Уништените капацитети за производство на струја дополнети со актуелните војни во Украина и Блискиот Исток ќе имаат силен импакт врз македонската економија. Додека европските држави одбираат искрен пристап и ги мобилизираат своите жители за тешката зима која следува, македонските власти шират позитивна енергија и подготовеност којашто не се базира на никаква реална анализа. ИРЛ открива дека сите парламентари партии, дури и опозициските, не ги исполнуваат своите одговорности кон граѓаните. Комисијата за енергетика во Парламентот се нема ниту состанато за ова прашање, а не постои никаков план или анализа за зимата која ѝ претстои на Македонија.
Известува: Пелагија Стојанчова
Зимата е на прагот, а Европа е исправена пред нова неизвесност за цените на струјата во претстојните месеци. Русија уништи голем дел од енергетските капацитети во Украина, која пред руската агресија беше голем извозник на струја. Сега Украина ќе мора да увезува струја за да ги задоволи потребите. Тоа може да ја поскапи цената на берзите во Источна Европа и да предизвика домино-ефект.
Како ова да не е доволно, па на 1 јануари 2025 ќе истече и последно потпишаниот петгодишен договор меѓу Украина и Русија за транспорт на руски гас. Со тоа се очекува да бидат погодени земјите од Средна Европа, како Унгарија, Австрија, Словачка и Чешка кои во значителен дел се снабдуваат со руски гас.
„Тоа може да биде удар врз цената на природниот гас, а цената на електричната енергија ја следи цената на природниот гас“, смета претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски.
Македонија е дел од европската мрежа за струја, па ги чувствува сите потреси на пазарот. Дополнителни шокови за Македонија доаѓаат и од внатре поради лошата состојбата на главните домашни производствени капацитети. Сметките за струја се дополнителен шок за осиромашените граѓани. Според податоците за 2023 година, сиромашни биле дури 23,5% од вкупниот број граѓани во Македонија.
„Купувам само она што е потребно, загревам само една соба, во таа готвам, во таа седам, во таа спијам. Штедам цела година за да можам да си ги платам сметките во зима кога се повисоки“, раскажа деновиве за ИРЛ 66- годишната пензионерка од Сопиште кај Скопје Билјана Спасовска.
Пред да се пензионира таа работела во хотел како собарка за плата малку повисока од минималната, па затоа и сега пензијата ѝ е ниска или околу 16 илјади денари.
Некои нејзини врсници страдаат и од некаква хронична болест, па цената на струјата не е единствениот проблем за нив.
„Тешко успевам да си ги подмирам сметките ако не е помошта од децата кои се во странство. Со сопругата живееме од една пензија од 22 илјади денари, а пола од тоа ни оди за лекарства“, ни рече пензионерот Нафи Ќахил од Скопје.
Тој додава дека за да заштедат пари во домот готват храна за неколку денови однапред за да не мора електричниот шпорет да го користат секој ден. Пред да се пензионира Ќахил работел во хемиската фабрика Охис кај Скопје.
ИРЛ периодов анализираше колку партиите поучени од енергетска криза во 2021, годинава предложиле суштински мерки како да се подобри енергетскиот сектор и во колкав степен стабилната енергетска состојба била дел од нивните приоритети.
Од „жешката“ политичка сцена не ја гледаат зимата
Предизвикувачка зима во снабдувањето со струја предвидува и премиерот Христијан Мицкоски кој и самиот има претходно искуство во енергетиката. Имал удели во три мали хидроцентрали кои продавале електрична енергија по повластена тарифа. На почетокот на октомври тој посочи дека се очекува во одредена мера во Европа зимава да има нова енергетска криза.
„И тоа не го очекувам поради температурата, туку поради состојбата што се случува во Украина. Таму е комплетно уништен електроенергетскиот систем. Украина влече од Европа, што значи дека ќе ја качи цената на електричната енергија на берзите во Европа и ќе ја намали количината. Зимава соларните централи нема да произведуваат онака како во лето. Што значи дека мора да бидеме подготвени“, рече премиерот.
Но и покрај ова, ниту една идеја од парламентарна партија, ниту пак, иницијатива однадвор не пристигна до крајот на октомври до собраниската Комисија за економски прашања, труд и енергетски политики. Таа е местото каде треба да се разговара за состојбите во македонскиот енергетски сектор или да се направи оперативен план за претстојната зима.
Претседателот на оваа комисија, пратеникот Бојан Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ, вели дека досега само министерката за енергетика Сања Божиновска ги поканила на средба членовите на ова собраниско тело.
„Мислам дека ова прашање е вредно за размислување. Ќе разгледам деловничка можност јас како претседател на Комисијата да го поттикнам да се разговара. Октомври е сосема добар месец за тоа бидејќи почна грејната сезона“, рече Стојановски во разговор за ИРЛ.
