот го доделија тендерот за изградба на фирмата Брако“, рече Елмедина Абдулаи од „Подобро за Тетово“

Аријанит Џафери од „Еко Герила“ вели дека денешниот протест не е само за Тетово, туку и за целата држава затоа што во секој дел од државата во некој момент граѓани биле жртви на неправда и корумпираната мафија.

„Сите граѓани на нашата држава, во секој дел од земјата се во некој момент жртва на неправдата и на корумпираната мафија што со години на назад е инсталирана во нашето ‘правосудство’. Денеска во Тетово се протестираше за да се повтори судењето за пожарот во модуларната болница во Тетово каде што беа убиени 14 наши сограѓани. Но овој протест не е само за Тетово, него и за целата држава. Ослободувањето на правдата од неправедните слуги на власта и мафијата, облечени со обвинителско или судско одело ќе биде на корист на сите граѓани. Тетово денеска протестира и се бори за цела Македонија, и за сите жртви на силните кои на еден или друг начин се амнестирани од неправедниот правосуден систем. Време е цела Македонија, сите граѓани да станат на нозе и да се обединат кон враќање на правдата, слободата и безбедниот живот во нашата земја“, вели Џафери.

Организациите „Подобро за Тетово“ и „Еко Герила“ кои беа организатори на протестот за правда за жртвите од пожарот во модуларната болница, најавија дека ќе продолжат да вршат притиспк врз институциите и наскоро ќе ги најават нивните следни чекори.

Се прашуваш како може да се приклучиш во борбата за правда? За корупцијата во судството и обвинителството мора да зборуваат оние кои што се за тоа избрани од народот. Приклучи се во борбата за правда и пиши им на пратениците кои бираат клучни луѓе во правосудните институции. Еве зошто и како.

Протестот во Тетово доаѓа по објавувањето на документарниот филм на ИРЛ „Убиство во Тетово“ во кое новинарите открија дека модуларните болници се граделе без елаборат за електрична инсталација, без елаборат за противпожарна заштита, без надзор на изградбата и имало низа други законски пропусти. За ова биле свесни и Министерството за здравство и обвинителите кои подолг период работеле на овој случај.

Целиот документарен филм погледнете го тука.