Press "Enter" to skip to content

За албанскиот милијардер Самир Мане бизниси „на државна сметка“

Веројатно најбогатиот Албанец во светот, Самир Мане, сопственик на Групацијата „Балфин“, чие богатство се проценува на околу две милијарди долари, има успешна „петолетка“ во бизнисот со недвижности во Албанија и Македонија. Во 2021 година во Македонија го изгради трговскиот центар „Скопје ист гејт“. Потоа бизнисот го прошири во приморскиот албански град Валона. Неговата компанија „Балфин“ во 2022 година таму доби пристап до државно земјиште. Конзорциум составен од четири други фирми претходно доби концесија старото градско пристаниште да го трансформира во луксузна марина за јахти. „Балфин“ првично не беше дел од овој конзорциум, но успеа да влезе во фирма која за само едно евро доби државно земјиште за изградба на елитен станбен и деловен комплекс покрај самото пристаниште.

Известуваат: Иван Блажевски, Линдита Чела, Бојан Стојановски

Некогаш противници, некогаш сојузници. Победници и победувани. Христијани, муслимани, атеисти. Феудални, социјалистички, демократски. Сега партнери во НАТО и кандидати за членство во ЕУ. Албанија и Македонија како соседи со векови најчесто делеле иста судбина.

По децении изолација поради тврдиот комунистички режим на Енвер Хоџа, во Албанија на почетокот на 90-тите следуваа години на политичка нестабилност. Во истиот период во крвава војна се распаѓаше Југославија, а Македонија прогласи независност. И двете земји споделуваа години со сиромаштија, корупција и криминал. Во Албанија во 1997 година ескалираа социјални немири откако пропаѓањето на криминалните пирамидални штедилници остави стотици илјади граѓани без своите тешко заработени заштеди.

Во Македонија во истата 1997 година се случи аферата ТАТ, кога парите на над 13 000 граѓани пропаднаа во истоимената штедилница. Таа брзо се издигна и исто толку брзо пропадна заедно со заштедите од околу 60 милиони евра (тогаш 120 милиони германски марки).

Поради целокупните лоши политичко-економски состојби низ годините, многу граѓани од двете соседни земји почнаа да се иселуваат. Беа потребни повеќе од 10 години за економиите во Македонија и Албанија да почнат да покажуваат некаков посериозен раст.

Албанија во 2009 година влезе во НАТО. Поради пристапот до две мориња, Јадранското и Јонското, како и убавата природа, земјата стануваше сѐ попривлечна за странски туристи. Многу љубопитници сакаа со свои очи да видат како една земја од комунистичка руина се претвора во туристички бисер на Медитеранот, како што изминативе години за Албанија пишуваат многу западноевропски медиуми.

Зголемениот интерес за Албанија носи и потреба од сместувачки капацитети, хотели, апартмани и друга услужна инфраструктура.

Во изминатите три години (2021-2024), според албанскиот Институт за статистика, биле издадени 143 дозволи за изградба на нови хотели.

Мирисот на морето и парите привлекуваат градежни фирми и трговци. Но, можноста за заработувачка не е магнет само за оние што сакаат да работат легално, туку и за оние што сакаат преку политички врски да ја елиминираат конкуренцијата и што повеќе да зграбат од ветувачката туристичка иднина на Албанија.

Во Скопје државниот имот на фирмата „Скопски саем“ поминуваше од едни приватни фирми кај други. На крајот заврши во рацете на Групацијата „Балфин“.

Албанија во потрага по странски инвеститори

Привлекувањето странски инвестиции во Албанија како посебен проект со име „Едно евро“ почнува во август 2006 година. Тогаш премиер беше Сали Бериша, лидер на Демократската партија. Но, претседателот на тогашната социјалистичка опозиција, харизматичниот и млад Еди Рама (градоначалник на Тирана од 2000 до 2011 година) го нападна проектот тврдејќи дека пречка за странски инвестиции се самиот Бериша и неговата политика.

Сепак, и покрај ваквиот политички став на социјалистите, иницијативата не згасна. Напротив, неа ја заживеа токму Еди Рама неколку години подоцна откако во 2013 година стана премиер и седна во фотелјата на Бериша.

Тој во 2015 година ја надгради оваа иницијатива преку донесување посебен Закон за стратегиски инвестиции. Целта на законот е да се воспостават посебни административни процедури преку кои странски и домашни инвеститори може да добиваат државна земја (парцели), побрз административен третман од институциите и да бидат ослободени од плаќање на некои даноци.

Но, од 35 проекти означени како стратегиски инвестиции од 2016 година, само две биле сосема странски. Четири биле заеднички – странски со албански партнери, а дури 29 биле на домашни фирми. Најчесто се фокусирале на градење, односно туризам.

Туризмот како една од движечките сили на економијата во Албанија, во периодот 2019-2023 година се очекувало да има удел од 8,8 % во БДП со тенденција до 2028 да се искачи до 9,3 %. Според албанскиот Институт за статистика, од 2018 година во просек биле издавани по над 1 000 дозволи за градење годишно. 

Градежништвото во Албанија можност за перење пари

Според Националниот извештај за процена на ризикот за 2023 година подготвен од Агенцијата за финансиско разузнавање на Албанија, градежништвото е еден од главните сектори во кој се перат нелегално заработени пари.

„Економските сектори најчувствителни на перење пари се секторите недвижности, градежништвото, трговијата, секторот телефонски услуги (Call Center) и консултантските услуги во економската и правната област“, се наведува во извештајот.

Изградбата на згради со висока густина на национално ниво е најмногу застапена во главниот град Тирана, иако бројот на жители во Општина Тирана се зголемувал во просек по 3 400 жители годишно или за околу 40 илјади повеќе во текот на последните 12 години. Податоците укажуваат дека во Тирана има речиси 75 илјади повеќе станови од реалната потреба за сместување

Населени и празни живеалишта во Албанија, според Државната агенција за финансиско разузнавање во Тирана

 

Концесија за пристаништето во Валона „еволуира“ во апартмани на државна земја

Населбата 1 Мај во сончевиот приморски град Валона на Јадранот изгледа прилично сиромашно, речиси како фавела. Скромни и трошни куќи. Некои од нив дивоградби, улици со лош асфалт без зеленило и средени тротоари.

Но, вредноста на населбата лежи во нешто друго. Во нејзината локација. Таа е залепена до пристаништето каде што веќе една и пол година траат градежните работи за негова целосна трансформација.

Во делови од маалото на местото на старите куќи се изградени нови згради и комплекси. Тие во блиска иднина треба да понудат сместување во овој албански град кој има забрзан туристички развој. Но, дел од граѓаните тука имаат голема мака. Со месеци протестираат на улиците. Не се задоволни како општина им ги проценила куќите што треба да се урнат.

Изградбата на една пристапна улица кон идниот елитен комплекс, каде што освен пристаниште ќе има хотели и згради со апартмани, ресторани и продавници, ќе остави без куќи околу 20 семејства во населбата.

„Како може да ѝ кажат на мајка – ќе те фрлам сосе партали?! Какви партали, кои партали?! Имајте почит! Ќе ја фрлеле сосе партали и ќе ја изваделе надвор! Постојат закони, постои држава, ѓавол… Каде живееме?!“, револтирано раскажуваше за ИРЛ една жителка од населбата 1 Мај.

