Press "Enter" to skip to content

Често поставувани прашања

Штег е непрофитна медиумска организација формирана со поддршка на „Меѓународниот проект за известување за организиран криминал и корупција“, водечка медиумска организација чиј партнер во Македонија е ИРЛ. Основачката на Штег, Линдита Чела е меѓународно признаен истражувачки новинар чиишто истражувања за организиран криминал и корупција биле објавувани во светски реномирани медиуми како Гардијан, Ал Џазира и БиБиСи. Новинарите на ИРЛ и Чела во минатото работеа на низа заеднички истражувања преку кои открија меѓународен шверц со муниција, финансиски криминал и даночни тајни. 

Медиумската индустрија, како во Македонија и Албанија, така и во регионот е воглавно поврзана со економски моќните лица кои преку своите компании плаќаат огромни суми на пари за огласување во медиумите. Целта не е само огласување на нивните продукти или услуги, туку и „купување“ на поволна медиумска слика за себе. Во Македонија и во Албанија, комерцијалните медиуми егзистираат со помош на средствата кои ги добиваат за платено рекламирање, па така во интерес на комерцијалната соработка, медиумите не известуваат или известуваат благонаклонето за овие лица и нивните компании. На овој начин оние кои со децении се богатат на сметка на граѓаните, го обликуваат и искривуваат јавното мислење. 

Ова истражување е прво од серијата истражувања посветени на прекуграничните текови на парите и влијанието во Македонија и Албанија. По падот на комунизмот во регионот, соработката помеѓу истражувачките новинари од земјите од поранешната Југославија продолжи во рамки на евроатлантските интеграции и така се создадоа услови за тренирање на новинари коишто ќе соработуваат преку границите. Генерациите тренирани на почетокот на овој век веќе активно соработувале на низа регионални истражувања коишто довеле до апсења, падови на организирани криминални групи, па дури и диктаторски влади. За разлика од нив, Албанија доцнеше со демократизацијата, а тоа помогнато од јазичната бариера и токсичните етнички наративи во регионот создаде ѕид кој спречува вистинските информации да циркулираат меѓу граѓаните на двете држави и така се овозможи неверојатен подем на организираниот криминал и прекуграничната корупција на Западен Балкан.