Проблемот со аерозагадувањето е актуелен само во зимските денови, кога ситуацијата е екстремно алармантна. Но тој проблем постои и опстојува во текот на целата година, само за да ја доживее својата кулминација за време на поладните денови. Младинскиот тим на ИРЛ одлучи да поразговара на оваа тема со неуморниот борецот за чист воздух, Горјан Јовановски, околу причинителите, но и одговорноста на институциите како соучесници во овој злостор во кој жртвата е здравјето на граѓаните.
Зошто Горјан Јовановски?
Креаторот на апликацијата МојВоздух е млад активист кој од корен го промени начинот на кој луѓето ширум земјата го перцепираат проблемот со аерозагадувањето. Иако овој проблем им беше познат на многумина, особено поради фактот што граѓаните на Македонија можат буквално да го видат воздухот кој го дишат, малкумина беа вистински запознаени со тежината на проблемот и запрепастувачки високите концентрации на штетните ПМ честички во воздухот.
МојВоздух за прв пат се појавува во 2014 година во Македонија, а сега е достапна речиси на целиот Балкан. Со над 100.000 преземања, апликацијата која го покажува степенот на загадување низ целата земја, за кусо време ја зголеми перцепцијата на јавноста за тоа колку е загаден воздухот во Македонија.
По појавата на оваа апликација граѓаните прв пат излегоа и побараа од институциите конкретни решенија за подобрување на состојбата на воздухот во државата.
Горјан Јовановски во моментов живее во Амстердам и работи како софтверски инженер во „Booking.com“. Но неговото иселување не значи крај на неговата грижа за чист воздух во Македонија. Тој секојдневно води борба со институциите, барајќи одговорност и отчет за сработеното, а апликацијата е редовно надоградувана со нови алатки кои преку граѓаните треба да извршат притисок кај надлежните за поскоро решавање на проблемот.
Што Горјан има да каже?
Прашањето кое постојано лебди во воздухот, а не добива конкретен одговор, е кој е вистинскиот виновник за загадувањето. Дали се тоа граѓаните или пак моќните поединци кои раководат со индустриските капацитети? Горјан смета дека ова прашање не може да добие одговор поради тоа што Македонија не располага со акредитирана лабораторија која би ги следела емисиите кои излегуваат од оџаците на индустриските капацитети. Она што фрла сомнеж врз искреноста на институциите во поглед на справување со загадувањето кое доаѓа од индустријата, е фактот што секоја влада досега ја прикрива индустријата како причинител, префрлувајќи ја целата вина на домаќинствата и возниот ред. Јовановски на ова прашање вели дека е голема веројатноста да нечии интереси пробуваат да се заштитат, со што индустријата се занемарува како постоечки проблем, а причина за тоа е корупцијата.
„Колку некој и да заработува и да има некаков бенефит од тоа што ги прикрива, на крај тој или таа, или нивните деца, сите го дишеме истиот воздух. Така што на крај, сите сме загадени.“
Во однос на ветувањата кои градоначаникот на Град Скопје, Петре Шилегов, ги даде за време на својата предизборна кампања, Горјан вели дека само едно од тие ветувања е исполнето и доколку наскоро нема конкретни резултати, Јовановски оваа зима ќе ја помине протестирајќи пред Владата за одговорност и чист воздух.