Press "Enter" to skip to content

Дивоградбите во блатото, државата во мочуриштето

Куќи и бетонски плочи се градат на диво во заштитеното Студенчишко Блато во Охрид. Општината не ги урива. Дивоградбите веќе имаат и струја. Приклучени се во системот на електродистрибуција како пумпи за наводнување. Сопственичка на дел од земјата е 13 годишно девојче. Татко ѝ е охриѓанецот Владо Рувинов, викан Љац. Тој има криминално минато за посредување при проституција и бил осуден заедно со познатиот трговец на „бело робје“ од Македонија, Дилавер Бојку. Инаку, Студенчишкото Блато е уникатен екосистем стар над 10 000 години. За опасноста од негова деградација беше алармирано на последното заседание на УНЕСКО што ова лето се одржа во Париз.

Известуваат: Александра Денковска Гоцевска и Иван Блажевски

Кон крајот на февруари годинава охриѓанецот Димче Глигороски се вратил од работа и во поштенското сандаче нашол несекојдневна пратка – документ од Oпштината, поточно од одделението за градежна инспекција.

Во пликото имало записник од извршен надзор на плац во Студенчишкото Блато на излезот од Охрид кон Свети Наум. Инспекторите го известиле оти евидентирале дивоградби и го потсетиле дека не ги урнал како што претходно побарале од него. Но, за 55 годишниот градежен работник известувањето од Општината било неочекувано. 

„Јас со тоа место немам ништо десетина години. Го имам продадено. Не знам што се гради таму и дали тие кои градат имаат или немаат дозвола“, рече Димче Глигороски во разговор за Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) во Охрид.

Овој плац на Студенчишкото Блато не е обично парче земја. Станува збор за парцела којашто се наоѓа во непосредна близина на атрактивниот брег на езерото, градското шеталиште и новите плажи. Дополнително на тоа, парцелата е во границите на меѓународно заштитено природно богатство формирано по последната ледена доба, старо над 10 000 години.

Границите на Студенчишкото Блато – Урбана заедница (УЗ 17), Катастарска општина Охрид 4

Поради големото значење за науката, во 2021 година државата донела решение за привремена заштита на Студенчишкото Блато. Забранила да се спроведува Генералниот урбанистички план (ГУП), морало да запрат процесите за легализација на дивоградби и повеќе други активности.

Предложените зони на заштита на Студенчишкото Блато, според Студијата за валоризација на блатото

Според документот, забраните ќе бидат во сила сѐ додека Собранието не донесе посебен закон за заштита на блатото.

Студенчишкото Блато се протега на територија од 64 хектари, односно колку 90 професионални фудбалски игралишта. За споредба, парцелата позната како „Расадник“ во скопската населба Кисела Вода за која има граѓанско противење да стане градилиште, се протега на 26 хектари.

Поради важноста за науката и животната средина, експерти изработиле студија за заштита на блатото и предложиле тоа да се подели на три зони: Зона на строга заштита, зона за активно управување и зона за одржливо користење.

Во предлог-законот за прогласување на блатото за парк на природата кој беше изработен во 2021 година беше предвидено во зоната за одржливо користење (66% од блатото) да се дозволи сопствениците сами да одлучуваат што ќе прават со своите парцели. Како опции беа наведени неколку еколошки активности. Дивоградбите кои ИРЛ ги истражуваше се наоѓаат токму во оваа зона.

„Во зоната за активно управување дозволено е спроведување на активности кои немаат негативно влијание на примарната цел на заштита на Паркот на природата Студенчишко Блато, како еко-туризам и традиционално екстензивно земјоделство и други активности кои се дозволени согласно Планот за управување со Паркот на природа Студенчишко Блато“, пишува во членот 8 од предлог-законот.

Како што видовме, на парцелата 5774 во блатото каде што има дивоградби, имаше неколку кошници за пчели, а градежната инсекција претходно забележала и натпис „производство на био-мед“.

Предлог-законот за прогласување на блатото за заштитено подрачје беше повлечен од собраниска процедура во септември 2024 година. Тоа следуваше по реакциите во јавноста дека законот е спротивен на повеќе меѓународни конвенции.

Но, токму во блатото без дозвола се веќе изградени шест дивоградби. Има и две армирано-бетонски темелни плочи. Во катастарот на Општина Охрид тие се наоѓаат се парцелите 5774 и 5773/1 кои имаат вкупна површина од   3279 квадрати.

Дивоградби на парцелите 5773/1 и 5774

Парцелата 5774 со површина од 2 111 квадрати претходно била сопственост на тројца браќа – еден од нив е и градежниот работник Димче. Сега сопственици се три други лица, а најголемиот дел од имотот го има 13 годишната Зарина Рувинова. На овој плац има една нелегална куќа, летна тераса и две бетонски темелни плочи.

