Press "Enter" to skip to content

Самир Мане, продавачот на ќофтиња кој стана милијардер

Самир Мане можете да го видите насекаде. Тој е трговец, хотелиер, градежник, банкар. Одржува добри релации со политичарите и со медиумите, но и со македонската и српска олигархија. Најдобро „плива“ со државни зделки и важни пријатели на вистинските места.

Известуваат: Иван Блажевски, Линдита Чела

Нема сектор од економскиот живот во Албанија каде што го нема името на Самир Мане. Неговата мрежа на компании вбројува операции со трговски центри, супермаркети, градежништво, туризам, недвижности, обновливи извори на енергија, банки. Тој и неговите блиски луѓе поседуваат 56 компании кои го покриваат секој економски сектор во земјата.

Самир Мане, фото: „Балфин“

Управува со добротворна фондација, ги носи одликувањата „За посебни граѓански заслуги“ во Албанија и „Придонес за Република Австрија“.

Одликување на Самир Мане од страна на државата Австрија, фото: „Balkanweb“

Самир Мане изгради економска империја во Албанија, држава која во 2022 година во Глобалниот индекс на корупција се најде на 127. место меѓу 196 анализирани земји.

За околу 20 години Самир Мане успеа да се трансформира од имигрант во Австрија во, веројатно, економски најмоќниот човек во Албанија и пошироко во регионот.

Тој поседува имот вреден две милијарди долари, додека во јавноста секогаш се појавува во лежерно издание, маица „лакост“ и црни панталони. Единствено нешто што го покажува неговото богатство е елегантниот британски автомобил „бентли“.

Различни приказни за првото богатство

Самир Мане живее и во луксузен дом. Но, тој е скриен од очите на јавноста. Се наоѓа во оградената и добро обезбедена приватна населба Ролинг Хилс во Тирана, која ја изгради самиот Мане. Според известувањата на албанските медиуми, вилата што ја поседува е околу три илјади квадратни метри и се проценува на 4,8 милиони евра, како што изминативе години известуваа многу албански медиуми.

Самир, исто така, никогаш не го кажа изворот на своето богатство, туку раскажа различни приказни. Во раните 2000-ти години тој рече дека трговијата му е во крвта и оти ја започнал пред да падне комунизмот, уште додека бил студент по рударство.

„Во 1987 година заедно со моите двајца пријатели ја отворив првата приватна продавница во Албанија за продажба на ќофтиња“, рече Самир во интервју за Топ Албанија радио.

На друго место тој тврдеше дека се занимавал со продажба на електронски часовници, шалови и фармерки.

„Ги увезувам од Драч“, рече тој.

Потоа во 1992 година рече дека работел со девизи. 

„Во Албанија носев долари, а купував драхми. Потоа ги продавав во Австрија. Во првиот ден имав ќар од 10 илјади долари. Ја работев оваа работа трипати неделно. Од 1992 година заработував по 30 000 долари неделно“, раскажуваше Самир.

По падот на комунизмот и отворањето на границите на Албанија во раните 90-ти години, Мане, тогаш момче, е еден од ретките што излегле надвор од границите на Албанија, каде што беше потешко да се влезе отколку да се излезе. Патувал низ Југославија, која во тоа време почна да се распаѓа.

Првично заминал во Белград, па во Австрија, каде што го започнал емигрантскиот живот. Таму почнал мала трговија со електрични апарати за домаќинство.

„Најпрво работев како преведувач, неколку месеци, а потоа почнав да купувам електроника за домаќинство, се разбира, во мали количини. Во 1993 година отворив компанија во Виена која е таму и денес“, вели Мане.

Според неговите тврдења, во 1994 година ја проширил трговијата кон Македонија, каде што ги отворил првите продавници. Вели дека првиот милион го заработил на 25 години само со продавање телевизори, но и покрај тоа што вели дека бил успешен во Австрија и Македонија, никој од бизнис-круговите во Албанија не го познавал доволно.

Врските со политиката стануваат сè посилни. Во 2004 година изби првиот поголем скандал за Самир Мане. Во јавноста излезе афера со фирми каде преку починати лица се фактурирал поврат на ДДВ за бизнисмени. Истрагата за овие злупотреби остана без епилог.

Со приближувањето на промената на власта и претстојното доаѓање на Демократската партија на власт, Мане во 2005 година е првиот што ја намириса иднината на лобирањето во бизнисот. Тој ѝ стана еден од првите клиенти на Аргита Бериша, неколку месеци пред нејзиниот татко Сали Бериша да дојде на власт (2005-2013).

