Press "Enter" to skip to content

Хаос на пазарот со нафтени деривати, се изрекуваат казни, но се преќутуваат системските пропусти

Се увезувал мазут со лажни тарифни броеви, се произведувал и дистрибуирал мазут од отпадни гуми, едни фирми немале лиценци, но слободно тргувале, други оперирале со несоодветни складови или ги прекршиле техничките услови за задолжнителни залихи, а се пронашле и отстапувања од параметрите за мазут. Додека власта тврди дека законите се европски, од Европската комисија за спроведување на Зелениот договор за ИРЛ и ОЦЦРП велат дека тие ќе се вклучат да им помогнат на земјите од Западен Балкан да ги усогласат стандардите.

Вонредниот инспекциски надзор на владата за квалитетот на мазутот утврди прекршувања на законите при увоз на мазут кај седум компании, ова денеска го соопшти вицепремиерот Љупчо Николовски на денешната заедничка конференција со министерот за економија Крешник Бектеши.

„Утрово целокупната документација со сите наоди, извештаи на надлежните институции, бидејќи си ја завршија својата работа, ги доставивме до Основното јавно обвинителство за понатамошно процесоирање и постапување и евентуално утврдување од страна на овие органи во рамките на нивните надлежности за соодветна одговорност“, вели вице-премиерот Николовски.

Се активираше и Регулаторната комисија за енергетика која што отпочна постапка за одземање лиценци на четири компании. Две од овие компании, „Евротим“ и „РКМ“, беа опфатени и во новинарското истражување на ИРЛ, ОЦЦРП и МРТ1.

„Кај компанијата „Евротим“се констатирани неправилности и ѝ е изречена времена забрана за пуштање во промет на мазут, откако е утврдено дека увезениот мазут бил со вредности кои не одговараат со Правилникот за квалитет на течни горива”, рече Бектеши.

Дополнително, тие купувале и друг мазут од погони без лиценци или такви кои правеле горива од отпадни гуми.

Регулаторната комисија потврди дека „Евротим“ има забрана за пуштање во промет на нивниот мазут, а се чекаат резултати и од дополнителни мостри кои би требало да бидат готови до крајот на тековниот ден.

„Државниот пазарен инспекторат му забрани на „Евротим“ секакво пуштање во промет на мазут, појасни Бислимоски.

Прекршочни казни во вкупен износ од 57, 5 илјади евра им се изречени на седум комапнии и тоа „РКМ ДООЕЛ“, „Евротим ГДС“, „Пертинакс“, „Ли-оил“, „Супертрејд“, „ДБ Кавадарци“, „Блу технолоџи“ и „Ка-оил Енерџи Кавадарци“. Последната воопшто и немала лиценца за работа од Регулаторната комисија за енергетика. За четири од овие компании или за „РКМ“, „Пертинакс“, „Супертрејд“ и „Лил оил“ денска се отпочнува и постапка за одземање лиценци поради прекршување на законите кои го регулираат чувањето на залихи.

На Санс АГ ќе и се одзема еколошката дозвола, си правеле мазут по свој терк од отпадни гуми

Компанијата „Блу Технолоџи“, како што нагласи, продавала мазут ППД којшто не е деклариран во Правилникот за течни горива и на оваа компанија и е изречено решение за привремена забрана и пуштање во промет на пронајдениот производ.

Кај компанијата „Санс АГ“ од Штип утврдено е производство на мазут од отпадни гуми и на неа и е изречена забрана за работа и поднесено е барање за одземање на ee интегрираната дозвола.

За овие две компании доставен е допис од Државниот пазарен инспекторат до Државниот инспекторат за животна средина за покренување постапка за одземање на лиценца, поради производство на производ кој го декларирале како мазут, а не соодвествува со параметрите во Правилникот за квалитет на течни горива.

Евротим увезувала мазут чии гранични вредности не одговараат со Правилникот. На неа и е изречена времена забрана за пуштање во промет на мазут. Двете цистерни од кои се земени мостри се вратени кај добавувачот, а дополнително земена е мостра и од складиштето на компанијата за што анализите се очекуваат во текот на денешниот ден.

Отстапување на параметарот во однос на процентот на вода е утврден и кај пет цистерни на компанијата „Супертрејд“. Овие цистерни се вратени кај добавувачот, а при повторниот инспекциски надзор кај оваа компанија, земени се нови три мостри кои е утврдено дека се во согласност со Правилникот.