Татко на Зарина е Владо Рувинов, познат во Охрид како Љац, локален бизнисмен со контроверзно минато. Бил осуден на затвор за посредување при проституција, а бил и приведуван од полицијата поради закани кон политичари.

„До скоро не ни знаев дека и Љац е сопственик таму“, ни рече Димче Глигороски за неговиот поранешен плац каде има дивоградби.

ИРЛ откри како атрактивното земјиште во Студенчишкото Блато, кое и понатаму во катастарот се води како земјоделско, незаконски станало градежно, чии се двете парцели каде што се наоѓаат дивоградбите, кога почнале да се градат, како постапувале градежните инспектори од Охрид и Државниот инспекторат за животна средна и зошто општината со години не ги урива, а наредби за уривање им праќа и на поранешни сопственици.

Дивоградбите приклучени на струја како пумпи за наводнување

Според она што утврдивме преку апликацијата „Google Earth“, теренот на овие парцели почнува да се расчистува во истата година кога е изработен и предлог-законот за прогласување на Студенчишкото Блато за парк на природата, односно во 2021 година. На еден дел од парцелите тогаш почнала да се гради една куќа, а во следните две години на парцелите веќе има шест објекти.

 

Градењето на диво почнало во 2021 година

 

Во пролетта 2023 година граѓанското здружение „Фронт 21/42“поднеле две пријави. Во локалната градежна инспекција пријавиле дека некој гради дивоградби во блатото, а до Државниот инспекторат за животна средина поднеле инцијатива за вонреден инспекциски надзор затоа што се прекршува Решението за привремена заштита на Студенчишкото блато.

ДИЖС не постапиле по инцијативата на Фронт 21/42 туку само ја информирале организацијата дека за дивоградби надлежен е локалниот градежен инспектор и дека во комуникација со општинската инспекција биле информирани дека локалниот градежен инспектор веќе постапува. По ова, здружението се обратило и до Инспекцискиот совет кој му наложил на ДИЖС да изврши вонреден инспекциски надзор.

Во надзорот ДИЖС констатирале дека е прекршен Законот за заштита на природата затоа што спротивно на Решението за привремена заштита, на неколку парцели во блатото се гради, но не направиле ништо освен што ја информирале општината за незаконското градење.

„Се вршеше изведба на градежни работи на комплекс на градби (шест локации) во фаза на изведба“, пишува во извештајот од надзорот на инспекторите спроведен по пријавата на „Фронт 21/42“.

Инаку и на парцелата 5780 исто така во Студенчишкото Блато и која се наоѓа на само неколку метри од дивоградбите кои ги истражувавме, некој подигнал друг армирано-бетонски објект од приземје и кат, кој е во фаза на градба. Од Општината ни рекоа дека ни тој објект нема градежна дозвола.

На 47-то заседание на Организација за образование, наука и култура на Обединетите нации за заштита на природни реткости во светот (УНЕСКО) што се одржа на почетокот на јули во Париз, алармираа дека во регионот на Студенчишкото Блато продолжува урбанизацијата и не се исполнува барањето за суспендирање на развојните активности.

„Главните урбанистички проблеми и понатаму постојат, особено во подрачјата како што се Студенчишкото Блато и Горица Север. И покрај барањето на Комитетот да се суспендираат развојните активности во овие зони додека не се спроведе стратешка проценка на животната средина и проценки на влијанието на ниво на проект, нема пријавено усогласување со ова барање… Веднаш да се запрат градежните активности во близина на Студенчишкото Блато и комплексот Горица 3,“ пишува во документот кој се однесува на Македонија.

УНЕСКО ѝ даде дополнителен рок на државава до следната година да ги спроведе препораките или охридскиот регион ќе биде ставен во листата на загрозени светски наследства. Охридскиот регион е под заштита на УНЕСКО од 1979, односно 1980 година. Да се биде под заштита на УНЕСКО е важно и за локалниот туризам. Тоа значи поголемо медиумско внимание и популарност, заштитеното подрачје станува подобно за добивање пари за заштита и конзервација и се добива пристап до глобални ресурси за управување со проекти за туризам и заштита.

По неколкумесечни преписки, иницијативи и барања кои „Фронт 21/42“ ги поднесувале до Општина Охрид, Инспекциски совет, ДИЖС, Управен инспекторат и Државен инспекторат за градежништво и урбанизам, општинскиот инспектор одлучил дека градбите сами треба да ги урнат лицата кои се водат како сопственици на плацовите, а не оние кои навистина градат.

Не само што дивоградбите во блатото сѐ уште не се урнати, туку незаконскиот урбан комплекс продолжува да се развива. ИРЛ неколку пати беше на локациите. Видовме мајстори кои работеа во дел од објектите, некои дворови беа целосно хортикултурно уредени, а на имотите има и струја. Основот за приклучок во мрежата на електродистрибуција е за полевање земјоделско земјиште.