Во тоа време Аргита има адвокатска канцеларија, а Мане е нејзин клиент и користи консултантски услуги. Првата награда за него е присуството на Бериша и неговата сопруга на негова бизнис-промоција.

Со победата на Бериша, тој се најде на страната на еден од акционерите во ТВ Клан, кој сега му се придружи на Бериша, наспроти другите двајца кои важеа за приврзаници на политичкиот ривал Фатос Нано. Станува збор за Марсел Скендо и Жиљен Роши, кои набргу потоа заминаа од Клан.

Иако за себе постојано велеше дека работи законски, без дозвола изгради петкатница веднаш до Уметничкиот лицеј во Тирана, а сопствениците на земјиштето сè уште го тужат. Потоа следуваше нова зграда, која ја градеше заедно со Едуарт Франгај, сопственикот на ТВ Клан, а која наместо 8, доби 13 ката. Малку подоцна го зазедоа речиси целиот дел околу стадионот „Ќемал Стафа“ и го претворија од простор за рекреација во станбен преку постојано менување на плановите за градба. На тоа место беше изградена зграда од 25 ката.

Се поврза и со, како што го нарекуваа, газдата на српското подземје, српскиот милијардер Мирослав Мишковиќ, поранешен заменик на Слободан Милошевиќ.

Мирослав Мишковиќ, сопственик на „Делта макси груп“ и поранешен заменик на српскиот претседател Слободан Милошевиќ, фото: „Balkan Insight“

Мишковиќ му ги продаде своите супермаркети „Делта макси груп“ по цена што никогаш не беше соопштена. Потоа маркетите ѝ ги препродаде на белгиска компанија, поврзана со грчка, со која подоцна Мане отвори нов бизнис со супермаркети во Тирана.

Лaнец супермаркети INTERSPAR, фото: „Балфин“

Во јавноста остана прашањето дали целата продажба беше само начин како да се стават во промет определени непознати пари. Сепак, за ова се велеше дека Мане на Србите им се одолжил за гостопримството во 1991 година кога замина во емиграција.

Како што тогаш објавија медиумите во земјата, Мане, преку политичко лобирање и посредувајќи со сопствениците, добил земјиште на албанското крајбрежје и предградијата на Тирана. Стана газда на банки и рудници и сето тоа во време кога Албанија е на врвот на листите за корупција во регионот и со проблеми во владеењето на законот.

Самир Мане сака да го знаат како човек што го започнал бизнисот со малопродажба преку супермаркети. Во 2005 година го оформи синџирот хипермаркети „Еуромакс“ во центарот на Тирана во трговскиот центар „Универз“ (QTU). Тој потоа се прошири низ цела земја.

Првиот хипермаркет „Еуромакс“ беше отворен во 2005 година во „Универз“, како локален бренд на Групацијата „Балфин“, а во 2008 година српската малцинска група „Делта макси груп“, која му припаѓа на Мирослав Мишковиќ, купи 100 отсто од акциите.

Компанијата почна да има проблеми со снабдувачите и во 2011 година „Еуромакс“ замина во сопственост на белгиската група „Делхаиз“ откако неа претходно ја купи и „Делта“. Според даночните извештаи, во 2012 година „Еуромакс“ регистрира годишен обрт од 38 милиони евра.

На почетокот на 2013 година Групацијата „Балфин“ повторно го купи синџирот маркети „Еуромакс“ од белгиската фирма „Делхаиз“ откако таа одлучи да се повлече од Албанија.

Самир Мане тогаш најави дека планира повторно да ги продаде маркетите „Еуромакс“.

Два месеци по најавата, во март 2005 година, „Балфин“ ја финализира продажбата на синџирот продавници (23 супермаркети) на групацијата „Маринопулос“ (CMB Balkans). Оваа компанија претходно беше присутна во Албанија преку супермаркетот „Карфур“ во трговскиот центар ТЕГ (исто така, во сопственост на „Балфин“). Вредноста на продажбата не беше соопштена во јавноста.

Две години подоцна Мане ја формира компанијата „Алмарк“, која потоа се појавува во сите трансакции поврзани со супермаркетите „Карфур“.

Во мај 2015 година Групацијата „Балфин“ соопшти дека ги добила ексклузивните права за „Карфур Албанија“. Успеа да исплати 70 % од обврските. Откако го смени сопственикот, „Карфур“ почна да се нарекува „Интершпар“ која, пак, е фирма со која управува „Алмарк“ на Мане.