„Дојдоа еден ден, ставија ливче со известување дека ќе ни ја урнат куќата. Како ќе ми ја уриваш куќата?! Таму сум со двајца сираци. Што да правам, каде да одам, не знам. Пред една недела дојде булдожер. Тука го паркиравме автомобилот за да не ни ја урнат куќата“, раскажаа за ИРЛ Мимоза Челај (61) и нејзиниот син Мариглен (29) стоејќи пред својата скромна приземна куќа на пладневната жештина.

„Ова не се прави за да ѝ служи на заедницата. Ова му служи на господинот што го гради ресортот. Улицата не ѝ служи на заедницата“, вели за ИРЛ Леонард Џако (48), сосед на Мимоза и Мариглен.

Овие жители велат дека не се против новите инвестиции, но бараат фер финансиска компензација од државата. А, државата Албанија е прилично богата на хартија. Нејзини се парцелите каде што се наоѓаат пристаништата, но и атрактивните плацови покрај нив.

Покрај пробивањето на улицата во населбата 1 Мај, на пристаништето во Валона кое граничи со неа веќе му се случува голема градежна трансформација. Тоа повеќе нема да биде место за закотвување на ‘рѓосани трговски бродови или траекти, туку марина за приватни луксузни јахти на албанскиот, европскиот и светскиот џет-сет кои крстосуваат по Јадранот и Медитеранот. Се гради проектот „Влора марина“ (Marina Vlorë).

Токму во населбата 1 Мај во поранешниот комунистички систем на диктаторот Енвер Хоџа разни граѓани по повеќе основи добивале плац или куќа од државата. Некои добивале имот поради придонес во општеството, а други како помош бидејќи биле сиромашни. За услугата потоа со децении ѝ плаќале симболична кирија на државата од 50 до 100 евра, но самите вложувале во одржување на објектите.

„Не ми дадоа имотен лист затоа што сум ја реновирала куќата. Па, како да не ја реновирам, стара е 60 години. Ќе паднеше покривот. На државата ѝ плаќав кирија 32 години“, ни рече Рукије Шабани (72) покажувајќи фотографии од руинирана фасада со цигли.

ИРЛ упати три прашања во Општина Валона. Ги прашавме каков е проблемот со имотите на граѓаните во оваа населба? Како ги коментираат тврдењата на дел од нив дека улицата се пробива за интересите на проектот „Влора марина“, а не за нивни потреби и да ни ги коментираат тврдењата дека Општината ги игнорира нивните проблеми? Од општината ни одговорија:

 „Станува збор за јавна инвестиција финансирана од албанската влада, одобрена во 2020 година како продолжение на улицата „Ѓерѓ Кастриоти“ (Трансбалканска) кој се поврзува со морското пристаниште Валона, како делница што им служи генерално на граѓаните, но и на жителите од тој регион“, посочија за ИРЛ од Општина Валона.

По неколку недели, ИРЛ доби дополнителен одговор по е-пошта потпишан од заменик-градоначалникот на Валона, Клевис Касо, во кој детално се објаснува процесот на финансиска евалуација и компензација на домаќинствата. Според него, Општината веќе ја усвоила постапката за обесштетување на 30 куќи, три куќи се во процедура. Уште 17 домаќинства ја немаат понудено соодветната документација, а уште девет се во процедура, но во други институции.

Добиле тендер, па си заминале

За проектот на пристаништето сѐ почнува во декември 2020 година. Конзорциум составен од компаниите “Marina di Valona”, “Marina Projects”, “Brunes” и “Ndregjoni” подготвуваат бизнис-план, односно физибилити студија за земање под концесија на пристаништето во Валона, негово претворање во туристичка марина, како и за изградба на објекти околу него.

Во бизнис-планот до кој дојдоа ИРЛ и нашите партнери од истражувачката новинска организација SHTEG.org во Тирана, тие планирале:

– Земање под концесија на трговското пристаниште и негово претворање во модерна туристичка марина. 

– Развој на јавниот простор во околината и негово поврзување со кејот, познат под името Лунгомаре. 

– Развој на комерцијална и станбена зона во близина на марината.

Само еден месец подоцна, во јануари 2021 година, владата на Еди Рама, преку Министерството за инфраструктура и енергија, распишала тендер со кој пристаништето го понудила под концесија по принципот јавно-приватно партнерство (ЈПП). Тендерот бил распишан на 6.1.2021, а траел до 26.2.2021.

Добитникот требало да проектира модерна марина за јахти, да ја изгради, да управува со неа и да ја одржува за време од 35 години. Во тендерот се барало инвестицијата да не смее да биде помала од 22,7 милиони евра без данок на додадена вредност (ДДВ).

Во потребната тендерска документација, која ИРЛ ја поседува, меѓу другото, се наведува: „од заинтересираните фирми се бара да имаат и искуство во проектирање марини од светска класа“, односно ваков вид пристаништа (во тендерската документација тоа било предвидено со критериум број IV.2).

На тендерот стигнале три понуди, а веќе во март бил прогласен победникот. Тоа бил споменатиот конзорциум составен од компаниите “Marina di Valona”, “Marina Projects Ltd”, “Brunes” и “Ndregjoni” кои пред само два и пол месеци имале бизнис-план за таа локација. На тендерот тие понудиле инвестиција од најмалку 22,8 милиони евра без ДДВ (околу 100 000 евра повеќе од пропишаниот минимум).

Дисквалификување на „Gjikuria“ и „Albavia“ 

Албанското Министерство за инфраструктура и енергетика соопштило и кои пријавени фирми биле дисквалификувани од тендерот. Тоа биле „Albavia“ и „Gjikuria“ кои не поднеле жалба на ваквата одлука.

Било констатирано дека не доставиле вообичаени документи, како на пример, извештај од финансиска ревизија. Имајќи предвид дека станува збор за сериозни домашни фирми кои работат на албанскиот пазар, нејасно ни беше како им се случило тоа и зошто воопшто учествувале на тендерот знаејќи дека во него се бара да имаат искуство во градење марини од светска класа? „Albavia“ дури и понудила за два милиони евра помала вредност на инвестицијата од минимално пропишаната на тендерот.

Во своите пријавени дејности за работа „Gjikuria“ и „Albavia“ не навеле ни дека имаат докажано искуство за дизајнирање и изградба на пристаништа од светска класа.

ИРЛ и нејзината партнерската организација, која е дел од Меѓународниот проект за известување за организиран криминал и корупција (OCCRP), во Тирана во април годинава испратија прашања до овие две фирми. Сакавме да знаеме зошто се пријавиле на тендерот, иако немале искуство за градење елитни марини? Дали условите на тендерот им биле сомнителни? Зошто не поднеле жалба? Ги прашавме и како би одговориле на коментарите на некои експерти кои изразуваат сомнежи дека поднесувањето нецелосни документи од нивна страна било само за да го легитимираат тендерското натпреварување, но без вистински интерес за проектот?

Ниту една од компаниите не ни одговори.

Додека траел тендерот за „Влора марина“ каде што без потребна документација се јавува и „Gjikuria“ (тендерот тече од 6.1.2021, а завршува на 26.2.2021), владата на Еди Рама на 4.2.2021 ѝ дала на „Gjikuria“ статус на стратегиски инвеститор за проект во Химара, приморска општина во јужна Албанија. „Gjikuria“ и фирмата "Coast to Coast" (и оваа фирма е во сопственост на семејството Ѓикурија) ќе градат три хотели и туристичка населба, резиденцијални вили. Вредноста на проектот се планира да биде 56 милиони евра. Плацот државата им го дала за симболична кирија од едно евро.