„Се работи за приклучоци за пумпи за наводнување согласно потврди издадени од Општината Охрид“, нѐ иформираа од ЕВН.

Една од дивоградбите во Студенчишко Блато која е поврзана на системот на Електродистрибуција по основ „пумпа за наводнување“

Нови газди на парцелите каде се изградија дивоградби

Откако била извршена првата инспекција во 2023 година, плацот 5774 во 2024 година бил продаден за 2 900 евра.

Поранешниот сосопственик, Димче Глигороски ни објасни дека оваа продажба била само формална затоа што, како што тврди, плацот бил де-факто продаден уште пред повеќе од 15 години.

Ни посочи дека земјиштето тогаш го откупил охридскиот угостител Цветко Матлијоски. За него најдовме дека работел со кетеринг-услуги за храна. Меѓутоа, имотот тогаш не бил префрлен на име на Матлијоски затоа што плацот сѐ уште не бил приватизиран. Продавачите имале само право на користење, но не и документ дека се негови сопственици. Во последниве три години, овие два плаца каде има дивоградби, добиле нови сопственици, откако претходно биле приватизирани.

Имотниот лист покажува дека половина од плацот 5774 е на 13 годишната Зарина. Поради тоа што е малолетна, купопродажниот договор во нејзино име како застапник го потпишала мајка ѝ Весна Муловска-Рувинова, сопруга на Владо Рувинов-Љац. Другите две сопственички Маја Матлијоска-Стојовска и Мимоза Матлијоска му се ќерки на угостителот Цветко Матлијоски.

Плацот 5773/1 има вкупна површина од 1 168 м2. На сите пет сопственици на овој плац охридската градежна инспекција им пратила решенија да ги урнат дивоградбите, но и тие ја игнорираат Општината.

Рувинов дрзок кон новинарката: „Со проституција се занимаваш ли?“

ИРЛ ги побара лицата на чии плацови се наоѓаат дивоградбите. Ја контактиравме Мимоза Матлијоска и ја прашавме дали и кога ќе ги урне незаконски изградените објекти на нејзиниот имот. Побаравме и контакт од Маја Матлиоска која е вториот сопственик. Наместо одговор на прашањата ни рече дека за кратко ќе зборува со нас заедно со Владо Рувинов.

„Ќе ви се јавиме со татко ѝ на Зарина за еден час“, ни рече таа.

Откако не нѐ побара, повторно ја побаравме ние. Но, на нејзинот телефон овој пат се јави машки глас. Се претстави како шоферот на Мимоза.

„Со новинари не разговараме“, рече тој и одби да се претстави, но посочи дека зборува во негово лично име.

Ги побаравме и сопствениците на соседниот плац 5773/1 каде се наоѓаат другите дивоградби. Комунициравме со адвокатот Димитар Мошоски кој им го изготвил договорот за купопродажба на плацот, а воедно му е син на Владо Мошоски, еден од сопствениците. Меѓутоа, кога слушна за што се интересираме, адвокатот ни рече дека за сѐ треба да зборуваме со друг човек, со Владо Рувинов-Љац.

Му се јавивме на Рувинов. Праша зошто нѐ интересираат токму тие конкретни објекти? Рече дека немал никаква врска со нив, немало потреба тој да ги урива и оти ако треба, тоа треба да го сторат општината или Министерството за транспорт и врски. Пред да го заврши телефонскиот разговор, тој ѝ постави непристојно прашање на новинарката на ИРЛ:

„Дали се проституирате?“, ја праша Рувинов.

Новинарката одговори дека не се проституира. Тој постави уште едно непристојно прашање: „Кога планирате да почнете?“ – на што новинарката одговори дека нема таква намера и му посочи оти ваквиот разговор е неристоен и навредлив . На ова, Рувинов додаде: „Заборавете го мојот број, освен ако не почнете да се проституирате, тогаш јавете ми се“ – и го прекина телефонскиот разговор.

Во 2013 година Рувинов повторно се појави во медиумите откако му го продал хотелот Славија во Охрид на сега покојниот индиски бизнисмен Субрата Рој кого во Македонија во тоа време го донесе владата на Никола Груевски.

Општина Охрид нема фирма за уривање дивоградби

За овие дивоградби во Студенчишкото Блато летово разговаравме со градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков. Прашавме што ќе стори општината со овие нелегални објекти бидејќи веќе неколку години сопствениците на парцелите не ги уриваат сами како што наложува општинската инспекција.

Тој се правдаше дека локалната власт нема ниту фирма за уривање, ниту доволно пари за да почне таков процес.

„За четири години имаме само еден успешен тендер за отстранување и уривање, а средствата кои ги има општина Охрид се далеку од доволни за да може сериозно да се реагира“, изјави тој.

