Press "Enter" to skip to content

Бучковски: Ги победивме креаторите, Михајло и Филимена, судиите и обвинителите

Поранешниот премиер Владо Бучковски денеска во завршните зборови на судењето за „Тенковски делови“ кажа дека му била украдена победата, бидејќи тој и другите обвинети покажале дека нема дело, а обвинителството се повлече поради застарување на делото и на тој начин не им дозволи да докажат дека не се виновни. Сепак, рече тој, во нерамноправна борба ги победиле креаторите на случајот, поранешниот министер за правда Михајло Маневски и неговата сопруга Филимена, како и нивните соработници од судството и обвинителството, посочувајќи ги судијката Вангелина Маркудова и обвинителот Петар Аневски, за кои кажа дека на нивни грб направиле кариери.

„Ги победивме креаторите. И Михајло и Филимена и судиите и обвинителите, кои решија на наш грб да прават кариера. По налог на Михајло и Филимена, некој тргна политички да ја пресече главата на Бучковски и како трофеј да ја прикаже на Илинденска во 2007 година. Другите четворица се овде зашто не прифатија лажно да сведочат. Бевме тормозени, но не се предадовме“, рече Бучковски во завршните зборови.

Тој пред судот потсети дека тогашната судијка Маркудова подоцна стана уставна судијка, а тогашниот обвинител Аневски беше унапреден во претседател на Советот на јавни обвинители.
Во септември 2016, Врховниот суд ги укина осудителните пресуди на Основниот суд Скопје 1 и на Апелациониот суд Скопје против Бучковски, Стамболиски, како и против неколкутемина вработени во Министерството за одбрана и директорот на „МЗТ ФОП“ и предметот е вратен на почеток, на трето судење во Основниот суд Скопје 1.