Во рамките на победничкиот конзорциум за пристаништето, “Marina di Valona”, “Brunes” и “Ndregjoni” се домашни фирми од Албанија, додека “Marina Projects Ltd” е од Велика Британија. Истиот ден кога бил прогласен победникот на тендерот за пристаништето (29.3.2021 година), албанскиот државен Комитет за стратегиски инвестиции (КИС) донел одлука победничкиот конзорциум да добие и статус на стратегиски инвеститор. Но, не за марината, туку за развој на сместувачки капацитети, хотелиерство и стандардизирани услуги во регионот кој се граничи со пристанишната инфраструктура која е предмет на концесијата.

Со оваа одлука ним им биле доделени екстра 57 502 квадратни метри државна земја на која може да градат станбени згради, сместувачки капацитети и други услуги „во служба на марината“. На 30 јули 2021 година меѓу Министерството за инфраструктура и енергија на Албанија и добитничкиот конзорциум потпишан е Договорот за давање под концесија за пристаништето преку јавно-приватно партнерство (ЈПП).

Потоа идниот месец фирмите од конзорциумот формирале заедничко концесионерско здружение „Мarina Vlorë“ чија дејност е изградба и одржување на марината.

Веќе на 3 септември 2021 година формирале втора заедничка компанија. Станува збор за „Мarina Residences Vlorë чија дејност е да ги спроведат „дополнителните инвестиции“ поврзани со марината во Валона, односно да изградат апартмани, хотели и други услужни капацитети.

Требало да има нов тендер, но немало

Врз основа на одлуката на албанскиот владин Комитет за стратегиски инвестиции за доделување статус на стратегиски инвеститор на конзорциумот, владата на Еди Рама на 13.10.2021 година одобрила да се потпише договор за закуп меѓу Министерството за финансии и економија и концесионерите на марината за споменатите 57 502 м2 државна земја. Станува збор за 20-годишен закуп за користење на државното земјиште по симболично едно евро.

„Конзорциумот на здруженијата ‘Marina di Valona’, ‘Brunes’, „Ndregjoni’ и ‘Marina Projects LTD’, ја доби концесијата за пристаништето во Валона. Како дополнение на инвестициите во рамките на концесијата, закупецот преку субјект за посебни цели формиран за таа цел, планира да инвестира и во неколку структури за услуги и структури за поддршка во чиј фокус е туризмот, како и изградба на неколку цивилни, комерцијални или сместувачки објекти,“ се вели во образложението на владата.

Комбинациите како да се стигне до атрактивната парцела за изградба на „неколку цивилни, комерцијални или сместувачки објекти“ покрај марината отвора сомнеж дека можеби главната цел на проектот била поинаква. Да се добие државната земја покрај пристаништето за потоа на неа да се изградат и да се продадат станови и деловен простор, а не старото пристаниште да се трансформира во марина за јахти.

„Ова образложение на владата остава впечаток дека добивањето на концесијата за пристаништето се сметало за предуслов за да се добие и дополнителната државна земја од 57 502 м2, односно за да се добие договорот за земање на тој државен им под закуп од едно евро“, изјави за ИРЛ, Ендрит Шабани, претседател на вонпарламентарната партија Турије од Тирана, кој се сомнева дека во проектот во Валона има индиции за корупција и криминал.

Ендрит Шабани – претседател на партијата Турје

Поради тоа, од партијата поднеле кривична пријава во албанското Специјално тело за истраги на криминал и корупција (СПАК). Побарале државата да ги истражи, како што оцениле, сомнителните аспекти од тендерот и доделувањето на државните плацови по завршувањето на тендерот за пристаништето.

Откако дознавме дека оваа државна земја била дадена без тендер, ИРЛ го најде албанскиот Закон за концесии и јавно-приватно партнерство (Закон 125/2013). Сакавме да видиме во кои случаи при давање концесии преку ЈПП во Албанија евентуално е потребно да се распише нов тендер.

„Промените на суштинските услови на договорот, кои не се предвидуваат во тендерската документација и/или во самиот договор, налагаат да се спроведе нова процедура за склучување договор за јавно-приватно партнерство,“ пишува во членот 31 став 4.

Терминот „суштински услови“ во Законот дефинира дека се однесува на условите кои доколку биле вклучени во првичната тендерска документација би овозможиле понудувачите да поднесат суштински различна понуда. Во овој случај тоа е можноста државата да го додели за кирија од едно евро и нејзиниот имот покрај пристаништето.

На средбата во Турије го прашавме Шабани дали во поднесената тужба го третираат и ова прашање?

Албанската влада, ни рече тој, требало да распише нов тендер каде што оние што би конкурирале би знаеле дека нема да го добијат само управувањето со пристаништето, туку би добиле и 57 502 м2 државна земја за други намени.

„Фактот дека денот кога го добија управувањето со пристаништето им беа подарени овие речиси 58 000 м2 целиот процес го прави сомнителен затоа што покажува дека е можно некои бизнисмени да имале привилегирани информации, што е кршење на законот,“ смета Шабани и додава дека ова е првата незаконитост која покренува сомнеж дека сето ова е можеби коруптивна шема.

Почнале како студентско антикорупциско движење во 2018 година, а потоа на локалните избори во 2023 година добиле неколку општински советници низ државата. Во моментов Tурје (англ. Hashtag #) е вонпарламентарна партија. Се посомневале дека во проектот „Влора марина“ се крие потенцијална корупција. Затоа на 26 март 2024 година до СПАК поднеле пријава.

Претходно и огранокот на опозициската Демократска партија во Валона поднел пријава до СПАК, но таа се однесувала на финансиската понуда на избраниот конзорциум наспроти финансиските понуди на другите две дисквалификувани албански фирми во тендерот.

Во поднесената пријава, која од Tурје ни беше дадена на увид, тужителите наведуваат дека објавувањето на победникот на тендерот за концесијата на пристаништето било наведено како услов за да се добие договор со симболична цена од едно евро за кирија за јавната земја покрај пристаништето.

„Но, поаѓајќи од времето на објавување на овој договор и тендерската документација, се појавува сомнеж дека оваа информација не ја знаеле сите заинтересирани оператори, кои во услови на целосно информирање би можеле да учествуваат на тендерот. Дејствувајќи спротивно на законските одредби, во овој случај можно е да било прекршено начелото за еднаквост за учество на јавни тендери и да била нанесена штета на законските интереси на државата“, се наведува во пријавата.

Сомнежите се дека во случајот имало тргување со влијание преку пристап до информации што ги има само државата.

„Поаѓајќи и од временското совпаѓање (коинциденцијата) на двата договора, вреди да се истражи дали фирмите што биле дел од тендерот имале привилегирана информација во однос на целосните околности на тендерот, што претставува кривично дело. Трето, треба да се истражи дали промената на сопствениците на субјектот „Marina Residences Vlorë“ е во спротивност со одредбите од законот 125/2013“, се вели во поднесокот до СПАК.