Дополнително во Општина Охрид прашавме зошто наредби за уривање на нелегалните градби во Студенчишта им испраќале на сопственици кои ја продале земјата, а не само на оние кои се водат како сегашни сопственици. Ни одговорија дека не се мешаат во начинот на постапување на колегите.

„Секое мешање во нивната работа би било спротивно на начелото на самостојност и независност на инспекторите“, ни посочија од Општина Охрид.

Имајќи предвид дека сопствениците ги игнорираат наредбите на општинската инспекција за уривање на дивоградбите, прашавме во Министерството за внатрешни работи дали истражуваат кривични дела за градење на диво на парцелите 5774, 5773/1.

Ни одговорија дека охридската полиција со градежниот инспекторат постапувала по повеќе пријави за бесправно градење и узурпација на недвижности на Студенчишкото Блато. Бил оформен и кривичен предмет во Обвинителството во Охрид.

„Се врши распит на лица кои имаат определени сознанија и одредени вештачења, по што ќе биде донесена јавнообвинителска одлука“, нѐ информираа од Обвинителството на почетокот на ноември.

Од граѓанското здружение „Фронт 21/42“ алармираат дека на Студенчишкото Блато непречено продолжува да се развива нелегален урбан комплекс и оти локалните власти покажуваат незаинтересираност за вредностите на наследството и за владеењето на правото.

„Во случајот со незаконскиот урбан комплекс во блатото има законски прекршувања и основано сомневање за корупција и криминал на секој чекор, поради што поднесовме серија на кривични пријави и пријава до Државната комисија за спречување на корупцијата, но се уште нема никаков исход од сето тоа“ нагласија од здружението во допис до ИРЛ.

Во Генералниот урбанистички план (ГУП) за Охрид територијата на Студенчишкото Блато или Студенчишта е обележана како Урбана заедница 17. Во неа има над 270 парцели, а целата област е запишана како строго заштитено подрачје. Последниот ГУП за тој простор бил донесен во 2006 година.

Откако регионот бил вклучен во ГУП, тогашните сопственици на парцелите кои инаку се водат како ниви или овоштарници, почнале да бараат да си ги приватизираат, но како градежно земјиште.

За да се направи некаква пренамена на земјиштето - од земјоделско во градежно - до општината и до Министерството за земјоделство сопствениците прво требало да поднесат барање за пренамена. Доколку ова барање било одобрено, дури потоа ќе можело да се поднесе барање за приватизација на градежно земјиште. Но, таква процедура не била направена.

Дополнително, според Решението за заштита на блатото донесено од Министерството за животна средина во 2021 година, било каква пренамена на земјиштето на таа локација е забранета. Но и покрај тоа, парцелата 5774 и соседната 5773/1, каде што сега има дивоградби, биле приватизирани.

Од граѓанското здружение „Фронт 21/42“ кое се фокусира на заштита на природата, за спорните приватизации, но и за дивоградбите, поднеле кривична пријава против 24 лица. Меѓу нив има вработени во државни инстутиции, инспектори и граѓани.

Од здружението велат дека Министерството за финансии – Управа за имотно правни односи кои го приватизирале земјиштето, но и Државното правобранителство кое не ја оспорило приватизацијата, се воделе само по Законот за градежно земјиште.

Менка Спировска чија фирма во 2020 година ја изработила „Студијата за валоризација на Студенчишко Блато“ тврди дека приватизацијата на парцелите како градежно земјиште во Студенчишта е незаконска.

„Деловите кои во ГУП-от имаат намена на заштитено подрачје не може по автоматизам да станат градежно земјиште и да се узурпираат“, изјави Спировска за ИРЛ и додаде дека пренамена на земјоделско во градежно земјиште се прави низ правна процедура со донесен урбанистички план и стратегиска оценка за влијание врз животната средина.

Но, државната правобранителка за Струга, Надежда Ѓоревска, кај која се воделе дел од предметите за приватизација на плацовите на кои сега се наоѓаат дивоградби, ни рече дека институцијата дала позитивно мислење за барањето затоа што во постапката се воделе само според Законот за градежно земјиште. Во него е наведено дека ако некое земјиште е планирано со урбанистички план, тогаш тоа станува градежно. Ова е спротивно со тврдењата на Спировска.

За блатото и понатаму нема Детален урбанистички план (ДУП). Општина Охрид не може да издава одобренија за градење, па сѐ што е веќе изградено или допрва ќе се гради е дивоградба.