По разговорот со новинарката од ИРЛ, пратеникот Стојановски поднел барање до Министерството за енергетика да достави информација за состојбите во енергетскиот сектор во земјата.
Само две од парламентарните партии имаат партиско тело за енергетика, ако се суди по информациите објавени на веб страниците на партиите. СДСМ има Комисија за енергетика, но податоците не им се ажурирани.

Митко Андреевски, кој е наведен како претседател на оваа партиска комисија, за ИРЛ вели дека со години веќе не ја извршува таа функција. Инаку, тој му беше и советник за енергетика на поранешниот премиер Зоран Заев.
Сепак, Андреевски вели дека и сега одблизу ги следи состојбите во енергетиката.
„Цените ќе растат, но нема да достигнат до 1 000 евра, како што беше тогаш во 2022. Тогаш никој не веруваше дека тоа што почна во Украина ќе трае толку долго. Предвидувањата сега се дека претстојната зима ќе биде поостра, но нема да се повтори 2022. Може цените на струјата ќе пораснат, но не толку“, ни рече Андреевски.
Од СДСМ не одговорија на прашањата на ИРЛ, иако упативме прашања и до лицето задолжено за односи со јавност и до електронската пошта на Комисијата за енергетика, за тоа кој сега ја предводи комисијата и дали после изборите разговарале на тема енергетика.
Во Левица имаат сектор за енергетика. Како што ни кажаа, се состанувале еднаш месечно, а по потреба и почесто. Александар Манчевски кој е дел од тоа партиско тело за ИРЛ изјави дека на состаноците дискутирале за проблемите со кои се соочува домашното производство на струја, за ценовните предизвици на меѓународните пазари, за енергетска транзиција и за социјална правда.
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ, додека беше во опозиција, имаше Комисија за енергетика. Нејзините членови често организираа пресови и трибини, но сега на сајтот на партијата не може да се најде дека ваква комисија постои. Последното соопштение потпишано од неа е од декември 2023 година. Тоа е периодот пред да се распишат парламентарните избори кои се одржаа во мај 2024, а на кои победи ВМРО-ДПМНЕ и ја презеде власта.

Коалициониот партнер во Владата, ЗНАМ, нема комисија за енергетика. Ни рекоа дека уште ги консолидираат партиските тела, но оти сепак разговарале за енергетиката. Тие актуелно имаат шест пратеници во Собранието и заменик-министер за енергетика. Во своите партиски редови го имаат и професорот Атанаско Тунески, познавач на енергетскиот сектор и поранешен член на Регулаторната комисија за енергетика, кој претходно беше дел и од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ.
Од партиите на Албанците за ИРЛ рекоа дека немаат посебни тела за енергетика. Изминатиот период во фокус им биле други теми.
За ваквиот однос на партиите кон енергетиката, професорот во пензија од Машинскиот факултет во Скопје, Константин Димитров, има краток коментар:
„Не може да зборуваат секој ден за енергетика затоа што нема што да кажат“, ни рече професорот.
Партиите со други приоритети, граѓаните загрижени
Ако за партиите енергетиката не е приоритет, за граѓаните е. Подготовките за зимата се започнати и за разлика од политичарите, тие веќе имаат стратегија за претстојната зима.
„Сметки мора да се платат, но и тоа во зима оди малку потешко, па знаеме тактички да пролонгираме некоја сметка и за 2 недели. Па, рати за кредит, за активности и ужинки за децата за на училиште, за детски родендени, за нешто од аптека оти со две деца дома и тоа е трошок. Се откажуваме од излегувања и ручеци по кафеани, а на работа одиме со точак или тротинет“, вели Стефани Цветковска (40) од Скопје, вработена во странска компанија.
Но, семејната математика не излегува секогаш според планираното. Иако се штеди, потрошувачката на струја знае да донесе сметки повисoки од проектираните.
„Поставив и соларни панели, готвиме на плин, но сепак во зимските месеци, бидејќи во куќата живееме две семејства, влегуваме во погорните блокови каде струјата е поскапа,“ раскажува Сашо Перушев (36), вработен во фабрика од месната индустрија. Живее во Скопје во истата куќа со родителите, со сопругата и двете деца.
Растот на цените на основните производи влијае на домаќинствата. Ставката струја во зимските месеци дополнително ги загрижува граѓаните, па многумина работат на две места за да може да си ги платат сметките.
„Живееме под кирија и колку и да штедам сметките за струја се сѐ повисоки и повисоки. Освен што работам како медицинска сестра, работам плус, што ќе најдам, им помагам на стари луѓе за да може да скрпам од месец до месец“, вели Лаура Нухиу (35), самохрана мајка на малолетна ќерка во Скопје.