Откако албанските институции одлучиле конзорциумот да може да добие закуп од едно евро за државната земја, владата го задолжила Министерството за финансии и економија да ја спроведе одлуката. Но, во документот што потоа ова министерство го подготвило, велат од Tурје, се случила замена на зборови. Промената на називот „преку субјект формиран за таа цел“, со терминот „како субјект формиран за таа цел (СПВ)“, отворило пат, вели Шабани, за промена на акционерите кои го сочинуваат закупецот. 

Тоа покренало сомнежи дека евентуално станува збор за шема со скриени добитници. Тоа значи дека неколку компании влегле во фиктивно натпреварување само колку да се исполнат бараните економски, технички и експертски критериуми, но тие потоа, откако конкурентските процедури ќе завршат, си заминуваат давајќи им пристап до бизнисот на вистинските добитници.

 „Текстот бил сменет и ние сметаме дека станува збор за фалсификат, станува збор за фалсификат со предумисла, што не било случајно, туку создало можност за злоупотребата што следувала потоа,“ вели Шабани.

Она што следувало потоа е всушност промена на партнерите во субјектот „Marina Residences Vlorë“, каде што влегла Групацијата „Балфин“ на Самир Мане.

ИРЛ и нашите партнери од истражувачката новинска организација SHTEG.org открија дека формирањето на „СПВ-субјект“ (субјект за посебни цели) се регулира со Законот 125/2013 за концесии и јавно-приватно партнерство (ЈПП). Ваков субјект се формира откако некој економски оператор или конзорциум ќе добие тендер за концесија преку ЈПП.

Во овој случај тендер имало само за давање на пристаништето на 35-годишна концесија преку ЈПП, но не и за државниот имот од 57 502 м2 покрај пристаништето. Тој имот бил даден врз основа на стекнат статус на стратегиски инвеститор.

Во членот 39 став 2 од Законот за концесии и ЈПП се вели:

„2. Субјектот за посебни цели може да учествува во реализацијата на само еден договор за концесија – ЈПП, за кој бил формиран.“

Како СПВ-субјект, Министерството за финансии и економија ја навело компанијата „Marina Residences Vlorë“. Но, таа не е формирана за концесијата на пристаништето, туку за сместувачките капацитети покрај пристаништето.

Прашавме правен експерт во Тирана да ни ја објасни ваквата ситуација. Правникот Елвана Тивари ни кажа дека субјект за посебни цели (СПВ) може да се формира само во случаи на постоење тендер и давање концесија во рамки на јавно-приватно партнерство.

„СПВ е компанија основана исклучиво за склучување и спроведување на соодветниот договор за концесија или јавно-приватно партнерство (ЈПП). Успешниот понудувач (обично конзорциум на компании) формира СПВ по доделувањето на договорот, но пред неговото потпишување. Членовите на конзорциумот се регистрираат како содружници/акционери во друштвото според однапред договорени проценти (според обврските декларирани во фазата на доставување понуди). СПВ е тој што го потпишува договорот,“ вели Тивари.

ИРЛ праша дали таков субјект може да се формира и во рамките на Законот за стратегиски инвестиции?

„Законот за стратегиски инвестиции не предвидува СПВ да се користи како инструмент во такви случаи“, ни одговори Тивари.

Имајќи статус на СПВ-субјект, може да значи и олеснет пристап до некои извори на кредитирање. Но, ИРЛ не најде директен доказ што би го поткрепил тврдењето на Шабани дека овој статус влијаел и врз менувањето на сопственичката структура во компанијата „Marina Residences Vlorë“.

Прашавме во СПАК до која фаза е евентуалното процесирање на пријавата на Tурје. Портпаролката Суела Чолаку ни одговори: „Немаме никаква информација или коментар за да споделиме со медиумите.“

Но, при еден допис на новинарите до Министерството за инфраструктура во Тирана, од овој ресор ни открија дека СПАК покренал истрага за случувањата поврзани со проектот во Валона.

„Се наоѓаме во случај во кој сме ограничени да ви ја доставиме бараната информација поради истражна тајна во рамките на истрагата покрената од обвинителството“, беше наведено во одговорот што новинарите го добија од ова министерство.

По тврдењата за фалсификат што ги искажа претседателот на Tурје, ИРЛ за коментар се обрати и до албанското Министерство за финансии.

Прашавме:

Како ги коментирате тврдењата на Tурје за фалсификат?

Како ја објаснувате разликата во споменатата реченица? Зошто било тоа направено во Министерството за финансии, различно од текстот на одлуката на владата?

Министерството за финансии и економија во јануари 2024 година се подели на две посебни министерства. Од Министерството за финансии на 18 јули нѐ информираа дека поради тоа одговорите треба да ги побараме од Министерството за економија. Една недела потоа, од Министерството за економија, наместо конкретен одговор на тврдењата за фалсификат и за сменетата реченица, ни одговорија дека не вршат интерпретација на документи и не даваат коментари за нив.

„Бараната информација (коментар на прашањата) не е дел од категоријата ‘јавна информација’“, ни одговори Матилда Балиу, координатор за информирање.

Повлекување на клучната фирма со искуство за градење марини

Во целиот случај со давањето на пристаништето во Валона под концесија на приватен конзорциум особено е важно појавувањето, а потоа и брзото повлекување на една британска фирма.

Станува збор за „Marina Projects Ltd“. Таа била исклучително значајна за победничкиот конзорциум. Само таа во своето портфолио можела да покаже дека има искуство во градење елитни туристички марини. А, тој бил еден од критериумите за да се добие концесијата.

Но, откако договорот за закуп од едно евро меѓу државата и концесионерите бил потпишан, фирмата „Marina Projects Ltd“ по неполни два месеца, без образложение за јавноста, се повлекла од добиениот бизнис во Валона.

Од документите за сопственичката структура до кои дојде ИРЛ се забележува дека Британците прво си заминале од фирмата „Marina Vlorë“ на 15 ноември 2021 година, а идниот месец и од “Мarina Residences Vlorë“. Во јануари следувало заминување на албанската фирма „Ndregjoni“ од „Marina Vlorë“ и од „Мarina Residences Vlorë“.

ИРЛ на 17 јуни годинава испрати прашања до британската „Marina Projects Ltd“. Сакавме да ни кажат зошто се повлекле од проектот во Валона? Кому и за колку пари му го продале својот удел во конзорциумот што го напуштиле? Одговор не добивме. Потоа три дена подоцна испративме нови прашања до „Marina Projects Ltd“. Прашавме дали некому во Албанија му дале или сѐ уште му даваат експертиза за изградба на марината? Не добивме одговор ниту на тоа прашање.

Во тендерските документи за давањето под концесија на пристаништето (стр. 30 и 31) се наведува дека во случај некоја од фирмите во конзорциумот се повлече, тогаш договорниот орган (државата) може да го продолжи договорот со друг субјект од конзорциумот „под услов тој да има законски, економски, финансиски и технички капацитети за да го спроведе договорот, во спротивно договорниот орган може да се повлече од договорот“.

По ваквите промени, единствени што останале да го спроведат добиениот тендер за концесија на пристаништето преку ЈПП се домашните албански фирми „Marina di Valona“ и „Brunes“. Но, тие во своите портфолија кои ги проверивме немаат наведено дека имаат искуство за градење светски елитни марини.

„Од информациите што ги имаме концесионерите кои сега управуваат не ги исполнуваат почетните услови на јавно објавениот тендер“, изјави за ИРЛ Ендрит Шабани, претседател на партијата Tурје.

Кој ќе ја гради марината во Валона?!

Ако фирмите што се останати за да ја изградат туристичката марина за јахти немаат искуство за тоа, се поставува прашањето дали не се прекршува тендерот и дали државата треба да го раскине договорот? Колку идната марина ќе биде безбедна? Колку целата постапка во еден ваков случај е законска?

Поради овие дилеми, ИРЛ на 18 јули писмено се обрати до албанското Министерство за инфраструктура и енергија, како носител на тендерот за пристаништето. Прашавме кои фирми се останати во „Marina Vlorë“? Која од нив има искуство за градење елитни марини за да го спроведе проектот?

Откако речиси две недели не добивме никаков одговор, ИРЛ повторно на 31 јули ги испрати истите прашања. По ова, оттаму ни пратија електронска пошта со ваква содржина: „Одговарањето на овие прашања не е надлежност на Министерството.“

Ни нагласија дека прашањата ќе ги испратат во албанскиот Национален бизнис-центар (QKB). ИРЛ никогаш не доби одговор од нив.

ИРЛ, сепак, откри кои фирми останале во „Marina Vlorë“. Имено, најдовме дека договорот за купопродажба на уделот од 10 % што го продала британската фирма „Marina Projects Ltd“ бил склучен со албанската „Marina di Valona“ која е дел од конзорциумот. Износот на купопродажбата бил 2 000 евра.

Но и покрај ваквите промени, на 1 декември 2023 година британската компанија „Marina Projects Ltd“ на својата интернет-страница на јавноста ѝ соопштува нешто сосема збунувачко! Соопштува дека во рамките на конзорциум добила тендер за изградба на марина во Валона, иако таа веќе се повлекла од проектот и тоа две години претходно, односно во 2021 година!

Во меѓувреме, на градилиштето на пристаништето во Валона, каде што се градат темели за некои од зградите, во заливот беше пуштено да се излева црево со матна вода. Видео емитувано на „Инстаграм“ на 21 август прикажа како, според напишаното, отпадна вода од градилиштето тече во Јадранското Море. Насловот на видеото беше: „Загадување на пристаништето во Валона среде туристичка сезона. Никој не одговара“.

Реагираа од канцеларијата на „Влора марина“ демантирајќи дека водата е отпадна. Според нив, станувало збор за отстранување на дождовница. Дел од вестите на интернет-платформите исчезнаа набргу откако ја објавија веста за овој настан. Таков беше случајот со веста на страницата zeri.al (види: zeri.ai) која беше избришана.

 „Балфин“ влегува во „Мarina Residences Vlorë“, па си заминува

Повлекувањето на фирми не се случило само од компанијата за изградба на марината, туку и од онаа што била формирана за изградба на становите и другите околни објекти покрај пристаништето.

Па така, во јануари 2022 година од „Мarina Residences Vlorë“ се повлекува албанската фирма „Ndregjoni“. ИРЛ поседува копија од договорот за купопродажба од каде што се гледа дека купувач на нејзиниот удел повторно е „Marina di Valona“, истата фирма која ги купи акциите на британската „Marina Projects Ltd“. Износот на оваа купопродажба изнесувал симболични едно евро (100 албански леки).

Дури потоа во јуни 2022 година во големиот бизнис во Валона влегува Групацијата „Балфин“ на Самир Мане. Тоа било сторено преку компанијата што треба да го гради луксузниот станбен проект.

Но, како се случило тоа?

Одлуката била донесена на 15 јуни 2022 година откако „Балфин“ прво „покажал интерес“ да стане ортак и да внесе нов капитал во фирмата „Мarina Residences Vlorë“. Нејзините тогашни косопственици се согласиле на тоа, па „Marina di Valona“ му продала на „Балфин“ 8 % од својот удел, додека „Brunes“ 2 %. На тој начин „Балфин“ станал сопственик на 10 % за околу 30 000 евра. Влезот на Самир Мане во фирмата официјално во Националниот бизнис-центар на Албанија е запишан на 24 јуни 2022 година.

„Балфин“, „Brunes“ и „Marina di Valona“, косопственици на „Мarina Residences Vlorë потоа во август 2023 година организираа свечена церемонија на која јавно го промовираа нивното партнерство и целиот проект „Vlora Marina“, односно пристаништето и целиот комплекс со апартмани, хотел, станбени згради и трговски простор. 

Балфин почнува да нуди апартмани на продажба, а отвора канцеларија за продажба и во центарот на Скопје на улицата „Максим Горки“.

Албанските државни институции потоа издаваат дозволи за градба на три згради (објектите D4, C3 и C5), од вкупно 14 планирани згради, колку што може да се избројат во промотивните брошури за проектот „Vlora Marina“.

Но, ИРЛ откри дека по само една и пол година „Балфин“ во декември 2023 година, само 4 месеци по промоцијата на „Vlora Marina“, ја напуштил компанијата „Мarina Residences Vlorë“.

До тоа дошло откако компанијата на Мане на средба на ортаците во рамките на „Мarina Residences Vlorë“ одлучила да се повлече. Состанокот се одржал на 6.12.2023 во Тирана. Како прва точка на дневниот ред на состанокот, до чиј записник дојдоа новинарите на ИРЛ, било наведено: „ортакот Балфин изрази желба да ја напушти заедничката фирма преку повлекување на одлуката од 15.6.2022“.

Во документот не се наведува причината за ваквата одлука. Не се наведува ниту дали евентуално „Балфин“ преку интерни договори во „Мarina Residences Vlorë“ со другите косопственици има право врз некои од трите згради за кои беа издадени дозволи за градење.

Откако ова се случило, во „Мarina Residences Vlorë“ се останати само “Marina di Valona” и “Brunes”. Самир Мане повеќе нема никаква сопственост во компанијата „Мarina Residences Vlorë“. Но, „Балфин“ сѐ уште и во Албанија и во Македонија продолжува во јавноста да се прикажува како градител на проектот и нуди на продажба апартмани во „Vlora Marina“.

И на официјалната интернет-страница на Групацијата „Балфин“ сѐ уште се тврди дека „Vlora Marina“ е нивни проект:

„’Vlora Marina’ е еден од најамбициозните проекти што ги презема Групацијата ‘Балфин’ чија цел е да го позиционира градот Валона како истакната дестинација за луксузни јахти на меѓународни рути, натпреварувајќи се директно со веќе етаблирани регионални марини“, пишува на нивната веб-страница.

Репортерите на ИРЛ на почетокот на јули беа во канцелариите на „Влора марина“ кои се наоѓаат на стотина метри од градилиштето во Валона. Го прашавме агентот за продажба кој ги гради зградите во „Влора марина“? Тој ни одговори: „Проектот го гради ‘Балфин’“.

Ни понуди рекламен материјал за достапните апартмани и ни побара е-адреси за да може да ни ја достави целата понуда. Во материјалот што го добивме го пишува името Групација „Балфин“. Ни рекоа и дека првите згради ќе почнат да се градат во септември 2024 година.

Во контрадикција со континуираниот умерен, но стабилен раст на албанската економија (растот на БДП во 2023 година изнесуваше 2,3 %, во 2022 – 4,8 %, во 2021 – 7,2 %, во 2020 – 3,4 %) од државата се иселуваат сѐ повеќе млади.

Според истражувањето на НВО „Албански центар за добро владеење“, албанските граѓани се сѐ помалку заинтересирани за понудите на политичките партии, најголем проблем им претставува немањето доволно пари, односно нискиот стандард, а најмногу им пречат корупцијата, невработеноста и условите во здравството.