Сашка Цветковска

Сашка Цветковска

Главен и одговорен уредник

Сашка Цветковска е меѓународно наградуван истражувачки новинар и главен уредник на Истражувачка репортерска лабораторија. Цветковска работела на голем број национални и прекугранични истраги кои открија домашен и меѓународен криминал, корупција, недозволена трговија со оружје и војни со дезинформации. Истражувањата на кои што работела биле објавувани во Гардијан, Базфид, Зидојче Цајтунг и други. Нејзините сегашни одговорности се фокусирани на зголемување на влијанието на истражувачко известување преку создавање нови наративи на приказните преку филм и кампањи. Во таа насока во моментов ја извршува позицијата продуцент на документарен истражувачки серијал Редакција. Цветковска десет години е дел од истражувачкиот тим на Меѓународниот проект за известување за организиран криминал и корупција, меѓународна медиумска организација поврзана со ИРЛ. Била член на Бордот на директорит на OCCRP и на Здружението на новинари на Македонија.

Елена Митревска Цуцковска

Елена Митревска Цуцковска

Уредник за развој и операции

Елена Митревска Цуцковска е коосновач на ИРЛ и заедно со уредникот е одговорна за следење и дизајн на процесот на импленетанција на активностите на ИРЛ. Таа е проектен директор на документарниот серијал Редакција. Со новинарите соработува повеќе од 10 години и работела и на други технолошки решенија за подобро пребарување на јавните дати бази на податоци кои ги употребуват нашите репортери со цел нивната работа да биде побрза и поефикасна. По професија е софтвер инженер и графички дијзанер и таа е воедно и првиот технолошки експерт кој е обучен и работи во сферата на медиумите. Дел е од прекугранчата група на технолошки експерти на OCCRP и со своите поинакви вештини допринесува во прибирање и анализа на информации и како истражувач во ИРЛ.

Бојан Стојановски

Бојан Стојановски

Заменик главен и одговорен уредник

Бојан Стојановски е дипломинаран новинар со над десет годишно искуство во медиуми. Работел во телевизиите Алфа, 24 Вести и Алсат од каде доаѓа и станува дел од тимот на ИРЛ. Стојановски низ кариерата следел теми од областа на судството, криминал, корупција. Во 2013 - та година ја добива наградата „Никола Младенов“ за истражувачко новинарство, на тема „Вработување во јавната администрација преку партиски список“.

Деница Чадиковска

Деница Чадиковска

Уредник за развој и операции

Деница Чадиковска е дипломиран психолог, која својата новинарска кариера ја започнува во 2017 година како коавтор и копродуцент на младинската емисија Крик. Чадиковска стана дел од тимот на ИРЛ во 2018 година како истражувачки новинар – практикант во рамки на проектот за обучување на идни медиумски лидери. Во јуни 2023 година таа доаѓа на позицијата уредник за комуникации задолжен за спроведување на комуникациската стратегија на ИРЛ како дел од тимот за комуникации и продукти.

Mаја Јовановска

Mаја Јовановска

Истражувач и новинар

Mаја Јовановска е дипломоран новинари и следи теми од областа на корупција, криминал и правосудство. Во долгогодишната кариера работела во бројни медиуми како А1 телевизија, Канал 5 телевизија, Алсат и порталот НОВАтв пред да се придружи на основачкиот борд на ИРЛ во 2018. Добитник е на домашни признанија и награди и има учествувано на голем број обуки и конференции од областа на истражувачкото новинарство. Била член на раководството на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници на Македонија и Советот на Етика во медиумите во Македонија, а моментално е дел од раководството на ЗНМ.

Александра Денковска Гоцевска

Александра Денковска Гоцевска

Истражувач и новинар

Александра Денковска Гоцевска е дипломиран новинар со десетгодишно искуство. Работела во дневниот весник Нова Македонија, новинската агенција Мета.мк и порталот НОВАТВ. Во текот на кариерата работела на теми од областа на политика, урбанизам, судство и корупцијата. Со истражувачко новинарство започнува да се занимава во 2015 година кога доаѓа да работи како репортер во истражувачката редакција на НОВАТВ. Учесник е на десетици конференции и работилници за истражувачко новинарство. Автор е на првата андеркавер истражувачка сторија во Македoнија за животот на децата од домот 25 Мај.

Александар Јанев

Александар Јанев

Истражувач и новинар

Александар Јанев е дипломиран економист кој својата кариера како економски новинар ја започнува во 2008 во телевизијата Алфа. Вештините за професионално известување ги учи од врвни економски новинари преку обуки во земјава, но и во странство во новинската агенција „Ројтерс“, Велика Британија. Во 2010 година преминува во печатениот медиум Капитал, каде што работи до 2022 година. Во меѓувреме работи како постојан соработник на Балканска истражувачка репортерска мрежа (БИРН), а од 2018 година е и автор и уредник на ТВ проектот „Агенда 35“ што се емитува на Македонската радио телевизија. Од 2023 е дел од тимот на ИРЛ и следи корупција и економски криминал.