РКМ успеала да го изманипулира тарифниот број, никој не објасни како

Вонредниот инспекициски надзор на владата доаѓа по истражувањето на ИРЛ, ОЦЦРП и МРТ1 кое откри институционален хаос во увозот на нафтени деривати со што се овозможило опасни енергенси како мазут наменет за бродската индустрија да се горат во болници и државни институции и големи индустриски капацитети како „Еуроникел“ од Кавадарци кој бил и најголем потрошувач на мазут во државата. Истражувањето покажа и речиси непостоечките контроли кои освен опасни загадувачи, овозможиле увоз на буквално токсични отпадни масла каков што беше случајот со фирмата „РКМ“ за која што известуваше и ТВ магазинот „Код“ Ова не е беше опфатено во истрагата на институциите.

Кај компанијата „РКМ“ било утврдено дека декларираниот производ не се совпаѓа со царинската тарифа под која е увезен што значи дека еден производ е означен во фактурата, е друг е увезен. На оваа компанија и е наплатен царински долг и прекршоци во вкупен износ од над 24 илјади евра.

Мазутот на Евротим и РКМ одамна бил на радарот на Регулаторната комисија

Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимовски на посебна прес конференција изјави дека фирмите „Евротим“ и „РКМ“ купувале мазут од и фирмите „Блу енерџи“ и „Сан АГ“. Едната немала лиценца, а другата правела мазут од отпадни гуми. За ова, според зборовите на Бислимовски, се знаело поодамна. Не е познато што преземале надлежните институции по ова прашање. Институциите не го соопштија ниту потеклото на овие деривати, ниту фирмите посредници. ИРЛ испрати дописи до надлежните институции за информација за потеклото на дериватите.

Системски пропусти имало, ама законите биле европски

Слабите закони и некоординираните институции овозможиле увоз на неквалитетен мазут, кој и онака е опасен загадувач. Владата најави истраги, но и ревизија на законските решешнија и уредбите. На денешната прес конференција само накратко се спомнаа системските проблеми. Министерот за економија Крешник Бектеши во одговор на новинарски прашања кусо рече дека „законите и правилниците се речиси усогласени со европските“. Повеќе од 1090 граѓани му пишаа на министерот за економија и побараа од него акција за промена на правилниците кои биле една од поголемите пречки за да се вршат квалитетни контроли.

Европската комисија ќе помага за усогласување на неусогласените стандарди

Додека македонските власти тврдат дека законите се „речиси“ европски, меѓународните еколошки организации за ИРЛ велат дека во пракса заштитата во законите и нивната имплементација се лоши. Од Европската комисија велат дека телото за спроведување на Зелениот договор ќе се вклучат да помогнат за да се услогласат стандардите.

Марија Џоли Ведер, адвокат за инфраструктура на фосилни горива во добротворната организација за заштита на животната средина „Клиент Земја“, рече дека еколошките проблеми претставуваат предизвик за земјите од Западен Балкан кои се обидуваат да влезат во ЕУ.

„Додека некои од овие земји се прилично напредни во усогласувањето со рамката [ЕУ] на хартија, во пракса се чини дека немаат волја да обезбедат дека нивните индустрии навистина ги исполнуваат овие нови еколошки стандарди“, изјави Ведер.

Вивијан Лонела, портпарол на Европската комисија за Зелениот договор, рече дека телото ќе ги искористи „сите можни политички, финансиски и технички средства“ за внимателно следење на еколошките проблеми во земјите од Западен Балкан и ќе им помогне на земјите-членки да се усогласат со стандардите на блокот.

Со десетина илјади евра за тестови државата контролира влез на 1,2 милиони тони нафтени деривати вредни

Документарецот на ИРЛ и МРТ1 фрли светло токму врз овој проблем. Царината тестирала само сулфур и нивната лабораторија воопшто не била акредитирана да тестира и други параметри, мобилната лабораторија која требала да ги тестира бензините и нафтата, две години не била ставена во функција, додека Пазарната инспекција имала пари да тестирам едвај десетина мостри годишно.

За пример, во во 2019 година се увезле вкупно 1,2 милони тони нафтени деривати, од кои што 80,000 тони биле мазут. За сите нив, Пазарниот инспекторат имал пари да направи 11 анализи во приватните лаборатории на „Макпетрол“ или „Окта“.

Погледнете го документарецот: