Press "Enter" to skip to content

МАЛМЕД бара да се казни Жан Митрев поради непријавени клинички испитувања

Придружуван од двајца адвокати и подготвена презентација „Факти за Ковид“ доктор Жан Митрев денеска одржа прес конференција за новинари. Средбата со медиумите доаѓа во време кога обвинителството води истрага против него, а граѓанскиот суд треба да донесе одлука дали ќе ја прифати неговата тужба за клевета против новинарите на ИРЛ. Од институциите досега само Агенцијата за лекови (МАЛМЕД) му поднесе прекршочна пријава и бара казна за болницата, бидејќи клиничките испитувања за хемофилтрација врз КОВИД пациенти не биле пријавени. Судска разрешница се уште нема.

Четири месеци по објавата на документарниот филм „Нечиста крв“ доктор Жан Митрев, заедно со неговите двајца адвокати одржа брифинг за новинари во неговата клиника. Повод за средбата со медиумите рече дека е молкот на институциите, кои досега не излегле со конкретни наоди дали болницата прекршила одредени закони за време на пандемијата. 

Доктор Митрев рече дека болницата трпела финансиски штети, а дека тој и вработените во последните месеци поминувале низ голгота со проверките од страна на истражните државни органи.

Брифингот со новинари се случува во пресрет на екстензивна истрага за „Измама на пациенти“ во клиниката Жан Митрев водена од Јавното обвинителство – Скопје. И непосредно пред одлуката од страна на Граѓанскиот суд – Скопје за тужбата за клевета и навреда кон новинарите на ИРЛ. 

Клучните пораки кои сопственикот на болницата ги испрати до јавноста беа дека не е воен профитер, не вршел клинички испитувања и хемофилтрацијата ја користел во строго пропишани услови.

Што тврди доктор Митрев, што заклучи МАЛМЕД

Агенцијата за лекови и медицински средства (МАЛМЕД) му поднела прекршочна пријава на доктор Митрев затоа што клиничките испитувања кои ги вршел врз КОВИД пациенти не биле пријавени. 

Законот предвидува парична казна од 50 илјади евра доколку не ги почитувал строгите правила за вршење на клинички испитувања. Испитувањето мора да биде одобрено и мониторирано од Клиничка и Етичка комисија во МАЛМЕД. А, пациентите мора да бидат известени дека се дел од клиничко испитување и третманот е бесплатен.

Адвокатите на Жан Митрев тврдат дека клиниката немала потреба да ги пријави клинички испитувања за користење на хемофилтрација кај КОВИД пациенти, затоа што всушност не станувало збор за вистински клинички испитувања.

„Станува збор за обичен напис, обична статија, каква што обврска имаат да прават сите здравствени установи, особено во услови на пандемија и светска криза. Да информираат и доставуваат информации до сите медиуми со цел да се врши размена на сознанија и искуства“, вели еден од адвокатите на доктор Жан Митрев.

Тој додаде дека е неспорно дека трудовите се објавени во меѓународни публикации, но дека поради техничка грешка истите се означени како студии.

Клиничкото испитување за користење на хемофилтрација кај критични КОВИД пациенти е објавено во јули 2020 година. На самата публикација е наведено дека станува збор за клиничка студија која има за цел да докаже дали хемофилтрацијата има позитивни ефекти доколку се користи кај КОВИД пациенти.

Доктор Митрев во интервју за телевизија Канал 5 во август 2020 година се пофали дека болницата веќе има направено студија која им користи како поткрепа за лекување на КОВИД пациенти во критична состојба.

„Ние веќе ги имаме бројките, нашата прва студија ја објавивме и меѓуародно и има научна поткрепа“, изјави Жан Митрев во август 2020 година во интервју за емисијата „Само вистина“.

Во текот на истражувањето ИРЛ пронајде пет клинички студии во кои учествувала болницата „Жан Митрев. Студиите се објавени во периодот од јули 2020 до септември 2021. Целта на сите е да се докаже бенефитот од третманот хемофилтрација со  „Оксирис“ филтрите на американската фармацевтска компанија „Бакстер“.