Иван Блажевски

Иван Блажевски

Истражувач и новинар

Иван Блажевски е новинар кој се занимава со теми од областа на меѓународни односи, криминал и корупција. Од 1998 година работи како новинар, а од 2001 година е уредник и дописник на шпанската државна новинска агенција EFE за Македонија, Албанија и Косово. Во својата долгогодишна кариера, Блажевски работел во бројни медиуми како Макпрес, Франс Прес (AFP), Вечер, Дневник, Време и Радио Слободна Европа, а 18 години бил уредник на вестите и документарната програма во ТВ АЛСАТ. Блажевски се придружува на тимот на ИРЛ во 2024 година. Добитник е на награда за истражувачко новинарство од Македонскиот институт за медиуми (МИМ). Има произведувано телевизиски програми во повеќе држави и региони, вклучувајќи Јапонија, Гренланд, Боливија, Кина, Непал, Бангладеш, источна Африка, Куба, Перу, Данска, Италија, Германија и други.

Пелагија Младеновска Стојанчова

Пелагија Младеновска Стојанчова

Истражувач и новинар

Пелагија Младеновска Стојанчова е новинар со над 16 години искуство во медиумската сцена. Својата кариера ја започнува во дневниот весник „Шпиц“ во 2008 година и во неделникот „Сега“. Од 2009 година се придружила на тимот на Радио Слободна Европа на македонски јазик, каде известува за политика, криминал, корупција и економија преку различни медиумски платформи. Од 2024 се вработува во ИРЛ како истражувачки новинар. Дипломирала на Филозофскиот факултет и продолжила образованието на Школата за новинарство на Македонскиот институт за медиуми (МИМ). Во текот на нејзината кариера работела на проекти за едукација и менторство на млади новинари.

Лука Блажев

Лука Блажев

Графички дизајнер

Лука Блажев е графички дизајнер во ИРЛ кој станува дел од тимот во 2019 година. Неговата кариера во полето на графички дизајн и уметност започнува во 2017та година преку работа на повеќе проекти за различни домашни и странски компании. Во ИРЛ, Блажев е задолжен за изнаоѓање графички решенија за истражувањата и дизајн на промотивните содржини кои произлегуваат од истражувањата, а ја следат комуникациската стратегија на ИРЛ. 

Трифун Ситниковски

Трифун Ситниковски

Режисер на "Редакција"

Трифун Ситниковски работи во филмската индустрија повеќе од една деценија. Има снимено повеќе од десетина кратки акциони филмови, кратки документарни филмови и три ТВ серии на кои работел како сценарист, режисер и извршен продуцент. Покрај режија на филмови, има работено и на бројни проекти како продуцент, монтажер, кинематографер, асистент на режисер и претпоставен за сценарио на кратки филмови, ТВ емисии, документарни филмови, реклами и музички спотови. Неговиот последен проект како режисер и сценарист е на документарниот серијал „Редакција“.

"Трајче

Трајче Антоновски

Kинематографер

Трајче Антоновски е снимател и дел од кинематографите на документарниот серијал „Редакција“. Антоновски повеќе од 10 години работи на визуелна реализација на спортски натпревари под покровителство на УЕФА и ЕХФ. Работел во информативната редакција на А1 и порталот НОВА ТВ, а бил дел од тимот за реализација на политичките емисии “Еврозум”, “Проверено”, но и на бројни забавни проекти како популарниот квиз „Кој сака да биде милионер“,„50-50“ и други проекти. Во ИРЛ Македонија е  дел од тимот задолжен за екранизација на сториите.

Горјан Атанасов

Горјан Атанасов

Монтажер и видео уредник

Горјан Атанасов е филмски и ТВ монтажер со повеќе од 8 години искуство во филмската и телевизиска индустрија. Атанасов има работено на повеќе играни и документарни проекти. Досега, како монтажер, се има потпишано на 6 кратки играни, 2 долгометражни документарни филмови, а моментално во ИРЛ работи како монтажер на документарниот серијал „Редакција“ и на кратките видео стории и мултимедијални проекти на организацијата.

„Поштенска банка“ е случај стар повеќе од две децении. Како се приватизирала првата државна банка се истражуваше исто толку долго. Случајот го реотвори во 2018 година тогашното Специјално јавно обвинителство. Но, по распадот на СЈО, случајот го презеде Обвинителството за гонење организираниот криминал и корупцијата. 

На 13 јуни 2024 година Кривичниот суд во Скопје, поради политичката интервенција на владата на СДСМ и ДУИ во спорните измени на Кривичниот законик, ја запре постапката. Таа се водеше против бизнисменот Томе Главчев, актуелен претседател на Кошаркарската федерација на Македонија, потоа Ратко Димитровски, поранешен градоначалник на Кочани од ВМРО-ДПМНЕ и адвокатот Зоран Шуклев.

