Помина полoвина година откако обвинителството отвори истрага за 43 лица кои неколку години мамеа граѓани и со лажни лични карти во нивно име подигаа брзи кредити. Обвинение сѐ уште не е поднесено. Обвинителот побарал нови шест месеци за да ја заврши истрагата. Дел од осомничените веќе излегоа од притвор.
Известува: Александра Денковска Гоцевска
Сите тројца осомничени кои беа притворени за измамите со брзите кредити повеќе не се во истражниот затвор во Шутка. Обвинителството немало опција како да им го продолжи ефективниот притвор. Согласно Законот за кривична постапка (ЗКП) тие не смеат да бидат во истражен затвор подолго од три месеци за делата за кои ги гонат.
На двајца од нив Обвинителството притворот им го замени со повеќе мерки на претпазливост со кои гарантира дека нема да избегаат или да влијаат на истрагата. Третиот, Димитар Кратовски е упатен да издржува казна затвор за друго кривично дело.
„Во моментов во тек се распити на осомничени и оштетени, при што најголемиот дел од лицата се веќе сослушани, додека за другите во тек се постапки за нивно обезбедување за распит. Во меѓувреме јавниот обвинител презема и други истражни дејствија“, велат од обвинителството за Истражувачката репортерска лабораторија.
Истрагата за измамите со брзите кредити Обвинителството ја отвори во април годинава, односно три месеци откако ИРЛ објави дека организирана група подига пари од финансиските друштва за брзи кредити преку изработка на лажни лични карти.
Најчеста мета им беа граѓани од социјален ризик или граѓани кои никогаш не зеле кредити и имаат чиста кредитна историја. Обвинителството со истрагата опфати 43 лица. Но и по половина година откако ОЈО Скопје официјално ја отвори истрагата, завршница и јавно-обвинителска одлука нема. Наместо обвинение, обвинителот Анел Фидовски побарал повеќе време за да ја заврши истрагата.
Законот за кривична постапка пропишува дека истрагата мора да заврши за шест месеци откако е отворена. Потоа јавниот обвинител треба да го затвори случајот или да го извести вишиот јавен обвинител дека му треба уште време за да истражува. Вишото јавно обвинителство (ВЈО) во случајов скопското, може да му даде на обвинителот уште половина година.

Обвинителот Фидовски побарал дополнителни шест месеци и од ВЈО Скопје му одобриле. Од обвинителството официјално за ИРЛ посочија дека сѐ уште обезбедуваат докази.
Според ЗКП, доколку јавниот обвинител не успее ниту за продолжените шест месеци да собере доволно докази и да поднесе обвинение, тогаш ќе мора да донесе наредба за запирање на истражната постапка.
Ако се случи тоа, измамените граѓани со брзите кредити ќе можат да поднесат приговор до Вишото јавно обвинителство кое ќе треба да одлучи дали ќе ја прифати наредбата за запирање на истражната постапка или ќе го прифати приговорот на оштетените. Доколку одлучи да го прифати приговорот ќе треба да го задолжи јавниот обвинител кој работел на случајот да продолжи со истрагата.
Според Обвинителството, дел од личните податоци на оштетените граѓани, измамниците ги добивале преку службеник вработен во Фондот за здравство. За него и уште тројца, меѓу кои и Димитар Кратовски, отворена е истрага за кривичните дела – фалсификување на исправа, злоупотреба на лични податоци и компјутерска измама. Останатите 39 осомничени се гонат за помагање и соизвршителство.
Што откри истражувањето на ИРЛ
Истражувањето на ИРЛ се фокусираше на случајот на Марија Костовска чиј идентитет беше украден. Групата изработила фалсификувана лична карта со нејзините податоци и потоа со неа сосема друга жена, која бил дел од измамата, аплицирала и добивала пари од друштва за издавање брзи кредити. Костовска и понатаму во Кредитното биро е запишана како должник, а земените 146 илјади денари подоцна со камати и провизии двојно се зголемија.
ИРЛ откри и други граѓани кои групата ги измамила на сличен начин. Нивните лични податоци биле ставени на фалсификувани лични карти и во нивно име биле земани брзи кредити.
Истражувајќи го случајот на Марија Костовска и нејзиниот украден идентитет, ИРЛ откри дека зад измамите стоеле добро организирани лица. Утврдивме дека освен преку фалсификувани лични карти, граѓани станувале мета на измама и преку фиктивни вработувања во компании што ги отворале измамниците за лицата да бидат во работен однос, што е олеснителна околност за да се добие брз кредит.
Новинарите на ИРЛ прегледаа стотици документи и разговараа со десетици лица и адвокати во обид да пронајдат повеќе жртви и да откријат кој и на каков начин ги правел измамите.
На почетокот на истражувањето, пред новинарите воопшто да откријат како функционирале овие измами, дојдовме до контакт со Димитар Кратовски кој во улога на „укажувач“, сакаше да ни објасни како функционира системот на измами со брзи кредити преку украдени идентитети и фалсификувани лични карти.
Кратовски во интервју за проектот „Редакција“ на ИРЛ рече дека никогаш не бил вклучен во вакви измами, туку оти познава луѓе кои го правеле тоа.
Во нашето истражување првично тој имаше улога на таен извор со заштитен идентитет. Ни рече дека најчесто податоците за измамите се обезбедуваат од државни институции, а измамниците имаат свои луѓе и во комерцијалните банки.
Но, потоа откривме дека токму Кратовски имал улога во компании каде што фиктивно биле вработувани граѓани за да станат кредитоспособни за подоцна да бидат злоупотребени и го објавивме неговиот идентитет.