Честите испади на дотраените енергетски капацитети се основ граѓаните да стравуваат дека претстојната зима ќе донесе повисоки сметки.
„Еднаш неделно читам како нешто откажува во РЕК Битола. Страв ми е дека сметката за струја зимава ќе ми порасне за дупло“, вели Зорица Михајлова (52), сметководителка во компанија за бела техника.
РЕК Битола почнал да произведува струја во 1982, РЕК Осломеј во 1980, a ТЕЦ Неготино две години порано во 1978. Од 2026 година компаниите во Македонија кои произведуваат електрична енергија од јаглен ќе плаќаат еколошка такса.
Стравувањата за нова енергетска криза се подгреваат и со случувањата на Блискиот Исток, односно конфликтите на Израел во Газа и Либан, како и тензиите со Иран. Во тој поширок регион се произведува една третина од целата нафта во светот. Кревките економии, како нашата, која е увозно зависна, повторно се ставени на тест, бидејќи конфликтите може да доведат до нови нарушувања на синџирите на снабдување, прекинување на транспортните рути, а тоа би довело до повисоки цени на енергенсите и на храната.
Како е во Европа?
Германија ја реши енергетската криза и е подготвена за претстојната зима во 2025 година, изјави кон крајот на септември германскиот вицеканцелар и министер за економија Роберт Хабек.
Сепак, цените на гасот остануваат повисоки отколку што беа пред КОВИД пандемијата. Цената на струјата, пак, ја следи цената на гасот. Поради различните давачки за мрежарина од покраина во покраина, сметките на годишно ниво за исто количество потрошена енергија може да се разликуваат и за по неколку стотини евра. Германската федерална мрежна агенција планира од следната година да има поправична распределба на таксите за мрежата. Затоа од Агенцијата ги советуваа граѓаните да ги проверат своите снабдувачи, ако сакаат да си ги намалат сметките.
„Сѐ е поскапено, а секојдневно се зборува и дека ќе поскапат и гасот и струјата. Но, изминатите години се научивме да штедиме“, вели за ИРЛ 32 годишната Ивана Илиоска, нашинка која живее во Германија, држава која ѝ е најголем трговски партнер на Македонија.
Европската комисија кон крајот на август соопшти дека е постигната целта да го пополни капацитетот за складирање гас до 90 отсто за да се подготват за клучниот зимски период. Иако рокот беше до 1 ноември, задачата ја завршија 10 недели претходно. На 16 октомври ЕК потврди дека Унијата е добро подготвена за зимската сезона 2024-2025 година, но и за следните летни месеци.
Од први октомври се зголемија сметките за енергија во Велика Британија. Истражувањата на невладината за борба против сиромаштијата „Националната енергетска акција“, сугерира дека речиси половина од возрасните во Велика Британија може да го ограничат користењето на енергија оваа зима за да може да си ги подмират трошоците.
Во соседна Србија, пак, од почетокот на октомври има попуст на сметките за енергија за енергетски загрозените граѓани.
„Пали-гаси“ – до скапа домашна струја преку многу дефекти
Државниот производител на струја Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) купува струја затоа што не може да произведе доволно. Од друга страна се остава впечаток дека е подобро и да не произведува зашто купената струја е поевтина од произведената. Но, не смее да го прекине домашното производство бидејќи странските пазари се непредвидливи, а цените нестабилни.

Во март годинава, тогашниот вицепремиер за економски прашања Фатмир Битиќи рече дека и покрај тоа што берзанската цена е пониска од производствената, Македонија мора да обезбеди домашно производство, зашто цените на берзата се непредвидливи и затоа земјата не смее целосно да се потпре на увоз.
Во последната деценија годишното производство на струја во Македонија се движи под 6 000 GWh. Раст од 553 GWh имало во 2023 година. Намалување на производствениот капацитет на струја опаѓа и кај термоелектраните РЕК Битола и ТЕЦ Осломеј кои работат на јаглен. Во 2013 година тие заедно произвеле 3 742 GWh. Десет години подоцна или во 2023 година произвеле 2 685 GWh.
Во 2021-та, кога почна енергетската криза, ако се спореди со соседите, Македонија увезла најмногу струја, односно за таа потреба се одлеале пари од државниот буџет. Таа година Македонија произвела 5 285 GWh, а потрошила 7 906 GWh. Увезени биле 2 621 GWh или половина од она што сме произвеле. За разлика од нас, земјите од соседството увезувале малку или воопшто немало потреба да купуваат струја на слободниот пазар бидејќи потребите ги задоволувале со домашно производство.

Унгарската берза за електрична енергија Хупекс (HUPX), се смета за референтна берза за споредба на движењата на пазарот на електрична енергија на големо во земјава.