„Балфин“ ја поседуваше и компанијата за хром „AlbChrome“, фото: „Балфин“

Иако Албанија се смета за првите земји во Европа во однос на резервите на хром, искористувањето на ова природно богатство зад себе има историја на неуспешни концесии, недостиг на инвестиции, неорганизирани и нелиценцирани истражувања кои често резултираа со тешки инциденти.

„Албанијан хром“ (некаде се појавува и како „Албхром“) е најголемата компанија во Албанија која врши експлоатација на оваа руда. Во 2001 година италијанското претпријатие „Дарфо“ ја доби концесијата за поголемиот дел од резервите на хром и ферохромното производство во Албанија на 30 години. Во рамките на тоа, ги доби рудникот „Булќиза“, фабриката во Бурел, како и фабриката за ферохром во Елбасан.

Во 2007 година во „Албанијан хром“ влезе австриската група „Деко метал“ откако ги купи концесионерските права од „Дарфо“. Италијанците си заминаа во 2013 година по серијата протести на синдикатите поради ниските плати и лошите работни услови. Во јануари 2013 година „Балфин“ купи 100 % од акциите.

Во јули 2016 година собранието на Албанија го продолжи за уште 10 години периодот на концесија на рудникот за хром во Булќиза на приватното претпријатие „АЦР холдинг“ како дел од Групацијата „Балфин“.

Од владата на Социјалистичката партија ова продолжување на периодот на концесија до 2040 година беше оправдано со новите најавени инвестиции кои концесионерот ќе ги направи во Булќиза.

Но, од 2015 до 2020 година при разни несреќи во рудникот загинаа 27 рудари, а десетици други беа повредени. Следуваа протести на членовите на Синдикатот на рударите од Булќиза и на активисти од граѓанското општество кои го обвинија Самир Мане за кршење на правата на рударите.

Рударите и синдикатот ја обвинуваа компанијата „Албхром“ за недостиг на безбедност на работното место. Но, откако беше формиран Синдикатот, во периодот од 2017 до 2020 година, компанијата ги отпушти рударите што беа негови членови.

Во декември 2022 година „Балфин“ објави дека започнува продажба на „Албхром“ на турското рударско претпријатие „Јилдирим интернешнл мајнинг инвестементс БВ“ (Yildirim International Mining Investments B.V.). Продажбата и трансферот на концесијата се завршени во 2021 година.

„Green Coast“ компекс со луксузни вили до селото Дерми, јужна Албанија, фото: insajderi.org, Bota Sot

На некогашната недопрена плажа, позната меѓу локалните жители по името Дралео (алб. Dhraleo), на 7 март 2014 година, актуелната влада одобрила дозвола за изградба на туристичкото одморалиште „Грин коуст“ (Green Coast) – комплекс од вили и апартмани како инвестиција на „Балфин“ на површина од 185 илјади квадратни метри.

Туристичкиот комплекс во 2015 година доби статус на стратегиска инвестиција во областа на туризмот, давајќи му на инвеститорот правна заштита од проблемите поврзани со сопственоста на земјиштето на кое се гради.

Во моментот кога дозволата за градба на објектите била одобрена во 2014 година, отуѓувањето на имотите во месноста било предмет на истрага на обвинителството во Валона. Резултатот од истрагата не е познат.

За проектот „Грин коуст“, претпријатието „Мане ТЦИ“, во сопственост на Самир Мане, подигнало два кредита од вкупно 16 милиони евра од Рајфајзен банк, додека за проектот „Грин коуст 2“ беа поднесени финансиски извештаи за последните три години. Преку нив се покажало дека капиталот на претпријатието го надминува минимумот потребен како гаранција за инвестицијата.

Компанијата „Мане ТЦИ“ доби статус на стратегиски инвеститор и за проектот „Њу борн“ во приморската област Лалз. Вкупно, пријавените инвестиции на „Мане ТЦИ“ во овие проекти изнесуваат 139,3 милиони евра.

Но, за милијардерот Мане не знаат само политичарите и богаташите што ги купуваат вилите што тој ги гради. Неговата луксузна резиденција во периферијата на Тирана е вклучена во учебникот по историја за четврто одделение каде што на децата им се покажува како денес изгледаат модерните села во Албанија.

Луксузната населба на Самир Мане “Rolling Hills” наведена во учебник по историја како пример какви се модерните села во Албанија, фото: albuktv.com