Тие беа гонети за делата злоупотреба на службената положба и за перење пари. Преку надзорот било утврдено дека во решението на Кривичниот суд не е наведено по кој член од Законот за кривична постапка (ЗКП) се запира постапката.

Обвинителството за гонење на организираниот криминал и корупцијата, незадоволно од одлуката на Кривичен, поднело жалба со образложение дека Главчев, Димитровски и Шуклев треба да одговараат барем за делото перење пари.

Сепак, вишиот јавен обвинител Јован Цветановски се откажал од правото на жалба пред Апелација, а таквата одлука ја објаснил преку службена белешка во која причините за повлекување од жалбата биле, како што се наведува во надзорот, целосно контрадикторни и нејасни.

„Јавните обвинители Лиле Стефанова и Елвин Вели сметаат дека со откажувањето од жалбата на Основното јавно обвинителство за гонење на организираниот криминал и корупцијата, јавниот обвинител од Вишото јавно обвинителство Скопје не постапил професионално, стручно и законито“, стои во извештајот. 

Но, обвинителот Џелал Бајрами сметал дека Цветановски постапил согласно неговите надлежности. Со откажувањето од жалба Апелацискиот суд повеќе немал можност да расправа по жалбата на Обвинителството за гонење на организираниот криминал и корупцијата и случајот бил затворен.

Вториот случај е за бесправно градење во Зелениково на Драган Павловиќ-Латас и неговите двајца браќа Звездан и Срѓан Павловиќ. Кривичниот суд ги ослободил од вина на 4 јули 2019 година, а на 18 јули 2022 година на повторното судење била донесена истата одлука. 

Јавното обвинителство Скопје поднело жалба која на 10 октомври 2023 година била уважена и била закажана седница пред Апелацискиот суд во Скопје. На 6 ноември 2023 предметот бил рефериран во Јавното обвинителство каде што биле присутни тогашниот државен обвинител Љубомир Јовески, јавните обвинители Ферат Елези и Соња Симовска и вишите јавни обвинители Мустафа Хајрулахи и Јован Цветановски.

„Заклучокот по однос на реферирањето на јавниот обвинител кој го застапува предметот пред Апелацискиот суд да предложи да изготви вештачење дали преземените дејствија во предметот во градежните работи претставуваат подготвителни дејствија и да се утврди датумот на отпочнување на градежните работи. Да се повика вешто лице на главната расправа и да се расчистат дилемите“, пишува во извештајот од надзорот во ВЈО Скопје. 

Веќе следниот ден одбраната на браќата Павловиќ пред Апелацискиот суд доставила нов доказ - наод и мислење изготвено од вешто лице. Цветановски побарал рочиштето да се одложи за вкрстено да може да го испраша вештакот. Но, тогаш според надзорот се случило следното:

„Јавниот обвинител на расправата не ги поставил прашањата што ги најавил на записник од 7.11.2024 година, а на поставените прашања не добил одговор од вештото лице на спорните прашања од реферирањето пред Јавното обвинителство на Република Северна Македонија“, пишува во извештајот. 

Цветановски не постапил по насоките добиени на колегиумот во обвинителството да се изготви вештачење и наместо тоа го прифатил вештачењето на адвокатите на одбраната.

„Јавниот обвинител постапил спротивно на член 37 од Правилникот за внатрешно работење на јавните обвинителства според кој заземениот став и мислење по реферирањето е задолжителен за пониското јавно обвинителство“, напишале обвинителите Лиле Стефанова и Елвин Вели во документот од надзорот. 

Но, третиот член на комисијата за надзор, Џелал Бајрами, бил со став дека Цветановски постапил согласно заклучоците од реферирањето пред колегиумот во обвинителството.

Третиот предмет кој бил анализиран е случајот „Серта“ за тендери за чистење владини институции. Предметот стигнал во Вишото обвинителство откако Основното обвинителство поднело жалба на одлуката на Кривичниот суд.

Овој суд при оцена на обвинителниот акт ги прифатил приговорите на обвинетиот Спасо Ѓеорѓиев и фирмата „Серта“ кои биле гонети за злоупотреба на постапката за јавен повик. ОЈО на 29 јануари 2024 година ја обжалило ваквата одлука на судот.

Токму за овој случај има известување за вршење притисок врз службеничка во Вишото јавно обвинителство Скопје која ги архивирала и распределувала предметите. Добила наредба од тогашниот шеф на Вишото обвинителство Мустафа Хајрулахи со насоки кај кој обвинител да го додели случајот.

„За предметот ‘Серта’ ми беше кажано да му го заведам и дадам на јавниот обвинител Јован Цветановски“, изјавила службеничката Даниела Лапе, вработена во ВЈО Скопје, чие сведочење е дел од извештајот од надзорот.

На рочиштето на 9 април 2024 година во Апелацискиот суд, вишиот обвинител Цветановски се откажал од жалба.

