Вовед
Со векови општествата во Албанија и Македонија делеле слични предизвици и проблеми. Но, денеска граѓаните на двете држави се отруени со токсични историски и етнички наративи, а корумпираната и контролираната медиумска сцена и дезинформациите дополнително ги продлабочуваат поделбите. За жал, оние кои профитираат од наметнатите наративи се корумпираните политичари, олигархијата и непријателските странски сили кои интензивно ја поткопуваат стабилноста во регионот.
Истовремено, мнозинството граѓани на двете соседни држави страдаат поради уништените можности за подобрување на инфраструктурата и поврзаноста кои ги спречуваат да живеат достоинствено на европскиот контитент.
Сакаме да покажеме како одложениот развој поради криминал, негрижа и корупција влијае поразително врз животите на граѓаните. И Македонците и Албанците со децении од независноста набљудуваат како функционерите излегуваат сѐ побогати од политиката, а довербата во институциитем, особено правосудните е драматично ниска. Затоа, од клучно значење e новинарите да известуваат за влијанието на бизнис и личните интереси врз државните политики бидејќи пресекот на овие две сфери често го обликува физичкиот, економскиот и социјалниот пејсаж на една држава.
Со истражување на овие односи, новинарите играат клучна улога во држењето на одговорност и на индустриите и на владите. Тие откриваат случаи кога политичките одлуки можеби биле компромитирани, обезбедувајќи транспарентност и давајќи ѝ ги на јавноста потребните информации за граѓаните да бараат добро владеење. Без оваа контрола, корупцијата и зделките на задни врати би можеле неконтролирано да цветаат, поткопувајќи ги демократските процеси и јавната доверба.
Што претставува истражувањето „Шопинг и јахти - Зошто да не?!“
Ова истражување е прво од серија истражувања посветени на прекуграничните текови на парите и влијанието во Македонија и Албанија. Во првото истражување се фокусиравме на градежната индустрија. Иако таа типично е главен двигател на економскиот раст, нејзините блиски врски со политичката моќ може да доведат до судир на интереси, корупција и приоритизирање на приватниот профит пред јавната благосостојба.
Преку примери од Скопје и Валона на крупни градежни проекти претставени како проекти од јавен интерес, сакавме да испитаме дали моќните градежни компании вршат несоодветно влијание врз креаторите на политиките, одлуките за урбаниот развој, јавната инфраструктура и користењето на земјиштето. Ваквото градење може да резултира со неисправни или небезбедни проекти, деградација на животната средина, злоупотреба на јавните средства и нееднаквост во пристапот до становите и јавните простори.
Со мапирање на овие односи, новинарите откриваат случаи кога политичките одлуки можеби биле компромитирани и дали одредени зделки се случувале зад задни врати.
Стории
Самир Мане, продавачот на ќофтиња кој стана милијардер
Самир Мане можете да го видите насекаде. Тој е трговец, хотелиер, градежник, банкар. Одржува добри релации со политичарите и со медиумите, но и со македонската и српска олигархија. Најдобро „плива“ со државни зделки и важни пријатели на вистинските места.
За албанскиот милијардер Самир Мане бизниси „на државна сметка“
Арапски бизнисмени, семејството на Доналд Трамп, албански милионери, еден домашен милијардер, еден поранешен британски премиер. Многумина сакаат дел од албанската туристичка иднина. Преку Балфин Груп ова е возможно и за скопјани - но инвестицијата ја следат истраги и сомнежи за корупција.
Послушните рачиња на ВМРО и СДСМ ја отвориле портата за „Ист гејт“
„Ист Гејт“ шопинг центарот и десетиците згради кои го чинат „Ист Гејт Ливинг“ немаше да бидат можни без гласачките машини на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Сомнителното тргување со влијание за да профитира Самир Мане граѓаните ги чини 3 милиони евра.
Видео
Проектен тим
Проектен уредник: Сашка Цветковска
Уредник: Миранда Спивак, Иван Блажевски
Новинари: Иван Блажевски, Бојан Стојановски, Линдита Чела
Дополнително известување: Зеријета Јајага, Пелагија Стојанчова, Давид Илиески
Видео тим: Владимир Владимиров, Борјан Стојков, Трајче Антоновски, Горјан Атанасов
Веб дизајн: Елена Митревска Цуцковска
Графика: Лука Блажев
Комуникации: Деница Чадиковска, Сашка Цветковска