Press "Enter" to skip to content

Локални шерифи: Паѓа бетонската база на Нефи Усеини

Општината Охрид денеска почна да ја урива бетонската база во сопственост на фирма на охридскиот бизнисмен Нефи Усеини, јави дописничката мрежа на дигиталната редакција “Сакам да Кажам”.  Базата се наоѓа на патот  кој води кон Струга покрај периферната охридска населба Далјан и истата почна да се гради на самиот езерски брег, на само десетина метри од водата. Минатиот јуни порталот А1он објави дека советник во охридската општина и контроверзен бизнисмен гради без дозвола. Продолжија и СДК, телевизијата 24, Телма, ТВ21, 360 степени, како и охридските локални медиуми, кои со недели известуваа во низа за дивоградбите на бизнисменот и советник во општината од партијата ДУИ.

Коментар: Сашка Цветковска

Се почна кога Нефи Усеини посака да си ја прошири кафеаната среде плоштадот кај стариот охридски чинар. Градеше без страв, без да бара градежна дозвола и без да биде вознемируван од инспекторите и среде заканите од УНЕСКО дека дивоградбите во Охрид може да го тргнат стариот град од мапата на светското културно наследств.  Локалните и државни инспектори молчеа повеќе од една година, со што овозможија Нефи Усеини да стане уште еден симбол на неказнивоста во земјата.

Овие известувања и’ помогнаа на екипата репортери на ИРЛ да одлучи да ја постави својата прва мобилна редакција во Охрид, со цел оваа мала медиумска лабораторија да ни овозможи тест модел за поголемо влијание на медиумите и граѓаните врз носењето на политиките. Испечативме материјали на кои што пишуваше “Да ја убиеме корупцијата пред таа да ја убие Македонија”. Со ваков штанд и знаме се сместивме пред нашата отворена канцеларија – до чинарот и до градилиштето на Нефи Усеини.

https://www.facebook.com/IRLMacedonia/videos/477254553033655/

Нашиот тим се распрскуваше низ градот, собираше информации и истражуваше како системот дозволил некој како Нефи Усеини да биде замолуван да не го крши законот од страна на премиер, министер за внатрешни работи и министер за евроинтеграции, наместо да биде казнет. Се прашавме, што би ни покажал примерот на Нефи Усеини за механизмот на целиот систем кој што дозволил случајот “Нефи” воопшто и да се случи.

На само пет дена до денот на избори и во многу валкана кампања, под разни притисоци и објавувања тајно снимани разговори кои покажуваат дека Усеини не е само човек за кого имало обвинувања дека го штити актуелната власт, туку е и некој кој го штитела претходната власт и матичната партија ДУИ која сега жестоко војува со СДСМ.

Но, замислете си, а што ако никој никогаш не напишеше ниту збор за Нефи Усеини? Дали тогаш оние со моќ би чувствувале притисок за да променат нешто на подобро и да ги спроведува законите? Не би се согласила. Да не беа медиумите кои работат во вистински редакции со свои дописници и во тешки услови да се одржат,  ние никогаш немаше да знаеме за Нефи Усеини. Или, и да знаевме, никој не се плаши од кафеански трачеви, туку од факти, докази, аргументи и квалитетно раскажани приказни од јавен интерес. Да не беа нашите колеги дописници, ИРЛ не би се сетила да посвети темелно да објасни и истражи преку модерните раскажувачки видеа кои имаат задача да објаснат кој е навистина Нефи Усеини – Франкештајнот од лабораторијата на најмалку 4 различни влади, пратеници, советници и судии и обвинители. Резултатот од нашата работа е ова видео истражување кое што, меѓудругото открива и како Усеини употребил земјиште на Исламската верска заедница, но и врски со турската влада.

 

Повеќе за проектот на ИРЛ Мобилни редакции во чии што рамки ги работиме видеата локални шерифи прочитајте овде.

Други локални шерифи

Повеќе од СторииПовеќе теми во Стории »