Жан Митрев тврди дека никогаш не кажал дека хемофилтрацијата е лек за КОВИД пациенти

Доктор Жан Митрев денеска рече дека никогаш не ја промовирал хемофилтрацијата како лек за КОВИД пациенти, туку дека болницата ја користела оваа метода за третирање на последиците предизвикани од коронавирусот. Истите кои може да се појават и како последица на други заболувања.

„Никогаш не е кажано ниту од мене, ниту од мојот тим дека ние лекуваме корона со хемофилтрација. Туку сме ги лекувале ефектите од таа болест“, рече Митрев на денешниот брифинг со новинари.

Сепак, во честите интервјуа во медиумите и промотивните материјали на социјалните мрежи за време на пандемијата, доктор Митрев секогаш нагласуваше дека методот хемофилтрација е единствен спас за ковид пациенти.

„Значи вие имате две алтернативи. Едната е хемофилтрација, другата е класично лекување. Класичното лекување е катастрофално“, изјави доктор Митрев во едно интервју. 

Ниски профитни маржи, милионски добивки

Жан Митрев за денешниот брифинг имаше подготвено презентација насловена „Факти за КОВИД“ во која тврди дека не ја искористил пандемијата за профитерство. 

„Ниту половина евро, ниту пола денар немаме земено повеќе од пациентите за време на панедемијата дури ниту поради погрешна финансиска пресметка“, пишува во презентацијата.

Кардиологот рече дека никогаш немал за цел да заработи на грбот од пациентите. Работел со истите цени како и пред КОВИД пандемијата. А, за третманот хемофилтрација имал ниски маржи и многу мала заработка. 

Тој вели дека во клиниката една хемофилтрација чини 3.000 евра, а трошоците кои клиниката ги има за овој третман се 2.450 евра. Сумата ја пресметал приватниот ревизор кој Жан Митрев го најмил да направи вештачење на финансиите во клиниката. 

„Сите пациенти кои примиле една или две хемофилтрации имале медицинска индикација, а не финансиска индикација. Ако била финансиска, ќе требаше да им речам сите да прават хемофилтрација. Само 35% од вкупниот број пациенти примиле хемофилтрација“, вели докотр Жан Митрев.

Адвокатот на Митрев додаде дека поисплатливо би му било доколку пациентите ги задржеле еден ден повеќе на интензинвна нега, која чини 600 евра на ден, наместо да им прави хемофилтрација за која има заработка од 550 евра.

Финансиските извештаи на клиниката „Жан Митрев“ од Централниот регистар покажуваат дека во изминатите две децении болницата има вкупно приходи од 305 милиони евра. Од нив 32,7 милиони евра се чиста добивка. 

Повеќе од половина од вкупната добивка или 17, 3 милиони евра болницата ја направила во двете години на пандемијата (2020 и 2021 година). 

Вкупната добивка во период од 20 години на болницата „Жан Митрев“ е над 32 милиони евра. Само во двете пандемиски години кардиологот остварил чиста добивка од 17,3 милиони евра

Скопското јавно обвинителството отвори истрага против болницата и сопственикот Жан Митрев за „Измама на пациенти“. Досега во обвинителството изјави дале десетици семејства чии најблиски биле подложени на третманот хемофилтрација и на крајот починале. 

Истрага води и министерот за здравство Беким Сали, кој формираше стручна комисија која анализира повеќе од 560 досиеја на пациенти во клиниката Жан Митрев.

КЛИНИЧКИ ИСПИТУВАЊА

ПРЕЗЕМИ ДОКУМЕНТ

1. Екстракорпорално прочистување на крвта како модалитет на третман на лекување на КОВИД-19

2. Цитокинска бура и КОВИД-19: хроника на про-инфламаторни цитокини

3. Рано започнување на екстракорпорално прочистување на крвта со користење на хемофилтерот AN69ST (oXiris®) како модалитет на третман за пациенти со КОВИД-19: серија на случаи од еден центар

4. Екстракорпорално прочистување на крвта кај умерени и тешки пациенти со КОВИД-19: проспективна кохортна студија

5. Тешка форма на КОВИД-19 се поврзани со постојани биохемиски нарушувања и продолжена симптоматологија; Ретроспективна кохортна студија од еден центар

Повеќе од Насловна десноПовеќе теми во Насловна десно »