И покрај економскиот раст, на прашањето на анкетата во 2021 година каква им е финансиската состојба во споредба со претходната година, 52,31% од испитаниците одговориле дека им е влошена, 38,73% дека им е иста. Само 8,96% рекле дека заработуваат повеќе.

Директорот на Центарот, Арбен Чејку, кој е и поранешен амбасадор на Албанија во Македонија, изјави за ИРЛ дека миграцијата во таа земја прво ги празнела селата, „а сега ги празни градовите“.

Главни причини за иселување од Албанија, според него, се невработеноста, немањето поддршка за малите и средни претпријатија, отсуството на членство во ЕУ, долгата транзиција.

 „Друг фактор што влијае врз масовното иселување е и немањето правда, односно еднаквост пред законот, корупцијата на сите нивоа и неказнивоста“, додава тој.

ИРЛ упати повеќе прашања до „Балфин“. Ги прашавме зошто си заминале од „Мarina Residences Vlorë“? Зошто од компанијата повеќе од девет месеци не ѝ го соопштуваат тоа на јавноста? Зошто сѐ уште во јавноста тврдат дека „Vlora Marina“ е нивни проект? Каква им е евентуалната правна врска со „Brunes“ или „Marina di Valona“ за градење и/или продажба на недвижностите?

Од „Балфин“ не одговорија на ниту едно од прашањата.

ИРЛ потоа упати прашања и до компаниите „Brunes“ и „Marina di Valona“ дали евентуално имаат некаков договор со „Балфин“ за продажба на недвижности во рамките на проектот на нивната фирма „Marina Residences Vlorë“? Исто така, ги прашавме и дали имаат искуство за градење на марини од светска класа, како што предвидува тендерот за пристаништето во Валона?

И од овие две фирми молчеа и ги игнорираа прашањата на ИРЛ.

 „Ќе влезам во корпата на булдожерот“

Ниту во жешките летни месеци среде туристичката сезона градежните машини во населбата 1 Мај во Валона не запреа. Пробивањето на новата улица кон пристаништето е во полн ек. Жителите чии домови се на ред за уривање ни рекоа дека секој ден може да се појават булдожерите. Некои успеале да добијат одложување до крајот на летото.

„Ќе влезам во корпата на булдожерот и заедно со сметот да ме фрлат во канта или ќе одам да живеам покрај морето под чадор за сонце, зашто немам каде да одам“, им рече жителката Рукије Шабани на новинарите на ИРЛ кога заминуваа од правливата населба.

Генералната вредност по која се проценуваат старите куќи е околу 500 евра за квадрат. На неколку стотини метри од населбата, уште неизградени, становите во комплексот „Влора марина“ веќе се нудат на продажба по цена и од 2 500 евра.

Сашка Цветковска

Сашка Цветковска

Главен и одговорен уредник

Сашка Цветковска е меѓународно наградуван истражувачки новинар и главен уредник на Истражувачка репортерска лабораторија. Цветковска работела на голем број национални и прекугранични истраги кои открија домашен и меѓународен криминал, корупција, недозволена трговија со оружје и војни со дезинформации. Истражувањата на кои што работела биле објавувани во Гардијан, Базфид, Зидојче Цајтунг и други. Нејзините сегашни одговорности се фокусирани на зголемување на влијанието на истражувачко известување преку создавање нови наративи на приказните преку филм и кампањи. Во таа насока во моментов ја извршува позицијата продуцент на документарен истражувачки серијал Редакција. Цветковска десет години е дел од истражувачкиот тим на Меѓународниот проект за известување за организиран криминал и корупција, меѓународна медиумска организација поврзана со ИРЛ. Била член на Бордот на директорит на OCCRP и на Здружението на новинари на Македонија.

Елена Митревска Цуцковска

Елена Митревска Цуцковска

Уредник за развој и операции

Елена Митревска Цуцковска е коосновач на ИРЛ и заедно со уредникот е одговорна за следење и дизајн на процесот на импленетанција на активностите на ИРЛ. Таа е проектен директор на документарниот серијал Редакција. Со новинарите соработува повеќе од 10 години и работела и на други технолошки решенија за подобро пребарување на јавните дати бази на податоци кои ги употребуват нашите репортери со цел нивната работа да биде побрза и поефикасна. По професија е софтвер инженер и графички дијзанер и таа е воедно и првиот технолошки експерт кој е обучен и работи во сферата на медиумите. Дел е од прекугранчата група на технолошки експерти на OCCRP и со своите поинакви вештини допринесува во прибирање и анализа на информации и како истражувач во ИРЛ.

Бојан Стојановски

Бојан Стојановски

Заменик главен и одговорен уредник

Бојан Стојановски е дипломинаран новинар со над десет годишно искуство во медиуми. Работел во телевизиите Алфа, 24 Вести и Алсат од каде доаѓа и станува дел од тимот на ИРЛ. Стојановски низ кариерата следел теми од областа на судството, криминал, корупција. Во 2013 - та година ја добива наградата „Никола Младенов“ за истражувачко новинарство, на тема „Вработување во јавната администрација преку партиски список“.

Деница Чадиковска

Деница Чадиковска

Уредник за развој и операции

Деница Чадиковска е дипломиран психолог, која својата новинарска кариера ја започнува во 2017 година како коавтор и копродуцент на младинската емисија Крик. Чадиковска стана дел од тимот на ИРЛ во 2018 година како истражувачки новинар – практикант во рамки на проектот за обучување на идни медиумски лидери. Во јуни 2023 година таа доаѓа на позицијата уредник за комуникации задолжен за спроведување на комуникациската стратегија на ИРЛ како дел од тимот за комуникации и продукти.

Mаја Јовановска

Mаја Јовановска

Истражувач и новинар

Mаја Јовановска е дипломоран новинари и следи теми од областа на корупција, криминал и правосудство. Во долгогодишната кариера работела во бројни медиуми како А1 телевизија, Канал 5 телевизија, Алсат и порталот НОВАтв пред да се придружи на основачкиот борд на ИРЛ во 2018. Добитник е на домашни признанија и награди и има учествувано на голем број обуки и конференции од областа на истражувачкото новинарство. Била член на раководството на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници на Македонија и Советот на Етика во медиумите во Македонија, а моментално е дел од раководството на ЗНМ.

Александра Денковска Гоцевска

Александра Денковска Гоцевска

Истражувач и новинар

Александра Денковска Гоцевска е дипломиран новинар со десетгодишно искуство. Работела во дневниот весник Нова Македонија, новинската агенција Мета.мк и порталот НОВАТВ. Во текот на кариерата работела на теми од областа на политика, урбанизам, судство и корупцијата. Со истражувачко новинарство започнува да се занимава во 2015 година кога доаѓа да работи како репортер во истражувачката редакција на НОВАТВ. Учесник е на десетици конференции и работилници за истражувачко новинарство. Автор е на првата андеркавер истражувачка сторија во Македoнија за животот на децата од домот 25 Мај.

