Press "Enter" to skip to content

Инспекции во болницата „Жан Митрев“

Првичните информациите на министерството за здравство се дека, не е испочитувана постапката за клиничко испитување на хемофилтрацијата како метод за лекување од КОВИД. Вонредниот инспекциски надзор, треба да даде одговор што се случува во клиниката „Жан Митрев“ и дали институциите за контрола на работата на болницата целосно потфрлиле.

Министерот за здравство, Беким Сали, ги задолжи Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ), Агенцијата за лекови МАЛМЕД до среда да достават конечни извештаи откако ќе завршат вонредните надзори во Клиничката болница „Жан Митрев“. Дополнително, задолжена е Лекарската комора да ги спроведе стручните надзори за лекувањето на ковид-пациентите во оваа болница. Министерот Сали на денешната прес-конференција кажа дека по истражувачката сторија на ИРЛ,„Нечиста крв“, побарал од ДСЗИ покрај вонредниот инспекциски надзор во клиниката на доктор Жан Митрев, да достават и информација за извршени редовни и вонредни надзори во изминатите три години и кои се резултатите од истите.

Кликни овде: Важна информација за истражувањето „Нечиста крв“

Агенцијата за лекови МАЛМЕД веќе иницирала и вонреден инспекциски надзор по однос на постапката за тоа дали е почитувана или не е почитувана постапката за клиничко испитување на хемофилтрација како метод на лекување на КОВИД – 19.

„Првичните сознанија укажуваат дека не е испочитувана, но да оставиме да се утврди фактичката состојба во Клиничката болница „Жан Митрев“ и овој наод ќе го имаме уште во текот на утрешниот ден кога истекува и рокот за да се изјасни и Клиничката болница „Жан Митрев““, рече Сали на денешната прес-конференција.

Тој ја задолжил и Лекарската комора да ги спроведе бараните стручни надзори за лекувањето на пациентите во Клиничката болница „Жан Митрев“.

„Извештајот ќе има за цел да ја констатира состојбата и лично јас ќе го доставам до надлежните институции за понатамошно постапување“, рече Сали.

Дополнително, Владата на денешната седница го задолжи Министерството за здравство за два дена да достави информација во врска со истражувањето за клиничката болница „Жан Митрев“,

„Заради големиот број реакции во јавноста, Министерството за здравство е задолжено да подготви и во рок од два дена до Владата да достави информација во врска со овој случај“, информираат од Владата.

Конечните резултати од вонредните инспекциски контроли во клиниката „Жан Митрев“, министерот за здравство Беким Сали ќе ги презентира на прес конференција во среда. Претходно предмет по допрен глас оформи обвинителството, за наодите кои ИРЛ ги објави во документарното истражување „Нечиста крв“.Министерот Беким Сали беше информиран за деталите од документарниот филм пред објавата и вети дека ќе даде интервју, но потоа стана недостапен.