„Од увидот во службена белешка од 9.4.2024 година видно е дека јавниот обвинител ги анализира доказите приложени кон обвинителниот акт, што е спротивно на одредбите од Законот за кривична постапка, член 336 и член 337, имајќи ја предвид фазата во која се наоѓал предметот“, пишува во извештајот од надзорот.

Во оваа насока е и правното мислење на Врховниот суд од 7.12.2021 година дека Советот за оцена на обвинителен акт не ги анализира доказите ниту, пак, го оценува квалитетот на доказите. Тој само треба да внимава дали некој доказ е прибавен на незаконит начин, нешто што требало да биде фокус за произнесување и на Јован Цветановски.

„За предметот е донесена пресуда на Врховниот суд на Република Северна Македонија 11.9.2024 година. Во оваа пресуда е констатирана повреда на законот во корист на обвинетите, а во самата пресуда е наведено дека ваквата повреда, сторена од страна на Советот за оцена на обвинителен акт, можела да биде санирана доколку Вишиот јавен обвинител не се откажал од изјавената жалба“, стои во документот од надзорот. 

Јавните обвинители Лиле Стефанова и Елвин Вели во заклучоците за овој предмет напишале дека со откажувањето од жалбата обвинителот Цветановски не постапил професионално, стручно и законито и се впуштил во анализа на докази и постоење на умисла за сторување кривично дело. Но, тоа требало да го утврдува надлежен суд. Сепак, и за ова јавниот обвинител Џелал Бајрами сметал дека Јован Цветановски постапил согласно неговите надлежности. 

Последниот, четврти, случај кој бил контролиран повторно е на обвинителот кој е под бројот римско два - Јован Цветановски. Станува збор за точење алкохолни пијалаци на дете.

Судот во Неготино ги прогласил за виновни Ѓорѓи Лазов и Илија Вангелов и правното лице ДПТУ „С.О.С. обезбедување“ ДОО Неготино. Обвинетите биле незадоволни од пресудата, па поднеле жалба по што бил оформен предмет во ВЈО Скопје.

На 3 февруари 2023 година Апелацискиот суд во Скопје ја укинал пресудата и предметот го вратил на повторно судење. Јован Цветановски не се појавил на јавната расправа во Апелација, а претходно ВЈО Скопје оценило дека жалбите на обвинетите се неосновани.

На 8 мај 2023 година судот во Неготино донел нова пресуда во која обвинетите биле прогласени за виновни, по што тие повторно поднеле жалба.

„На 23.8.2023 година од страна на јавниот обвинител во Вишото јавно обвинителство Скопје, Јован Цветановски, до Апелацискиот суд Скопје е доставен писмен предлог КОЖ.бр. 1187/23 со кој се предлага жалбите на обвинетите да се одбијат како неосновани“, се наведува во извештајот од надзорот. 

Цветановски дополнително објаснил дека во повторното судење судот во Неготино постапил по насоките дадени од Апелација и биле отстранети сите констатирани повреди во првостепената постапка. Но, само неколку месеци подоцна Јован Цветановски се премислил.

„На расправа на 26.12.2023 година јавниот обвинител се откажува од обвинението. Од увидот во пресудата на Апелацискиот суд Скопје на расправата пред судот не бил изведен ниту еден нов доказ и со ништо не била променета фактичката состојба од моментот на давањето на предлогот“, стои во извештајот од надзорот.

На истиот ден, 26 декември 2023 година, Цветановски изготвил службена белешка дека се откажал од обвинение затоа што немало докази за делото.

За ваквиот начин на постапување, единствено мислење имаат сите тројца обвинители кои го вршеле надзорот, Лиле Стефанова, Елвин Вели и Џелал Бајрами, кој за претходните три случаи беше со став дека Цветановски постапувал законито. Сега и Бајрами сметал дека Цветановски постапил спротивно на правилата.

„Јавните обвинители Лиле Стефанова, Елвин Вели и Џелал Бајрами сметаат дека, имајќи ги предвид писмените предлози во двете постапки и ставовите искажани во нив, а во ситуација кога на главната расправа не се изведени нови докази, со откажувањето од обвинението јавниот обвинител не постапил професионално, стручно и законито“, нотирале тројцата обвинители во извештајот од надзорот.

Но, извештајот кој содржи 20 страници е потпишан само од обвинителите Лиле Стефанова и Елвин Вели. Џелал Бајрами не се потпишал на документот кој откако бил изработен му бил доставен на тогашниот државен обвинител Љупчо Коцевски.

Во прилог на извештајот има службена белешка од Бајрами, како и известување од петте службенички за начинот на кој Мустафа Хајрулахи им вршел притисок да заведуваат и распределуваат предмети во Вишото обвинителство додека бил шеф.