Александар Јанев

Александар Јанев

Истражувач и новинар

Александар Јанев е дипломиран економист кој својата кариера како економски новинар ја започнува во 2008 во телевизијата Алфа. Вештините за професионално известување ги учи од врвни економски новинари преку обуки во земјава, но и во странство во новинската агенција „Ројтерс“, Велика Британија. Во 2010 година преминува во печатениот медиум Капитал, каде што работи до 2022 година. Во меѓувреме работи како постојан соработник на Балканска истражувачка репортерска мрежа (БИРН), а од 2018 година е и автор и уредник на ТВ проектот „Агенда 35“ што се емитува на Македонската радио телевизија. Од 2023 е дел од тимот на ИРЛ и следи корупција и економски криминал.

Иван Блажевски

Иван Блажевски

Истражувач и новинар

Иван Блажевски е новинар кој се занимава со теми од областа на меѓународни односи, криминал и корупција. Од 1998 година работи како новинар, а од 2001 година е уредник и дописник на шпанската државна новинска агенција EFE за Македонија, Албанија и Косово. Во својата долгогодишна кариера, Блажевски работел во бројни медиуми како Макпрес, Франс Прес (AFP), Вечер, Дневник, Време и Радио Слободна Европа, а 18 години бил уредник на вестите и документарната програма во ТВ АЛСАТ. Блажевски се придружува на тимот на ИРЛ во 2024 година. Добитник е на награда за истражувачко новинарство од Македонскиот институт за медиуми (МИМ). Има произведувано телевизиски програми во повеќе држави и региони, вклучувајќи Јапонија, Гренланд, Боливија, Кина, Непал, Бангладеш, источна Африка, Куба, Перу, Данска, Италија, Германија и други.

Пелагија Младеновска Стојанчова

Пелагија Младеновска Стојанчова

Истражувач и новинар

Пелагија Младеновска Стојанчова е новинар со над 16 години искуство во медиумската сцена. Својата кариера ја започнува во дневниот весник „Шпиц“ во 2008 година и во неделникот „Сега“. Од 2009 година се придружила на тимот на Радио Слободна Европа на македонски јазик, каде известува за политика, криминал, корупција и економија преку различни медиумски платформи. Од 2024 се вработува во ИРЛ како истражувачки новинар. Дипломирала на Филозофскиот факултет и продолжила образованието на Школата за новинарство на Македонскиот институт за медиуми (МИМ). Во текот на нејзината кариера работела на проекти за едукација и менторство на млади новинари.

Лука Блажев

Лука Блажев

Графички дизајнер

Лука Блажев е графички дизајнер во ИРЛ кој станува дел од тимот во 2019 година. Неговата кариера во полето на графички дизајн и уметност започнува во 2017та година преку работа на повеќе проекти за различни домашни и странски компании. Во ИРЛ, Блажев е задолжен за изнаоѓање графички решенија за истражувањата и дизајн на промотивните содржини кои произлегуваат од истражувањата, а ја следат комуникациската стратегија на ИРЛ. 

Трифун Ситниковски

Трифун Ситниковски

Режисер на "Редакција"

Трифун Ситниковски работи во филмската индустрија повеќе од една деценија. Има снимено повеќе од десетина кратки акциони филмови, кратки документарни филмови и три ТВ серии на кои работел како сценарист, режисер и извршен продуцент. Покрај режија на филмови, има работено и на бројни проекти како продуцент, монтажер, кинематографер, асистент на режисер и претпоставен за сценарио на кратки филмови, ТВ емисии, документарни филмови, реклами и музички спотови. Неговиот последен проект како режисер и сценарист е на документарниот серијал „Редакција“.

"Трајче

Трајче Антоновски

Kинематографер

Трајче Антоновски е снимател и дел од кинематографите на документарниот серијал „Редакција“. Антоновски повеќе од 10 години работи на визуелна реализација на спортски натпревари под покровителство на УЕФА и ЕХФ. Работел во информативната редакција на А1 и порталот НОВА ТВ, а бил дел од тимот за реализација на политичките емисии “Еврозум”, “Проверено”, но и на бројни забавни проекти како популарниот квиз „Кој сака да биде милионер“,„50-50“ и други проекти. Во ИРЛ Македонија е  дел од тимот задолжен за екранизација на сториите.

Горјан Атанасов

Горјан Атанасов

Монтажер и видео уредник

Горјан Атанасов е филмски и ТВ монтажер со повеќе од 8 години искуство во филмската и телевизиска индустрија. Атанасов има работено на повеќе играни и документарни проекти. Досега, како монтажер, се има потпишано на 6 кратки играни, 2 долгометражни документарни филмови, а моментално во ИРЛ работи како монтажер на документарниот серијал „Редакција“ и на кратките видео стории и мултимедијални проекти на организацијата.

„Поштенска банка“ е случај стар повеќе од две децении. Како се приватизирала првата државна банка се истражуваше исто толку долго. Случајот го реотвори во 2018 година тогашното Специјално јавно обвинителство. Но, по распадот на СЈО, случајот го презеде Обвинителството за гонење организираниот криминал и корупцијата. 

На 13 јуни 2024 година Кривичниот суд во Скопје, поради политичката интервенција на владата на СДСМ и ДУИ во спорните измени на Кривичниот законик, ја запре постапката. Таа се водеше против бизнисменот Томе Главчев, актуелен претседател на Кошаркарската федерација на Македонија, потоа Ратко Димитровски, поранешен градоначалник на Кочани од ВМРО-ДПМНЕ и адвокатот Зоран Шуклев.

Тие беа гонети за делата злоупотреба на службената положба и за перење пари. Преку надзорот било утврдено дека во решението на Кривичниот суд не е наведено по кој член од Законот за кривична постапка (ЗКП) се запира постапката.

Обвинителството за гонење на организираниот криминал и корупцијата, незадоволно од одлуката на Кривичен, поднело жалба со образложение дека Главчев, Димитровски и Шуклев треба да одговараат барем за делото перење пари.

Сепак, вишиот јавен обвинител Јован Цветановски се откажал од правото на жалба пред Апелација, а таквата одлука ја објаснил преку службена белешка во која причините за повлекување од жалбата биле, како што се наведува во надзорот, целосно контрадикторни и нејасни.

„Јавните обвинители Лиле Стефанова и Елвин Вели сметаат дека со откажувањето од жалбата на Основното јавно обвинителство за гонење на организираниот криминал и корупцијата, јавниот обвинител од Вишото јавно обвинителство Скопје не постапил професионално, стручно и законито“, стои во извештајот. 

Но, обвинителот Џелал Бајрами сметал дека Цветановски постапил согласно неговите надлежности. Со откажувањето од жалба Апелацискиот суд повеќе немал можност да расправа по жалбата на Обвинителството за гонење на организираниот криминал и корупцијата и случајот бил затворен.

Вториот случај е за бесправно градење во Зелениково на Драган Павловиќ-Латас и неговите двајца браќа Звездан и Срѓан Павловиќ. Кривичниот суд ги ослободил од вина на 4 јули 2019 година, а на 18 јули 2022 година на повторното судење била донесена истата одлука. 

Јавното обвинителство Скопје поднело жалба која на 10 октомври 2023 година била уважена и била закажана седница пред Апелацискиот суд во Скопје. На 6 ноември 2023 предметот бил рефериран во Јавното обвинителство каде што биле присутни тогашниот државен обвинител Љубомир Јовески, јавните обвинители Ферат Елези и Соња Симовска и вишите јавни обвинители Мустафа Хајрулахи и Јован Цветановски.