Експерти по енергетика со кои разговараше ИРЛ велат дека „HUPX“ се зема како основа затоа што ни е најблиската регионална берза. Можеби, на пример, цените на струјата на германската берза се поевтини, но увозот оттаму би бил поскап затоа што струјата треба да „помине“ низ неколку држави и да се платат прекугранични давачки.
Во 2023 година просечната увозна цена на струјата била за 9,37% повисока од просечната цена за базна енергија ден-однапред остварена на „HUPX“.

ЕСМ трупа долгови и купува струја
Од почетокот на годината до средината на октомври државната компанија за производство на струја ЕСМ потрошила над 37 милиони евра за да купи струја од слободен пазар оти не може во целост да се потпре на своите клучни, но стари енергетски капацитети. Само во последните три месеци се потрошени над 17,6 милиони евра за купување струја. ЕСМ купувала секој месец од јануари до април.
Потоа во текот на летото компанијата сама ги покривала потребите и поради тоа не набавувала струја. Набавките продолжиле од август. Најмногу пари, над 12 милиони евра биле потрошени во јануари.

Во една ваква ситуација, според податоците на Министерството за финансии, долгот на ЕСМ во првата половина од годината достигнал 27 милиони евра.
Дали и колку загубите ќе се одразат на новата цена на струјата која ќе треба да важи од 1 јануари следната година ќе се знае овој месец. Енергетските компании ЕСМ, Електропреносниот оператор МЕПСО, Оператор за пазар на струја (МЕМО), ЕВН и Електродистрибуција веќе ги доставија извештаите до Регулаторната комисија за енергетика. Дел од нив бараат зголемување од 50 до речиси 80 отсто на цената на својата услуга.
Кон крајот на август ЕСМ доби нов директор и управен одбор. Месец подоцна беа сменети и првите луѓе на дел од енергетските капацитети кое се во состав на компанијата. На почетокот на октомври, во пресрет на грејната сезона, новите директори ја поставија дијагнозата – нема јаглен, а и тој што го има е со лош квалитет. За состојбите го обвинија претходното раководство. Не се подготвени ниту капацитетите во пресрет на грејната сезона.
РЕК Битола има три блока. Ремонтот на два од нив (вториот и третиот) е завршен, но за првиот постапката не е ни почната, а нема ни да почне оти не се завршени тендерските постапки, рекоа од ЕСМ на почетокот на октомври.
Кон средина на истиот месец премиерот Христијан Мицкоски рече дека во моментов работат два блока во РЕК бидејќи немало потреба од повеќе. Од втората половина на декември по потреба ќе биде вклучен и третиот.
Во извештајот за работата на ЕСМ за ланската година се наведува дека во 2022 и 2023 претпријатието во државна сопственост се одржувало со пари од Владата, која всушност е основач на оваа фирма. Меѓутоа, новата министерка за финансии Гордана Димитриеска – Кочоска рече дека овој пат ЕСМ нема да добие ниту денар од Буџетот и посочи спас да си бара кај банките. Затоа во втората половина на октомври ЕСМ се задолжи на домашниот пазар со над 80 милиони евра.
Можна ли е енергетска независност на Македонија во 2026?
Предлог-законите за стратешки инвестиции се заборавена работа, вели пратеникот од СДСМ, Фатмир Битиќи, кој во владите на СДСМ беше вицепремиер за економски прашања. Овие закони предвидуваа значителни поволности за странски инвеститори во проекти како што се изградба на две нови гасни централи и три соларни паркови.
За најавите на новата власт дека Македонија ќе ја направат енергетски независна, Битиќи вели дека за тоа се потребни години.
„Секој еден проект и денеска да започне ќе му требаат четири до пет години, во најдобар случај три години за да почне да функционира и пак нема да нѐ направи независни. Во меѓувреме, мора да се најде решение за РЕК Битола, за Осломеј, за Неготино“, вели Битиќи за ИРЛ.
Но, премиерот Христијан Мицкоски е поголем оптимист. Тој смета дека до почетокот на 2026 година Македонија ќе биде енергетски независна во делот на увозот на струја.
Мицкоски мандатот го почна со најава за инвестиција во ветерен парк, со моќност од 400 MW, кој годишно треба да произведува еден терават-час, што би задоволило меѓу 15 и 20 проценти од потребите за струја во државава. Сепак, тука се работи за приватна инвестиција, а не за државен енергетски капацитет.
Дополнително, во делот на енергетската стабилност, особено за струјата што се произведува од сонцето, власта ветува дека ќе се донесе нов Закон за енергетика. Тој предвидува користење на батериски системи за складирање на струјата за таа да може да се пласира во делот од денот кога не се произведува и на тој начин да се намали потребата од увоз.