„Заклучокот по однос на реферирањето на јавниот обвинител кој го застапува предметот пред Апелацискиот суд да предложи да изготви вештачење дали преземените дејствија во предметот во градежните работи претставуваат подготвителни дејствија и да се утврди датумот на отпочнување на градежните работи. Да се повика вешто лице на главната расправа и да се расчистат дилемите“, пишува во извештајот од надзорот во ВЈО Скопје. 

Веќе следниот ден одбраната на браќата Павловиќ пред Апелацискиот суд доставила нов доказ - наод и мислење изготвено од вешто лице. Цветановски побарал рочиштето да се одложи за вкрстено да може да го испраша вештакот. Но, тогаш според надзорот се случило следното:

„Јавниот обвинител на расправата не ги поставил прашањата што ги најавил на записник од 7.11.2024 година, а на поставените прашања не добил одговор од вештото лице на спорните прашања од реферирањето пред Јавното обвинителство на Република Северна Македонија“, пишува во извештајот. 

Цветановски не постапил по насоките добиени на колегиумот во обвинителството да се изготви вештачење и наместо тоа го прифатил вештачењето на адвокатите на одбраната.

„Јавниот обвинител постапил спротивно на член 37 од Правилникот за внатрешно работење на јавните обвинителства според кој заземениот став и мислење по реферирањето е задолжителен за пониското јавно обвинителство“, напишале обвинителите Лиле Стефанова и Елвин Вели во документот од надзорот. 

Но, третиот член на комисијата за надзор, Џелал Бајрами, бил со став дека Цветановски постапил согласно заклучоците од реферирањето пред колегиумот во обвинителството.

Третиот предмет кој бил анализиран е случајот „Серта“ за тендери за чистење владини институции. Предметот стигнал во Вишото обвинителство откако Основното обвинителство поднело жалба на одлуката на Кривичниот суд.

Овој суд при оцена на обвинителниот акт ги прифатил приговорите на обвинетиот Спасо Ѓеорѓиев и фирмата „Серта“ кои биле гонети за злоупотреба на постапката за јавен повик. ОЈО на 29 јануари 2024 година ја обжалило ваквата одлука на судот.

Токму за овој случај има известување за вршење притисок врз службеничка во Вишото јавно обвинителство Скопје која ги архивирала и распределувала предметите. Добила наредба од тогашниот шеф на Вишото обвинителство Мустафа Хајрулахи со насоки кај кој обвинител да го додели случајот.

„За предметот ‘Серта’ ми беше кажано да му го заведам и дадам на јавниот обвинител Јован Цветановски“, изјавила службеничката Даниела Лапе, вработена во ВЈО Скопје, чие сведочење е дел од извештајот од надзорот.

На рочиштето на 9 април 2024 година во Апелацискиот суд, вишиот обвинител Цветановски се откажал од жалба.

„Од увидот во службена белешка од 9.4.2024 година видно е дека јавниот обвинител ги анализира доказите приложени кон обвинителниот акт, што е спротивно на одредбите од Законот за кривична постапка, член 336 и член 337, имајќи ја предвид фазата во која се наоѓал предметот“, пишува во извештајот од надзорот.

Во оваа насока е и правното мислење на Врховниот суд од 7.12.2021 година дека Советот за оцена на обвинителен акт не ги анализира доказите ниту, пак, го оценува квалитетот на доказите. Тој само треба да внимава дали некој доказ е прибавен на незаконит начин, нешто што требало да биде фокус за произнесување и на Јован Цветановски.

„За предметот е донесена пресуда на Врховниот суд на Република Северна Македонија 11.9.2024 година. Во оваа пресуда е констатирана повреда на законот во корист на обвинетите, а во самата пресуда е наведено дека ваквата повреда, сторена од страна на Советот за оцена на обвинителен акт, можела да биде санирана доколку Вишиот јавен обвинител не се откажал од изјавената жалба“, стои во документот од надзорот. 

Јавните обвинители Лиле Стефанова и Елвин Вели во заклучоците за овој предмет напишале дека со откажувањето од жалбата обвинителот Цветановски не постапил професионално, стручно и законито и се впуштил во анализа на докази и постоење на умисла за сторување кривично дело. Но, тоа требало да го утврдува надлежен суд. Сепак, и за ова јавниот обвинител Џелал Бајрами сметал дека Јован Цветановски постапил согласно неговите надлежности. 

Последниот, четврти, случај кој бил контролиран повторно е на обвинителот кој е под бројот римско два - Јован Цветановски. Станува збор за точење алкохолни пијалаци на дете.

Судот во Неготино ги прогласил за виновни Ѓорѓи Лазов и Илија Вангелов и правното лице ДПТУ „С.О.С. обезбедување“ ДОО Неготино. Обвинетите биле незадоволни од пресудата, па поднеле жалба по што бил оформен предмет во ВЈО Скопје.

На 3 февруари 2023 година Апелацискиот суд во Скопје ја укинал пресудата и предметот го вратил на повторно судење. Јован Цветановски не се појавил на јавната расправа во Апелација, а претходно ВЈО Скопје оценило дека жалбите на обвинетите се неосновани.

На 8 мај 2023 година судот во Неготино донел нова пресуда во која обвинетите биле прогласени за виновни, по што тие повторно поднеле жалба.

„На 23.8.2023 година од страна на јавниот обвинител во Вишото јавно обвинителство Скопје, Јован Цветановски, до Апелацискиот суд Скопје е доставен писмен предлог КОЖ.бр. 1187/23 со кој се предлага жалбите на обвинетите да се одбијат како неосновани“, се наведува во извештајот од надзорот. 

Цветановски дополнително објаснил дека во повторното судење судот во Неготино постапил по насоките дадени од Апелација и биле отстранети сите констатирани повреди во првостепената постапка. Но, само неколку месеци подоцна Јован Цветановски се премислил.

„На расправа на 26.12.2023 година јавниот обвинител се откажува од обвинението. Од увидот во пресудата на Апелацискиот суд Скопје на расправата пред судот не бил изведен ниту еден нов доказ и со ништо не била променета фактичката состојба од моментот на давањето на предлогот“, стои во извештајот од надзорот.

На истиот ден, 26 декември 2023 година, Цветановски изготвил службена белешка дека се откажал од обвинение затоа што немало докази за делото.

За ваквиот начин на постапување, единствено мислење имаат сите тројца обвинители кои го вршеле надзорот, Лиле Стефанова, Елвин Вели и Џелал Бајрами, кој за претходните три случаи беше со став дека Цветановски постапувал законито. Сега и Бајрами сметал дека Цветановски постапил спротивно на правилата.

„Јавните обвинители Лиле Стефанова, Елвин Вели и Џелал Бајрами сметаат дека, имајќи ги предвид писмените предлози во двете постапки и ставовите искажани во нив, а во ситуација кога на главната расправа не се изведени нови докази, со откажувањето од обвинението јавниот обвинител не постапил професионално, стручно и законито“, нотирале тројцата обвинители во извештајот од надзорот.

Но, извештајот кој содржи 20 страници е потпишан само од обвинителите Лиле Стефанова и Елвин Вели. Џелал Бајрами не се потпишал на документот кој откако бил изработен му бил доставен на тогашниот државен обвинител Љупчо Коцевски.

Во прилог на извештајот има службена белешка од Бајрами, како и известување од петте службенички за начинот на кој Мустафа Хајрулахи им вршел притисок да заведуваат и распределуваат предмети во Вишото обвинителство додека бил шеф.